Достапни линкови

Вести

Ванг Шуиминг уапсен во Тиват по кинеска потерница

Аеродромот во Тиват - илустративна фотографија.
Аеродромот во Тиват - илустративна фотографија.

На тиватскиот аеродром во Црна Гора уапсен е В.С. по кого Кина распиша меѓународна потерница преку Интерпол, објави црногорската Полициска управа на 28 јануари.

Како што дознава Радио Слободна Европа од полицијата, станува збор за Ванг Шуиминг.

Тој бил меѓу патниците во приватен авион кој долета од Малдиви, а имал патни документи од Република Вануату, соопшти полицијата.

Оттаму додаваат дека Шуиминг бил уапсен поради кривична постапка против него под сомнение дека организирал нелегално обложување на интернет и со тоа правел незаконски профит.

„Ова вклучува „големи суми пари на штета на кинеските граѓани кои учествувале во спортски и други онлајн игри“, наведе полицијата.

За понатамошниот статус на уапсениот Шуиминг ќе одлучува истражниот судија на Вишиот суд во Подгорица.

Меѓународната организација OCCRP (Проект за известување за организиран криминал и корупција) минатата година пишуваше за деловните врски на Шуиминг со кинескиот државјанин Су Веији, обвинет за повеќе милионска кражба поврзана со колапсот на платформата за криптовалути Atom Asset Exchange (AAX), во Хонг Конг во 2022. Платформата имаше над два милиони корисници пред да пропадне.

Случајот против Су Веији е во тек.

Сингапурската полиција го истражуваше Шуиминг како член на група поврзана со Веији која испрала милијарди профити од „активности на организиран криминал, вклучително и измама и онлајн коцкање“, според OCCRP.

Властите во Сингапур заплениле имот од 2,3 милијарди долари на 10 лица уапсени минатата година.

Ванг Шуминг оттогаш е осуден на 14 месеци затвор, според OCCRP.

види ги сите денешни вести

Револтот на демонстрантите продолжи пред Собранието и Обвинителството

Протест за 22-годишната Фросина Кулакова, која загина во сообраќајна несреќа на булеварот „партизански одреди“ во Скопје, 31.-1.2025 година.
Протест за 22-годишната Фросина Кулакова, која загина во сообраќајна несреќа на булеварот „партизански одреди“ во Скопје, 31.-1.2025 година.

„Сакаме правда “ извикуваат стотици демонстранти пред македонското Собрание. Тие протестот го започнаа на скопскиот булевар „Партизански одреди“ каде што запалија свеќи за загинатата 22-годишната Фросина Кулакова, која на 29 јануари беше прегазена од автомобил управуван од 22 годишни момче.

Судот денеска му одреди 30 дневен притвор на 22 годишното момче.
Со транспаренти „Ова не е несреќа туку убиство“, стотици демонстранти од булеварот „Партизански одреди“ протестот го продолжија пред Собранието и најавија дека ќе го продолжат кон Обвинителството и Кривичниот суд.

Кои се официјалните информации за сообраќајката?

Фросина Кулакова беше прегазена ноќта на 29 ноември на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Животот го загуби на лице место.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје следниот ден отвори истрага против возачот В.Ј., 20-годишно момче во Скопје, за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Според официјалните информации, автомобилот со кој ја прегази девојката бил „пежо 207“, сопственост на неговиот татко. Момчето немало возачка дозвола, а лабораториските анализи покажаа и дека имал 0,82 промили алкохол во урината. Фросина ја удрил поминувајќи на црвено.

„Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента“, гласеше официјалната информација од Обвинителството.

Момчето во моментов се наоѓа во притвор.

Осомничениот возач има досие со кривични дела

Ова не е прво кривично дело за кое се гони младиот 20-годишен скопјанец. Тој веќе има досие со кривични дела поврзани и со сообраќајот и со дрогата, а неколку месеци поминал и во притвор.

Според официјални информации, Министерството за внатрешни работи (МВР) водело прекршочна постапка против момчето за возење без возачка дозвола.
Во текот на 2024 година против него до Обвинителството имало поднесено и две кривични пријави.

На 30 март полицијата му поднела кривична за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Од ОЈО Скопје наведуваат дека уште истиот ден отвориле истрага и дале предлог за притвор. В.Ј. тогаш не бил достапен за органите, а кога станал достапен – на 2 април 2024, веднаш завршил во притвор.

Истрагата била завршена за помалку од два месеци и на 21 мај било поднесено обвинение, а притворот му бил продолжен до 21 јули лани. Тогаш, Основниот кривичен суд Скопје изрекол пресуда, но го третирал обвинетиот како „помлад полнолетник“ и наместо затворска казна се одлучил за воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом во Тетово и предлог да му се продолжи притворот.

„На 30.09.2024 година јавниот обвинител незадоволен од пресудата вложи жалба и предметот се уште е во жалбена постапка. Жалбата е во однос на воспитната мерка, бидејќи во однос на притворот жалба не е дозволена со оглед на тоа дека не е изречена казна туку воспитна мерка“, велат од ОЈО Скопје.

Покрај овој случај со кривична постапка, во архивите на обвинителството е забележана уште една пријава против В.Ј. која била поднесена на 1 февруари 2023 година, а се однесувала на сообраќајка што се случила во ноември 2022 година. Тогаш момчето учествувало во сообраќајна незгода во која била повредена една жена.

Меѓутоа, според тврдењата на ОЈО Скопје, постапка била спроведена, но оштетената дала согласност и било донесено решение момчето да не се гони кривично туку да плати да уплати 18.000 денари во државниот буџет.

Кривичниот суд со дополнително објаснување

Од Основниот суд Скопје 1 во писмено соопштение објаснуваат дека судот за две кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги“ донел осудителна пресуда за момче кое немало полни 20 години.

„Упатување во воспитно поправен дом, каде согласно чл. 48 ст.3 и ст.4 обвинетиот во домот останува најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години односно до наполнети 23 години, во која пресуда му се заметува и времено поминато во притвор, по истиот предмет од 02.04.2024 година до 12.08.2027 година. Согласно Законските одредби од ЗКП по досудена Заводска мерка, Мерката притвор не може да опстојува, заради што Јавниот обвинител вложил жалба во однос само на кривичната санкција. Предметот на 07.11.2024 година е доставен на надлежно постапување на Апелациониот суд Скопје, од каде сеуште не е вратен на евентуално извршување“, се вели во соопштението од Судот.

Оттаму велат дека според евиденцијата на судот, осомничениот не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка за други кривични дела. До сега не е процесурана друга кривична пријава, ниту пак прекршочна пријава од областа на Сообраќајот, а лицето е евидентиран, единствено како малолетник во 2021 година кога му е изречена судска опомена заради нарушување јавен ред и мир, посочуваат од судот.

„Како суд, изразуваме жалење за загубата на млад човечки живот. Но, имајќи го предвид сето погоре наведено, нејасна е конекцијата кој се создава во јавноста за кривичен предмет кој во прв степен е завршен со Заводска мерка на одредено лице за едно кривично дело, со друго кривично дело кое е сторено 7 месеци потоа“, се вели во соопштението од судот.

Сообраќајката во која беше прегазена Фросина Кулакова не е прва која предизвикува бурни реакции и гнев кај граѓаните за дивеењето по улиците. Само на истиот булевар, „Партизански одреди“, изминатите години згаснаа неколку млади животи.

Во 2015 беше прегазена студентката Фросина Цековска од 26-годишен возач возач кој исто така беше под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената.

24-годишната Викторија Николова од Радовиш во јануари 2022 година, беше прегазена на истиот булевар, но кај трговскиот центар Сити мол. 22-годишниот возач, според Обвинителството, тогаш возел со поголема брзина од дозволената.

Мицковски смета револтот на граѓаните е оправдан, протестот продолжи пред Собрание

Протест во Скопје поради сообраќајната несреќа на 29.01.2025, во која загина 22-годишната студентка од Неготино, Фросина Кулакова
Протест во Скопје поради сообраќајната несреќа на 29.01.2025, во која загина 22-годишната студентка од Неготино, Фросина Кулакова

Револтот на граѓаните е опрадан, ќе се спроведе ригорозна казнена политика на санкционирање на дивеењето со автомобили, изјави на 31 јануари премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање поврзано со протестот на граѓаните поради сообраќајката во која на скопскиот булевар „Партизански одреди“ беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова.

Во 13 часот граѓаните излегоа на протести, по што продолжија кон Собрание.

Според Мицковски наскоро системот „Безбеден град “ ќе биде ставен во функција и ќе може да се справи со автомобилското дивеење по скопските улици.

„МВР тоа како постапка го спроведува, и наскоро ќе имаме еден таков систем којшто ваков тип на дивеење ќе санкционира. И тоа мора да се случи. Колку и да треба политички куршуми да добиеме ние, тоа мораме да го инсталираме имплементираме и да преземеме казнена политика која што ќе биде ригорозна, затоа што и еден живот да спасиме сме ја постигнале целта“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека понеодговорно е „однесувањето на одделни политичари со некрофилска политика кои се обидуваат на ваков начин преку пораки коишто згрозуваат да привлечат политичко внимание и да добијат политички поен“.

„Но, час поскоро треба системот Безбеден град да биде инсталиран, да функционира и сите законски измени коишто се неопходни да бидат донесени. Јас мислам дека оваа година сето тоа ќе биде ставено во функција. Жалам што годините наназад сето ова не било направено,“ изјави тој.

Мицкоски додаде дека во буџетот за годинава веќе се обезбедени пари за стартување на системот и надвор од главниот град, одноно и на клучните автопати и експресни патишта.

Во среда вечерта згасна животот и на дваесет и двегодишната Фросина Кулакова, која беше прегазена од 20-годишен возач без возачка дозвола, додека минувала на пешачки премин.

Случајот предизвика реакции во јавноста, откако беше обелоденето дека возачот возел под дејство на алкохол и ја прегазил младата девојка и покрај тоа што семафорот покажувал црвено светло.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје следниот ден отвори истрага против возачот В.Ј., 20-годишно момче во Скопје, за делото тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Според официјалните информации, автомобилот со кој ја прегази девојката бил „пежо 207“, сопственост на неговиот татко. Момчето немало возачка дозвола, а лабораториските анализи покажаа и дека имал 0,82 промили алкохол во урината. Фросина ја удрил поминувајќи на црвено.

„Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента“, гласеше официјалната информација од Обвинителството.

На момчето Кривичниот суд му одреди 30 дневен притвор.

Поскапо парно за 5 отсто за дел од скопските домаќинства

Сметка за парно (илустрација)
Сметка за парно (илустрација)

Топлинската енергија за дел од домаќинствата во град Скопје од 1 февруари поскапува за 5,03 проценти, информира на денешната прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Како што истакна Бислимоски, причина за поскапувањето е зголемувањето на цената на природниот гас на светските берзи и намаленото производство на ТЕ-ТО во последниот квартал од 2024 година кое наместо 60 отсто учествувало со 51,9 отсто во производството на топлинска енергија. Додаде дека цената за производство на топлинска енергија на ТЕ-ТО е за 35 отсто пониска отколку цената на топланите, а ТЕ-ТО не работело доволно зашто цената на природниот гас не му одговарала за производство на струја како примарен производ.

„Зголемувањето на сметките за просечно домаќинство во Градот Скопје ќе биде 100 денари за корисниците на топлинска енергија кои се снабдуваат преку овие ќерки фирми на АД ЕСМ. Досега месечниот трошок за топлинска енергија им изнесуваше 2100, а сега ќе изнесува 2200 денари“, рече Бислимоски.

Бислимоски вели дека РКЕ во текот на следната недела ќе го разгледа и ќе донесе одлука по барањето за цена на ЕСМ Енергетика кои снабдуваат околу 2000 корисници.

Се очекува наскоро и топланата Скопје Север да поднесе барање за зголемување на цената на парното во тој дел од градот Скопје. Одлуките на РКЕ за новите цени за овие корисници ќе се носат во февруари и ќе се применуваат од 1 март годинава.

„Ја следиме состојбата на берзите и доколку и понатаму растат, еден од предлозите на РКЕ за цената на топлинската енергија ќе биде во насока за да избегнеме натамошни ценовни шокови. Од анализите кои константно ги правиме се уште се најниски трошоците за топлинска енергија преку организираниот систем на греење кој постои во градот Скопје, а не треба да се заборави и комодитетот што се обезбедува при овој начин на греење“, потенцира Бислимоски во одговор на новинарско прашање.

РКЕ лани на 29 февруари донесе одлука со која за 35 проценти ја намали цената за парното греење за сите деловни корисници во град Скопје. Тоа, како што тогаш информираше Бислимоски, се должеше на намалувањето на цената на природниот гас на берзите.

Норвешка заплени брод со руски екипаж поради оштетување на оптички кабел

илустрација
илустрација

Норвешката полиција денеска соопшти дека запленила норвешки брод со руски екипаж под сомнение дека е вмешан во оштетување на оптички кабел во Балтичкото Море.

Според полицијата, заплената била извршена на барање на властите на Летонија.

„Постои сомневање дека бродот е вмешан во сериозно оштетување на оптички кабел во Балтичкото Море меѓу Летонија и Шведска“, се вели во соопштението на полицијата.

Бродот во сопственост на Норвешка, кој исто така пловел под знамето на земјата, наречен „Силвер Даниа“, пловел од Санкт Петербург во Балтичкото Море до Мурманск на рускиот Арктик, соопшти полицијата.

Претходно, летонскиот портал ЛСМ, повикувајќи се на сопственикот на кабелот, Летонскиот државен радио и телевизиски центар, објави дека во неделата бил оштетен подводниот оптички кабел меѓу Летонија и Шведска, најверојатно поради надворешни влијанија.

Летонската морнарица испратила патролен брод на локацијата каде што се посомневало дека кабелот е оштетен и го контактирала НАТО.

Јаневска: Ова е нацрт-концепција и може да претрпи промени

Весна Јаневска, министерка за образование
Весна Јаневска, министерка за образование

По реакциите од катедри и институти, главно од Филозофскиот факултет на УКИМ, дека со нацрт концепцијата за реформи во гимназиското образование се редуцираат содржини од некои предмети од општествените науки, министерката Весна Јаневска денеска (31 јануари) изјави дека многу сериозно ги сфаќаат сите изјави дадени од сите факултети и дека рокот за сугестии може да биде продолжен.

Покрај досегашната онлајн-дискусија, рече таа, ќе продолжат и на терен за да се направи најдобар предлог-текст на концепцијата, посочувајќи дека сегашната верзија може да биде изменета.

„Секако дека може да се продолжи, секако дека ние многу сериозно ги сфаќаме сите изјави дадени од сите факултети, иако главно станува збор за Филозофскиот факултет. Веќе еднаш кажав дека ова е нацрт-концепција и дека може да претрпи промени. Ние продолжуваме и понатаму, досега ова беше по електронски, дигитален пат, малку ќе се придвижиме и на терен и секако дека ќе работиме и понатаму на подобрување на истата, изјави министерката Јаневска која денеска присуствуваше на отворање на прв европски дигитален иновациски хаб во државава.

Истакна и дека е многу задоволна што, како што рече, „за разлика од дел од стручната јавност, веќе добиваме силна поддршка од младите“.

„Можеби звучи контрадикторно, но јас сум навистина многу задоволна што новата концепција предизвика такви бурни дискусии“, разговори и предлози, додаде Јаневска.

По објавувањето на нацрт-концепцијата на официјалната веб-страница на БРО овој месец, МОН ги повика сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки „да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија“.

Реформите се почнати затоа што гимназиското образование, како што посочи МОН, „повеќе од две децении не е предмет на суштински реформи, што го доведе до состојба на недоволна усогласеност со современите потреби и меѓународните стандарди“.

„Истражувањата покажуваат дека и наставниците и учениците ја препознаваат потребата од промени, особено во насока на модернизација на наставните програми, можност за избор на предметите, воведување современи методи на учење и оценување, како и унапредување на вештините релевантни за 21 век“, информираше МОН.

Професорите по филозофија, но и по социологија, латински јазик и психологија алармираат дека со предложените реформи на гимназиското образование им се укинуваат предметите. Министерството за образование тврди дека не се укинуваат, но се предлага сите да бидат изборни предмети во трета и во четврта година. Професорите стравуваат и за работните места и за образованието на учениците.

Вашингтон истражува дали DeepSeek користел чипови кои не смеат да се извезуваат во Кина

илустрација
илустрација

Американското Министерство за трговија истражува дали DeepSeek, кинеска компанија чиј модел со вештачка интелигенција го потресе технолошкиот свет, користела американски чипови кои не смеат да се извезуваат во Кина, изјави за Ројтерс извор запознаен со ова прашање.

Кинескиот DeepSeek минатата недела го привлече вниманието на јавноста со бесплатен асистент за вештачка интелигенција, истакнувајќи дека потрошила само шест милиони долари на неговиот развој.

Така, на почетокот на оваа недела, асистентот DeepSeek го престигна ChatGPT, развиен од американскиот OpenAI, во продавницата за апликации на Епл (Apple) во САД.

Тоа, исто така, ја зголеми загриженоста за лидерството на САД во развојот на вештачката интелигенција, „бришејќи“ околу билион долари од вредноста на американските технолошки акции.

Кинеската компанија во своето истражување рече дека користела околу 2000 чипови, во споредба со 16 000 на ChatGPT, според ИТ експертите. Потрошувачката на енергија е намалена за 90 отсто.

Според Ројтерс, сегашните ограничувања на процесорите за вештачка интелигенција на Nvidia имаат за цел да ги спречат нејзините најсофистицирани чипови да стигнат до Кина.

Вашингтон воведе низа ограничувања со кои се забранува извоз на чипови со вештачка интелигенција во Кина и планира да ги ограничи нивните испораки во голем број други земји.

Од друга страна, според изворите, организираниот шверц на чипови со вештачка интелигенција во Кина вклучува субјекти од повеќе земји, вклучувајќи ги Малезија, Сингапур и Обединетите Арапски Емирати.

Портпаролот на Nvidia рече дека многу од нејзините клиенти имаат бизниси во Сингапур и ги користат за производи наменети за САД и Западот.

„Инсистираме нашите партнери да ги почитуваат сите важечки закони и доколку добиеме какви било информации за спротивното, ќе постапиме соодветно“, рече Nvidia.

Одделот за трговија и DeepSeek не одговорија веднаш на барањата на Ројтерс за коментар.

DeepSeek претходно изјави дека ги користел чиповите H800 на Nvidia, кои можеле легално да ги купат во 2023 година. Ројтерс соопшти дека не може да утврди дали DeepSeek користел други контролирани чипови кои не смеат да се испорачуваат во Кина.

Наводно, DeepSeek ги има помалку моќните H20s чипови на Nvidia, кои сè уште можат легално да се испорачуваат во Кина. Соединетите Држави размислуваа да го контролираат нивниот извоз под администрацијата на Бајден, а за тоа разговараат и новоименуваните претставници на Трамп.

Украинската воздушна одбрана соборила 59 руски дронови

илустрација
илустрација

Украинската воздушна одбрана собори 59 од вкупно 102 беспилотни летала испратени од Русија во текот на ноќта, соопшти украинското воздухопловство.

Војската соопшти дека 37 дронови се „изгубени“, што значи дека биле пренасочени од опрема за електронско војување.

Руските дронови предизвикаа штета во североисточниот регион Суми, јужниот регион Одеса и регионот Черкаси, централна Украина.

„Синоќа непријателот лансираше 102 нападни дронови „Шахед“, како и разни беспилотни летала за мамка од Курск, Брјанск, Милерово и Приморско-Ахтарск во Русија и од Кејп Чауда на Крим. „Шахед“ и други видови дронови беа соборени над регионите Харков, Полтава, Суми, Киев, Чернихив, Черкаси, Кироворад, Житомир, Хмелницки, Днепропетровск, Миколаев и Одеса“, соопшти прес-службата на украинските воздухопловни сили на Телеграм.

Прес-службата прецизира дека воздушниот напад бил одбиен од единици за противвоздушна одбрана, тимови за електронско војување и мобилни противпожарни групи.

Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Орбан: Неприфатливо е Украина да го запре протокот на руски гас кон централна Европа

Виктор Орбан
Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека е неприфатливо што Украина го запрела протокот на руски гас во централна Европа, бидејќи ги зголемила трошоците за алтернативните рути за снабдување.

За унгарското државно радио Орбан изјави дека поради зголемените цени на гасот, Унгарија побарала гаранции од ЕУ во однос на нејзината енергетска безбедност.

Унгарскиот премиер рече дека економските податоци се подобруваат во светлината на изборната победа на американскиот претседател Доналд Трамп и „ерата на мирот“ што ќе следи по војната во Украина, за која рече дека е во завршна фаза.

Орбан нагласи дека победата на Трамп ќе ја зајакне унгарската економија годинава.

Рускиот гас не тече низ Украина до земјите на Европската Унија од 1-ви јануари, откако истече петгодишниот договор за снабдување.

Хамас го потврди убиството на својот воен лидер

илустрација
илустрација

Хамас, палестинската група прогласена за терористичка организација од САД (САД) и Европската Унија (ЕУ), потврди дека нејзиниот воен командант Мохамед Деиф бил убиен во израелски воздушен напад во Појасот Газа минатата година.

Израелската војска во август тврдеше дека Деиф бил убиен еден месец претходно, но Хамас дури сега ја потврди неговата смрт.

Потврдата од радикалната палестинска група доаѓа шест месеци откако Израел објави дека го убил Деиф. Израел соопшти дека Деиф бил убиен за време на воздушни напади во јужниот дел на Газа во јули 2024 година.

Деиф беше долгогодишен водач на военото крило на Хамас, а Израел рече дека тој е еден од организаторите на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика 15-месечната војна во Газа.

Израел со години го имаше Деиф на листата на најбарани, а од 2015 година е на американската листа на „меѓународни терористи“. Деиф преживеа серија израелски атентати и не се појавуваше во јавноста со децении. Тој го презеде раководството на военото крило на Хамас во 2002 година.

За време на војната во Газа, Израел уби и други високи членови на радикалната палестинска група, вклучувајќи го и лидерот на нејзиното политичко крило Исмаил Ханије.

Потврдата на Хамас за убиството на Деиф доаѓа додека групата продолжува да ослободува затвореници, според договорот за прекин на огнот постигнат претходно овој месец.
Договорот предвидува ослободување на илјадници Палестинци затворени во Израел и враќање на Палестинците во северниот дел на Газа.

Војната во Газа започна откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1200 луѓе и киднапирајќи околу 250 други. Како резултат на израелската офанзива, повеќе од 47 000 Палестинци беа убиени во Газа, а палестинската енклава претрпе големо уништување.

Поддршката за Брегзит на најниско ниво досега

илустрација
илустрација

Помалку од тројца од десет Британци мислат дека Брегзит е добра работа и повеќето сакаат земјата да се врати во Европската унија, покажа новото истражување на јавното мислење, пет години откако Обединетото Кралство официјално ја напушти ЕУ.

На референдумот во 2016 година, 52 отсто од Британците гласаа за Брегзит.

По долгогодишни тешки преговори, Обединетото Кралство стана првата земја што ја напушти Европската унија на 31 јануари 2020 година.

Но, пет години подоцна, само 30 отсто од Британците веруваат дека земјата ја направила вистинската работа со гласањето за Брегзит, според анкетата на YouGov, чии резултати беа објавени во средата. Анкетата е спроведена на 2225 испитаници.

Според институтот, ова е најниската поддршка за Брегзит досега.

Мнозинството Британци, 55 отсто, го поддржуваат враќањето на земјата во Европската унија, вклучително и 20 отсто од гласачите кои гласаа за Брегзит. Меѓу нив, 39 отсто од испитаниците „силно“ го поддржуваат враќањето во ЕУ.

Британскиот лабуристички премиер Кир Стармер вети дека ќе ги „рестартира“ односите со Европската унија. Сепак, таа се противи на враќање на полноправно членство во Европската унија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG