Достапни линкови

Од прослави за знамето до тензии и обвинувања за дестабилизација


Знаме на Република Северна Македонија
Знаме на Република Северна Македонија

Прославите за албанското знаме низ Северна Македонија предизвикаа инциденти и сквернавење на македонското знаме, што доведе до политички тензии и апсења. Премиерот и шефот на полицијата инцидентите ги оценија како дел од сценаријата за дестабилизација. Политичките партии, излегоа со осуда, но и со обвинувања. Владејачките ја обвинуваат опозицијата за подгревање тензии, а опозицијата за несоодветен одговор на полицијата.

Свирежи од возила кои се движат во колони, веење на албанското знаме, музика, блокирање раскрсници, скандирања, звуци на рафали од огнено оружје…

Ваква беше сликата во делови од Скопје вечерта на 28 ноември, кога граѓани на Северна Македонија го одбележуваа Денот на албанското знаме. Прослави имаше и во други градови каде живеат поголем број граѓани од албанска националност.

На одбележувањето на денот на албанското, имаше сквернавење на македонското знаме што предизвика стравувања за подгревање на меѓуетничките тензии во државата.

Во бројните видеа кои се споделуваат на социјалните мрежи, може да се забележи како лица го симнуваат државното знаме, го кинат и шутираат со нозе. Инцидентот за кој се тврди дека се случил во Скопје, во близина на Бит пазар, предизвика лавина реакции од граѓани, како и осуда од сите политички актери, а доведе и до апсење на, засега, најмалку осум лица.

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски синоќешните настани ги посочија како обиди за дестабилизација, нешто за што, велат, предупредувале досега.

Сквернавењето на знамето премиерот го нарече „чин на агресија, додека Тошковски оцени дека ваквите настани биле насочени против достоинството на македонскиот граѓанин и ги оцени како „директен напад на македонската држава“.

Власта очекува нови инциденти, ја информирала и меѓународната заедница

Коментирајќи ги синоќешните настани, премиерот на новинарите им порача дека „ако мислите дека ова ќе биде изолиран случај, нема да биде“. Тој алудираше и на политичка заднина.

„Очекувајте дека ќе има и во иднина бидејќи како што правдата полека, но сигурно се доближува до криминалците така тие ќе стануваат понервозни и понетрпеливи и единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е токму вака со манипулирање и предизвикување на ваков тип инциденти“, рече Мицкоски.

Премиерот апелираше граѓаните да бидат трезвени и да не подлегнуваат на негативни чувства предизвикани од ваква „мала изолирана и манипулирана група“. За случувањата, како што тврди, тие ја предупредиле и меѓународната заедница.

„Уште утрово со министерот за надворешни работи ги информиравме за случувањата и доказите нашите стратешки партнери во земјата и надвор за тоа што се случуваше, со какви информации располагаме и што е она што очекуваме да се случува во периодот што следи“, рече Мицкоски.

Министерот Тошковски, пак, рече дополнително ќе се утврди кои се индициите за ваквите инциденти и зошто токму сега се случуваат. На прашањето дали има информации дали лицата биле инструирани од некого, тој одговори дека во овој момент „не сака да навлегува во детали“.

„Сакам да порачам до сите оние кои се на ум да предизвикаат какво било сценарио за дестабилизација, жестоко и сурово ќе одговориме на какви било обиди“, рече Тошковски.

Додека од една страна на адреса на МВР се упатуваат критики за ненавремена реакција, меѓу кои и од опозициската СДСМ, министерот е убеден дека полицијата одговорила „професионално и соодветно“.

Млади луѓе учесници во инцидентите и палењето на знамето

Засега, како што соопшти министерот Тошковски, уапсени се осум лица од кои четири МВР ги гони за кривично дело предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. За ова дело предвидена е казна од најмалку една година затвор. Осомничените се млади лица на возраст од 18 до 21 година, а има и еден малолетник.

„Еден од овие луѓе е фатен како се обидува да запали знаме, друг како го симнува знамето“, рече Тошковски додавајќи дека во расчистување на овој инцидент им помогнале токму снимките од социјалните мрежи.

Обвинителството од Кривичниот суд побара притвор за полнолетните лица, откако поведе постапка против нив за кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, додека за малолетникот ќе се води редовна постапка според Законот за правда за децата.

Останатите четворица, пак, кои биле приведени во текот на изминатата ноќ, според информациите од полицијата, се за учество во тепачка. Тошковски најави дека ќе има и други апсења и повика граѓаните да помогнат со доставување видеа, фотографии, изјави итн.

Тошковски најави нови приведувања и идентификување на други лица кои биле инволвирани во инцидентите. Како што рече, соработуваат со јавното обвинителството, а оние што досега се приведени ќе добијат кривични пријави и ќе бидат изведени пред судија.

СДСМ: Каде беа Мицкоски и Тошковски?

Речиси сите политичките партии, и помали и поголеми, го осудија сквернавењето на државното знаме на Северна Македонија. Во зависност дали се од власта или опозицијата, упатија и критики кон спротивната страна.

Најголемата опозициска партија, СДСМ, реагираше и за сквернавењето на знамето, но и за нарушувањето на јавниот ред и мир и употребата на огнено оружје за време на прославата. Според социјалдемократите, ваквите настани директно ги загрозуваат и меѓуетничките односи и достоинството на Македонците. Од партијата упатија и критики кон власта прашувајќи зошто полицијата немала „брза и одлучна интервенција“.

„Каде беа вчеравечер премиерот Христијан Мицкоски и министерот Панче Тошковски, да се обратат со државнички пораки за смирување на состојбите? Наместо тоа, нивната тишина само ги продлабочи тензиите и создаде чувство дека институциите се парализирани. Наместо лидерство и одговорност, сведочиме на отсуство на реакција од ВМРО-ДПМНЕ, која целосно ја занемари својата должност кон граѓаните“, велат од СДСМ.

Реакции и осуди испратија и други опозициски партии, како ЛДП и Левица.

ВМРО-ДПМНЕ и Вреди прстот го вперија кон ДУИ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагирајќи на „навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи“ изрази сомнежи дека сето ова има и политичка заднина зошто некој преку „етнички теми и подели сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда“.

Алудирајќи на ДУИ, која по 20-тина години на власт сега е во опозиција, со реакции и осуда се јавија и од коалицијата Вреди (ВЛЕН), албанскиот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

„По досега невидената прослава на 28 ноември, додека албанската песна и оро одекнуваа низ целата земја, очигледно оваа празнична атмосфера не им одговараше на оние на кои им се наруши комфорот на фотелјите на власта. На крајот на денот се појавија овие кругови кои сакаат да ја дестабилизираат државата. Не затоа што ја сакаат државата, туку затоа што им недостига власта“, велат од Влен.

Од коалицијата повикаа на разумност и меѓусебно почитување додавајќи дека чувствуваат одговорност и апелираат до сите граѓани „да покажат разумност и решителност да не станат плен на злонамерни провокации“.

Реагираше и Максим Димитриевски, претседателот ЗНАМ – коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди.

Вандализам за време на прославите за Денот на албанското знаме, како што тврди тој, имало и во Куманово каде што тој е градоначалник.

„За жал, тоа што го видовме на многу места по државата, па и во мое Куманово особено вандалското однесување на поединци и групи, непочитување на Законот за употреба на знамиња од страна на институции и органи и уништување и сквернавење на нашето државно и Македонско знаме е за секаква осуда“, истакна Димитриевски.

За ДУИ полицијата го испровоцирала сквернавењето на македонското знаме

Осуда испрати и ДУИ, но оттаму обвинија дека инцидентот го испровоцирала полицијата со интервенција за време на прославата, за која интегративците велат дека била „без преседан“.

„Оваа интервенција, наместо да го зачува јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција. Истовремено, го осудуваме индивидуалниот чин на палење на државното знаме како реакција на несоодветната интервенција на полицијата. Таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците ниту пак стремежите за стабилен соживот и заемна почит“, велат од ДУИ.

Тие ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ и други „одредени политички сили“ дека се обидуваат да ги злоупотребат инцидентите за да изградат лажна нарација која го криминализира секој став на Албанците“.

Владејачката партија, пак, им возврати на интегративците дека се „лицемери“ бидејќи од една страна „организираат црни сценарија со СДСМ за етнички конфликт“, а од друга глумат загрижени и подбуцнуваат групи да дивеат и внесуваат раздор.

Чести инциденти и тензии со знамињата

Случувањата низ Скопје во текот на изминатата ноќ, не е нешто непознато за македонските граѓани. Инцидентите со знамиња имало често изминатите години.

Во јули 2024 година, албански државјанин со неколку други лица го симнаа и го фрлија македонското државно знаме од врвот Голем Кораб на планината Кораб. Од МВР тогаш наведоа дека станува збор за странски државјанин и дека го расчистуваат случајот. Извесен Изет Шулку од албанскиот град Пешкопеја си го објави видеото на неговиот профил на Фејсбук како го вади македонското знаме и потоа напиша дека Кораб а припаѓал на Албанија па затоа тука не припаѓало македонското знаме.

Претходно оваа година, на Денот на македонското знаме – 15 мај, во натписот на името на градот Гостивар, на буквата О која е во форма на срце, симболично беше ставено македонското знаме, но потоа беше осквернавено со графити со навредлива содржина.

Реакции во јавноста, предизвика и настан од ноември 2023, кога 33-годишен маж од Мала Речица, во дворот на црквата „Св. Наум Охридски“ на Попова Шапка го симнал и го сквернавел знамето на МПЦ-ОА и потоа поставил албанско знаме. За овој случај МВР потоа наведе дека лицето било приведено во Тетово.

Полициските билтени изминатите години ги полнеа и случаи, како на пример кога во март 2021, 16-годишник беше повикан на разговор затоа што на ТикТок објавил видео како уринира врз македонското знаме.

Во 2012 година, Основниот суд во Струга го осуди Минир Исмаили од селото Шум на 5 месеци затвор за палење на македонското знаме. Судот наведе дека предизвикал расна и етничка нетрпеливост.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG