Епилогот од вчерашниот протест е три повредени полицајци и петмина приведени. Политичарите во јавноста упатија апели за смирување на страстите и осуди за насилството. Но, во меѓувреме, разменија и обвинувања и барања за оставки од министри поради вчерашните инциденти на протестите кога едно лице испука неколку куршуми во воздух и со пиштол посочуваше кон демонстрантите. Опозицијата побара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, додека тој тврди дека полицијата вчера си ја заврши професионално работата .
Демонстрантите вчера петти ден по ред излегоа на протест против францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за почеток на пристапни преговори со ЕУ.
Дебата во јавноста меѓу политичарите денеска се одвива по прашањето зошто на полицијата и беа потребни 10 минути да пристигне на плоштадот Скендер Бег каде што група луѓе со шишиња и камења фрлаа кон демонстрантите кои скандираа со навредливи национслистички пароли по што изби судир меѓу двете групи. Според видеото кое утрово осамна на социјалните мрежи во горниот дел на плоштадот полицијата во моментот на инцидентот кога едно лице извади пиштол и почна да пука е малубројна и не реагира веднаш, туку по неколку минути.
„ А бе има пиштол, што чекате, видете го ќе пука “, се слушаат довикувања во позадина на видеото.
Потоа се гледа како полицајци се стрчуваат кон пиштолџијата. Околу десетина минути им беа потребни на специјалците да влезат во чаршијата во потрага по групата луѓе што го иницираа инцидентот. МВР соопшти дека само при оваа акција се повредени двајца полицајци и дека против приведениот ќе биде поднесена пријава.
Министерот Оливер Спасовски денеска изјави дека полицијата навремено реагирала и спречила поголем инцидент. Тој ова тврдење при денешната посета на затворот Идризово пред медиумите го поткрепи со фотографија на која се гледа реакција на полициски службеник кон лицето со пиштол.
„Еве само една слика ќе ви покажам, зар ова не е некој што интервенира на лице место? Не треба да дојде до ова секако, и за да не дојде до ова секој еден граѓанин треба да знае дека мирни протести мора да бидат. На никого не му е дозволено да вади огнено оружје, немојте да оправдувате вадење на огнено оружје, можеше да дојде до поголеми последици“, изјави Спасовски.
Спасовски: Полицијата го спречи инцидентот кај „Скендербег“
Но, од друга страна пак, поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев од ВМРО- ДПМНЕ бара оставка од Спасовски и неговиот колега Бујар Османи, затоа што, како што вели, дозволиле да се случи сериозен безбедносен инцидент. Тој обвинува дека е направен сериозен пропуст во безбедносната проценка.
„Речиси секогаш во досегашните оперативни планови секторот Мавровка односно плоштадот Скендербег е идентификуван како критична безбедносна точка. За време на вчерашниот инцидент, од причини познати на министерот, на оваа локација, каде е неопходно дури и висинско обезбедување, видливи беа само тројца позорникари. Ова значи дека целосно е потфрлено во физичкото обезбедување со не предвидување на доволен број на полициски сили и соодветни материјално-технички средства“, вели Чулев.
Дел од аналитичарите за безбедност велат дека фокусот не треба да биде насочен кон полицијата, затоа што, инцидентите вчера беа повеќе политика отколку сериозни безбедносни прашања. Но, објаснуваат дека според видеата кои ги виделе од протестот полицијата делувала според безбедносните проценки кои се направени во моментот на делување, затоа што не можело да се предвиди кој кога и каде ќе носи огнено оружје.
Професорот Ќебир Авзиy, декан на Правниот факултет на Тетовскиот универзитет вели дека во иднина полицијата треба да ја смени тактиката за во целост да спречи насилно однесување.
„Тоа значи дека тие мора од сега па натаму превентивно да постапуваат за да не се дозволи на овие групи и организации насилство и напад врз виталните објекти на државата, затоа што ако се толирираат такво однесување ќе земат посилен замав и енергија“, изјави тој.
Претседателот Стево Пендаровски упати апел до сите организатори на протестите, кои овие денови се одвиваат да преземат одговорност и нивното демократско право да протестираат да продолжат да го практикуваат достоинствено и без насилство.
За време на вчерашните протести пред Собрание во неколку наврати демонстранти имаа обиди за насилно однесување. Најпрво демонстрантите запалија голем транспарент на кои беа поставени фотографии на пратеници од владејачкото мнозинство обележувајќи ги како “предавници“.
Потоа, помали групи сфрлаа јајца, камења, лименки од пиво и пластични шишиња кон полицијата пред Собранието, а беше фрлена и една димна бомба кон влезот на Парламентот. Неколкумина сакаа да ја превртат оградата, но во тоа ги спречија редари.
Поради ваквите обиди дел од демонстрантите се обидуваа да ги спречат луѓето со фантомки за предизвикаат насилство при што настана и вербална и помалку физичка пресметка меѓу нив. И во првиот и во вториот инцидент партиските редари се обидуваа да ги смират и повлечат настрана гневните демонстранти кои сакаа да предизвикаат насилство.
За вечерва се најавени нови протести во 19 часот, овој пат со измената рута, наместо како досега од Влада кон МНР да се маршира преку мостот „Гоце Делчев“, демонстрантите од Влада ќе се упатат кон Министерството за правда по што ќе заминат кон Собранието.