Достапни линкови

Вести

За САД оживувањето на нуклеарниот договор не е во агендата, Иран повикува на „нови преговори“,

Новиот ирански министер за надворешни работи, Абас Аракчи
Новиот ирански министер за надворешни работи, Абас Аракчи

Оживувањето на иранскиот нуклеарен договор останува надвор од агендата за администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, соопшти американскиот Стејт департмент на 26 август, додека Техеран повика на „нови преговори“ за ажурирање на договорот.

Новиот ирански министер за надворешни работи, Абас Аракчи, минатата недела рече дека договорот „не може да се оживее во сегашната форма“ поради клаузулите чија важност е истечена и инсистира на тоа дека се потребни нови разговори за „реанимација“ на договорот.

Портпаролот на Стејт департментот за РСЕ изјави дека заедничкиот сеопфатен план за акција, кој е формално познат како нуклеарниот договор од 2015 година, „во моментов не е на маса“.

Соединетите држави еднострано излегоа од договорот во 2018 година за време на мандатот на тогашниот американски претседател Доналд Трамп.

„САД ќе се погрижат на еден или друг начин Иран никогаш да нема нуклеарно оружје, а ние сме подготвени да ги искористиме сите елементи на националната моќ за да го обезбедиме тој исход“, изјави портпаролот за РСЕ.


Сепак, Вашингтон ја гледа „дипломатијата како најдобар начин за постигнување одржливо, ефективно решение“, додаде тој.

За време на телевизиско интервју, Аракчи истакна дека повторното преговарање за договорот би било предизвик.

„Овој документ дефинитивно треба повторно да се отвори и делови од него треба да се променат. Тоа не е лесна задача затоа што штом повторно ќе отворите документ, повторното составување ќе биде предизвик“, рече тој во телевизиското интервју.

Работите дополнително ги комплицираат и ноемвриските претседателски избори во САД и тековните војни во Украина и Газа.

Аракчи рече дека војната во Украина „длабоко влијаела на тоа како Европејците ја гледаат безбедноста“, додека конфликтот во Газа „целосно ја промени ситуацијата во регионот“.

Министерот, кој беше еден од архитектите на договорот меѓу Иран и шесте големи светски сили, рече дека форматот на разговори од 2021 година за заживување на договорот повеќе не може да функционира.

„Потребни се нови преговори“, додаде Аракчи.


Договорот ја ограничи иранската нуклеарна програма и го ограничува збогатувањето ураниум на 3,67 проценти. За возврат, Соединетите Држави ги укинаа санкциите што ја задушија иранската економија и енергетскиот сектор.

Но, Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот во 2018 година и повторно воведе санкции. Иран возврати со постепено намалување на своите обврски и моментално збогатува ураниум до 60 проценти.

Аракчи, тогаш заменик-министер за надворешни работи, го предводеше иранскиот преговарачки тим кога Техеран и Вашингтон започнаа индиректни разговори во април 2021 година за враќање на договорот. Преговорите прекинаа кога тогашниот претседател Ебрахим Раиси дојде на власт во Иран и нов тим преговарачи влезе во кавгата.

Но, разговорите беа прекинати во септември 2022 година, како последица на националните протести што со месеци го потресоа Иран. Стотици беа убиени во немирите додека властите ги разбија демонстрациите.

Новиот ирански претседател, Масуд Пезешкијан, кој го наследи Раиси откако загина во хеликоптерска несреќа на почетокот од оваа година, вети дека ќе го ангажира Западот.

Но, крајниот одлучувач во Иран е врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи, кој ги пофали напорите на конзервативците да ја прошират нуклеарната програма на земјата.

види ги сите денешни вести

Лимани: Состојбата со иселување на младите е многу сериозна

Mинистерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, 25 септември 2024
Mинистерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, 25 септември 2024

Бројките на млади кои би се отселиле од државата се аларм, посочи македонскиот министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, на конференцијата „Од Словенија до Северна Македонија: Синергијата на образованието и бизнисот во Северна Македонија“, која се одржа денеска (25 септември).

Тој се повика на едно од последните истражувања на Фондацијата Вестминстер за учеството на младите во социјалниот и политичкиот живот во државата, кое покажува дека 62 отсто од младите би се отселиле доколку им се пружи шанса. Според Лимани, уште посериозно е тоа што 77 проценти не би се вратиле назад во државата доколку се отселат.

„Овие бројки, се алармот кој веќе е вклучен. Оваа состојба во која се наоѓа нашата држава е многу сериозна. И наша одговорност како Влада е да преземеме сериозни чекори веднаш, за да го смениме овој негативен тренд“, потенцира Лимани.

Помеѓу факторите кои влијаат на овие нивни одлуки, како што рече тој, се состојбите во образовниот систем, студентскиот стандард, здравството, како и можностите за вработување.

Отворањето на нови работни места за млади, преку поддршка за претприемништво и стартапи, грантови за млади претприемачи, обуки и менторски програми за развој на бизнис вештини, ги истакна како дел од главните приоритети.

„Ќе обезбедиме загарантирана понуда за работа за најдобрите студенти. Оваа мерка ќе придонесе кон намалување на невработеноста меѓу младите и да помогне во задржување на талентираните млади луѓе во земјата“, рече Лимани.

Според пресметките на државниот ревизор, од април годинава, околу 2.500 високообразовани кадри се иселуваат на годишно ниво, поради што загубите за државата се пресметуваат во стотици милиони евра.

Проценките на Светска банка, пак, покажуваат дека 40 отсто од високообразовниот кадар од Северна Македонија ја има напуштено државата.

Конференцијата на која присуствуваше Лимани беше организирана од Амбасадата на Република Словенија, Македонската студентска организација во Словенија и Друштвото на словенечки и македонски стопанственици.

ОПЕК ги зголеми прогнозите за побарувачката на нафта

Логото на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК)
Логото на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК)

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ги зголеми своите среднорочни и долгорочни прогнози за глобалната побарувачка на нафта, предвидувајќи дека мотори на нејзиниот раст ќе бидат Индија, Африка и Блискиот Исток.

Во 2028 година, светската побарувачка на нафта треба да достигне 111 милиони барели дневно, објави ОПЕК во својата годишна прогноза, зголемувајќи ја минатогодишната проценка за 800.000 барели дневно.

За 2029 година се предвидува побарувачка од 112,3 милиони барели дневно.

Меѓу причините за зголемените прогнози, ОПЕК го наведува посилното економско опкружување во споредба со минатата година благодарение на намалувањето на инфлацискиот притисок и пониските трошоци за задолжување.

Рестриктивната монетарна политика ја забави активноста во водечките економии, што обично подразбира намалена потрошувачка на енергенси.

Зеленски разговарал со Столтенберг за патот на Украина кон НАТО

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговарал со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за потребата од зајакнување на украинската воздушна одбрана и за патот на Украина кон членство во Алијансата.

Зеленски на својот канал на Телеграм објави дека на состанокот одржан на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, му се заблагодарил на Столтенберг за неговата поддршка на Украина за време на неговиот мандат како генерален секретар на Алијансата, како и за напорите за обединување на светот во помагање на Киев и зајакнување на армијата на Украина, пренесоа украинските медиуми.

Украинскиот претседател изјави дека на средбата се разговарало и за фактот дека Украина треба што поскоро да добие покана за членство во НАТО, како и за важноста од навремено спроведување на сите договори од самитот на Алијансата одржан во јули во Вашингтон, т.е. земјите членки ги исполнуваат своите обврски околу доделувањето на 40 милијарди евра за следната година.

За средбата се огласи и Столтенберг, со објава на платформата X.

„Се согласуваме дека иднината на Украина е во НАТО. Ќе продолжиме да работиме заедно за да се доближиме до тој ден и да и помогнеме на Украина да успее во борбата за слобода“, напиша генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

За време на самитот на НАТО во Вашингтон, кој се одржа од 9 до 11 јули, лидерите на САД, Холандија, Германија, Италија и Романија најавија префрлање во Украина на пет стратешки системи за воздушна одбрана „патриот“, како и десетици тактички системи за противвоздушна одбрана.

Зеленски присуствува на 79. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а денеска (25 септември) треба да се обрати пред учесниците на сесијата.

Работен ручек на лидерите на Западен Балкан со Борел во Њујорк

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска (25 септември) во Њујорк, каде што се одржува Генералното собрание на ОН, ќе ги собере лидерите на Западен Балкан на традиционалниот работен ручек, соопшти Европската Комисија.

„В среда, високиот претставник Борел ќе биде домаќин на шестмина лидери од Западен Балкан на традиционалниот работен ручек“, се вели во соопштението на Комисијата, која претходно ги објави активностите на претставниците на ЕУ во ОН.

И минатата година Борел беше домаќин и на неформален состанок со лидерите на Западен Балкан на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Минатата недела пак во Брисел, претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен одржа работен состанок со лидерите на земјите од Западен Балкан на кој претставниците на земјите ја претставија својата реформска агенда, од чие исполнување ќе зависи дали ќе им бидат исплатени средствата од Планот за раст за Западен Балкан, кој го доделува ЕК.

При презентацијата на овој план, на земјите од регионот јасно им беше кажано дека доколку не спроведат реформи по една или две години, таа сума ќе биде распределена на други земји.

Гроси: Гледам волја кај Иран за повторно ангажирање за нуклеарното прашање

Генералниот директор на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија на ОН, Рафаел Гроси
Генералниот директор на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија на ОН, Рафаел Гроси

Генералниот директор на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија на ОН (МААЕ), Рафаел Гроси, рече дека гледа поголема волја кај иранските власти по разговорите во Њујорк да се ангажираат позначајно со МААЕ кога станува збор за иранската нуклеарна програма.

Гроси изрази надеж дека во октомври ќе отпатува за Техеран на средби со ирански претставници.

Тој рече дека иранската нуклеарна програма продолжува да се развива со предвиденото темпо, поради што би сакал да ги забрза напорите во наредните недели да се постави основа за разговори меѓу Иран и западните земји за иранската нуклеарна програма.

Директорот на иранската организација за атомска енергија Мохамад Еслами на почетокот на овој месец изјави дека има планови Гроси да го посети Иран и дека иранскиот амбасадор во МААЕ се сретнал со Гроси во рамки на подготовките за посетата.

Следниот месец Асанж првпат ќе се појави во јавност по ослободувањето

Џулијан Асанж
Џулијан Асанж

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, следниот месец ќе се појави во јавноста за прв пат по неговото ослободување од британски затвор кога се очекува да даде докази пред Советот на Европа, соопшти денеска (25 септември) неговата организација.

Асанж (53) се врати во Австралија во јуни, откако беше постигнат договор за негово ослободување во кој тој се изјасни за виновен за прекршување на американскиот Закон за шпионажа, ставајќи крај на 14-годишната правна одисеја во Велика Британија.

Неговата сопруга Стела, со која се ожени додека беше во лондонскиот затвор Белмарш, рече дека ќе му треба малку време да се опорави физички и психички по долгата затворска казна и да биде со нивните две деца, кои никогаш не ги видел надвор од затворот.

Тој за прв пат јавно ќе зборува кога ќе даде докази пред Комисијата за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур на 1 октомври.

Тоа доаѓа откако ПССЕ објави извештај за неговиот случај, во кој се заклучи дека Асанж е политички затвореник и ја повика Велика Британија да истражи дали бил подложен на нехуман третман.

Одложено судењето на обвинетите во случајот Бањска во Косово

илустрација
илустрација

Основниот суд во Приштина одлучи да го одложи првото рочиште за случајот Бањска врз основа на обвинението покренато од Специјалното обвинителство на Косово против 45 лица за тероризам и тешки кривични дела.

Ново рочиште е закажано за 9 октомври, по барање на обвинетите, кои побараа дополнително време за подготовка. Огромното мнозинство од обвинетите се во бегство.

Претходно, под силно полициско обезбедување, во Специјалниот оддел на приштинскиот суд утрово беа доведени тројца од обвинетите - Душан Максимовиќ, Владимир Толиќ и Благоје Спасојевиќ, кои беа уапсени непосредно по нападот, на 25 септември минатата година.

Судскиот процес го води судијата Арбен Хоти, а присутен е и специјалниот обвинител Наим Абази, кој предложи на останатите 42 обвинети, меѓу кои и водачот на групата, поранешниот потпретседател на партијата на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, да им се суди во отсуство.

На ова се спротивстави адвокатот на обвинетиот Спасојевиќ, кој рече дека судењето во отсуство на 42 обвинети лица е невозможно и за тоа нема претпоставки согласно член 303 од Законот за кривична постапка.

Една година по нападот во Бањска, Косово, сè уште отворени прашања
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00

Во обвинението на Специјалното обвинителство на Косово, подиганто на 11 септември годинава, обвинетите се товарат дека „со употреба на насилство со тешко оружје се обиделе да го отцепат северниот дел на територијата на Република Косово и истиот да го приклучат на Република Србија. Како резултат на насилството тој ден, загина полицаецот Африм Буњаку, а беше загрозен и животот на други полициски службеници и на цивилното население“.

Водачот на терористичката група, Радоичиќ, се товари дека индиректно обезбедувал приходи од 2017 година до 24 септември 2023 година и тие пари ги претворил во недвижен и движен имот, при што дел од недвижниот имот префрлил на трети лица, со цел да го сокрие изворот на богатството.

Покрај косовскиот полицаец, Буњаку, во престрелката што уследи меѓу полицијата и српската група на 24 септември минатата година, беа убиени и тројца од напаѓачите, додека другите побегнаа во Србија.

Папата ја осуди ескалацијата на насилството во Либан, бара интервенција од меѓународната заедница

Папата Франциск (архивска фотографија)
Папата Франциск (архивска фотографија)

Папата Франциск денеска ја осуди ескалацијата на насилството во Либан и апелираше до меѓународната заедница да направи се што е во нејзина моќ за да се стави крај на тоа Римокатоличкиот поглавар изрази жалење за ситуацијата во Либан, каде бомбашките напади предизвикаа уништување во последно време. денови.

„Се надевам дека Mеѓународната заедница ќе ги вложи сите можни напори да стави крај на оваа страшна ескалација“, рече Папата.

Од понеделникот, израелските воздушни напади се насочени кон упоришта на проиранското исламистичко движење Хезболах на југот и на истокот на Либан, како и во јужните предградија на Бејрут. Во нападите загинаа повеќе од 550 луѓе.

Дали сме сведоци на почетокот на трета либанска војна?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Во меѓувреме, либански Хезболах соопшти дека истрелал балистичка ракета кон Израел, а целта била седиштето на израелската разузнавачка служба Мосад, недалеку од Тел Авив Израелската армија соопшти дека ја пресретнала ракетата, и дека таа била првата време кога Хезболах гаѓаше цели во близина на Тел Авив.

„Во средата во 6:30 часот по локално време беше истрелана балистичка ракета „Кадер 1“, чија цел беше седиштето на Мосад во предградието на Тел Авив“, се вели во соопштението.

Исламистичката група додаде дека седиштето на Мосад е „одговорно за атентатот на лидерот на Хезболах и експлозијата на пејџери и воки-токи“ во Либан кои се случија пред една недела.

Кина тестираше интерконтинентална балистичка ракета

илустрација
илустрација

Кина објави дека успешно лансирала интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) која носи лажна боева глава во Тихиот Океан.

Ракетата„слетала во очекуваните морски области“, соопшти кинеското Министерство за одбрана, додавајќи дека пробното лансирање било „рутинско“ и „дел од годишната обука“.

Иако типот на ракетата и нејзиниот пат на летот се сè уште нејасни, кинеските државни медиуми наведуваат дека Пекинг „однапред ги информирал соседните земји“.

Аналитичарите истакнуваат дека тоа што тестот се нарекува „рутинска“ е изненадувачки бидејќи Кина го спроведе последниот тест во меѓународните води во 1980 година.

„Освен ако не пропуштив нешто, мислам дека ова е прв пат по долго време ова да се случи и да биде пријавено како такво“, објави на интернет Анкит Панда, експерт за нуклеарно оружје во Фондацијата Карнеги за меѓународен мир.

Тестовите за нуклеарно оружје на Кина обично се случуваат внатре во земјата, а Кина претходно тестираше ракети ICBM во пустината Такламакан во регионот Ксинџијанг.

Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека нема оштетувања на нивните бродови.

„Ќе продолжиме да собираме и анализираме информации за движењето на кинеската војска и ќе ги преземеме сите можни мерки на претпазливост“, соопшти Министерството, а пренесе јапонската телевизија NHK.

Последниот пат кога Кина спроведе ваков тест, проектилот прелета 9070 километри и слета во Пацификот. Тестот вклучи 18 кинески поморски бродови и сè уште се смета за една од најголемите поморски вежби на Кина.

Обвинение за поранешната организациска директорка на Токсикологија

Универзитетска клиника за токсикологија
Универзитетска клиника за токсикологија

Покренато е обвинение против организациска директорка на Јавна здравствена установа - Универзитетска клиника за токсикологија. Како што информираат од Основното јавно обвинителство, обвинетата ги пречекорила своите службени овластувања, а буџетот на Клиниката го оштетила за сума од 659 781 денари.

„Постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман“, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје.

Додаваат дека обвинетата на списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи.

„На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659 781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист“, соопштија од ОЈО.

Обвинетата за организациска директорка беше назначена на 14 февруари, од страна на поранешниот министер за здравство Илир Демири. Нејзиното директорување беше проследено со неколку скандали.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG