Поранешната македонска министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе стане нов заменик - генерален секретар на НАТО, објави воената Алијанса на 19 ноември.
Со ова назначување таа стана највисокиот функционер во Алијансата досега што доаѓа од регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската унија.
Пополнувањето на заменичката позиција беше приоритет за генералниот секретар Марк Руте, кој ја презеде оваа функција на 1 октомври, по 14 години како холандски премиер.
Неколку функционери на НАТО, кои зборуваа под услов да останат анонимни, за РСЕ изјавија дека постои силна желба заменикот на генералниот секретар да доаѓа од Централна и Источна Европа и дека е подобро да биде жена.
Претходно Руте изјави дека приоритет на Алијансата ќе остане да се обезбеди одбрана на земјите-членки.
,,Една работа нема да се промени, а тоа е основната мисија на НАТО – да обезбедиме одбрана на нашите луѓе, на нашите земји и на нашата иднина“, потенцира Руте.
Шекеринска, која беше министерка за одбрана на Северна Македонија од 2017-2022 година, одигра клучна улога во процесот на пристапување на земјава во НАТО во 2020 година.
Таа ќе го замени вршителот на должноста заменик-генерален секретар на НАТО Борис Руге, кој привремено ја презеде функцијата претходно оваа есен, откако тогашниот заменик генерален секретар Мирчеа Џоана објави дека ќе се кандидира за претседател на Романија.
Шекеринска по објавата за нејзиното назначување, на социјалната платформа Х напиша дека ќе и биде привилегија да служи како заменик генерален секретар на НАТО под раководството на Руте.
„Посветена сум на работата со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, напиша таа.
Меѓу другите кандидати беа поранешната бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел, поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ и Оливера Ињац, која беше министерка за одбрана на Црна Гора од 2020-2022 година.
Министерството за одбрана беше нејзината последна функција во владата предводена од левичарската СДСМ.
Шекеринска моментално е потпретседател на Партијата на европските социјалисти. Таа по речиси две децении на политички функции се повлече од македонската политичка сцена, во декември 2021 година, откако СДСМ тогаш ги изгуби локалните избори.
Додека се шпекулираше со имињата на идниот заменик-генерален секретар, вишата политичка соработничка во тинк-тенк Европскиот совет за надворешни односи, Мајда Руге, ја пофали како идеален кандидат.
„За следниот заменик-генерален секретар, на НАТО ќе му треба висока личност која е високо компетентна, храбра е, паметно размислува за Русија и исто така ги разбира предизвиците во Западен Балкан. Радмила Шекеринска совршено се вклопува во тој профил“, изјави Руге, експертка за балканскиот регион за бриселскиот „Политико“.
Улогата на заменик-генерален секретар доби на важност во текот на изминатава деценија. Примарната задача е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-ца амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.
Клучна улога на патот на Северна Македонија кон НАТО
Северна Македонија стана 30-тата членка на НАТО пред четири години, а Шекеринска одигра клучна улога во нејзиното членство. На 27 март 2020 година, кога официјално се ратификуваше пристапувањето на земјава кон Алијансата, Шекеринска беше министерка за одбрана.
Овој чекор следуваше по Преспанскиот договор кој Скопје и Атина го потпишаа на 17 јуни 2018 година со македонските социјалдемократи и грчките левичари го решија тридеценискиот спор околу името, при што државата се преименува во Северна Македонија.
Додека раководеше со Министерството за одбрана, се зголеми буџетот за одбраната и со измени во законот се подобрија стандардите на Армијата.
Политичката кариера на Радмила Шекеринска
Радмила Шекеринска влегува во политиката уште за време на студиите и е активна во Социјалдемократската партија, една од двете најголеми партии во државата, каде што има високи функции, а во еден преиод е избрана за лидер.
На 26 години за прв пат станува пратеничка во македонското Собрание и освојува уште три мандати. Во насилствата во Собранието на „крвавиот четврток“ на 27 април 2016, Шеќеринска беше и повредена.
Беше и на две министерски позиции, за одбрана и вицепремиер и министер за евроинтеграции.
Радмила Шекеринска беше првата жена која застана на чело на една од најголемите политички партии во земјава, Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) од 2006 до 2008 година .
Кусо ја водеше и македонската влада, како вршител на должност од 18 ноември до 17 декември 2004, откако тогашниот премиер Хари Костов поднесе оставка на функцијата.
Како нејзин најголем успех се сметаше подготвката на Северна Македонија за време на нејзиниот мандат како вицепремиер за евроинтеграции, да ја поднесе кандидатурата за членство во Европската Унија во 2005 година.
Како лидер на Социјалдемократите Радмила Шекеринска беше и кандидат за премиерка на вонредните парламентарни избори во 2008 година, но не успеа да го победи тогашниот актуелен премиер Никола Груевски.
„Биди јунак како што велиш дека си, немој да бегаш од женски фустан“, му порачуваше Шеќеринска во еден од највпечатливите изборни спотови во тогашната кампања предизвикувајќи го Груевски на дуел.
Тогаш таа и СДСМ ја предводеа „Коалицијата за Европа – СОНЦЕ“, но изгубија освојувајќи околу 233.000 гласови или повеќе од двојно помалку од коалицијата предвоена од Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
52- годишната Шекеринска е дипломиран електроинженер и и 4 години работела како професор на Електротехничкиот факултет во Скопје. Но сепак избира да се посвети на политичката кариера. Во меѓувреме магистрирала во престижната американска школа за дипломатија и право „Флечер“ во 2007-мата година.
Во моментов е член на претседателството на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) која ги обединува социјалдемократските, социјалистички и лабуристички партии во Европа.
Таа во 2009 и 2012 година беше Шеф на набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и парламентарни избори во Киргистан и во Ерменија.
Социјалдемократката е добитник и на наградата „ Глобални водачи на утрешнината “ на Светскиот економски форум. Наградата беше доделена за нејзиниот ангажман и посветеност на полето на европските интеграции на Западниот Балкан.
Ставот за руската инвазија врз Украина
Во едно интервју по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, таа го отфрли тврдењето на Русија дека проширувањето на НАТО кон исток е „злобен план на Западот“.
„Напротив, првично големите членки на НАТО немаа посебен апетит за проширување“, рече Шекеринска, наведува „Политико“.
Таа во интервју на 18 мај 2022 година, истакна дека тезата дека Русија ја нападна Украина, бидејќи НАТО ја „измамил“ со проширувањето на исток е неверојатно „плитка“ и неаргументирана.
„Ајде да бидеме директни: НАТО не се прошири кон Источна Европа како дел од некој „злокобен западњачки план“. Напротив, иницијално големите НАТО членки немале особен апетит за проширување. Главниот притисок доаѓал од „ново-слободните“ држави кои потенцирале дека суверенитетот, меѓу останатото, значи и слобода сам да ги избереш своите сојузници. Земајќи ја предвид историјата на тој дел од Европа, не знам кој би се зачудил на нивната одлука да бараат членство во најмоќниот воено-политички сојуз, кој би можел да ги заштити и од повторна руска агресија“, рече Шекеринска во интервјуто за „Вистиномер“.
Радмила Шеќеринска се очекува да ја преземе функцијата во НАТО во почетокот на декември и да присуствува веќе на следниот министерски состанок на Алијансата.