23 годишната Љупка е студентка на Филозофскиот факултет во Скопје. За својот факултет вели дека нема лично искуство на соочување со корупција. Гласини има, ни рече Љупка, но, не ги поврзува со факултетот каде студира.
„Мислам дека кај нас тоа го нема. Барем јас не знам за нешто такво. Сепак, сум слушнала за одредени работи на другите факултети“, вели таа.
Во случај да се соочат со корупција, студентите можат да ја пријават кај студентските правобранители. Ако се работи за помасовна појава пријавувањето е анонимно, ако е специфичен случај мора да се пријави индивидуално.
Савче Ѓошева од ноември 2023 година ја презеде функцијата на студентски правобранител на најголемиот универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје кој опфаќа 23 факултети. Ѓошева, која е исто така студент како и другите правобранители, ја има улогата на заштитничка на студентските права при нивно прекршување. Но, кога станува збор за корупција, во досегашниот нејзин мандат не се соочила со таква пријава.
„Тоа се должи и на тоа што студентите не ја препознаваат корупцијата бидејќи знаеме дека е навлезена во сите пори. Или пак ако ја препознаваат не се охрабруваат да ја пријават. Постојат индикации дека навистина има корупција во високото образование, тоа можеме да го воочиме и преку секојдневни разговори со студентите, ама истите нема да ни пријават. Најчесто е кога професор бара да му ја купите книгата за да добиете потпис или право да полагате испит. Студентите немаат пријавено иако знаеме дека постои“, вели Ѓошева.
Ставот на Ѓошева е дека повеќе се работи за страв од однос на институцијата и на самиот професор, сметајќи дека се уште постои еден вид на авторитарност.
„Не дека ова се случува на сите факултети ама мислам дека е голем фактор зошто не пријавуваат. Бидејќи ако пријават се плашат дека професорот ќе им се одмазди дали преку помала оцена, преку буткање од испит“, вели таа.
Нула е и бројот на пријави на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ. Во тригодишниот мандат на тамошниот студентски правобранителот Стефан Наумовски исто така нема ниту една пријава. Тој вели дека нема проблеми со корупција на факултетот и не слушнал за корумпирани префесори.
„Сум чул дека на одреден кампус постојат корумпирани професори, но, не во форма на таа корупција ние што ја знаеме. Не е експлицитна и вулгарна туку услуга за услуга. Јас можам да сторам нешто за вас во замена за поголема оцена“, вели Наумовски.
И студентите во Штип без пријави
И покрај активната промоција на борбата против корупција преку кампањи, Универзитетот Гоце Делчев во Штип кој обединува 15 факултети има и студентски правобранител и одговорно лице за прием на пријави на корупција кое воедно е законска обврска на Универзитетот. Но, до сега нема никаков вид на пријава за корупција од студентите нив.
„Непријавувањето на корупција од страна на студентите сметам дека се должи на еден вид апатија. Студентите се рамнодушни или пак сметаат дека доколку пријават корупција нема да има некаков вид на промена“, изјави студентскиот правобранител Богољуб Мијалков, кој ги охрабрува студентите да пријават, велејќи дека имаат „респонзивни и ефективни механизми кои помагаат во борбата против корупција“.
Калајџиев - Перцепцијата за корупцијата на Универзитетот е преценета
Професорот на Правниот факултет, Гордан Калајџиев веќе трета година откако е назначен за антикорупциски офицер на УКИМ. Неговата задача е да ги процесуира формалните поплаки за корупција на универзитетот. За тој временски период добил само една пријава која не била корупциски случај.
Според лично убедување на професорот, перцепцијата за корупцијата на факултетот е преценета и е помала од вистинските размери.
„Јас сум убеден дека посебно студентите на Првен факултет не се наивни и знаат да се борат за своите права и убеден сум дека димензиите на корупцијата според овие показатели се надевам се помали. Едноставно е невозможно да го има тој степен на корупција низ приказните на перцепциите, а да нема ниту еден случај. Таква дискрепанца е скоро невозможна. Јас можам да верувам дека на пример имало годинава некои 50 случаи, но, не се пријавиле 50 туку десет. Па да разговараме зошто не се пријавиле другите. Тука нешто не е во ред“, изјави Калајџиев.
Калајџиев вели дека иако не станува збор за поголем број предмети, сепак има два случаи кои се пријавени до Државната комисија за спречување на корупцијата, за поранешниот ректор Никола Јанкуловски и актуелната ректорка Билјана Ангелова.
„Кога е Ректорот во прашање, професорите немале доверба дека Универзитетот самиот е способен да го реши тој случај па го пријавувале до ДКСК. Но и тоа се мал број на случаи“, вели Калајџиев.
Во 2019 година, ДКСК иницираше кривична одговорност на тогашниот ректор Никола Јанкуловски. Антикорупционерите утврдуле дека Јанкуловски земал две плати, една од клиниката за дигестивна хирургија и една како ректор на УКИМ. Откако станал ректор, тој не го ставил во мирување своето работно место на клиника, иако според законот требало.
Во октомври 2023 година, група професори ја пријавија сегашната ректорка Билјана Ангелова во ДКСК. Во пријавата пишуваше дека Ангелова од позиција на проректор и подоцна ректор на Универзитетот „вршела и врши настава и на приватни т.н. Академии со што го прекршува законот и личниот интерес и интересот на бизнисот го има поставено над интересот на Универзитетот“.
Пријави има во ДКСК
За разлика од факултетите, студентските правобранители и антикорупциските офицери, на адреса на Антикорупциска изминатите години стигнувале по десетици пријави поврзани со работењето на факултетите или универзитетите.
Во 2022 година до ДКСК се доставени 19 пријави, од кои две се за Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Скопје. Како што велат од Антикорупциска, едната содржи општи наводи за незаконитости и злоупотреби при Земјоделскиот институт, додека втората за незаконитости на Факултетот за музичка уметност Скопје.
Во 2023 година бројот се зголемил на 30 пријави. Од нив 7 се однесуваат на УКИМ. Една пријава е со наводи за незаконитости при вработување на професор на Богословскиот факултет, потоа за работењето на директор на Институтот за сточарство, друга за несовесно работење поврзана со докторска дисертација на Филозофскиот факултет Скопје. Има и пријава за незаконитост при избор на декан на Факултетот за безбедност, потоа за незаконско работење на Факултетот за земјоделски науки и храна, наводи за незаконско трошење на средства на Филозофскиот факултет Скопје и пријава против докторант на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
„Во 2024 година доставени се 2 пријави, пришто истите не се поврзани со работењето на УКИМ или факултети/институти при УКИМ“, велат од ДКСК за РСЕ.
Случај „Еразмус“
Досега за корупција одговарале професори од УКИМ само за еден случај. Во септември 2023 година, Основниот Кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни за примање и давање поткуп тројца професори од Економскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.
На професорите Бобек Шуклев и Славе Ристевски судот им изрече вкупно осум години казна затвор, додека Драган Денковски доби условна казна затвор.
На професорот Бобек Шуклев за примање поткуп му беше изречена казна затвор од четири години и шест месеци, професорот Славе Ристевски за две кривични дела примање поткуп доби казна затвор од по две години и шест месеци, односно единствена казна затвор во траење од четири години.
Професорот Драган Денковски, за три кривични дела давање поткуп Судот го осуди со алтернативна мерка условна осуда, за секое кривично дело во траење од по 10 месеци, или единствена казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку не стори ново кривично дело.
Освен затворските казни, на тројцата професори им изрече и забрана за вршење на професијата во траење од пет години од правосилноста на пресудата.
Освен барање на пари за да напишат преодни оценки, на судењето студентка сведочеше дека и било барано и сексуална услуга.