Што повеќе универзитети, тоа понеквалитетно образование, коментираат упатените во однос на намерата на владата да отвори нови универзитети. Одлуките за нови високообразовни институции се носат на брзина, недоволно се оправдани, отсуствува поширока стручна дебата, а спорна е и финансиска оправданост. Друг проблем кој го посочуваат е и кадарот кој би работел на тие факултети. Стручната јавност посочуваше и дека се уништува најстариот универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, а ново отворените не се на тоа ниво на квалитет.
И ние на УКИМ имаме акутен дефицит од млади истражувачки кадри, нашите колеги веќе одат во пензија, нема кој да ги замени, како резултат на долгогодишен недостаток на нови кадри. И навистина кој ги работел, кој би држел предавања и вежби на тие нови факултети.Гордана Попсимонова, универзитетски професор.
Во последниве десет години се намножија државни, но и приватни универзитети, вели професор Гордана Попсимонова, која предава на УКИМ. Таа вели дека голем дел од средствата со кои се финансира УКИМ не доаѓаат од Владата преку министерствата за образование и финансии, туку од самофинансирање, па според неа, отворањето на нови универзитети не би влијаело директно врз зафатот на средства кои се двојат за јавното високо образование, но ќе влијае на друг начин.
„Меѓутоа секако би влијаело врз понудата на квалитетно или веќе неквалитетно образование, затоа што сметам дека и ние на УКИМ имаме акутен дефицит од млади истражувачки кадри, нашите колеги веќе одат во пензија, нема кој да ги замени, како резултат на долгогодишен недостаток на нови кадри. И навистина кој ги работел, кој би држел предавања и вежби на тие нови факултети“, вели таа.
Професорката се сомнева дека како предавачи може да се привлечат кадри од странство, оти, како што вели, иако има законска обврска да се канат, тешко е да се најдат и да се платат такви луѓе.
Друг проблем на кој посочува Попсимонова е што со законските измени, во работен однос може да влезе само млад научен кадар со докторска титула, за разлика од порано кога тој процес се одвиваше постепено.
Поранешниот министер за образование Сулејман Рушити вели дека оваа власт, како и во другите сфери, така и во образованието, постапува само од свои, лични и партиски интереси. Тој додава дека веќе се гледаат негативните резултатите од лошите потези во образованието.
„Време е сите овие одлуки да се менуваат, време е работите да се доведат на позитивна нула, па потоа да се делува стратешки. Мислам дека веќе е непотребно и да се анализира, затоа што веќе целта се знае дека им е за кампања, за дневна политика, за нивен интерес, за гласови, односно за вработување на партиски кадри“, вели Рушити.
Предлог законот за формирање на универзитетот Дамјан Груев е на расправа во Парламентот. Опозицијата смета дека формирањето на универзитетот е спротивно на Уставот и правниот систем. Тие бараат власта јавно да каже колку ќе потроши на новиот универзитет и на јавна расправа да се образложи потребата од формирање на истиот. За власта, пак, универзитетот е потребен за безбедноста на државата.
Високообразовната институција се предвидува да започне со работа во академската 2016 – 2017 година.