Достапни линкови

На некои факултети нема место, a некаде студенти „ни за лек“


Илустрација - Студентски индекс
Илустрација - Студентски индекс

На дел од факултетите на најголемиот универзитет „Св.Кирил и Методиј“, како ФИНКИ, се бара место повеќе, на други, едвај се запишува по некој студент. Зошто во првиот уписен рок за академската 2024/2025 младите се фокусирааат на информатичките технологии и што со студиите каде интересот замира?

Ако немаш идеја каде да се запишеш, оди на ФИНКИ и сигурно ќе имаш добра работа. Вака, размислуваат дел од младите кои сакаат да студираат на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), вели идниот бруцош Марко од Скопје.

И тој се пријавил на ФИНКИ во првиот уписен рок што заврши на 30 август. Ова е еден од факултетите за кои во последните години се бара место повеќе.

„Значителен дел од младите можеби се како мене и навистина им се допаѓа факултетот. Но, би рекол дека можеби поголемиот дел одат поради помодарство или затоа што не знаат каде да отидат. И им е како некое правило дека ако завршиш на ФИНКИ ќе имаш добра плата во добра компанија. Некако е како безбеден избор“, вели Марко, потенцијалниот студент во насоката Компјутерски науки.

И деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, потврдува дека овој факултет и годинава е најпосакуван меѓу идните студенти. Во првиот уписен рок имало 732 пријави за 1020 слободни места.

„Најголем интерес има за насоката Примена на информациски технологии. Може да се каже дека тука има и двојно поголем интерес отколку што имаме места. Но и сите други насоки се речиси полни. Бројките се во рамките на очекувањата“, изјави Јакимовски за РСЕ.

ФИНКИ лани беше рекордер меѓу сите факултети на УКИМ по број на запишани студенти.

За некои факултети, пак, интересот е исклучително мал. На катедрата за хортикултура на пример, при факултетот за Земјоделство се пријавил само еден студент во првиот уписен рок, а има место за 25 студенти.

Инфографика - Запишани студенти на УКИМ во академската 2023/2024 година
Инфографика - Запишани студенти на УКИМ во академската 2023/2024 година

Зошто вакво отскокнување?

Пазарот на трудот диктира кои факултети ќе бидат повеќе, а кои помалку популарни. Вистината на платите во IT индустријата предизвикува интерес, но на младите им е важна и слободата, смета комуникологот Бојан Кордалов. Тој преку Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), ги анализира образовните и кариерните чекори на младите.

„Ако ние зборуваме за речиси 1500 евра просечна плата според Заводот за статистика во делот на IT и сродни професии, замислете до каде одат тие плати. Но, не само платата која е круцијална, туку и слободата и можноста да се работи од секаде, од различни места дополнително ја прави IT индустријата атрактивна за младите, како и можноста да се напредува брзо“, вели Кордалов.

Сепак, не значи дека ако се запишете на факултет за IT, a притоа ви оди хортикултура на пример, вие ќе заработите повеќе со IT, а помалку со хортикултура. Напротив, ако ги следите афинитетите и се градите според она што го сакате и кон кое имате предиспозиција, можете да заработите повеќе и секако, многу важно – да бидете посреќни, потсетува комуникологот.

Скопјанката Софија на пример решила да се слуша себе. Иако повеќето нејзини другари од средно сакале да студираат на ФИНКИ, таа избрала Електро енергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија на Факултетот на електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

„Тоа е насока која мислам дека ќе биде просперитетна во иднина бидејќи се фокусира на обновливите извори, а тоа е концепт кој навистина ќе ни треба бидејќи планетава оди на полошо“, изјави Софија.

Изненадување на ФЕИТ и на Економски

Кај ФЕИТ, има значителен раст на интересот во споредба со минатата година. Таму, за понудените 570 места, се пријавиле 283 во првиот уписен рок.

„Имаме околу 50 % поголем интерес. Две студиски програми се целосно пополнети во државна квота, а тоа се Компјутерски технологии и инженерство и Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика. Останатите се солидно пополнети. Во енергетските насоки најголем интерес има за обновливите извори на енергија“, вели Марија Календар, продеканка за настава на ФЕИТ.

Анализите на Економскиот факултет во Скопје, пак, покажале дека оваа година кај нив ќе се запишат горе-долу ист број на студенти како лани, кога во трите уписни рока се запишале 508 студенти. Но, оваа година, електронски се пријавиле 635, уште во првиот уписен рок.

„Само во првиот уписен рок има пораст во бројот на студенти за околу 20 проценти. Имаме 7 студиски програми кои се трудевме да ги прилагодиме на потребите на пазарот на трудот. После Ковид кризата, има зголемен интерес за електронскиот бизнис. За маркетинг има доста голем интерес исто така“, посочи Предраг Трпевски, декан на Економскиот факултет.

Меѓу јазиците „ништо ново“

Имало 60 слободни места, но само 16 матуранти имале интерес да учат македонски јазик. Ова го покажуваат прелиминарните резултати од првиот уписен рок на Филолошкиот факултет во Скопје. Минатата година, во сите три уписни рокови на оваа катедра се пријавиле 22-ца.

За изучување на англискиот јазик, пак, има двојно повеќе места, односно 120, но и многу поголем интерес - вкупно 72 кандидата.

На катедрата за албански јазик пријавени се 7, а понудени се 55 места.

„Бројките во изминативе десеттина години покажуваат тенденција на опаѓање. Тоа е поврзано можеби и со интерес за студирање, но сигурно и со многу други причини, како демографски, миграција и така натаму. Генерално сме задоволни, иако бројката е благо намалена во однос на минатите години. Англиски и германски се најпопуларни, додека на другите јазици е доста помал бројот на студенти“, вели продеканката за настава на Филолошкиот факултет, Калина Малеска.

Што со „замрениот“ интерес за некои професии?

Секоја професија што ја имало порано, ја има и денес, но не во обликот во кој постоела пред дигитализацијата, истакнува комуникологот Кордалов. Според него, колку и ние да одбиваме упорно, како општество, како институции да го прилагодиме образованието на новите трендови, толку повеќе ќе губиме чекор со времето, студенти и професии.

„Има професии кои се сметаат за „неатрактивни“ или застарени, но напротив, тие се побарувани и добро платени, дури можеби и еднакво или повеќе од IT. Ако сакаме да вратиме одредени професии, мораме да ги прилагодиме на новото време, да воведеме технологии и најважно од се – да ги ставиме факултетите да не бидат само табла, креда и амфитеатар, туку да бидат многу повеќе во компании, организации и на терен“, заклучува комуникологот.

Вкупно 9.921 студенти добија можност да се запишат на УКИМ, од кој се дел и сите факултети со чии претставници разговаравме.

На скопскиот универзитет, во академската 2024/2025 година, 4.761 редовни студенти можат да се запишат во државна квота, 4.210 редовни студенти со кофинансирање и има место за 950 вонредни студенти. На 17 и 18 септември е вториот, а на 27 септември третиот уписен рок.

По објавувањата на конечните листи, кандидатите ќе се запишуваат на 11 и 12 септември и на 26 септември и 30 септември, според рокот на пријавување.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG