Достапни линкови

Вести

САД го обвинија Иран за обидот за хакирање на кампањите на Трамп и Харис

илустрација
илустрација

Американската влада заклучи дека иранската влада стои зад хакирањето и протекувањето податоци насочени кон претседателската кампања на републиканскиот кандидат Доналд Трамп и кампањата на американскиот претседател Џозеф Бајден и кандидатката на демократите Камала Харис, соопштија ФБИ и други американски разузнавачки агенции.

ФБИ го информираше Трамп за своите прелиминарни наоди откако медиумите објавија дека добиле документи за кои се верува дека се од профил на висок функционер од кампањата на Трамп, а штабот на Камала Харис соопшти дека хакерите биле неуспешни во нивните обиди да ја хакираат нејзината кампања, пренесува Си-Ен-Ен.

„Меѓународната заедница е убедена дека преку социјален инженеринг и други напори, Иранците бараа пристап до поединци со директен пристап до претседателските кампањи на двете политички партии. Таквите активности имаат за цел да влијаат на изборниот процес во САД“, се вели во соопштението на ФБИ, Канцеларијата на директорот на националната разузнавачка служба и на Агенцијата за сајбер и инфраструктурна безбедност.

Се додава дека таквиот пристап не е нов и оти Иран и Русија ја користеле оваа тактика не само во САД за време на овој и претходните изборни циклуси, туку и во други земји во светот.

Иранската мисија во ОН ги отфрли, како што ги нарече, „непоткрепените“ тврдења дека Иран стои зад хакерската операција.

„Ваквите обвинувања се неосновани. Исламската Република Иран нема ниту намера ниту мотив да се меша во претседателските избори во САД. Доколку американската влада искрено верува во валидноста на нејзините тврдења, треба да ни достави релевантни докази“, соопшти постојана мисија на Иран во ОН за Си-Ен-Ен.

види ги сите денешни вести

Обвинение за поранешната организациска директорка на Токсикологија

Универзитетска клиника за токсикологија
Универзитетска клиника за токсикологија

Покренато е обвинение против организациска директорка на Јавна здравствена установа - Универзитетска клиника за токсикологија. Како што информираат од Основното јавно обвинителство, обвинетата ги пречекорила своите службени овластувања, а буџетот на Клиниката го оштетила за сума од 659 781 денари.

„Постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман“, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје.

Додаваат дека обвинетата на списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи.

„На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659 781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист“, соопштија од ОЈО.

Обвинетата за организациска директорка беше назначена на 14 февруари, од страна на поранешниот министер за здравство Илир Демири. Нејзиното директорување беше проследено со неколку скандали.

Зеленски пред Светот за безбедност на ОН: Русија може само да се „принуди“ на мир

Володомир Зеленски, претседател на Украина
Володомир Зеленски, претседател на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред Советот за безбедност на ОН на 24 септември рече дека Русија може само да се „принуди“ на мир и ги осуди Иран и Северна Кореја како „соучесници“ кои и помогнале на Москва давајќи и оружје што го користела во нападите врз Украина.

„Рускиот претседател Владимир Путин „прекрши толку многу меѓународни норми и правила што нема да застане сам, Русија може само да биде принудена на мир, а токму тоа е потребно - да се принуди Русија на мир како единствен агресор во оваа војна“, рече Зеленски.

Зеленски рече дека идејата за разговор со Путин би била „лудост“, бидејќи тој исто така ја критикуваше Русија дека ги направила Иран и Северна Кореја „де факто соучесници во нивната криминална војна во Европа, со нивното оружје што нè убива нас, убива Украинци“.

Пред средбата, рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја изјави дека руската делегација нема намера да слуша „клонирани говори“ во кои се критикува Москва за нејзината агресија врз Украина. Но, Небензја не ја напушти салата за време на говорот на Зеленски.

Претходно, на 24 септември, Зеленски го повика Вашингтон да преземе „одлучна“ акција за да се стави крај на војната, бидејќи Русија започна нова серија напади врз вториот по големина град во Украина, при што загинаа три лица.

„Целта на руските бомби беа станбена зграда, пекара, стадион. Со други зборови, секојдневието на обичните луѓе“, рече Зеленски на мрежата „X“, а тоа го докажува секој ден со нејзините акции, со неговиот избор да води војна и обидите да ја прошири“.

Тој објави слика на која се гледа тешко оштетената фасада на деветкатницата и урнатините расфрлани низ улицата. Рече дека најмалку три лица загинале, а 24 се повредени.

Украинскиот лидер, кој се наоѓа во Соединетите Држави, претходно се сретна со двопартиска делегација на американски претставници, изразувајќи ја благодарноста на Киев за, поддршката од Соединетите Држави. Тој ја истакна и клучната улога на САД во одбраната на слободата на Украина. Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, САД и нивните западни сојузници обезбедија милијарди долари воена помош и воведоа неколку рунди санкции кон Русија.

„Одлучувачките потези би можеле да го забрзаат крајот на руската агресија против Украина следната година“, рече Зеленски на Телеграм по средбата со сенаторите.

„Сега, на крајот на годината, имаме вистинска можност да ја зајакнеме соработката меѓу Украина и Соединетите Држави“, рече украинскиот претседател.

Зеленски треба да се обрати на Генералното собрание на 25 септември, а ден потоа да разговара со американскиот претседател Џо Бајден.

Зборувајќи за ABC News, Зеленски рече дека само „силна позиција“ може да и овозможи на Украина да го убеди рускиот претседател Владимир Путин „да ја прекине војната“.

„Мислам дека сме поблиску до мир отколку што мислиме“, рече Зеленски.

Иако Русија окупира околу 20 отсто од територијата на Украина и напредува во источниот регион Доњецк, Киев ја изненади Москва кога минатиот месец започна напад врз западниот регион Курск и зазеде неколку руски села.

Американските разузнавачи го информирале Трамп за закани за атентат од Иран

Доналд Трамп
Доналд Трамп

Највисоките функционери на американската разузнавачка заедница го информирале републиканскиот кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп за заканите за атентат од Иран, изјави денеска портпаролот на кампањата на Трамп.

„Претседателот Трамп претходно беше информиран од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање за актуелните и конкретни закани за атентат од Иран во обид да ги дестабилизира САД и да предизвика хаос, рече портпаролот Стивен Чеунг“, пренесе Ен-Би-Си Њуз (NBC News).

Претставниците на разузнавачката заедница заклучиле дека овие постојани и координирани напади се зголемиле во текот на изминатите неколку месеци и дека службениците од сите агенции работат на тоа да обезбедат Трамп да биде заштитен и дека претседателските избори се слободни и спроведени без мешање од надвор.

Постојаната мисија на Иран во Обединетите Нации во Њујорк не одговори веднаш на барањето за коментар на оваа информација.

Пезешкијан повика на прекин на војните во Украина и на Блискиот Исток преку дијалог

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан пред Генералното собрание на Обединетите Нации, 24 септември 2024
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан пред Генералното собрание на Обединетите Нации, 24 септември 2024

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан пред Генералното собрание на Обединетите Нации порача дека Иран е подготвен да стави крај на својот нуклеарен судир со Западот и повика на прекин на војните во Украина и на Блискиот Исток преку дијалог. Пезешкијан рече дека присуството на странски сили во регионот „е привремено и води кон нестабилност“, и повика на поголема соработка меѓу соседните земји.

„Нашиот развој и напредок се меѓусебно поврзани“, рече Пезешкијан, нагласувајќи дека Техеран „се труди да ја заштити сопствената безбедност, а не да создава несигурност за другите.

„Ние сакаме мир за сите и не бараме војна или кавга со никого“, додаде тој.

Осврнувајќи се на последната ескалација на Блискиот Исток, иранскиот претседател уште еднаш ги осуди постапките на Израел.

„Природно слепиот израелски тероризам во изминатите неколку дена во Либан проследен со масовна агресија со илјадници жртви не може да остане без одговор“, рече тој.

Иранскиот лидер повика на прекин на огнот во Газа за „да се стави крај на очајното варварство на Израел во Либан пред да го зафати регионот и светот“.

Додека Иран ја поддржува палестинската милитантна организација Хамас (прогласена за терористичка од САД и ЕУ) во Појасот Газа и шиитската милиција Хезболах во Либан, тој главно се воздржува во конфликтот откако Пезешкијан стана претседател на крајот на јули.

Претседателот, исто така, ја сигнализираше подготвеноста на Иран да ги продолжи нуклеарните преговори. За време на неговата изборна кампања, тој ја најави својата намера да бара подобри односи со Западот. Неговите советници и министри се искусни дипломати кои се стремат кон нови нуклеарни преговори, пренесува ДПА.

Иран е во голема економска криза откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор во 2018 година и повторно воведоа нови санкции. Разговорите за заживување на договорот се замрзнати со години. Раководството на Иран е се поизолирано поради политиката на Блискиот Исток и поддршката за руската војна против Украина.

Земјотрес во Скопје со јачина од 2,9 степени

Илустрација
Илустрација

Нов земјотрес вечерва (24 септември) беше почувствуван во Скопје. Тој бил со јачина од 2,9 степени според Рихтер, а е регистриран во 21:46 часот, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет – Скопје.

Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од населението на градот Скопје и пошироката околина.

Ова е втор земјотрес во скопскиот регион во последните два дена. На 23 септември во 2:02 часот наутро беше регистриран земјотрес со јачина од 3,4 степени според Рихтер со епицентар во скопското подрачје.

Харис во водство пред Трамп во најновата анкета

Доналд Трамп и Камала Харис, кандидати за претседател на САД.
Доналд Трамп и Камала Харис, кандидати за претседател на САД.

Американската потпретседателка и претседателска кандидатка на демократите, Камала Харис, води пред републиканскиот кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп, според анкетата на Ројтерс/Ипсос.

Податоците покажуваат дека Харис води со 47 отсто шанси за победа на изборите пред Трамп, кој има 40 отсто шанси.

Претседателските избори во САД ќе се одржат на 5 ноември.

На прашањето кој кандидат има подобар пристап за „економијата, невработеноста и работните места“, околу 43 отсто од гласачите во анкетата го избрале Трамп, а 41 отсто за Харис. Предноста на Трамп од два бода кога се во прашање споменатите теми е намалена во споредба со претходната анкета. Кога Харис ја започна претседателската кампања,Трамп тогаш имаше предност од 11 поени.

Какви се ставовите на Трамп и на Харис за војната во Украина?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:58 0:00

Додека истражувањата како што е анкетата на Ројтерс/Ипсос даваат важни индиции за ставовите на електоратот, победникот ќе го одлучат резултатите за освоените електори од секоја сојузна држава.

Последната анкета е спроведена на примерок од 1.029 Американци на национално ниво, вклучувајќи 871 регистриран гласач. Меѓу нив 785 веруваат дека ќе излезат на гласање. Меѓу оние кои веруваат дека ќе излезат да гласаат, Харис води со 50 отсто поддршка наспроти Трамп кој има 44 отсто.

Синот на Трамп на вечера со бизнисмени во Белград

Партнерката на Доналд Трамп Јуниот, Кимберли Гилфојл, на Инстаграм објави фотографија од вечерата во Белград.
Партнерката на Доналд Трамп Јуниот, Кимберли Гилфојл, на Инстаграм објави фотографија од вечерата во Белград.

Доналд Трамп Јуниор, син на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, организирал деловна вечера со бизнисмени од Србија на 23 септември во Белград, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Славко Цариќ, поранешен претседател на извршниот одбор на Ерсте банка, за РСЕ потврди дека присуствувал на вечерата на која, како што вели, тема биле „инвестициите и атрактивноста на деловното опкружување на регионот и Србија од перспектива на инвеститорите од САД“.

Како што наведува Цариќ, се разговарало за „кои се сличностите и разликите во инвестирањето во регионот на Југоисточна Европа и во САД, како и кои се предностите на овој регион и како да се реализира целосниот потенцијал во меѓусебната деловна соработка“.

Кимберли Гилфојл, партнерката на Доналд Трамп Јуниор, на Инстаграм објави и фотографија од вечерата во Белград.

Доналд Трамп Џуниор е извршен потпретседател на „Организацијата Трамп“ (Trump Organization).

Оваа компанија е деловен субјект кој вклучува стотици компании и партнерства кои поседуваат или управуваат со деловни згради, хотели, станбени кули, голф клубови, права на брендирање, договори за лиценцирање и друг имот ширум светот.

Трамп Џуниор учествува и го поддржува својот татко и во претседателската кампања.

Тој беше сведок на судењето во 2023 година, каде што семејството Трамп беше обвинето за кривични дела поврзани со даноците. Обвиненијата вклучуваат даночна измама и фалсификување деловни документи.

Организацијата Трамп, наводно, го преувеличувала своето богатство и ги фалсификувала деловните досиеја.

Трамп Јуниор на тоа судење изјави дека не работел на финансиските извештаи во време на кампањата, пренесе Би-би-си.

Најстариот син на Доналд Трамп учествуваше и во претседателската кампања на неговиот татко во 2016 година.

Тој беше сослушан и во Сенатот во врска со истрагата за наводната вмешаност на Русија во претседателските избори пред четири година.

Во јуни 2016, Трамп Јуниор се сретна со руската адвокатка Наталија Веселницкаја, откако наводно му било кажано дека таа може да му даде компромитирачки информации за тогашната противкандидатка на неговиот татко, Хилари Клинтон.

Бизнисот на зетот на Трамп во Белград

Зетот на поранешниот американски претседател, Џаред Кушнер, веќе има деловни потфати во Белград.

Србија потпиша договор со неговата компанија за „ревитализација“ на комплексот на Генералштабот во центарот на Белград, чии делови беа уништени во бомбардирањето од НАТО во 1999 година.

Договорот за ревитализација на комплексот Генералштаб на 15 мај го потпиша министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Србија, Горан Весиќ, со компанијата на Кушнер „Афинити Глобал Девелопмент“.

Со тој договор, кој сè уште не е објавен, Србија го изнајми земјиштето во рамки на овој комплекс на 99 години.

Весникот „Њујорк тајмс“ на 18 март објави дека инвестицијата е вредна 500 милиони долари и дека, според предложениот договор, Србија треба да добие 22 отсто од профитот.

На местото на урнатините од бомбардирањето е планирана изградба на две висококатници со станови и хотели, иако статусот на заштитен објект како културно добро, сè уште не е отстранет.

Комплексот на Генералштабот во центарот на белград
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:25 0:00

Архитектонската академија, здруженија и организации во мај усвоија Декларација со која бараат на Генералштабот да му се додели статус на културно добро од исклучително значење за Република Србија, што е највисок степен на заштита.

Исто така, се бара обновување и санација на објектите на Генералштабот и Министерството за одбрана согласно утврдените мерки за заштита на културните добра, кои предвидуваат овие објекти да се вратат во првобитната состојба.

Декларацијата беше поддржана од речиси 40 институции и организации од оваа фела. Со ист став излезе и Српската академија на науките и уметностите (САНУ).

Дваесетина дена по потпишувањето на договорот со компанијата на Кушнер, директорката на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата Дубравка Ѓукановиќ поднесе оставка.

Тоа го направи и директорката на Заводот за споменици на културата од Белград, Оливера Вучковиќ.

Нивните оставки не беа образложени, ниту пак Ѓукановиќ и Вучковиќ се огласија по тој повод, но медиумите шпекулираа дека нивниот чин има врска со барањето на Владата за отстранување на статусот на заштита за објектот на Генералштабот.

Стејт департментот бара Србија да ги изведе сторителите од Бањска пред лицето на правдата

Стејт департмент
Стејт департмент

На годишнината од вооружениот напад на косовската полиција во Бањска, американскиот Стејт департмент ја повика Србија да ги изведе пред лицето на правдата сите инволвирани во планирањето и извршувањето на тој напад.

„Го повторуваме нашето очекување Србија да ја одигра својата улога во обезбедувањето целосна одговорност за сторителите на нападот без понатамошно одлагање“, рече портпаролот на Стејт департментот за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Една година по нападот во Бањска, Косово, сè уште отворени прашања
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00

Пред точно една година, на 24 септември 2023 година, вооружена група предводена од поранешниот српски политичар и бизнисмен од Косово, Милан Радоичиќ, ја нападна косовската полиција во селото Бањска кај Звечан.

Радоичиќ јавно ја презеде одговорноста за нападот, во кој загина полицаецот Африм Буњаку, а уште тројца беа ранети.

Во размената на огнот загинаа и тројца српски напаѓачи.

Владата во Приштина овој напад го прогласи за терористички.

Радоичиќ се соочува со обвиненија за тероризам во Косово, заедно со уште 44 лица. Обвинението претходно беше поздравено од меѓународната заедница.

Властите во Србија, пак, одбиваат да го екстрадираат Радоичиќ на Косово и велат дека ќе му судат „српски судови“, додека косовските власти обвинуваат дека Белград го заштитува.

Вишото јавно обвинителство во Белград води истрагата, но обвинението сè уште не е покренато. Официјален Белград и Приштина не соработуваат во овој случај.

update

Бајден предупреди на „целосна војна“ по израелските напади врз Либан

Бајден се обрати пред ОН за последен пат како претседател на САД, 24 септември 2024 г.
Бајден се обрати пред ОН за последен пат како претседател на САД, 24 септември 2024 г.

Американскиот претседател Џо Бајден предупреди на можноста од „целосна војна“ на Блискиот Исток, повикувајќи ги лидерите да најдат дипломатски решенија и во Либан и во Газа.

„Сеопфатната војна не е во ничиј интерес“, рече Бајден во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).

Неговото обраќање следува по израелските напади во Либан, насочени кон Хезболах, а во кои загинаа повеќе од 550 луѓе.

„Иако ситуацијата ескалира, сепак е можно дипломатско решение. Всушност, тоа останува единствениот пат кон трајна безбедност ќе овозможи жителите на двете земји безбедно да се вратат во своите домови покрај границата. И тоа е она за што неуморно работиме да го постигнеме“, рече Бајден.

За време на неговото последно обраќање во ОН како претседател на САД, Бајден, се осврна и на војната во Украина испраќајќи порака дека инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин „не успеала во својата цел“.

„Путин планираше да ја уништи Украина, но Украина е се уште слободна“, рече тој.

Американскиот претседател упати повик до лидерите во ОН.

„Светот мора да избере дали да ја продолжи поддршката за Украина или да се дистанцира од оваа агресија. Мојот одговор е дека нема да отстапиме од нашата поддршка за Украина“, рече американскиот претседател во говорот во Њујорк.

Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, САД и нивните западни сојузници обезбедија милијарди долари воена помош и воведоа неколку пакети санкции кон Русија.

Во САД, исто така, е и украинскиот претседател Володимир Зеленски кој ќе се обрати пред Обединетите нации утре.

Обраќањето на Бајден пред ОН е на четири месеци пред истекот на неговиот мандат, а војните во двата региона претставуваат предизвици кои веројатно ќе го надминат неговото претседателствување.

Во неговиот мандат како претседател на САД доминираа предизвиците во надворешната политика – од руската инвазија на Украина која започна во февруари 2022 година до нападот во јужен Израел на 7 октомври и земањето заложници од страна на палестинската милитантна група Хамас, која е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, како и до последователните напади што Израел ги започна врз Газа.

Спротивставувањето на Кина и Иран, кои ги поддржуваат Хамас и Хезболах, се исто така некои од предизвиците со кои се соочува Бајден.

Во говорот пред ОН, тој рече дека во текот на неговото време поминато како американски сенатор, потпретседател и претседател видел многу очај во светот, но светот има капацитет за помирување.

„Секогаш ќе има сили кои нè раздвојуваат. Нашиот текст е дали оние сили што нè држат заедно се посилни од тие што нè разделуваат“, рече Бајден.

Неговиот говор во ОН е централниот дел од дводневната посета на светските лидери на Њујорк за Генералното собрание на ОН, на кое ќе се разговара и за климатските промени, а ќе има и средба помеѓу Бајден и претседателот на Виетнам.

Најмалку тројца загинати и 22 ранети во руски напад на Харкив

Последици од нападот на 24 септември 2024 г.
Последици од нападот на 24 септември 2024 г.

Најмалку три лица загинаа, а 22 се ранети при руски напад на облакодер во украинскиот град Харкив.

Според информациите од локалните власти, се стравува дека под урнатините има уште луѓе.

„Русија неказнето го тероризира регионот Харкив… Директен удар врз станбена зграда“, вели народниот правобранител на Украина, Дмитро Лубинец, во објава на Телеграм.

Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, вели дека истата зграда веќе била под руски напад на почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година.

„Беше речиси поправена, поставени беа прозорците, изолирана и подготвена за грејната сезона. Непријателот ја погоди по втор пат“, наведе Терехов на Телеграм.

Според него, Русија нападнала најмалку четири области во попладневните часови, вклучувајќи го и најгусто населениот дел од градот.

Регионалниот гувернер Олех Синиехубов на Телеграм додаде дека се оштетени неколку станбени блокови.

Харкив, кој е втор град по големина во Украина, и околниот регион постојано се мета на руски напади.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG