Вести
Израел продолжува со нападите во Либан, експлозии во близина на аеродромот во Бејрут

Неколку експлозии ја потресоа областа во близина на аеродромот во Бејрут. Либанското Министерство за транспорт соопшти дека пошироката област на аеродромот била погодена.
Во последните 24 часа загинале најмалку 37 лица, а 151 е ранет, соопшти локалното Министерство за здравство, пренесува Ројтерс.
Израел го бомбардираше центарот на Бејрут претходно во четвртокот, откако израелските сили го претрпеа најсмртоносниот ден на либанскиот фронт во една година конфликт со Хезболах, милитантната група поддржана од Иран.
Израел соопшти дека извршил прецизен воздушен напад врз Бејрут. Очевидци на Ројтерс изјавија дека виделе голема експлозија, а безбедносните сили соопштија дека целта била зграда во централниот кварт Бахур во Бејрут, во близина на зградата на парламентот.
Три проектили го погодија и јужното предградие Дахија, каде минатата недела беше убиен лидерот на Хезболах Хасан Насрала.
Нападите на Израел во јужен Либан продолжија доцна вечерта на 3 октомври, откако девет лица беа убиени во напад на станбена зграда во центарот на Бејрут, додека во посебна операција на Западниот Брег бил елиминиран палестински милитант кој претходно бил вклучен во линч на израелските резервисти.
Израелската армија, исто така, повика на итна евакуација на повеќе од 20 градови во јужен Либан, вклучувајќи го и главниот град на провинцијата Набатие, очигледно укажувајќи дека израелската операција против Хезболах ќе биде проширена.
Хезболах е и вооружена група и политичка партија која го контролира поголемиот дел од јужен Либан. САД ја сметаат за терористичка организација, додека Европската Унија го стави на црната листа само неговото вооружено крило.
Либанското Министерство за здравство соопшти дека девет лица се убиени во нападот на Бејрут, што е прв напад врз центарот на либанската престолнина од 2006 година.
Израел соопшти дека неговиот воздушен напад врз Бејрут бил прецизна операција, додека извор од безбедносните сили рече дека целта била станбена зграда во централната населба Бачура во близина на либанскиот парламент.
Група за цивилна одбрана поврзана со Хезболах соопшти дека седум нејзини членови, вклучително и двајца здравствени работници, биле убиени во напад во Бејрут.
Според либанските безбедносни претставници, во посебен ракетен напад врз зграда во јужниот либански град Бинт Џбеил загинале 15 членови на Хезболах, додека друг напад беше насочен кон јужното предградие Дахије, каде што минатата недела беше убиен лидерот на Хезболах Хасан Насрала.
Израелската армија во четвртокот (3 октомври) објави дека е убиен високиот оперативец на Хамас Равхи Муштаха, шеф на владата на Хамас во појасот Газа.
Претходно, во израелски напад врз сириската престолнина Дамаск загинаа четири лица, меѓу кои и Хасан Џафар ал-Касир, зетот на Насралах, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија.
Последните израелски напади след еден ден откако Израел објави дека осум негови војници биле убиени за време на неговиот упад во јужен Либан, што е најголем број на израелски воени жртви во еден ден откако беше започната прекугранична офанзива оваа недела.
види ги сите денешни вести
ОН известуваат за смртта на двајца работници во Газа, Израел продолжува со воздушните напади

Обединетите нации (ОН) објавија дека двајца нивни работници загинале, а други се повредени откако комплекс во Газа беше погоден во средата.
Министерството за здравство на палестинските територии под контрола на Хамас го обвини Израел за нападот и соопшти дека пет странски работници, тешко повредени, пристигнале во болницата по нападот. Израелската војска негираше дека го нападнала комплексот на Обединетите Нации во Деир ел Балах.
Ова доаѓа откако Израел соопшти дека ги продолжува борбите во Појасот Газа по двомесечен прекин на огнот - што предизвика бран напади во кои загинаа 970 луѓе во изминатите 48 часа, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот изјави дека „целосно ги продолжил борбите“ и дека „ова е само почеток“.
Обединетите нации соопштија дека околностите за инцидентот во комплексот Деир ел Балах остануваат нејасни. Организацијата не го обвини Израел за смртните случаи.
Најмалку 13 лица загинаа во вториот воздушен напад врз Газа во текот на ноќта, откако Израел соопшти дека продолжува со борбите „со полна сила“ на палестинските територии.
Двајца цивили загинаа, а пет други се ранети кога израелско беспилотно летало погоди шатор во близина на хуманитарната зона Ал-Маваси, јави палестинската новинска агенција Вафа, повикувајќи се на медицински работници од Црвената полумесечина.
Израелската војска соопшти дека цели на, како што рече, воена локација на Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка организација, од каде палестинската група подготвувала напади врз Израел. Тие, исто така, беа насочени кон бродови под контрола на Хамас, додаде војската.
Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето. Прекинот на огнот главно се одржува од јануари и понуди одмор од војната за 2,3 милиони жители на Појасот Газа, кој е претворен во урнатини.
Хамас, кој сè уште држи 59 од околу 250 заложници што ги зароби во нападот на 7 октомври 2023 година, го обвини Израел дека ги поткопува напорите на посредниците да преговараат за траен договор за прекин на борбите, но не се закани со одмазда.
Клековски: Згрижувањето на пациентите од пожарот во „Пулс“ е завршено

Во моментов на Клиниката за пластична хирургија во Скопје се прават плановите во која фаза колку пациенти треба да бидат опфатени со хируршка интервенција за реконструкција на изгореното ткиво од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, информира денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
„Такви зафати и во минатото се правени на Клиниката од каде ќе не информираат за темпото и во согласност со тоа ќе почнеме да работиме. Денеска би требало да заврши фазата на транспорт на пациентите во странство што ќе овозможи целосна концентрација на планирање на следните чекори во земјава, кои не се само трансплантација на кожа, туку ќе има и други постапки кои се неопходни, бидејќи дел од лекувањата ќе бидат подолготрајни. Мора да се подготвиме дел од пациентите да ги вратиме во земјата и да бидеме способни да го продолжиме нивното лекување“, рече Клековски.
Од утре Клековски рече дека фокусот ќе биде на планирањето на следните чекори, бидејќи згрижувањето на овие пациенти е завршено.
„Веќе почнаа првите отписи од клиниките и можеме да ги планираме следните чекори кои можеби ќе траат една или две години. За да нема застој во здравствените услуги за останатите граѓани во моментов сакаме повредните пациенти од клубот „Пулс“ да ги повлечеме во две болници“, посочи Клековски.
Прашан дали се планира повторно да се отвори Центарот за изгореници во клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски во Скопје што беше згаснат во 2016 година, рече дека ќе го направат тоа ако стручната фела каже дека има потреба.
„Хирург што редовно не работи со изгореници не е специјалиста за тоа подрачје. Токму затоа многу поголеми држави од нашата имаат еден или два центри за изгореници за да се сконцентрира знаењето. Не треба да имате само специјални кревети, туку и хирурзи кои го практикуваат тоа релативно често. Не велам дека не ни треба, но во 10 години имаме пет тешки случаи со изгореници што сме ги испратиле во странство и уште 10-тина што се третирани во Македонија. Треба да направиме проценка дали ни е потребен тој центар тука или е поедноставно да имаме договор за соработка со Пирогов во Софија или Папаниколау во Солун. Не треба да имате само техника и кревети, туку и доктори кои тоа го работат секојдневно“, појасни Клековски.
Директорот на Фондот рече дека со несреќи како пожарот во Кочани никој не може да се справи сам, дури ни поголеми и поорганизирани држави од нашата и додаде дека токму затоа постојат европски механизми за солидарност кои се активираат и ги распоредуваат повредените.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во неделата рано наутро загинаа 59 лица, додека над 150 се повредени.
Седум полицајци од Кочани и Штип осомничени дека помогнале дискотеката „Пулс“ да добие лиценца

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донел наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници.
Обвинителството соопшти дека дејствијата опишани во наредбата, постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност.
„Kако службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа. Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што на 16.03.2025 година во објектот настанал пожар во кој починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди“, стои во соопштението.
Ценејќи дека се исполнети условите, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за сите седум лица, наведуваат од ОЈО.
Во моментов, 18 лица се наоѓаат во краткотраен притвор од 48 часа. Од нив, на 16 тој им истекува денеска – 19 март. Обвинителството бара, а судот треба да одлучи дали ќе им го продолжи за уште 48 часа.
Од 12 објекти со важечка лиценца, досега три не исполнувале минимум технички услови

Три дискотеки се затворени бидејќи не ги исполнуваат потребните технички услови за да им биде издадена лиценца и да можат да работат, потврди денеска (19 март)портпаролката на Владата Марија Митева на прес-конференција. Таа кажа дека во моментов се прават контроли во уште девет дискотеки кои имаат добиено лиценци.
„На трите дискотеки ќе им биде одземена лиценцата и ќе им бидат изречени сите максимални казни. Откако ќе завршат проверките на оние кои имаат лиценци, ќе се премине во контрола на сите оние кои немаат лиценца, но во минатото работеле“, рече Митева.
Таа рече дека веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност и сите казнени одредби кои што се возможни согласно закон ќе бидат превземени.
Само 22 дискотеки низ државата имаат лиценци за работа, утврдила контролата на Пазарната инспекција која беше спроведена после пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 59 лица, а 155 беа повредени.
Кај 15 клубови констатирано е дека лиценцата им е истечена.
Митева посочи дека она што се случи во Кочани не е изолирана трагедија туку е „симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција“.
„Ниту ќе замижуваме, ниту ќе заштитуваме. Луѓето бараат правда и ќе ја добијат“, рече таа.
На прашањето што ќе се прави со оние локали кои работеле без лиценца, а според некои информации газдите на таквите диви дискотеки го растргнуваат ентериерот за да нема докази дека работеле, Митева рече дека дополнително сите ќе бидат проверени „и оние кои што немале лиценца, а кои што вршеле работа и оние кои што имале и ја извршувале“.
Бербок во посета на Блискиот Исток додека Израел ги обновува нападите во Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок отпатува во Блискиот Исток на разговори, еден ден откако Израел ги продолжи нападите врз палестинската милитантна група Хамас во Газа, при што загинаа стотици. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.
Пред нејзиното заминување, Бербок предупреди дека „ризикот од регионална ескалација е сериозен“. Првата фаза од договорот за прекин на огнот за заложниците истече по шест недели. Сите страни сега се повикани да покажат најголема воздржаност, да се усогласат со меѓународното хуманитарно право и да се вратат на разговорите за да се најде трајно решение за конфликтот“, додаде Бербок.
Но, во вторникот (18 март)израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави продолжување на борбите против Хамас, велејќи дека понатамошните преговори „ќе се водат само под оган“.
Израел рано во вторникот изврши масовен бран воздушни напади врз цели во Газа, при што здравствените власти управувани од Хамас известија за повеќе од 400 убиени и стотици повредени. Власта не прави разлика меѓу цивилни и воени жртви и бројките не можат да бидат независно проверени.
„Нападите ги урнаа надежите на Израелците и Палестинците да стават крај на страдањата и ги загрозија дипломатските напори на арапските држави“, рече министерката за надворешни работи.
Обновувањето на израелските воздушни напади доаѓа два месеци откако Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот кој вклучуваше ослободување на заложниците земени за време на нападите на 7 октомври 2023 година во замена за палестински затвореници.
Преговорите за траен прекин на огнот и реконструкција на Појасот Газа оттогаш се во застој. Арапските земји неодамна претставија план за обнова на Газа, но многу прашања-како што се, како да се финансира обновата и политичкиот статус на крајбрежната територија - сè уште се нерешени.
Решенија за продолжување на притворот за 10 лица, за шест се одлучува

Основниот суд во Кочани досега донел решенија за продолжување на краткотрајниот притвор од 48 часа за десет лица во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“, додека за останатите шест се уште се одлучува.
Според информациите на МИА, за продолжување на притворот на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши се уште не е донесена одлука.
ЈОРСМ информира дека Основното јавно обвинителство Кочани до надлежниот суд доставил предлози за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48-часа за 16 лица досега опфатени со постапката на кои оваа мерка им истекува во текот на денот.
На уште две лица, по предлог на обвинителството, притвор им е определен во текот на вчерашниот ден и тој сè уште трае.
Вкупно мерката краткотраен притвор до овој момент е побарана за 18 лица.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во неделата рано наутро загинаа 59 лица, додека над 150 се повредени. Министерот за здравство, Арбен Таравари денеска изјави дека во моментот, 101 пациент се третираат надвор од државата и тие се во релативно стабилна состојба.
Кина ги поздрави напорите за постигнување мир во Украина

Кина го поддржува решавањето на кризата во Украина преку дијалог и преговори и со задоволство ги набљудува напорите за постигнување прекин на огнот како неопходен чекор кон мирот, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нин.
Таа ја даде изјавата за време на редовната прес-конференција кога беше побарано од неа да го коментира вчерашниот телефонски разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин.
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека двајцата лидери се согласиле дека тригодишниот конфликт во Украина мора да заврши со траен мир и двајцата лидери ја истакнале потребата од подобрување на односите меѓу САД и Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин за време на разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп се согласи да ги запре нападите врз енергетскиот сектор и инфраструктурата на Украина за 30 дена, како чекор кон постигнување целосен прекин на огнот.
Во соопштенијата од Кремљ и од Белата куќа, за 90 минутниот телефонски разговор меѓу Трамп и Путин е наведено, дека двете страни се посветени на изнаоѓање долгорочен мировен договор за ставање крај на конфликтот во Украина, најголемата европска копнена војна од крајот на Втората светска војна.
Кремљ разговорот го опиша како „детална и искрена размена на мислења“.
Во соопштението наведе дека Путин при разговорот „наведува голем број значајни точки кои се однесуваат на обезбедување ефективна контрола врз можниот прекин на огнот долж целата линија на борбен контакт, потребата да се запре присилната мобилизација во Украина и повторно да се вооружат украинските вооружени сили“.
Парламентот ја потврди оставката на српската влада

Српскиот парламент ја потврди оставката на премиерот Милош Вучевиќ, со што и го заврши мандатот на целата влада.
Со потврдувањето на оставката на премиерот, владата станува техничка, а Вучевиќ ќе ја извршува премиерската функција во технички мандат до изборот на нов.
Во исто време почнува и рокот од 30 дена за избор на нова влада.
Доколку во тој рок не се избере нова влада, тогаш се распишуваат парламентарни избори.
Милош Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка на 28 јануари, откако студенти во Нови Сад беа претепани за време на блокадата од напаѓачи кои ги напуштија просториите на владејачката Српска напредна партија. Студенти биле тепани додека лепеле плакати со кои повикувале на протест во Нови Сад.
Заедно со Вучевиќ, кој е лидер на СНС, оставка поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Во Србија веќе четири месеци траат протести, предводени од студенти во блокада, поради уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени.
Владата на Милош Вучевиќ беше избрана на 2 мај 2024 година.
Турција го уапси главниот ривал на Ердоган поради сомневање за корупција

Турските власти денеска (19 март) го уапсија главниот ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Екрем Имамоглу, под сомнение за корупција и поддршка на терористичка група.
Главната опозициска партија го нарече апсењето „обид за државен удар против нашиот иден претседател“.
Апсењето на Имамоглу-истакнатиот градоначалник на Истанбул, доаѓа во време кога многу опозициски фигури беа приведени низ целата земја, во она што многумина го гледаат како политизиран обид да се замолчат противниците.
Владата на Ердоган ги отфрли критиките, велејќи дека судството е независно.
Имамоглу, кој има 54 години, води пред Ердоган во некои анкети во Турција.
За него се води истрага во два одвоени случаи, кои опфаќаат и обвиненија за водење криминална организација, поткуп и манипулација со тендери.
Главната опозициска партија, Републиканската народна партија (ЦХП), беше на работ да го објави Имамоглу за свој претседателски кандидат за да го предизвика Ердоган, кој ја водеше Турција повеќе од две децении.
Следните избори се закажани за 2028 година, но Ердоган ја достигна дозволената граница од два мандата како претседател, откако претходно беше премиер. Ако сака повторно да се кандидира за претседател, мора да распише предвремени избори и да потврди дека не го завршил вториот мандат или мора да го промени Уставот.
Во видеото објавено на социјалните мрежи, Имамоглу рече дека нема да се предаде и дека ќе продолжи да остане непоколеблив пред притисокот.
Лидерот на ЦХП Озгур Озел го нарече апсењето на Имамоглу обид за државен удар и ги повика сите опозициски групи да се обединат против неговото приведување. Тој додаде дека партијата ќе го избере Имамоглу за лидер во недела, без оглед на развојот на настаните.
Според соопштението на обвинителството во Истанбул за првата истрага, вкупно 100 лица, меѓу кои и новинари и бизнисмени, се осомничени дека се вмешани во криминални активности поврзани со одредени тендери објавени од општината на Истанбул.
Во втората истрага, обвинителите ги обвинуваат Имамоглу и уште шестмина за поддршка на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат за терористичка организација.
Минатиот месец, ПКК прогласи прекин на огнот како одговор на повикот на затворениот водач Абдула Оџалан за разоружување, што е голем чекор кон ставање крај на бунтот кој остави повеќе од 40 000 мртви и може да има значителни последици за регионалната безбедност и политика.
Апсењето на Имамоглу дојде ден откако Универзитетот во Истанбул му ја укина дипломата, одлука која, доколку биде потврдена, ќе го спречи да се кандидира на претседателските избори.
Канцеларијата на гувернерот на Истанбул ги забрани сите собири и протести во градот на четири дена.
Уште петмина пациенти заминуваат на лекување во странство, сите повредени се во стабилна состојба

Министерот за здравство Арбен Таравари информира дека денеска е последниот транспорт на пациенти кои ќе се лекуваат во странство, од трагедијата во Кочани. Како што посочи, во 11:30 часот за Шведска денеска ќе бидат пренесени двајца пациенти, а после пладне уште тројца пациенти. Тој напомена дека може да се очекува во текот на следните денови и враќање на одредени пациенти кои се лекуваат надвор од државата.
„Последниот транспорт на пациенти е денеска (19 март). Веќе нема да има лекување на пациенти надвор од државата, дури може да чекаме некои и да се враќаат во следните денови. Денеска има само за Шведска и тука завршуваме. Веќе нема потреба за другите пациенти да се лекуваат надвор од државата“, рече Таравари на денешната прес-конференција.
Како што додаде, добрата вест е што поминаа 72 часа и нема починати. Сите пациенти се во стабилна состојба.
„Добрата вест е што поминаа 72 часа и нема ниту еден починат од тие што ја преживеаа трагедијата во Кочани. Вкупно, се третираат 178 пациенти низ различни здравствени установи, од кои што 64 се во болниците во Македонија во државните болници и 13 пациенти се во приватните болници. Сите се во релативно стабилна состојба“, додаде министерот.
Тој напомена дека во моментот, 101 пациент се третираат надвор од државата и тие се во релативно стабилна состојба.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете