Јавното обвинителство е фокусирано на иницираната постапка против професорите од Економскиот факултет кои се осомничени за земање од 500 до 1.000 евра за преодна оценки кое биле следени во изминатите години, иако јавноста очекуваше дека на прес-конференцијата ќе стана повеќе збор и за тоа дали ќе бидат преземени неопходните дејствија по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, кој ги повлече аболициите поврзани со нелегално прислушуваните материјали кои открија сомневања за криминал во власта и кај високи политички функционери.
Од Обвинителството објаснија дека на петмината приведени од Економскиот факултет во акцијата „Еразмус“, меѓу кои има и еден академик, им е замената мерката притвор со мерки за обезбедување присуство, односно привремено одземање на патна исправа, затоа што било проценето дека осомничените немаат можност за бегство, ниту може да влијаат врз предметот.
За половина час да организирате акција во која ќе ги обезбедите на најефикасен и најдобар можен начин доказите е за пофалба, а никако за критика.Лидија Вучковиќ Раичевиќ, обвинителка.
„Тоа што мерките сега се благи и делуваат на момент како одредена привилегија кон обвинетите воопшто не значат тоа. Суштината на делата е многу тешка. Овој предмет ќе ја добие длабината на суштината, што значи кривично дело корупција и злоупотреба на службена должност. А доказите во овој предмет се многу цврсти и мене ми е многу жал што законот не ми дава можност јавно да ви ги презентирам“, рече обвинителката Лидија Вучковиќ Раичевиќ.
Таа исто така потврди дека двајца од приведените се осомничени и за барање сексуални услуги од студенти и истакна дека Јавниот обвинител за половина час ја организирал акцијата на Економскиот факултет и оти биле обезбедени докази за шест минути со одбележани пари.
„За половина час да организирате акција во која ќе ги обезбедите на најефикасен и најдобар можен начин доказите е за пофалба, а никако за критика. Ниедно човеково право не е нарушено, ниту законитиот тек на постапкта е нарушена со било каква постапка или наредба на ЈО и МВР“, вели обвинителката.
Групата од шестмина професори, еден демонстратор и сопственикот на бифето на Економскиот факултет во Скопје, кои на директен или индиректен начин преку посредници барале поткуп со цел студентите да добијат преодна оценка за положен испит по предметите кои ги предавале осомничените професори била следена две години, и засега има докази за 2 .800 евра, иако вкупната сума не е утврдена.
Од Професорскиот пленум најостро осудуваат каков било обид за мито и корупција во однос на студентите и велат дека таквите постапки треба да се санкционираат, но реагираат дека начинот на кој се изведуваат акциите на полицијата на УКИМ како на американски филм е недозволив.
„Имаме информација дека вчера биле и на ПМФ до уши наоружани. Ако се даде таква дозволо не знам ова е веќе окупација на факултетите“, вели професор Гордана Попсимонова.
Случајот со професорите од Економскиот факултет беше повод таа на својот профил да напише - Пишувам шестка викнете го министерот за внатрешни работи Чавков. Попсимонова посочи дека оваа акција после сите превирања во образованието покажува оти власта смета оти наставничкиот кадар е неспособен.
„Имавме обид со законот за високото образование да ни ги формираат програмите, па да не формираат нас како наставен кадар, ни испечатија литература со цврсти корици, но со катастрофални преводи и многу беше за очекување дека ќе дојде денот да дојадат со нас да испитуваат и да ги формираат оценките“, рече професор Попсимонова.