Достапни линкови

Вести

Украинската новинарка Викторија Рошчина почина во руско заробеништво

Украинската новинарка Викторија Рошчина (Илустративна фотографија)
Украинската новинарка Викторија Рошчина (Илустративна фотографија)

Украинската новинарка Викторија Рошчина, која исчезнала на териториите окупирани од Русија, е потврдено дека починала во руско заробеништво, објавија украинските власти на 10 октомври.

Веста ја потврди Петро Јаценко, претставник на украинскиот Координативен штаб за третман на воени затвореници, по внатрешна истрага за нејзиното исчезнување.

„Спроведовме внатрешна истрага и за жал, информациите за смртта на Викторија се потврдени“, рече Јаценко.

„Меѓутоа, околностите околу смртта на Рошчина остануваат нејасни и се уште се истражуваат“, додаде тој.

Рошчина, хонорарна новинарка која претходно соработувала со Радио Слободна Европа (РСЕ) и други истакнати украински медиуми, исчезна на почетокот на август 2023 година.

Таа отпатувала од Украина во Полска на 27 јули 2023 година пред да се упати кон териториите окупирани од Русија во источна Украина, според нејзиниот татко, Володимир Рошчин.

Нејзината последна позната комуникација со јавноста беше на 3 август 2023 година. Таа тогаш изјави дека поминала низ неколкудневни гранични контроли, но не кажа каде точно се наоѓа.

Јаценко откри дека се прават напори да се обезбеди ослободување на Рошчина од руското заробеништво, каде што била држена заедно со најмалку 25 други украински новинари. Овие новинари се или приведени или исчезнати во областите под контрола на Русија.

Андриј Јусов од Украинското воено разузнавање потврди дека Рошчина била избрана за размена на затвореници, а според најновите ажурирања таа била префрлена од Таганрог, руски град во близина на украинската граница, во притворниот центар Лефортово во Москва како подготовка за нејзиното ослободување.

Украинските власти сега се обидуваат да разберат што се случило при овој трансфер.

Случајот на Рошчина ги истакнува опасностите со кои се соочуваат новинарите кои известуваат во воените зони. Според Репортери без граници (РСФ), повеќе од 100 украински и странски новинари биле директно погодени од руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година.

Неколку украински новинари остануваат приведени или исчезнати на териториите окупирани од Русија во Украина.

Рошчина од самиот почеток ја покриваше целосната руска инвазија на Украина. Во март 2022 година, новинарката беше приведен од ФСБ во окупираниот Бердјанск. Таа беше ослободена 10 дена подоцна.

Викторија Рошчина соработуваше со порталот Украинска Правда, како и Меѓународната фондација за жени кои работат во медиумите (IWMF).

види ги сите денешни вести

Хрватска, Италија и Словенија го поддржаа договорот меѓу Фронтекс и БиХ

Релокација на мигранти во Бих близу хрватската граница (архивска фотографија)
Релокација на мигранти во Бих близу хрватската граница (архивска фотографија)

Министрите за внатрешни работи на Хрватска, Италија и Словенија го поддржаа потпишувањето на договорот за намалување на илегалната миграција меѓу Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) и Босна и Херцеговина на состанокот во Запрешиќ, Хрватска.

Преговорите за тој договор се завршени и треба да се потпише, изјави хрватскиот министер Давор Божиновиќ, пренесе Бета.

Божиновиќ додаде дека 500 членови на Фронтекс во БиХ значат многу повеќе од сите на хрватската граница. Тој рече дека Фронтекс во БиХ е важен бидејќи „мигрантите кои се движат од југот на Европа кон хрватските граници не наидуваат на сериозни пречки“. Оваа средба на тројцата министри беше петта од воведувањето на внатрешна контрола на поранешните гранични премини меѓу Хрватска, Италија и Словенија.

Словенечкиот министер Боштјан Поклукар рече дека „странците доаѓаат како туристи, а потоа се претвораат во странци кои илегално ги минуваат нашите граници, стануваат мигранти и одат во целните земји на Европската унија“.

Тој рече дека „Шенгенот во моментов не функционира“, бидејќи во некои земји е воведена контрола на внатрешните граници, како и во Германија, која ги затвори сите граници.

Од друга страна, италијанскиот министер Матео Пјантедоси оцени дека оваа привремена контрола на границите во Шенген зоната „на некој начин ги потиснала сите негативни случувања“.

„Тоа навистина покажува колку можеме да ја потиснеме (миграцијата) кога станува збор за „балканската рута“. Се разбира, ние не сакаме да ги држиме границите затворени“, рече Пјантедоси.

Тој додаде дека во борбата против шверцерите е клучна „размена на информации меѓу полицијата за да може да се следат сите активности“.

Бројот на откриени премини на „западнобалканската рута“ е намален за дури 72 отсто, а на „Медитеранската рута“, која лани забележа најголем број нелегални премини, намалувањето е за 61 отсто во однос на лани. Таа рута е сè уште најактивна оваа година со речиси 26.000 откриени премини, објави Фронтекс во јули оваа година.

Прв круг парламентарни избори во Литванија - социјалдемократите со најмногу гласови

Избори во Литванија
Избори во Литванија

Опозициската Социјалдемократска партија освои најмногу гласови во првиот круг од парламентарните избори во Литванија и најави преговори за формирање нова влада со левичарските партии. Со тоа, коалицијата на десниот центар, која управуваше со Литванија во изминатите четири години, ќе треба да замине во опозиција.

Литванците во вчерашниот прв круг од изборите избраа 70 од вкупно 141 пратеник во парламентот според пропорционалниот систем. Останатите пратеници ќе бидат избрани во вториот круг од изборите на 27 октомври, на кој во секоја од 71-та изборна единица учествуваат двајцата најдобро пласирани кандидати од првиот круг.

По пребројувањето на 100 отсто од гласовите во првиот круг од изборите, социјалдемократите имаат 18 од првите 70 мандати во парламентот, а владејачката конзервативна партија Татковина на премиерката Ингрид Шимонита има еден помалку.

Лидерката на социјалдемократите, Вилија Блинкевичиуте, денеска изјави дека ќе се обиде да формира коалиција со Демократскиот сојуз, партија на левиот центар која освои осум места во парламентот. Таа најави меѓусебна поддршка за кандидатите на двете партии во вториот изборен круг.

Таа, исто така, ќе се сретне со раководството на централно-левичарска Унија на фармерите и зелените, која освои шест мандати.

Аналитичарите велат дека промената кон лево нема значително да ја промени надворешната политика на Литванија.

Во парламентот влезе и Немуно Аушра, новорегистрираната партија на десничарскиот политичар Ремигиус Жемаитаитис, која освои 14 пратенички места и Либералната унија со седум пратеници.

Социјалдемократите ја отфрлија можноста за сојуз со партијата на Жемаитаитис, која минатата година беше исклучена од евроскептичната партија Слобода и правда поради антисемитски изјави.

Резултатите од првиот круг на изборите укажуваат на продолжување на трендот Литванците да и даваат повеќе гласови на опозицијата на секои четири години.

Владата на Ингрид Шимонита, која беше формирана во 2020 година, постигна економски успех, но беше критикувана за воведувањето строги мерки за време на пандемијата на коронавирусот и за приливот на мигранти. Многумина се пожалија дека владата не направила доволно за да им помогне на бизнисите за време на карантинот и дека илјадници луѓе немаат соодветен пристап до здравствените услуги.

Рускиот суд осуди француски истражувач на 3 години затвор

Лоран Винатиер во судница во Москва на 7 јуни 2024 година.
Лоран Винатиер во судница во Москва на 7 јуни 2024 година.

Московскиот суд на 14 октомври го осуди францускиот истражувач Лоран Винатиер на три години затвор под обвинение за кршење на законите за „странски агенти“, соопшти рускиот Истражен комитет.

Винатиер (48) беше уапсен во јуни, наводно, за шпионирање и за непријавување како странски агент.

Руските истражители тврдеа дека тој се изјаснил за виновен за незаконско добивање информации за руската војска. Обвинителите бараа три години и три месеци затвор за Винатиер.

Неговиот тим на одбрана побара од судот да го казни наместо да го осуди на затвор, нарекувајќи го барањето на обвинителот „премногу сурово“.

Винатиер е советник за Центарот за хуманитарен дијалог со седиште во Женева, непрофитна организација за решавање конфликти и „редовно патува поради својата работа“, според неговиот работодавец.

Фон дер Лајен: Првата транша од парите од Планот за раст пред Нова година

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дава прес-конференција на крајот на Самитот на Берлинскиот процес 2024 година на 14 октомври 2024 година во Берлин, Германија.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дава прес-конференција на крајот на Самитот на Берлинскиот процес 2024 година на 14 октомври 2024 година во Берлин, Германија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска на 14 октомври изјави дека земјите од Западен Балкан треба да ја добијат првата транша од Планот за раст до крајот на годината.

„Пет од шесте реформски агенди ќе бидат усвоени оваа недела и тоа значи дека исплатата на шест милијарди евра од Планот за раст може да започне пред крајот на годината“, изјави таа во Берлин.

ЕУ одобрува реформски агенди со цел земјите од регионот да добијат право да добиваат финансиски средства од Планот за раст. Босна и Херцеговина не доби зелено светло затоа што не поднесе целосна реформска агенда до Брисел.

Фон дер Лајен истакна дека Планот за раст е мост помеѓу Заедничкиот регионален пазар и единствениот пазар на ЕУ.

„Планот за раст е најважен и со него велиме дека не можете да ги блокирате другите. Можете само да се блокирате себеси. Ако сакате напредок, соработувајте со другите. Тоа е процес заснован на заслуги. Колку поблиску се доближуваат земјите кандидати за целта, толку подобро за нив, а тоа ќе го направат исклучиво според сопствените заслуги“, нагласи таа.

Во Берлин денеска се одржа самитот на Берлинскиот процес и беше усвоен новиот Акциски план за Заедничкиот регионален пазар.

„Ова беше можност да погледнеме наназад десет години за она што е направено. Берлинскиот процес отсекогаш бил застапник, архитект и сидро на силна врска меѓу нас. Многу се променија за десет години, конфликтите донесоа нова свест во ЕУ, таа поголема Унија - посилна унија“, рече Фон дер Лајен на прес конференцијата со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Претседателката на ЕК истакна дека проширувањето повторно е на врвот на агендата, „така што кога гледате кон иднината, гледате кон иднината со сите шест партнери од Западен Балкан во ЕУ“.

„Верувам дека сите земји од Западен Балкан мора да бидат дел од ЕУ. Таму се важни владеењето на правото и економската интеграција. Затоа Берлинскиот процес е промотор на заедничкиот пазар за Западен Балкан и е многу е важно тој да функционира непречено. Тој го доближи регионот и сите нив до ЕУ“, рече таа.

До крајот на октомври, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе допатува на неколкудневна турнеја низ земјите од Западен Балкан, а според најавите шефицата на ЕК планира да ја посети и Северна Македонија, потврдија од Делегацијата на ЕУ во Скопје на 10 октомври.

Доаѓањето на Урсула фон дер Лајен се случува по „ладниот туш“ од Брисел на 25 септември, кога соопшти дека Албанија се одвојува од Северна Македонија во продолжување на пристапните преговори со Европската унија.

Вишата обвинителката Ирина Трајкоска Стрезоски е нова директорка на Академијата за судии и јавни обвинители

Седница на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, 14.10.2024
Седница на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, 14.10.2024

Обвинителката Ирина Трајкоска Стрезоски од Вишото јавно обвинителство Битола е новата директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Со најмногу, односно шест гласови „за“ Управниот одбор на Академијата денеска донесе одлука четиригодишниот мандат да ѝ го довери на Трајкоска Стрезоски.

Еден глас помалку, односно пет гласови при денешниот избор доби судијата Ненад Савески од Основен кривичен суд Скопје, а трет, со три гласови беше заменик-директорот на Академијата, Илир Исени.

Судијката Оља Ристова од Кривичен суд и судијата Андреј Димовски од Граѓанскиот суд не освоија ниту еден глас. Додека, судијката Едита Насковска од Управен суд доби два, а обвинителката Спасенка Андонова од Основното јавно обвинителство Скопје еден глас.

Претходно на седницата дел од членовите на УО посочија дека сите пријавени кандидати ги исполнувале условите за избор.

Јавниот оглас за избор на директор на Академијата беше објавен на 26 август годинава, откако поранешната директорка Наташа Габер-Дамјановска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата кон средината на јули.

Академијата за судии и јавни обвинители постои од 2006 година и таа е единствениот пат по кој некој може да стане судија или обвинител. Прва директорка на Академијата за судии и обвинители беше Анета Арнаудова. Во 18-годишното постоење, обуката во Академијата ја поминале над 1200 кандидати.

Таравари: Утврдени пропусти при лекувањето на 14 месечното бебе кое почина

Арбен Таравари - министер за здравство
Арбен Таравари - министер за здравство

При направениот стручен надзор во Клиниката за детски болести и во Клиниката за респираторни болести кај децата - „Козле“, се констатирани одредени недостатоци и тоа системски, технички од аспект на опрема и стручни. Ова го изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари кој информираше за извршените стручни надзори, иницирани од Министерството, во врска со двата случаи што завршија со смртен исход - за починатата родилка во Општата болница - Куманово и за 14-месечното бебе во Клиниката за детски болести.

Таравари информира дека извештатите се подготвени од професионални компетентни специјалисти од соодветните области, со цел детално да се анализира севкупниот тек на лекувањето и третманот на пациентите во двата случаи.

При посетата на установите, комисиите вршат увид во целокупната медицинска документација, а истовремено се извршени разговори со сите членови на здравствените тимови, кои биле вклучени во лекувањето.

Зборувајќи за овие две клиники во Скопје, тој соопшти дека во делот на системски недостатоци, констатирано е непостоење на препораки или алгоритми за тријажа на пациентите при прием и понатамошен третман.

„Исто така, констатирана е потреба од континуирана обука на докторите на Клиниката за детски болести за срцево-респираторна поддршка. Во однос на техничките недостатоци, во „Козле“ е констатирана потреба од соодветна апаратура за пружање респираторна поддршка - инвазивна и неинвазивна“, појасни Таравари.

Министерот додаде дека, исто така, констатирана е потреба од обезбедување видео-ларингоскоп за Детската клиника, како и унапредување во делот на организирање на транспортот на пациентите од една до друга установа.

„Од аспект на стручни забелешки, Комисијата за стручен надзор нотираше превид во проценката за потребата од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката извршен на 03.10, додека во Козле е констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии и третманот“, истакна министерот.

Во врска со другиот случај, тој информираше дека бил извршен стручен надзор во ОБ - Куманово, каде се констатирани одредени административно-технички недостатоци.

„Но ,заклучок од Комисијата е дека - недостатоците не може да бидат директна или индиректна причина за акутното влошување на општата здравствена состојба на пациентката, исходот по новороденчето и смртниот исход на родилката. Исто така, Комисијата не констатираше пропусти во ниту еден аспект на пренаталниот менаџмент на пациентката од одговорните доктори во приватната здравствена установа по гинекологија и акушерство, каде била следена бременоста“, соопшти министерот.

Тој нагласи дека комисијата не констатирала никакви суштински пропусти и во амбулантското следење на пациентката, во рамки на пренаталните прегледи во ОБ - Куманово.

„Не се утврдени суштински пропусти ниту кај гинеколошкиот тим во текот на перипарталниот третман на пациентката, односно констатирано е дека тимот постапувал согласно постојните упатства и перинатолошки стандарди“, подвлече Таравари на прес-конференцијата.

Тој информираше и дека за првите 300 специјализанти би требало до крајот на годината да се објави конкурс за вработување, а тука ќе биле вклучени плус десетте најдобри студенти од сите три медицински факултети во државава.

Телото на уште една жртва од поплавите е пронајдено во Јабланица

Поплави во БиХ
Поплави во БиХ

Пронајдено е телото на уште една жртва од поплавите и свлечиштата во Доња Јабланица, со што бројот на загинати во областа се искачи на 19, потврди во понеделникот за РСЕ Сабахудин Спаховиќ од Федералната управа за цивилна заштита.

Спаховиќ рече дека телото на жената е пронајдено во езерото Грабовиќ и дека таа ќе биде меѓу жртвите на кои во вторник ќе се одржи колективен погреб во Јабланица.

Досега во Босна и Херцеговина се пронајдени телата на 26 жртви. Од Јабланица се 19, од Коњиче четворица, додека кај Фојница загинаа три лица.

Спасувачите, откако го пронајдоа телото на последната жртва во Доња Јабланица, ја продолжија потрагата по уште едно исчезнато лице во Коњиќ.

Во текот на ноќта од четврток кон петок, 4 октомври, обилни дождови ја погодија северна Херцеговина и централна Босна, предизвикувајќи порои и поплави.

Дождот активираше бројни одрони, а најтешка беше состојбата во Доња Јабланица на југот од земјава. Надлежните во Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина тврдат дека уривањето на каменоломот е причина за големиот број жртви во Доња Јабланица.

Во вторник на 15 октомври во 14 часот ќе се изврши колективниот погреб за настраданите од поплавите на подрачјето на Доња Јабланица, по што ќе се изврши погребот на гробиштата Доња Јабланица, Ѓевор и Злате.

ЈПДП ќе ги испитува наводните злоупотреби на Митревски

Брифинг со новинари на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие Државни патишта Ејуп Рустеми
Брифинг со новинари на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие Државни патишта Ејуп Рустеми

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) информира дека го прекинала временото задолжение на координаторот за контрола Миланчо Митревски и ќе ги преиспита изнесените наводи во јавноста дека ја злоупотребил службената положба.

„ЈПДП известува дека лицето Миланчо Митревски на 28 јули 2024 година е назначен со времено задолжение од три месеци за координатор за контрола во Одделението за наплата на патарини и контрола. Јавното претпријатие за државни патишта ќе го прекине временото задолжение за координатор за контрола и ќе ги преиспита изнесените наводи во јавноста, затоа што Законот треба да важи за сите независно на која позиција или функција се“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Викендов, опозицискиот СДСМ обвини дека Миланчо Митревски бил назначен на функцијата шеф на контролорите на Наплатната служба на патарините во Петровец, иако за тоа не ги исполнувал условите, дека претходно бил фатен како ја злоупотребува службената положба, како и дека според снимки од патарините кои им биле доставени од свиркачи, покажувале оти тој самиот не плаќал патарини.

Украина ги критикуваше зборовите на Џаред Лето за руската војна во Украина

Пејачот Џаред Лето
Пејачот Џаред Лето

Украинското Министерство за надворешни работи ги окарактеризира зборовите на американскиот актер и фронтмен на групата „30 секунди до Марс“ (Thirty Seconds to Mars), Џаред Лето за руската војна против Украина - како навреда.

„Чувството на Џаред Лето за руската енергија и неговата подготвеност да настапува во Русија е навреда за оние кои ги жртвуваат своите животи за да ја одбранат слободата. Не може да има смирување на Русија кога таа продолжува да се обидува да го реши „проблемот“ на самото постоење на Украина“, соопшти Министерството.

На концертот во главниот град на Србија, Белград на 11 октомври, Џаред Лето најави настапи во Русија „кога ќе завршат сите овие проблеми“.

Во видео кое кружи на интернет, пејачот ја прашува публиката дали на концертот дошле луѓе од Русија.

Одговарајќи на аплаузите од публиката, Лето рече „ни недостигавте“ и додаде дека „еден ден, кога ќе завршат сите овие проблеми, ќе дојдеме во вашата татковина“.

„Ќе се вратиме во Србија, ќе одиме во Санкт Петербург, Москва, ќе застанеме во Киев, ќе се шетаме и ќе се дружиме со сите“, рече Лето.

Украинците особено ги критикуваа зборовите на пејачот.

И под последната објава на Џаред Лето на Инстаграм, луѓето го потсетуваат дека Украина не е „апстрактен проблем“, туку целосна руска инвазија.

Претходно, Џаред Лето им изрази поддршка на Украинците. Тој напиша дека неговото „срце се кине“ од она што се случува во Украина „во ова хаотично и деструктивно време“.

Советот на Европската унија одобри построги стандарди за квалитет на воздухот

Загаден воздух (илустрација)
Загаден воздух (илустрација)

Советот на Европската унија во понеделникот усвои Директива со која се воведуваат нови стандарди за квалитет на воздухот и построги ограничувања за најголемите загадувачи, со што се приближува до упатствата на Светската здравствена организација (СЗО).

Новите правила треба да придонесат за целта на Европската унија за нулта загаденост до 2050 година и да помогнат да се спречат предвремените смртни случаи од аерозагадувањето.

Се проценува дека околу 300.000 луѓе годишно умираат во Европа како резултат на загадениот воздух.

Изменетата директива предвидува и дека граѓаните можат да бараат компензација во случаи кога непочитувањето на правилата на ЕУ за квалитетот на воздухот предизвикува оштетување на нивното здравје.

„Новата директива обезбедува фер и еднаков пристап до правдата за оние кои се засегнати или веројатно ќе бидат погодени од спроведувањето на директивата. Земјите-членки треба да обезбедат граѓаните да имаат право да бараат и да добијат компензација кога нивното здравје е оштетено поради прекршување на правилата за квалитет на воздухот утврдени во директивата“, се наведува во соопштението на Советот на Европската унија.

Новите стандарди, кои треба да се постигнат до 2030 година, опфаќаат загадувачи како PM10 и PM2,5, азот диоксид и сулфур диоксид, кои предизвикуваат респираторни проблеми.

Стандардите ќе бидат повеќе усогласени со упатствата на СЗО, така што, на пример, за ситните честички PM2.5, кои се одговорни за најголемиот број предвремени смртни случаи во Европа, годишната гранична вредност ќе се намали од 25 μg/m³ на 10 µg/m³, додека СЗО препорачува 5 µg/m³.

Директивата предвидува подобрувања во следењето и моделирањето на квалитетот на воздухот и редовна ревизија на стандардите за квалитет на воздухот во согласност со најновите научни докази. Советот на Европската унија најави дека земјите-членки можат да побараат одложување на рокот до 2030 година доколку се исполнат конкретни услови.

Земјите-членки имаат рок од две години да ја пренесат директивата во националното законодавство.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG