Достапни линкови

Вести

Украинските дронови навлегуваат подлабоко во Русија

Илустрација, последици од руската инвазија врз Украина
Илустрација, последици од руската инвазија врз Украина

Украинската војска извести дека тешките борби продолжиле на 29 септември по ноќните воздушни напади кои вклучиле подлабока пенетрација во Русија. Во меѓувреме американскиот претседател Џо Бајден на социјалните мрежи напиша дека „Украина ќе победи во оваа војна“.

„Руските напаѓачи продолжуваат да ги напаѓаат позициите на украинските бранители [со] окупаторите кои активно напаѓаат во [стратешки важните] правци Покровск и Курахов“, соопшти украинскиот Генералштаб на својот редовен вечерен брифинг.

Во соопштението е посочено дека „околу 20 населени места во регионите Чернихив, Суми и Харков биле погодени од [руска] артилерија и минофрлачки гранатирања“.

Овие информации дојдоа откако Украина претпрела штета од нападите со руски беспилотни летала во текот на ноќта во неколку региони.

Од друга страна пак, руските одбранбени претставници тврдат дека собориле 125 украински беспилотни летала во најновиот одраз на зголемените напори на Киев да ја префрли две ипол годишната војна на руска територија.

Руското Министерство за одбрана сугерираше дека украинските прекугранични напади се повеќе се фокусирани на нејзиниот регион Волгоград, источно од регионот Курск, каде што украинските сили започнаа ненадеен упад во јули, за кој се смета дека зазеле околу 1.300 квадратни километри руска територија.

На дипломатскиот фронт, Бајден на социјалните мрежи објави видеа од неодамнешната посета на неговиот колега Володимир Зеленски на Белата куќа и изјави дека „Украина ќе победи во оваа војна“.

„И САД ќе продолжат да стојат покрај нив на секој чекор“, додаде Бајден.

Украинската војска во меѓувреме соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 15 од 22 руски нападни беспилотни летала откриени во најмалку четири региони на земјата во текот на ноќта, и рече дека уште пет од тие беспилотни летала биле спречени со други „контрамерки“.

види ги сите денешни вести

Повеќе од 100 000 лица од Либан преминале во Сирија

илустрација
илустрација

Повеќе од 100 000 луѓе под Либан преминале во Сирија по ескалацијата на конфликтот меѓу израелските сили и либанската група Хезболах овој месец, изјави денеска високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

„Меѓу бегалците има и либански и сириски државјани“, напиша тој на социјалната мрежа X.

Инаку УНХЦР обезбедува помош за бегалците кои пристигнуваат на четири гранични премини.

Во меѓувреме, во последниот израелски напад врз центарот на Бејрут биле убиени тројца членови на палестинската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП) и лидерот на Хамас во Либан, Фатех Шериф Абу ел Амин. Милитантното движење Хамас е прогасено за терористичка организација од ЕУ и САД.

Во израелскиот напад загинаа член на политичкото биро и шеф на воено-безбедносниот оддел Мохамед Абед Ал-Ал, член на воениот оддел и воената команда во Либан Имад Одех и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.

Тоа е прв напад врз центарот на Бејрут од војната во 2006 година.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека повеќе од 1000 Либанци биле убиени и 6000 ранети во последните две недели, без да прецизира колку од нив се цивили. Владата рече дека милион луѓе или една петтина од населението ги напуштиле своите домови.

Голем број највисоки функционери на Хезболах, вклучително и неговиот лидер Саид Хасан Насрала, беа убиени во израелските бомбардирања во текот на две недели.

Почнува судењето на Ле Пен и соработниците за проневера на пари од ЕУ

Марин Ле-Пен
Марин Ле-Пен

Марин Ле Пен и други десничарски француски националисти денеска (30 септември) треба да се појават на воведниот судски процес против нив поради обвинение дека примале средства од Европскиот парламент за непостоечки функционери, јави ДПА.

Покрај долгогодишната лидерка на партијата Национален митинг, Ле Пен, обвинет е и нејзиниот татко и основач на партијата Жан-Мари Ле Пен. Обвиненија за малверзации со јавни средства се поднесени против вкупно 28 лица.

Марин Ле Пен постојано ги отфрла обвинувањата, кои се однесуваат на периодот од 2004 до 2016 година. Обвинувањата се насочени и кон партијата „Народно собрание“ и кон одделни нејзини вработени и соработници.

Станува збор за фиктивно ангажирање на соработници на неколку француски европратеници, објаснува ДПА. Главното обвинување е дека партијата на Ле Пен добила пари од Европскиот парламент за персонал за луѓе кои всушност веќе работат за партијата.

Целната сума изнесува речиси седум милиони евра, забележува ДПА, додавајќи дека Марин Ле Пен пред една година вратила 330 000 евра на законодавниот дом на ЕУ. Сепак, од нејзината партија соопштија дека исплатата на овие пари не е доказ за прекршок.

Доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите може да добијат затвор до десет години, соопшти ДПА. Тие, исто така, би можеле да добијат забрана за учество во политиката на пет години, што ќе ја спречи Ле Пен да се кандидира на претседателските избори во Франција во 2027 година.

Киев под масовен напад на руски беспилотни летала

Експлозија на дрон во Киев, Украина, на 26 септември 2024 година
Експлозија на дрон во Киев, Украина, на 26 септември 2024 година

Русија рано во понеделник (30 септември) лансираше неколку бранови беспилотни летала насочени кон Киев, а единиците за противвоздушна одбрана успешно го одбранија градот, соопшти украинската војска.

Очевидци за Ројтерс изјавија дека слушнале бројни експлозии во главниот град на Украина и виделе погодени згради.

„Сите беспилотни летала лансирани од Русите во Киев или биле уништени со одбранбени системи или неутрализирани со електронско војување, изјави Сергеј Попко, шефот на воената администрација на Киев“, на апликацијата за пораки Телеграм.

Проценките за целосниот обем на нападот ќе бидат објавени подоцна во понеделник, но според прелиминарните информации нема жртви и не е забележана штета, додаде тој.

Според украинските воздухопловни сили, Киев, неговата околина и целиот источен дел на Украина биле под предупредување за воздушен напад повеќе од пет часа претходно во понеделникот.

Русија изврши повеќе воздушни напади врз Киев и Украина во текот на септември, насочени кон енергетската, воената и транспортната инфраструктура на Украина во нападите во кои загинаа десетици цивили.

Русија негира дека цели на цивили во целосна инвазија што ја нарече „специјална операција“ кога беше започната во февруари 2022 година.

Опозициската ДПС освои најмногу гласови во Подгорица, неизвесно е кој ќе формира влада

Симпатизерите на ДПС во Подгорица по објавувањето на прелиминарните резултати од изборите, 29 септември 2024
Симпатизерите на ДПС во Подгорица по објавувањето на прелиминарните резултати од изборите, 29 септември 2024

Според прелиминарните неофицијални резултати на Центарот за демократска транзиција, најголем број гласови на локалните избори во Подгорица освоила опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС), за која гласале околу 30 отсто од гласачите, со што добиле 19 мандати.

Собранието на Подгорица има 59 пратенички места.

Движењето Европа сега на премиерот Милојко Спајиќ и Демократите освоиле 14 мандати, а листата на претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и Движењето УРА освоиле 6 мандати.

Партиите на поранешниот проруски Демократски фронт ќе имаат 13 советници.

Тројца советници освоила Европската алијанса составена од две социјалдемократски и либерални партии, а по двајца Партијата за европски напредок на Душко Марковиќ и Движењето „Револуција“ на активистот Срѓан Периќ.

Шест изборни листи не добија мандати.

За формирање влада во главниот град потребно е коалициско мнозинство од најмалку 30 советници.

Во Котор, ДПС освои десет мандати, колку што има и коалицијата на Движењето Европа сега предводена од премиерот Милојко Спајиќ и демократите.

Партиите на поранешниот Демократски фронт, Демократска алтернатива и „Грбаљска листа“ освоија по три мандати, Европскиот сојуз два, а Хрватската граѓанска иницијатива еден.

Во Подгорица гласале 56,3 отсто од запишаните гласачи, а во Котор 54,6 отсто. Изборите беа мирни, со помали процедурални прекршувања и претежно технички нерегуларности, соопшти невладината организација Центар за демократска транзиција (ЦДТ), која ги следеше изборите со 227 набљудувачи.

Израелски напад во центарот на Бејрут, загинале тројца палестински лидери

Полицајци на местото на израелскиот напад, во Кола, централен Бејрут, Либан, 30 септември 2024
Полицајци на местото на израелскиот напад, во Кола, централен Бејрут, Либан, 30 септември 2024

Народниот фронт за ослободување на Палестина (PFLP) во Либан објави дека тројца негови членови биле убиени во воздушен напад рано наутро во Бејрут во близина на мостот Кола, на главната раскрсница во градот.

Ова е првпат локација во границите на либанската престолнина да биде погодена во актуелната војна. Тоа е и прв напад врз центарот на Бејрут по војната во 2006 година.

Вооружената група соопшти дека се убиени Мохамед Абед Ал-Ал, член на нејзиното политичко биро и шеф на одделот за воена безбедност, Имад Одех, член на воениот оддел и воената команда во Либан и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.

ПФЛП вети дека „ќе го продолжи патот на борбата и отпорот додека окупацијата не биде збришана, без оглед на тоа колку време е потребно и колку се големи жртвите“.

Во неделата, Израел започна воздушни напади против Хутите во Јемен и десетици цели на Хезболах низ Либан, откако претходно уби лидер на Хезболах.

Министерството за здравство со кое раководат Хутите соопшти дека најмалку четири лица загинале, а 29 се ранети во воздушните напади врз јеменското пристаниште Ходеида, за кои Израел рече дека биле одговор на ракетните напади на Хутите.

Властите во Либан соопштија дека најмалку 105 луѓе биле убиени во израелските воздушни напади во неделата.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека повеќе од 1000 Либанци биле убиени и 6000 ранети во последните две недели, без да прецизира колку од нив се цивили. Владата рече дека милион луѓе или една петтина од населението ги напуштиле своите домови.

Голем број највисоки функционери на Хезболах, вклучително и неговиот лидер Саид Хасан Насрала, беа убиени во израелските бомбардирања во текот на две недели.

Израел вети дека ќе ја продолжи офанзивата и вели дека сака повторно да ги обезбеди северните области за жителите кои биле принудени да избегаат од ракетните напади на Хезболах.

Соединетите Држави повикаа на дипломатско решение на конфликтот во Либан, но исто така ја овластија својата војска да зајакне во регионот. Американскиот претседател Џо Бајден, запрашан дали може да се избегне сеопфатна војна на Блискиот Исток, рече: „Мора да биде“. Додаде дека ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Најмалку 150 луѓе загинаа поради поплавите во Непал

Илустрација
Илустрација

Училиштата во Непал беа затворени три дена по поплавите и лизгањето на земјиштето предизвикани од дожд низ целата земја, при што загинаа 151 лице, а 56 се водат како исчезнати.

Поради поплавите, сообраќајот и секојдневните активности беа запрени во областа Катманду, каде беа регистрирани 37 смртни случаи. Во тој регион живеат околу четири милиони луѓе.

„Ги повикавме релевантните власти да ги затворат училиштата во погодените области на три дена“, изјави за Ројтерс портпаролката на Министерството за образование Лакшми Батараи.

Обилните врнежи се намалуваат, но метеоролозите предвидуваат дека изолираните врнежи ќе продолжат.

Сезоната на монсуните носи дожд и поплави во Непал секоја година, но научниците велат дека врнежите стануваат поинтензивни поради климатските промени.

„Никогаш досега не сум видел поплави од оваа големина во Катманду“, рече Арун Бакта Шреста, службеник за еколошки ризик во Меѓународниот центар за интегриран планински развој.

Околу 10.000 полицајци, доброволци и војници се мобилизирани да помогнат во спасувањето и потрагата по исчезнатите во поплавите, јавуваа државните непалски медиуми.

Владата на Непал ги повика луѓето да избегнуваат непотребни патувања, ноќното возење е забрането во областа Катманду, а многу домашни летови се откажани.

Австриската крајна десница постигна историска победа на парламентарните избори

Архивска фотографија. лидерот на австриската Партија на слободата Херберт Кикл
Архивска фотографија. лидерот на австриската Партија на слободата Херберт Кикл

Екстремната десница во Австрија „Партијата на слободата“ (ФПО) ги освои мнозинството гласови на парламентарните избори кои се одржаа на 29 септември, покажуваат прелинимарните податоци. Според мнозинството пребројани гласови ФПе освои 28,8 отсто од гласовите, победувајќи ја владејачката конзервативна Народна партија која е на второто место со 26,3 отсто.

Ова значи дека екстремната десница одбележа историска победа, но се очекува партијата да се соочи со предизвик во обидот да најде партнери со кои ќе може да владее, јавува новинската агенција Франс прес.

Додека ФПО беше дел и од коалициските влади и претходно, ова е првпат да победи на национално гласање, во време кога екстремно десничарските партии низ Европа бележат сериозен политички раст.

Лидерите на австриските политички партии се обединија да ја отфрлат идејата за формирање коалиција со шефот на екстремно десничарската Партија на слободата (ФПО) Херберт Кикл, откако неговата ФПО беше прва на парламентарните избори во неделата, јавува новинската агенција Ројтерс.

„Денес заедно напишавме парче историја...“, им рече 55-годишниот Кикл на симпатизери во Виена.

„Отворивме врата за нова ера“, додаде тој во својот говор.

Австриската крајна десница со финален изборен митинг среде протестите на опозицијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:04 0:00


Како и другите екстремно десничарски партии во Европа, ФПО забележа пораст на својата популарност, поттикната од гневот на гласачите поради миграцијата, инфлацијата и ограничувањата за време на ковид - 19 пандемијата.

Француската екстремно десничарска лидерка Марин Ле Пен изјави дека е „воодушевена“ од победата на ФПО.

Таа го поздрави, како што ја нарече, „појава што носи одбрана на националните интереси, заштита на идентитетите и воскреснување на суверенитети“.

Кикл, кој ја презеде партијата извалкана со скандали во 2021 година и го предводеше нејзиното закрепнување, рече дека е подготвен да формира влада со „секоја и секоја“ од партиите во парламентот.

„Нашата рака е испружена на сите страни“, рече тој.


Канцеларот Карл Нехамер, кој во последните недели успеа да ја намали разликата до ФПО во изборните анкети, во неговото партиско седиште изјави дека може да го види разочарувањето на членовите на партијата.

„Тоа беше трка да се стигне, и за жал не успеавме“, рече 51-годишниот Нехамер, ветувајќи дека „ќе продолжи да се бори за интересите на народот“.

Право на глас имаа повеќе од 6,3 милиони од деветте милиони жители на Австрија.

Израел ги нападна Хутите во Јемен, расте стравот од сеопфатна војна на Бллискиот Исток

архивска фотографија, пламен и чад се издигнуваат од местото на израелските воздушни напади на пристаништето Ходеида, Јемен, 21 јули 2024 година.
архивска фотографија, пламен и чад се издигнуваат од местото на израелските воздушни напади на пристаништето Ходеида, Јемен, 21 јули 2024 година.

Израелската војска ги прошири своите напади врз милитантните групи поддржани од Иран. На 29 септември изврши напади врз јеменскиот пристанишен град Ходеида, кој е под контрола на бунтовниците Хути, сојузници на Техеран.

Во меѓувреме ги интензивираше воздушните напади врз упориштата на Хезболах во јужен Бејрут и на други места во Либан, предизвикувајќи стравувања меѓу глобалните лидери од сеопфатна блискоисточна војна.

„Во голема воздушна операција денеска, десетици воздухопловни авиони, вклучувајќи борбени авиони, авиони за полнење гориво и извидувачки авиони, нападнаа цели за воена употреба на терористичкиот режим Хути во областите Рас Иса и Ходеида во Јемен“ изјави портпаролот на израелската војска капетан Дејвид Авраам изјави за новинската агенција Франс прес на 29 септември.

Војската соопшти дека воздушните напади биле насочени кон поморско пристаниште управувана од Хутите кои се користат за увоз на нафта и наводно примање иранско оружје. Претходно, во јули Израел го нападна истото пристаниште.

Јемен е во граѓанска војна уште од 2014 година, кога бунтовниците Хути го зазедоа главниот град Сана, што ги натера силите предводени од Саудиска Арабија да интервенираат за поддршка на меѓународно признатата влада и доведе до огромна хуманитарна катастрофа во земјата со околу 40 милиони луѓе на арапскиот Полуостров.

Голема количина на хуманитарна помош пристигнуваше преку пристаништето во Ходеида, но тоа се наруши откако Хутите го зазедоа објектот.

Израелскиот министерот за одбрана Јоав Галант на 29 септември изјави дека Израел ќе ги нападне непријателите без разлика на растојанието.

Јеменските бунтовници Хути, Хезболах во Либан и Хамас во Газа се сметаат за ирански застапници во регионот.

Бунтовниците Хути гаѓаа бродови во Персискиот Залив и лансираа проектили кон Израел во текот на изминатата година, тврдејќи дека тоа е поддршка на борците на Хамас во Газа.

Хезболах и Хамас се прогласени за терористички организации од САД. Европската унија, исто така, го означува Хамас како терористичка организација. На европската црна листа е ставена и вооруженото крило на Хезболах, но не и нејзината политичка партија.

Папата повика на итен прекин на огнот во Либан

Архивска фотографија, папата Франциск
Архивска фотографија, папата Франциск

Папата Франциск изрази жалење и болка поради проширувањето на конфликтот на Блискиот Исток и повика на итен прекин на огнот во Либан.

„Со болка и загриженост го следам засилувањето на конфликтот во Либан“, рече тој во пораката за време на мисата на стадионот во Брисел на 29 септември, на крајот од неговата посета.

„Премногу луѓе продолжуваат да умираат од ден на ден на Блискиот Исток“, рече тој.


Папата зборуваше во време кога израелската армија започна големи напади против високи функционери и локации за оружје на либанскиот Хезболах, во Бејрут.

„Ги повикувам страните веднаш да го прекинат огнот во Либан, во Газа и во остатокот од Палестина и Израел“, додаде папата.

Се верува дека речиси милион луѓе биле раселени поради израелските напади врз Либан, што е најголемото раселување на населението во историјата на земјата, според либанскиот премиер Наџиб Микати.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG