Пожарите во светиниколско заглавиле седум лица во куќа во селото Стројменци кои поради пламените јазици во тој реон не можеле да го напуштат селото.
Првичните информации кои ги сподели Центарот за управување со кризи (ЦУК) беше дека се заглавени пет лица. По неколку часа од спасувачката акција, со помош на хеликоптер кој фрлал вода, пожарникарите успеале да ги извлечат.
„Лицата безбедно се евакуирани откако најпрво полициски хеликоптер фрлил вода врз огнениот обрач, направил дупка во огнот низ која брзо влегле пожарникари од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе и со возила низ огнениот обрач ги извлекле животно загрозените седум лица“, соопштија од ЦУК упатувајќи јавна благодарност за доброволните пожарникари и македонските пилоти.
Претходно, за спасувачката акција и за состојбата со пожарите во изјава за државната агенција МИА зборуваше и градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев.
„Огнот во моментов е над селото Орел, накај селото Ранчанци. Во атарот на село Орел сега нема опасност по куќите и мислам дека ќе го стават под контрола. Потоа од Стројменци накај село Ранчанци, накај манастирот ’Света Недела‘. Ме радува што во моментов има авиони, кои ќе помогнат. Овие села можеби не се големи, но се живи села“, речеВладев.
Според пресекот што ЦУК го направи попладнево за состојбата со пожарите, денеска (30 јули) на територијата на Северна Македонија биле евидентирани 30 пожари на отворено. Од 15 сè уште се активни.
„За жал, постојано се појавуваат нови и нови пожари. Топлото време и ветрот прават особени проблеми во воспоставување контрола на пожарите“, вели Ангелов.
Тој соопшти и дека повторно е активиран ЕУ механизмот за заштита и спасување и побарана е помош во воздухоплови.
Ангелов упати апел до сите граѓани кои живеат во полунапуштени села итно да се евакуираат доколку слушнат дека во нивна близина има активен пожар. Порачува граѓаните да не чекаат огнот да дојде до селото, освен ако не е организирана одбрана на селото од страна на локалните власти.
„Да не чекаат до последен момент и да не се изложуваат на непотребен ризик по нивниот живот. Нови куќи ќе се направат, но животот на луѓето не може да се врати“, апелира Ангелов.
Штетата од пожарите кои ја зафатија Северна Македонија дополнително ќе се утврдува. Само вчера, според првичните проценки, во неколку села во Светиниколскиот регион биле зафатени околу 40 куќи, а има изгорено и стока и храна за добитокот.
Вчера пожарите ја зедоа и првата жртва. Како што информираше ЦУК синоќа едно повозрасно лице загинало во кумановското село Кокошиње, најверојатно задушено од чад.