Достапни линкови

Владата промовира инвестициски бум, но, не кажува со колкава државна помош


Илустрација
Илустрација

Неколку фирми се во планот на Владата да добијат државна помош. Некои веќе се промовирани во јавност како битни инвестиции, но најчесто не се кажува дека ќе добијат државна помош и колкава ќе биде. Дел се со странски капитал кои веќе работат тука, дел се ново регистрирани.

Владата се договара со инвеститори, премиерот Христијан Мицкоски во изјавите се фали, но испушта да каже дека речиси сите доаѓаат со државна помош.

Но записниците од владините седници, откриваат дека споменатите инвестиции сепак ќе добијат помош од државата. Радио Слободна Европа при пребарувањето откри три информации за доделување на државна помош со кои е планирано Мицкоски да потпише договори.

Последната која ја претстави Премиерот е компанија која веќе работи во земјава.

„Имаме убава, добра вест. Имаме една нова инвестиција. Вредноста е некаде околу осум и пол милиони евра и очекувам и таа да вработи околу стотина луѓе. Веќе ја закупија парцелата во зоната Жабени, почнуваат да ја градат првата хала од 3.000 квадратни метри“, рече Мицкоски.

Ако се пребара на интернет пак оваа фабрика веќе работи од 2022 година во Битола. Кога влезе во земјава беше претставена како новооформена фабрика од страна на странски инвеститори во индустријата на спортови на ветер и нивни аксесоари.

Од фирмата не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа, за тоа за каква инвестиција станува збор и колкава ќе биде државната помош која ќе ја добие.

Премиерот во изјава за медиумите тврди дека компанијата ќе отвори производствени капацитети каде се очекува да се вработат околу 100 луѓе. Договорот за инвестицијата бил веќе завршен, фирмата купила земјиште во Жабени, а хала ќе се гради наскор, најави премиерот.

Инвестиција за која Мицкоски не зборува во јавност

На истата седница на која е презентирана информацијата за договор за државна помош за странската инвестиција на Бреjнчаjлд, е презентирана и уште една информација за договор за доделување на државна помош.

Се работи за фирмата „ДМ Бау Интернационал ДООЕЛ Скопје“. Во одговорот за РСЕ од владата велат дека инвестицискиот план е за од стартот на годинава која изминува односно за од јануари 2024 година, а намерата е да се произведуваат хибридни конструкции со комбинација на дрвени, бетонски и челични елементи за крајна примена во градежниот сектор.

„Инвестицијата ќе се реализира во Куманово, во објект од 20.000 м2 кој ќе се гради на земјиште со планирана површина од 40.000 м2. Овој производен објект ќе биде со капацитет за производство на 600 до 1000 модули годишно, а ќе обезбеди креирање на околу 370 работни места. Според деловниот план, предвидено е компанијата да инвестирa вкупен износ од најмалку седум милиони евра во денарска противвредност и да вработи до 370 луѓе во период од 5 години“, велат од владата.

Според податоците од генераторот на податоци за компаниите „Бизнисмрежа“ фирмата е регистрирана на крајот од минатата година, управител е Фисник Садики, а сопственик е швајцарска фирма „ДМ Бау АГ“.

Регистрирана е на иста адреса на која се наоѓаат уште неколку други фирми кои се со странски сопственици, но заедничко им е што се на адреса на ист адвокат Скендер Мехмети. Во телефонски разговор за РСЕ управителот Садики потврди дека се работи за инвестиција чиј план го верификувал токму овој адвокат.

Мехмети пак стана познат во јавноста откако во декември 2020 година тогашната влада го назначи за Претседател на надзорниот одбор на Државна лотарија. Веднаш по ова за член на Управниот одбор беше избран Перпарим Бајрами. Мандатот од четири години му го дава Надзорниот одбор каде претседател во тоа време е Мехмети.

РСЕ во повеќе истражувачки стории веќе пишуваше дека токму во времето на директорот Перпарим Бајрами, Државна Лотарија склучи неколку сомнителни договори, за кои сега се води предистрага во МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Мехмети не одговори на телефонските повици на РСЕ, „бидејќи бил на состанок“.

Државна помош по закон контролирана од комисија

На неколку од конкретните прашања кои РСЕ ги достави до Владата за тоа колкава ќе биде државната помош која ќе им се даде на инвеститорите, конкретен одговор нема.

Третата фирма за која е најавено дека премиерот треба да го потпише договорот е компанијата „ЕПСОТЕК МК ДООЕЛ Скопје“ која пак е дел од Групацијата ЕПСОТЕК со седиште во Јилих, Германија.

Во одговорите за неа владата потенцира дека се работи за фирма со 60 годишна историја во производтво на пластични елементи, дека има фабрики во шест земји, дека ќе гради нов објект во индустриската зона Петровец, Скопје.

Според деловниот план, предвидено е да инвестира околу 7 милиони евра и да вработи минимум 110 луѓе во период од 5 години. За моделот на државна помош се вели дека е според Законот за контрола на државна помош.

„Комисијата за заштита на конкуренцијата, на седницата одржана на 21.08.2024 година го донесе Решението за дозволено доделување на планираната помош согласно Предлог-договорот за доделување на државна помош на ЕПСОТЕК МК ДООЕЛ Скопје“, се вели во одговорот од Владата.

Слично е и одговорот за инвестицијата на „ДМ Бау“, каде е прецизирано дека исплатата ќе биде во форма на готовински грант во висина од 15,6% од износот на „оправдани инвестициски трошоци“, но не повеќе од еден милион евра годишно.

Условот за нови вработувања пак е дека годишно фирмата ќе добие четири илјади евра, по вработен, ако за нив исплаќа нето месечна плата што е најмалку 50% повисока од минималната предвидена со Законот за минимална плата.

Инаку, Законот за контрола на државната помош како клучен играч во одлуките за тоа дали ќе се добие одобрување ја става Комисијата за заштита на конкуренцијата. Неодамна оваа комисија доби сосема нови членови, откако Собранието со закон им го скрати мандатот на претходните.

Инаку прва Влада која воведе Економските промотори за привлекување странски инвестиции уште во 2008 година беше онаа на ВМРО ДПМНЕ на чело со поранешниот премиер Никола Груевски. Токму за време на неговото владеење во 2010 година е донесен и новиот закон за контрола на државната помош со кој се овозможува субвенционирање на фирмите. Слична политика водеше и подоцнежната влада на СДСМ која пак го донесе Законот за финансиска поддршка на инвестиции со кои на исто рамниште беа ставени домашните и странските инвеститори во однос на користењето на државната помош.

Дел од истражувачките стории на новинарите пак покажаа дека никогаш не се реализираа инвестициите во толкава мера во која беа најавувани, ниту пак точно се знае колку вложила а колку добила државата од овие инвестиции.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG