Вести
Протести во Сирија поради палењето на новогодишна елка
Поради палењето на новогодишна елка во Сирија избувнаа протести што предизвика реакции и повици до новата исламистичка власт да преземе чекори за заштита на малцинствата, јавува Би-би-си.
На видео објавено на социјалните мрежи се гледа како гори дрво на централниот плоштад во Сукајлабија, град со мнозинско христијанско население во централна Сирија.
Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), главната исламистичка фракција што ја предводеше офанзивата во која беше соборен сирискиот претседател Башар ал-Асад, соопшти дека поради инцидентот биле приведени странски борци.
Претставниците на ХТС претходно ветија дека ќе ги заштитат правата и слободите на верските и етничките малцинства во Сирија.
На протестите излегоа илјадници демонстранти, и во Дамаск и во Сукејлабија.
На видеото на социјалните мрежи, се гледа како двајца маскирани борци палат новогодишна елка една ноќ пред христијаните да го прослават Бадник, пренесува Би-би-си.
Од видеата објавени потоа, се забележува дека верски службеник од владејачката бунтовничка група ХТС ја уверува толпата народ во Сукајлабија дека дрвото ќе биде обновено.
Сирија е дом на многу етнички и религиозни групи, вклучувајќи Курди, Ерменци, Асирци, христијани… А, сунитски Арапи го сочинуваат мнозинството од муслиманското население.
Сирискиот претседател Башар ал-Асад ја напушти земјата во доцните часови на 8 декември, откако ХТС и нејзините сојузници, од кои некои се поврзани со Турција, во молскавична офанзива ги соборија владините сили.
види ги сите денешни вести
Се урна патнички авион во Казахстан
Патнички авион се урнал во близина на градот Актау во казахстанската област Мангистау, соопшти на 25 декември казахстанското Министерство за вонредни состојби.
Светските агенции јавуваат дека авионот на „Азербејџан ерлајнс“ летал од Баку за градот Грозни во Чеченија, но поради магла бил пренасочен во Грозни.
Засега нема коментар од авиокомпанијата „Азербејџан ерлајнс“.
Извештаите велат дека во авионот имало најмалку 67 патници и пет членови на екипажот.
Од Министерството за вонредни состојби соопштија дека спасувачките служби пристигнале на местото на несреќата.
Голем воздушен напад врз енергетската инфраструктура на Украина
Едно лице е убиено во најновиот руски напад со дронови низ Украина. Нападот предизвикал оштетувања на енергетската инфраструктура, соопштија украинските власти.
Сирените за воздушен напад одекнаа над Украина во средата наутро (25 декември), додека воздухопловните сили објавија дека руски крстосувачки ракети Калибр биле лансирани од Црното Море.
Украина се соочува со најтешката зима од речиси тригодишната војна, додека Москва го засилува воздушното бомбардирање и нејзините трупи напредуваат на линијата на фронтот на исток.
Во средата наутро, гувернерот на регионот Херсон извести дека едно лице загинало, а тројца се повредени во нападите во последните 24 часа.
Во регионот Днепропетровск, каде зимските температури се движат околу точката на смрзнување, гувернерот Сергеј Лисак рече дека Русија ја гаѓала електричната мрежа.
„Непријателот се обидува да го уништи електроенергетскиот систем во регионот. Останете на безбедно место додека не се укине предупредувањето за воздушен напад. Грижете се за себе“, напиша Лисак на Телеграм.
Според градоначалникот Игор Терехов, „масовен ракетен напад“ го погодил и североисточниот украински град Харкив рано во средата.
„Харкив е под масивен ракетен напад. Во градот се слушнаа серија експлозии и сè уште има балистички проектили кои се насочени кон градот“, напиша Терехов на Телеграм.
Регионалниот гувернер рече дека имало седум руски напади и дека најмалку три лица биле повредени.
Од почетокот на војната во февруари 2022 година, Русија сериозно ја оштети електричната мрежа на Украина со постојано бомбардирање, предизвикувајќи редовни прекини на струјата.
Украина редовно апелира до своите сојузници за поцврсти системи за противвоздушна одбрана за да се спречат руските напади врз електроенергетскиот систем на земјата.
Минатиот месец Вашингтон и дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел против воени цели во Русија, што поттикна жестока реторика и ветувања за одмазда од Москва.
Во ноември, Русија лансираше речиси 200 проектили и беспилотни летала насочени кон енергетската мрежа на Украина, при што претседателот Володимир Зеленски тврдеше дека била истрелана „касетна муниција“ во војната.
Двете страни се борат да добијат предност пред Доналд Трамп да биде инаугуриран за претседател на САД во јануари, кој вети дека ќе донесе брз крај на конфликтот, без да предложи конкретни услови за прекин на огнот или мировен договор.
Армијата на Москва тврди дека оваа година запленила повеќе од 190 украински населби, при што Киев се бори да ја одржи линијата поради недостигот на работна сила и муниција.
Руското Министерство за одбрана во средата (25 декември) соопшти дека нивните сили собориле 59 украински беспилотни летала во текот на ноќта.
Годишно обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска напладне (25 декември) ќе има годишно обраќање во Собранието. Ова е прво годишно обраќање во нејзиниот мандат.
Се очекува претседателката да говори за актуелните и случувањата во изминатиот период, како и за очекувањата во следната година во внатрешната и надворешната политика, состојбата во економијата и друго.
Обраќањето на шефицата на државата е во рамки на 25. собраниска седница.
Иран ги укинува забраните за Ватсап и Гугл плеј
Иранскиот совет за сајбер простор гласаше за укинување на забраните за апликациите Ватсап и Гугл плеј, објавија државните медиуми.
На состанокот на 24 декември Врховниот совет за сајбер простор едногласно гласаше за укинување на ограничувањата за некои апликации во странска сопственост, вклучително Ватсап и Гугл плеј, објави државната новинска агенција ИРНА.
Не е јасно кога одлуката ќе стапи на сила. Советот ги одржува седниците зад затворени врати и не се објавува јавно како гласале членовите поединечно.
ИРНА извести дека членовите гласале за укинување на ограничувањата, но и дека истовремено „ја нагласуваат и важноста од управувањето со владеењето на правото во сајбер просторот“.
Овие две апликации беа ограничени во 2022 година, по избивањето на протестите под слоганот „Жени, живот, слобода“, кои потоа беа задушени.
Советот за сајбер простор, кој беше формиран по налог на иранскиот лидер Али Хамнеи, исто така ја нагласува и „поддршката за домашните платформи“.
Додека забраните за Ватсап и Гугл плеј се укинуваат, останатите платформи и социјални мрежи како што се Фејсбук, Икс, Телеграм и Јутјуб, остануваат блокирани во Иран.
Партијата на Додик предлага прекин на евроинтеграциите додека не запре судењето против него
Прекин на евроинтеграциите и на учеството во носењето одлуки на ниво на Босна и Херцеговина (БиХ) доколку не запре судскиот процес против Милорад Додик.
Ова, меѓу другото, се наведува во заклучоците што Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Додик и неговите коалициски партнери предлагаат да бидат изгласани во Народното собрание на Република Српска, ентитет во рамки на БиХ.
Ваквата информација на својот блог ја објави Небојша Вукановиќ, шеф на пратеничката група „За правда и ред“ во Народното собрание на Република Српска (НСРС). Тој рече дека неговата пратеничка група нема да ги поддржи ваквите заклучоци и дека тие се „обид за одбрана на еден човек, кој одамна е над Уставот и законот, а сега сака да го легализира тоа“.
Во документот за кој пратениците расправаат на собраниската седница што почна попладнето на 24 декември, има осум заклучоци.
Во предлогот е нагласено дека Народното собрание останува „посветено на почитување на територијалниот интегритет и заедничкиот суверенитет меѓу ентитетите“ дефинирани со Дејтонскиот мировен договор, но за негово кршење во документот се обвинуваат високите претставници, Уставниот суд, судот и обвинителството на БиХ. Тоа, како што е наведено, кулминирало со „политички монтиран судски процес против претседателот на Република Српска и директорот на Службениот весник“.
Во предлогот, СНСД и партнерите бараат Додик и в.д. директорот на Службен весник, Милош Лукиќ, да не се одзиваат на поканите од судот на БиХ каде им се суди за неизвршување на одлуките на високиот претставник.
„Националното собрание на РС бара од именуваните и избраните претставници на Република Српска во институциите на БиХ, без исклучок, да го прекинат одлучувањето на ниво на БиХ, додека судот и обвинителството не го суспендираат политички инсценираниот процес против Додик и Лукиќ“, се наведува во документот.
Исто така, се бара и прекин на европската интеграција „додека не се воспостави владеење на правото во БиХ“.
Пратениците од коалицијата на Додик бараат од Владата на Република Српска итно да почне измена на Кривичниот законик со која би се криминализирале „непочитувањето и неизвршувањето на одлуките на институциите и органите на Република Српска“.
Посочуваат и дека доколку не се почитуваат ваквите заклучоци во рок од 48 часа „ќе преземат еднострани мерки со цел нивно спроведување“.
Претседателот на Народното собрание, Ненад Стевандиќ, претходно во текот на денот изјави дека за седницата на која се расправа за ваквиот предлог-заклучоци го информирал обвинителството на БиХ, кое ден претходно испратило итно барање за информација.
Обвинителството на Босна и Херцеговина испрати барања врз основа на Законот за кривична постапка и достапните податоци кои укажуваат на сомнение за сторени повеќе кривични дела меѓу кои „договор за извршување кривично дело“, „подготовка на кривично дело“ и „напад врз уставниот поредок“.
За што се гони Додик?
Обвинителството на Босна и Херцеговина на 11 август минатата година поднесе обвинение против Додик, бидејќи тој потпишал претседателски декрети со кои прогласил за валидни два закони во ентитетот Република Српска, кои претходно беа поништени од високиот претставник Кристијан Шмит.
Освен него, Обвинителството го товари и Милош Лукиќ кој како в.д директор на Службен весник овозможил објавување на указите на Додик.
Станува збор за измени на Законот за објавување закони и други прописи на Република Српска и на Законот за неизвршување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, ги поништи двата закони на 1 јули 2023 година, додека законодавната процедура официјално сè уште беше во тек.
Истиот ден, Шмит, користејќи ги своите овластувања, наметна измени и во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, со што беше додадено кривично дело „неизвршување на одлуките на високиот претставник“, за што потоа беше обвинет Додик.
Милорад Додик се наоѓа на црната листа на САД од јули 2017 година поради попречување или закана за саботирање на Дејтонскиот мировен договор.
На почетокот на јануари 2022 година тој повторно беше санкциониран, бидејќи директно или индиректно учествувал во кршење или во чин што го попречил или загрозил спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор, како и поради коруптивни активности.
Советниците го изгласаа буџетот на Град Скопје за 2025 година
Со 28 гласа „за“ и два „против“, 45-члениот Совет на Град Скопје денеска, 24 декември, го изгласа Буџетот на главниот град за следната 2025 година.
Буџетот изнесува 140 милиони евра.
За него беа поднесени 42 амандмани од повеќе политички партии, но по координацијата што ја имаа советничките групи со претседателот на Советот, Трајко Славески, од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска, предлагачите сами повлекоа дел од амандманите, а други беа одбиени поради технички неправилности.
На седницата, Советот даде зелено светло и за одлуката за извршување на градскиот буџет за 2025, а беше донесен и План на програми за развој за 2025-2027 година.
Овој план, како што образложи Јулијана Тасиќ од секторот за финансии на Градот, претставува среднорочен приказ на програмите што се наменети за развој на инвестиции во следните три години.
„Планот ги содржи сите капитални проекти кои се наменети за подобрување на инфраструктурата, изградба и реконструкција на патишта и инфраструктурни објекти и сите други капитални проекти каде инвестицијата опфаќа период подолг од една година. Планот станува составен дел на буџетот на Град Скопје и сите измени што се предвидоа во буџетот ќе се рефлектираат во овој план“, вели Тасиќ.
Буџетот за 2025 година е последен што се носи во мандатот на градоначалничката Данела Арсовска и на актуелниот состав на Советот.
Следниот ќе биде предложен од нов градоначалник и ќе го гласа друг состав на Советот, со оглед дека во октомври идната година ќе се одржат локални избори.
Арсовска веќе изјави дека нема амбиции за втор мандат.
Таа стана градоначалничка откако победи на изборите во 2021 година со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, патиштата им се разделија по помалку од една година од мандатот откако меѓусебно се обвинуваа за злоупотреби и неработење.
Курти ги обвини Радоичиќ и Србија за нападот на каналот Ибар-Лепенац
Косовскиот премиер Албин Курти, денеска, 24 декември, обвини дека бизнисменот од северот на Косово, Милан Радоичиќ, дал наредба да се изврши нападот на каналот Ибар-Лепенац на 29 ноември, а по Србија како држава ја прозва дека стои зад финансирањето, планирањето и логистиката на нападот.
На прес-конференција, Курти рече дека овие тврдења ги базира на разузнавачки информации.
Според неговите зборови, поддршката што официјален Белград ја дава на, како што рече, „терористичката група на Милан Радоичиќ“, не може да се нарече поинаку, туку координација на државата Србија со оваа група за интензивирање на хибридната војна против Косово.
Курти презентираше хронологија од 15 напади во периодот од 20 јуни до 29 ноември годинава кои, според него, имале за цел да му наштетат на Косово „користејќи тероризам“. Како што рече, кулминацијата бил нападот на каналот Ибар-Лепенац.
Каналот беше нападнат на 29 ноември во селото Варага во општина Зубин Поток, општина со српско мнозинство на северот на Косово.
Косовската полиција соопшти дека нападот бил извршен со експлозив тежок до 20 килограми.
Каналот Ибар-Лепенац преку езерото Ујман го снабдува со вода целиот север на Косово, регионите на Митровица, Приштина и околината, како и Косовската енергетска корпорација, за ладење на нејзините термоелектрани.
Курти изјави дека во повеќе наврати во текот на годинава Радоичиќ овластил луѓе да вршат напади во Косово.
Косовските власти го бараат Милан Радоичиќ откако тој призна дека го организирал и извршил нападот во Бањска во септември 2023 година.
Тогаш, група Срби ја нападна косовската полиција во селото Бањска во општина Звечан при што беше убиен еден полицаец.
Косово го окарактеризира овој напад како терористички акт и ја обвини Србија дека стои зад него, што Белград го негираше.
Милан Радоичиќ, поранешен политичар и бизнисмен од северот на Косово, е на црната листа на САД и Велика Британија поради обвинувања за корупција и организиран криминал.
Јутјуб во Русија е „практично блокиран“, тврди руско друштво за заштита на интернет
Сообраќајот на Јутјуб во Русија во последните денови се намали на само 20 отсто од своето „нормално ниво“, изјави водечки руски експерт, опишувајќи ја ситуацијата како „де факто“ блокирање на платформата за споделување видеа.
Михаил Климарев, директор на непрофитно друштво за заштита на интернетот, на 23 декември на Телеграм напиша дека сообраќајот на Јутјуб во Русија паднал на една петтина од нивото на сообраќај во споредба со периодот пред властите наводно да почнат намерно да ја забавуваат услугата на оваа платформа во јули.
„Јутјуб де факто е блокиран во Русија“, рече тој.
Јутјуб, кој е во сопственост на Гугл, има десетици милиони корисници во Русија.
Од јули, руските корисници на Јутјуб беа сведоци на масовни прекини и забавување на услугите.
Руските власти соопштија дека проблемите се предизвикани од неуспехот Гугл да ја надгради опремата и на тој начин да обезбеди пристап до услугите на компанијата во Русија.
Дел од критичарите, сепак, ја обвинуваат авторитарната влада во Москва дека намерно ја прекинала услугата за да ги спречи руските граѓани на Јутјуб да гледаат содржини во кои се критикуваат политиките на Кремљ.
Во јули, рускиот весник „Газета“ цитираше два извори блиски до администрацијата на претседателот Владимир Путин кои рекоа дека Москва планира да започне со блокирање на Јутјуб во септември.
Информативниот сајт „Медуза“ со седиште во ЕУ тогаш цитираше извор од руската телекомуникациска сфера кој тврдеше дека владата почнала да ја намалува брзината на платформата од 11 јули.
Од Јутјуб во август соопштија дека имаат информации оти некои луѓе во Русија не можат да пристапат до платформата, но дека проблемот не е предизвикан од никакво дејство или технички проблеми од страна на самата компанијата.
За време на неговата годишна прес-конференција на 19 декември, рускиот претседател Владимир Путин побара Гугл и Јутјуб да ги почитуваат руските закони и да не го користат интернетот како алатка за „постигнување на политичките цели на (американската) влада“.
Русија веќе блокираше одредени социјални мрежи како Фејсбук и Икс (поранешен Твитер).
Амбасадорите кои не беа „сослушани“ во Собранието, на чекор да бидат вратени
Со 61 односно 62 гласа „за“ пратениците во Собранието на Северна Македонија попладнето на 24 декември ги изгласаа двете автентични толкувања со кои се отвора можноста да бидат отповикани амбасадорите кои пред да бидат испратени во мисија, не беа сослушани пред собраниската Комисија за надворешни работи.
Против гласаа само пет односно шест пратеници, повеќето од опозицискиот СДСМ.
Автентичните толкувања се однесуваат на два члена од Законот за надворешни работи, кои пред да бидат изгласани на денешната пленарна седница, на 2 декември беа усвоени на Законодавно-правната комисија.
Радио Слободна Европа пишуваше дека актуелната власт планира да врати амбасадори кои беа испратени од минатата влада предводена од СДСМ и ДУИ без да ги бранат тезите пред пратениците во Комисијата за надворешни работи. Неофицијално, во прашање се десетина амбасадори.
Едно од автентичните толкувања кое го донесе парламентарното мнозинство е дека „сослушувањето“ во Собранието е задолжително, а не протоколарно како што сметаше минатата власт.
„Одредбата од ставот 3 на членот 39 треба да се толкува така што презентирањето на своите согледувања на кандидатот за амбасадор, за односите со државата на приемот или меѓународната организација, пред надлежното работно тело на Собранието, за надворешна политика е законска обврска, без којашто не може да биде потпишан указ за поставување на амбасадор од страна на претседателот“, гласи едното автентично толкување.
Другото, пак, се однесува на членот 45 од Законот за надворешни работи односно на постапката за отповикување амбасадори. Според него, таква иницијатива може да покрене и Владата, на барање на министерот за надворешни работи.
Иницијатор на овие автентични толкувања беше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој претходно за РСЕ рече дека ако бидат усвоени, како што и се случи денеска, тие како пратеници би барале од МНР да се отповикаат амбасадорите што не биле „сослушани“.
Ваквите автентични толкувања од СДСМ беа протолкувани дека власта сака на „мала врата да создаде услов за разрешување амбасадори“.
„Ставот 3 во член 45 е многу јасен, дека претседателот ќе го отповика амбасадорот ако се исполни еден од трите услови, а иницијатива за отповикување може да покрене и Владата. Сега, со ова (автентично толкување), ние велиме, не мора да се исполни ниту еден од условите, а Владата или министрите може да предложат промена на кој било амбасадор. Навлегуваме во рушење на тој поредок и создаваме правна несигурност“, рече пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на собраниската седница на 24 декември.
Бранењето на тезите од страна на амбасадорите пред пратениците претходната власт на СДСМ и ДУИ го прескокнуваше во неколку наврати во ситуации кога се соочуваше со блокада поради незакажување на седници на собраниската Комисија за надворешни работи од страна ВМРО-ДПМНЕ која како опозиција раководеше со ова тело. Претставниците на СДСМ и ДУИ беа на став дека „сослушувањето“ во парламентот не е задолжителен дел од процедурата.
Меѓу ваквите примери, беше случајот со амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска. За неа, како што сведочат и медиумските архиви, пет-шест месеци се чекаше да се закаже седница на Комисијата за надворешна политика од страна на тогашниот претседател на ова тело Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во истиот период во септември 2022, без бранење на тезите во парламентот, за амбасадор во Белгија замина и дипломатот од кариера Методија Белевски.
Од кабинетот на тогашниот претседател Стево Пендаровски, кој ги потпиша указите, тврдеа дека нема прескокнување на законската процедура односно дека законската обврска на амбасадорите била завршена со претставувањето на тезите пред Колегиумот на Министерството за надворешни работи.
И поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи во изјавите пред новинарите тврдеше дека тоа не е законска обврска туку повеќе да се покаже добра волја за инклузивност и вклучување на парламентот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете