Министерството за финансии исплатило 43 милиони евра за заеми каде што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) е главен должник. Ова за Радио Слободна Европа го потврдуваат од финансии под каде велат дека исплатите се за автопатот Миладиновци-Штип кај Кинеската банка од каде е земен заем, а во истата банка и за автопат Кичево-Охрид, како и на ЕБРД за експресниот пат Раец - Дреново и реконструкцијата на експресниот пат Штип - Кочани.
Овие прокти ги спорведува ЈПДП, но кога претпријатието нема пари за да си ги плати кредитите тогаш според договорот Министерството ги покрива тие пари.
„Во случај кога корисникот на државната гаранција не е во можност навремено да ја плати доспеаната обврска кон кредиторот (за која е издадена државна гаранција), доставува известување до Министерство за финансии во кое се образложени причините поради кои не е во можност да го изврши плаќањето. По добиеното известување од ЈПДП, обврската ја плаќа Министерство за финансии со средства од Буџетот“, велат од Министерството за финансии за РСЕ.
Инаку минатата година беше рекордна по наплата на патарини. Претпријатието за патишта во 2024 година имало приход од 66.5 милиони евра што во споредба со претходната е повеќе за 4,3 милиони. Но, и покрај тоа ЈПДП чека пари и од Министерството за финансии бидејќи како што велат од претпријатието собраните приходи од патарина се околу 30% од вкупниот приход на ЈПДП, а овој процент не е доволен за обнова на инфраструктурата.
„Градењето на патна инфраструткура е скап процес и процес кој континуирано трае. Не е доволно само да се изгради еден пат туку потоа тој мора и да се одржува. Средствата собрани од надоместокот за употреба на јавни патишта не се користат само за одржување на автопатиштата како што е во некои земји, туку кај нас тие се распределуваат и се наменети за финансирање на нови градби, но и на реконструкција, рехабилитацијата, одржување и заштита на сите државните патишта додека, пак наплатата на патарини е само на автопатиштата, но не и на експресните, магистралните и регионалните патишта“, велат од ЈПДП.
Граѓани кои често патуваат негодуваат дека делови од патиштата по кои возат се во катастрофална состојба, а меѓу нив се и автопатите.
„Често патувам од Скопје кон Гевгелија, и на неколку места автопатот е цел со дупки и нерамнини. Така е на свиоците после Катланово, каде има големи кратери па е вистински предизвик да ги избегнеш. Таму често има и одрони па прават дополнителен проблем. Ништо подобро не е ни кај Неготино каде асфалтот е нерамен па си го изгребав автомобилот од долната страна“, вели Јован Т.
ЈПДП реализатор на крупни инфраструктурни проекти
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска кога лани се кроеше ребалансот на буџетот како пример дека има огромни дупки го посочи токму ЈПДП.
„Наместо да обезбедиме 100 милиони евра за инвестиции во здравството, образованието ние враќаме кредити на јавните претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат. Само за ЈПДП годинава сервисираме 90 милиони евра. Ако до минатата година ова претпријатие било во состојба да плати една рата во годината, сега не може да сервисира ниту една“, потенцира Димитриеска-Кочоска на 11 август 2024 година.
ЈПДП ја заврши 2024 година со реализацирани 70 проценти од планираните инвестиции. Лани потрошило околу 200 милиони евра, од кои 55 милиони евра за коридорите 8 и 10Д.
Овие коридори ги гради конзорциумот Бехтел и Енка на кој до крајот на минатата година му беа исплатени 261 милион евра, од кои само во 2024 година 55 милиони евра. За 2025 година во Буџетот планирани се приближно 130 милиони евра.
Годинава е планирано да се работи на целата траса Тетово–Гостивар во должина од 17 километри, на Гостивар–Букојчани исто 17 километри и на Прилеп–Битола на 25 километри. Според договорот за изградба на четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10 д до 2028 година треба да се потрошат 1,3 милијарди евра.
Инаку Кичево-Охрид на Коридорот 8 почна да се гради во февруари 2014 година, а последниот рок е до крајот на 2026 година. Должината од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколку анекси неговата цена достигна 598 милиони евра.
Цената на патарините највисока во регионот
Ако сакате да имате картичка или таг за побрзо да ги поминувате патарините ќе мора да платите и за нив и за нивно полнење. Така според ценовникот на ЈПДП безконтактната картичка изнесува 100 денари и минималниот износ за да ја наполните е 300 денари и на стартот и понатаму. Цената на тагот со кој рампата се подигнува без застанување е 1200 денари. Минималниот износ кој треба да го имате на неа е исто така 300 денари. Тоа значи дека максимум со 300 денари можете само од Скопје да отидете до Велес и да се вратите за што ќе потрошите 240 денари односно по 120 во еден правец.
Велешаните кои секојдневно патуваат на работа до Скопје и назад пресметале дека ќе потрошат 58 илјади денари, што е повеќе од просечна плата во земјава која во декември изнесувала 43 500 денари.
„Патувам секој ден на работа, освен викендите и предвидените денови за годишен одмор. Јас земам плата помала од просечната што значи дека во годината само за патарини одвојувам плата и половина. А каде ми се трошоците за гориво и амортизација. Ако не се организираме повеќемина кои патуваме нон-стоп, нема шанса со автомобил да дојдеме до Скопје. Другите превози со автобус или железница се катастрофални“, вели велешанецот Благој Т.
Пред 6 денови пратеничката група на Левица достави предлозг за Законот за јавните патишта со ќе се намали ценита на патарините за пола од сегашната.
„Со години македонските граѓани плаќаат високи цени за патарини, додека патиштата остануваат во катастрофална состојба. Со овој закон износот што го плаќа народот за користење на патиштата ќе биде намален за половина, за сите категории на возила. Втората измена е тоа што висината на патарината и нивната наплата за прв пат ќе бидат регулирани со закон наместо со правилник на влада, затоа што сега беше регулирано со правилник на влада, а не со закон“, изјави пратеникот Амар Меџиновиќ.
Според Левица во Бугарија се вози цел месец за 16,55 евра на автопат; во Словенија една недела чини 16 евра; во Унгарија околу 17 евра за десет дена. Во Северна Македонија, на делницата Скопје-Демир Капија-Скопје со 12 евра, колку што е неделна вињета во Австрија, може да се вози само два дена по лош асфалтен пат.
Поевтини патарини само за електрични возила
Предизборната програма на владејачката партија најави дека нема намалување на цените на патарините, освен за електричните возила.
„На сите патарини во Македонија ќе овозможиме електронска наплата со што ќе добиеме многу поголема проточност на патиштата и намалена корупција. За електричните возила регистрирани во Република Македонија ќе биде намалена сумата за плаќање на патарини до 50%“, пишуваше во програмата на ВМРО ДПМНЕ со која оваа партија го доби мнозинството во македонското Собрание.
Според пресметката која ја изработило претпријатието по изминат километар граѓаните плаќале најниска цена на патарините во регионот.
„Така на пример кај нас изразена во евра патаринатакај нас е 0.040 евра, во соседна Србија е 0.042 евра, во Хрватска е 0.055 евра, а во Босна и Херцеговина е 0.062 евра. Исто така, моменталната цена е формирана одамна и не е променета и во тој период изградба на 1 км автопат чинеше 1 милион евра, а денес изградбата чини неколкукратно повеќе“, пишуваат од ЈПДП.
Износот на надоместок за поминат километар за автомобилете според ЈПДП ако се пресметува во денари изнесува 2,5784 денари/километар по возило.
Начинот на кој се плаќа, локациите и воведувањето на вињетки како што тоа е во другите земји за сега останува непроменет.
Србија најави дека ќе воведе наплата по километар
Србија најави дека е можно целосно да го отстрани плаќањето на рампа, откако ќе воведе електронска наплата со таг и картичка. Од она што досега го објавуваат тамошните медиуми се знае и дека патарината ќе се наплаќа по поминат километар. Сепак се уште не се знае кога ова би профункционирало.
„Според нашата евиденција, две третини од камионите користат електронска наплата на патарина со тагови. Законот вели дека сите тешки товарни возила мора да имаат таг, но имплементацијата беше одложена поради овие корисници. Многу патнички возила користат тагови, или нешто повеќе од половина. За две или три години, кога сите патнички возила ќе имаат тагови, рампите ќе бидат целосно подигнати“, изјави Дарко Савиќ, помошник извршен директор на Секторот за наплата на патарина.
Заеднички систем на наплата на патарина со тагови Србија има со Македонија.
Сепак според тврдењата на директорот на српското претпријатие тие ќе остават неколку пунктови каде што странците кои не можат да се снајдат за да можат да ја платат патарината. За пресметката по километар од таму велат дека ќе чини исто на секој автопат. Софтвер ќе ја пресметува цената, од една до друга патарина. Таквите податовци ќе ги има тагот и при самото поминување на патарина ќе биде наплатено.
Инаку во Северна Македонија сега постојат наплатни рампи на сите автопати и тоа по две од едно до друго населено место. На околу 150 километри пат од Скопје до Гевгелија има пет патарини за кои во еден правец ќе треба да платите 360 денари.