Вести
Српската листа ќе учествува на косовските избори во февруари
Српската листа најави дека ќе учествува на косовските избори на 9 февруари следната година.
Ваквата одлука следи еден ден откако, како што се наведува, претседателот на Собранието на Косово „ги спречи пратениците на Српската листа да учествуваат во работата на Собранието. Тие тоа го нарекоа „срамен инцидент и кршење на законот, човековите и политичките права на Србите, загарантирани со меѓународните прописи“.
Членовите на Српската листа, која од ноември 2022 година ги бојкотира седниците на Собранието на Косово, еднаш на шест месеци се појавуваат во Собранието за да го задржат мандатот и да обезбедат продолжување на нивните плати.
Во четвртокот, на 5 декември, пратениците од владејачката партија Движење Самоопределување, како и претседателот на Собранието Глаук Коњуфца, ги спречија да влезат во Собранието, обвинувајќи ги за злоупотреба на народните пари.
Меѓународните претставници на Косово биле повикани од страна на Српската листа затоа што „молчат за тоа“, а како што велат од таа партија, на сите состаноци им било „барано да учествуваат на изборите и во работата на институциите“.
„Тие молчат кога претседателот на Собранието ги исфрла од парламентот демократски избраните претставници на српскиот народ, покажувајќи на тој начин највисоко ниво на лицемерие и недоследност“, се вели во соопштението на Српска листа објавено на Фејсбук.
Оваа водечка српска партија на Косово тврди дека тие „никогаш не биле посилни“ и дека како такви на изборите „ќе ги освојат сите десет мандати наменети за српскиот народ и ќе го зачуваат единството и хармонијата на српскиот народ на овие простори“.
До објавувањето во петокот, не беше сосема јасно дали Српската листа - која ја ужива поддршката на официјален Белград - ќе учествува на изборите, иако нејзиниот лидер Златан Елек го најави своето учество минатиот месец.
Во сегашниот состав на косовското Собрание, девет од десет загарантирани места за српската заедница припаѓаат на Српската листа.
Нејзините пратеници не учествуваат на седниците, поради „стратешка акција“ - како што го опишаа бојкотот на косовските институции - туку се појавуваат еднаш на секои шест месеци, за да не ги загубат мандатите.
Пратениците на Српската листа се до инцидентот во четвртокот беа регистрирани без проблеми во Собранието.
Демократскиот институт на Косово во четвртокот оцени дека претседателот Коњуфца и пратениците од парламентарното мнозинство незаконски ги спречиле членовите на Српската листа да учествуваат на собраниската седница.
„Иако Српската листа ја бојкотира работата на Собранието од 2022 година, а тие се појавија во Собранието само за да избегнат завршување на мандатот, попречувањето на нивното присуство на денешната седница претставува кршење на уставниот мандат на пратениците“, соопшти Институтот кој додава дека континуирано ја критикува Српската листа поради тоа што не учествува во работата на Собранието.
види ги сите денешни вести
Предметот за „Беса Транс“ вратен на повторно судење
Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда за случајот „Беса Транс“ и предметот е вратен на повторно судење.
Од Апелација за МИА, потврдуваат дека има одлука по предметот и дека веќе е вратен во првостепен суд.
„Одлуката е укината, жалбите на обвинетиот како физичко и правно лице се уважени. По жалбите и по службена должност пресудата е укината и предметот е вратен на повторно судење“, информираат од Апелација.
За случајот, кој се однесуваше на продолжено кривично дело „фалсификување на исправа“, Кривичниот суд во март годинава изрече една година и осум месеци казна затвор за сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, и парична казна од 800 000 денари, како и четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз на правното лице.
Автобусот на „Беса Транс“, на враќање од Истанбул се запали и изгоре на автопатот Струма во Бугарија на 23 ноември минатата година. Во несреќата загинаа 45 лица, а седуммина преживеаја.
Заклучокот од истрагата на бугарското обвинителство е дека единствена причина за несреќата е човечка грешка на возачот. Бугарскиот тим истражители, исто така, ја отфрли верзијата дека ознаката на патот можеби е причина за трагичната несреќа.
„Репортери без граници“: Годинава убиени 54 новинари, најмногу во Газа
Најмалку 54 новинари се убиени годинава ширум светот, од кои речиси една третина во Појасот Газа, јавува организацијата за човекови права „Репортери без граници“ во својот годишен извештај.
Засега бројот на убиени новинари останува на исто ниво како лани, покажуваат податоците од крајот на ноември собрани од организацијата.
Сепак, таа рече и дека секоја година дознава за повеќе смртни случаи кои се додаваат во статистиката, па веројатно е дека бројот на убиени новинари ќе се зголеми.
Во извештајот се вели дека покривањето на воените конфликти е особено ризично, при што 31 од 54 новинари биле убиени во конфликтните зони, најмногу во последните пет години. Најопасна област е Газа, каде Израел војува со Хамас и други палестински групи.
Гледајќи ги податоците од почетокот на војната, кога Хамас и други групи го нападнаа Израел, повеќе од 145 новинари загинаа во Појасот Газа до крајот на ноември, се вели во документот. Најмалку 35 од нив загинале на должност.
Во Израел од почетокот на војната се убиени двајца новинари, а во Либан петмина. Репортери без граници побараа од Меѓународниот кривичен суд да ги истражи убиствата на медиумските работници како можни воени злосторства.
Урош Блажиќ осуден на 20 години затвор за масовните убиства во две српски села
Урош Блажиќ, кој на 4 мај 2023 година уби девет и рани 12 лица во селата Мало Орашје и Дубона во Србија, е осуден пред Специјалниот суд во Белград, јавија српските медиуми.
Судењето заврши во експресниот рок за српското правосудство и по неполни четири месеци колку што траеше процесот.
„Виновни се обвинетите Урош Блажиќ и обвинетата Радиша Блажиќ“, рече претседавачкиот судија Лидија Јовановски и посочи дека судскиот совет ја донел одлуката едногласно.
Со оглед на тоа дека во моментот на делото немал 21 година, законот го оквалификува како малолетник, па за убиството на деветмина може да добие најмногу 20 години затвор.
Дури во последните зборови Урош Блажиќ јавно го изрази своето каење за злосторството што го направил за првпат и дури изјави дека му е жал што „нема смртна казна затоа што ќе му одговара“, јавија белградските медиуми.
Обвинителот побара казна затвор од 20 години за Урош Блажиќ и неговиот татко Радиша.
Граѓанските организации бараат стопирање на иницијативата за измена на Законот за јавни набавки
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара веднаш да се стопира иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, поднесен во Собранието по скратена постапка на 5 декември 2024 година, од група пратеници.
Од Платформата велат дека предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки претставуваат сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета.
„Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните „црвени знаменца“ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции“, велат во реакцијата од Платформата на граѓански организации.
Оттаму додаваат дека, дополнително, иако еднаш веќе беше повлечен предлогот, повторно се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации.
„Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите. Особено загрижува моментот кога се предлагаат овие и низа други измени во Законот, односно при историски највисок буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари, со што ваквите измени се чекор назад во градење на систем кој може да ја спречува и ефективно да ја санкционира корупцијата“, се наведува меѓудруготот во реакцијата на граѓанските организации.
Оттаму додаваат дека практиката на донесување законски измени во скратена постапка, без консултативен процес, особено за решенија кои може да влијаат негативно врз борбата против корупцијата, е неприфатлива и спротивна на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики.
ОБСЕ најави дека ќе започне со подготовка на Украина за прием во ЕУ и НАТО
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ќе започне со подготовка на Украина за прием во ЕУ и НАТО, изјави специјалниот претставник на ОБСЕ за Украина, Петр Мареш.
Петр Мареш во разговор за рускиот весник „Известија“ отворено изјави дека неговата мисија ќе биде да ја подготви Украина за влез во ЕУ и НАТО.
„Имаме 24 проекти во Украина. Сите тие се барани од украинската страна. Моја задача ќе биде да ги координирам тие проекти и да подготвам уште еден нов. Разговарав со министерката за надворешни работи на Финска, таа нагласи дека морам да бидам во најблизок контакт со украинските власти. Нема да им испратам Ф-16 и Абрамс, ниту ракети, но ќе ги подготвам за идното партнерство и членството на Украина во ЕУ и НАТО - тоа се мои задачи“, рече тој.
Одлуката за именување на специјален претставник за Украина од група земји членки на ОБСЕ беше донесена на последниот состанок на министрите за надворешни работи на организацијата во Малта, што се одржа на 5 и 6 декември.
Чешкиот дипломат Петр Мареш беше избран за таа функција на работната вечера на која беа поканети партнерите на Киев - претставници на 55 од 57 земји на ОБСЕ. Отсутни беа делегатите од Русија и Белорусија.
„Министрите за надворешни работи на земјите од НАТО на состанокот во Брисел, што се одржа од 3 до 4 декември, едногласно не се изјаснија за покана на Украина за членство во Алијансата, бидејќи тоа би значело конфликт меѓу НАТО и Русија“, изјави тогаш унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Европската унија официјално ги отвори преговорите за членство со Украина на 25 јуни, давајќи и на земјата политички поттик среде руската инвазија. Сепак, земјата се соочува со долг пат на реформи пред официјално да се приклучи на Унијата.
Од први јануари Бугарија и Романија целосно влегуваат во Шенген
Советот на ЕУ денеска (12 декември) одлучи проверките на копнените шенгенски граници на Бугарија и Романија да бидат укинати од 1 јануари следната година. Ова го соопшти унгарското претседателство со Советот на ЕУ.
„Ова е голема победа за Бугарија, Романија и цела Европа“, објави унгарското претседателство со ЕУ.
Овој потег доаѓа откако австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер претходно оваа недела објави дека Виена конечно се откажува од своето противење на двете земји да се приклучат на зоната од 29 членки, која опфаќа повеќе од 450 милиони луѓе и опфаќа 4,6 милиони квадратни километри.
Претходно оваа година, проверките на воздушните и поморските шенгенски граници на двете земји беа укинати со одлука донесена за време на шпанското претседателство со Советот на ЕУ на 30 декември лани.
Целосното приклучување на Романија и Бугарија во Шенген доаѓа откако Хрватска стана најновата членка во јануари 2023 година.
Се очекува граничните контроли да бидат укинати од 1 јануари, но случајните проверки треба да се вршат до 1 јули, според одлуката донесена од амбасадорите на ЕУ на 27 ноември, која треба да ја потврдат министрите за правда и за внатрешни работи на 12 декември.
На изборите во Косово се пријавиле 28 партии, меѓу кои и Српска листа
Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) соопшти дека 28 политички субјекти поднеле барање за учество на парламентарните избори на 9 февруари, а меѓу нив е и водечката српска политичка партија Српска листа.
Српска листа претходно најави дека ќе учествува на косовските избори. Инаку, пратениците на Српската листа, која од ноември 2022 година ги бојкотира седниците на Собранието на Косово, еднаш на шест месеци се појавуваат во Собранието за да го задржат мандатот и да обезбедат продолжување на нивните плати.
Според соопштението на ЦИК, меѓу 28-те политички субјекти пријавени за учество на изборите до официјалниот рок се 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат.
Меѓу политичките субјекти се и партиите од албанската, српската и другите помали заедници во Косово.
ЦИК мора да ги потврди списоците најдоцна до 25 декември.
Изборите на 9 февруари ќе бидат првите редовни парламентарни избори што ќе се одржат во Косово од неговото прогласување независност во 2008 година.
Опозициските партии долго време бараа предвремени избори, но на почетокот на годинава не успеаја да постигнат договор за тоа како да се одржат изборите.
На крајот на мај пропадна иницијативата на најголемата опозициска партија Демократската партија на Косово за распуштање на Собранието и одржување избори.
На оваа можност се спротивставија уште две опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово, кои побараа владата предводена од Албин Курти да поднесе оставка или да биде сменета.
Сепак, на овие две барања се спротивстави движењето Самоопределување на Курти.
Полицијата повторно се обидела да ја претресе канцеларијата на јужнокорејскиот претседател
Полицијата утрината (12 декември) се обиде повторно да ја претресе канцеларијата на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол, како дел од кривичната истрага против него за воведување вонредна состојба минатата недела, еден ден откако беше спречен претходниот обид за претрес, соопштија официјални лица.
Националната истражна агенција (НОИ), што го води случајот, испратила истражители да прибават документи и материјали поврзани со воведувањето на воена состојба на 3 декември, јавија јужнокорејски медиуми.
Полицијата вчера се обиде да ги пребара клучните канцеларии, вклучително и салата за состаноци на кабинетот, Претседателската служба за безбедност и бункерските простории во штабот на армијата.
Првата потрага беше завршена за неколку часа, со полициско обезбедување, а беше изнесена ограничена документација бидејќи безбедносните служби одбија да соработуваат.
Второто парламентарно гласање за импичментот на Јун се очекува в сабота, една недела откако првото гласање не успеа бидејќи повеќето пратеници од владејачката партија го бојкотираа гласањето.
Против Јун беше покрената кривична истрага за бунт затоа што на 3 декември воведе воена состојба, која беше укината неколку часа подоцна, откако првпат беше отфрлена во Парламентот.
Генералното собрание на ОН усвои резолуции за прекин на огнот во Газа и поддршка за УНРВА
Генералното собрание на Обединетите Нации со големо мнозинство одобри две резолуции со кои се бара итен прекин на огнот во Појасот Газа и поддршка на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), која Израел ја забрани.
Од 193 земји, 158 гласаа за резолуцијата за прекин на огнот во Газа, а 13 беа воздржани, додека 159 земји гласаа за поддршка на УНРВА со 11 воздржани.
Гласањето беше одржано по дводневна дебата, за време на која претставниците на земјите-членки на ОН главно повикаа на прекин на 14-месечната војна меѓу Израел и милитантната група Хамас и бараа пристап до целата територија на Појасот Газа со цел за да се спречи хуманитарна катастрофа.
ЕУ одлучува за укинување на контролите на копнените граници на Бугарија и Романија кон Шенген
Укинувањето на контролите на внатрешните копнени граници на Романија и Бугарија со останатите земји од Шенген зоната ќе биде една од главните теми на денешното (12 декември) заседание на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ.
Покрај ова, министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ на заседанието на Советот ќе расправаат и за состојбата во Шенген зоната, со фокус на зајакнување на севкупната безбедност преку дигитализација, како и за потенцијалниот датум за почеток на примената на системот за влез/излез во Унијата (ЕЕС).
ЕЕС е автоматизиран ИТ систем за регистрирање на државјаните на земји кои не се членки на ЕУ при нивното патување на краток престој во Унијата. Согласно овој систем, граничните службеници ќе земаат отпечатоците од прстите или ќе ги фотографираат лицата при нивниот прв премин на границата на ЕУ и овие податоци ќе биде зачувани во дигитална датотека.
На седницата на Советот за правда и внатрешни работи на 10 октомври, Еврокомисијата најави дека планира фазен начин на воведување на ЕЕС.
Министрите ќе ја разгледаат и предложената регулатива за спречување и борба против сексуалната злоупотреба на деца, а ќе разменат мислења и за состојбата со борбата против трговијата со дрога и организираниот криминал.
Со предложениот закон на ЕУ за спречување и борба против сексуалната злоупотреба на деца се предвидува интернет компаниите да бидат обврзани да ги алармираат властите за секоја форма на онлајн сексуална злоупотреба на деца на нивните платформи. Планирано е и формирање на центар кој ќе им помага на властите во акциите по извештаите за сексуална злоупотреба на деца и кој ќе собира и споделува експертизи и најдобри практики за превенција и поддршка на жртвите.
Предвидено е еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Маркус Брунер пред министрите да поднесе извештај за состојбата со имплементацијата на Пактот за миграција и азил на ЕУ, по што за време на работниот ручек ќе се разговара за надворешната димензија на миграцијата и начините за зголемување на ефикасноста на политиката на ЕУ за враќање на мигрантите. Целосната имплементација на Пактот за миграција и азил, што беше усвоен во мај годинава, треба да започне од јуни 2026 година.
Утре (13 ноември), Советот ќе ја продолжи работата на ниво на министри за правда, кои се очекува да усогласат заеднички пристап на земјите членки кон Директивата за минимални правила за спречување на криумчарењето мигранти и за измените на Директивата за борба против сексуалната злоупотреба и сексуална експлоатација на деца.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете