Достапни линкови

Искри во „медениот месец“ на владината коалиција


Новиот владин состав
Новиот владин состав

По 36 дена од официјалниот старт на новата владина коалиција, на површина излегоа првите јавни несогласувања меѓу партнерите ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН( Вреди). Тие тврдат дека немаат несогласувања, додека лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски најави дека деновиве ќе излезе со став за односите во владата. Политичките аналитичари очекуваат ваквата неусогласеност на владините партнери да стане нормална појава.

Темите за вработувањето по етнички клуч и најавата за создавање на албанска Академија на науките и уметностите во Северна Македонија, кои викендов ги разгореа партиските страсти, ги покажа првите несогласувања меѓу владините партнери.

Новите пресметки на таканаречениот балансер, според кој правичната застапеност во институциите се пресметува водејќи се од процентот на резидентното население во државата од пописот од 2021 година, а не како досега според процентот на етничка припадност на вкупно попишаното население, спречи 115 институции да добијат „зелено светло “ за вработување во јавната админстрација. Тоа беше поводот за првата кавга меѓу коалициските партнери, ЗНАМ на Максим Димитриевски и албанската коалиција Влен (Вреди).

Вториот повод беше најавата за поддршка од Влен кон инцијативата во четири општини за формирање на албанска Академија на науки и уметности, нешто на кое се спротивставија коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, како и членови на Македонската академија на науки и уметности.

Според ВМРО-ДПМНЕ и Влен јавните преписки за овие две теми меѓу нив не претставуваат проблем во функционирањето на коалицијата, додека за политичките аналитичари ова е јасен показател за внатрешни недоразбирања кои може да прераснат во посериозен проблем.

Од владејачката коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ велат дека коалициските односи се стабилни. Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања посочи дека неговата партија има принципелна соработка со коалициските партнери.

Тврдат проблеми нема, но никој не го менува ставот

Истиот став го дели и за односите меѓу Влен и ЗНАМ кои во неколку наврати изминатиот месец излегоа со различни ставови по неколку прашања. Мицкоски вели дека владините партнери не мора да се согласуваат за сите работи, клучно е да се согласат за мнозинството работи.

„ Па, вие во едно семејство дома кога сте, не секогаш се сложувате со членовите на едно семејство, ќе наидете на одредени недоразбирања во одредени моменти, но во еден дијалог, демократски пријателски амбиент треба да ги надминувате. Досега во овие пет недели, така функционираме како коалиција“, изјави премиерот Мицкоски.

Со сличен став во јавноста излезе и лидерот на една од партиите во коалицијата Влен (Вреди) Изет Меџити кој што ја убедуваше јавноста дека во изминативе три децении немало постабилна коалиција од оваа.

„Мислам дека ова е најстабилна коалиција во историјата на Северна Македонија. Има 78 пратеници, со тенденција да премине и 80 пратеници. Нормално дека сме различни партии, различни размислувања. Повикувам тие да ги дебатираме и решиме внатре во владата, а не со изјави пред медиумите“, оцени Меџити.

Но, од движењето ЗНАМ велат дека засега нема да коментираат јавно за тоа какви се односите во нивните партнери во власта ВМРО-ДПМНЕ и Влен. Лидерот на движењето Максим Димитриевски за РСЕ кусо одговори дека наскоро ќе одржи прес конференција на која ќе одговори на прашањата за односите во коалицијата.

Ниту еден од владините партнери до сега во јавност не отстапува од своите ставови по две теми за кои застанаа на спротивставени страни. Ниту двете партии од македонскиот блок, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не се откажуваат од промена на процентот при вработување по етнички клуч познат како балансер. Ниту Влен се откажува од идејата за создавање на нова албанска Академија на науки. И денеска си разменија остри пораки, но и Мицкоски и Меџити најавија решавање на проблемите на владина седница.

Но идејата и натаму продлжи да ја образложува коалицискиот партнер во Владата, министерот за здравство Арбен Таравари.

„Немаме ние несогласување, ова ни беше програмска определба уште кога беше кампањата пред претседателските и парламентарните избори. Секогаш идеите што се за наука и уметност мислам дека се добри и убави. Засега почнавме како иницијатива од четири општини, се надевам дека понатаму ќе изнајдеме решение кое би било прифатливо за сите што живееме во Република Македонија“, изјави Таравари.

Но, оваа идеја која ја презентираат од коалицијата Влен (Вреди) како дел од нивната предизборна програма, ја нема во владината програма објавена по изборите.

Претставници и лидери на партиите кои ја сочинуваат коалицијата „Вреди“ викендов имаа средба со „Здружението Албанска академија на науките и уметност“ во Тетово од која најавија дека општините ќе го финансираат ова здружение, а најавија и активности со цел да се оформи Академијата како јавна установа.

Аналитичари - партиите делуваат како три влади во една

Дел од политичките аналитичари со кои разговараше Радио Слободна Европа сметаат дека станува збор за неусогласеност меѓу владините партнери околу основните начела на функционирање на Владата.

„Ние имаме нон стоп препукување на линија ВЛЕН и ЗНАМ, при што се забележува еден вид на опозициски пристап на ЗНАМ кон ВЛЕН, а од друга страна се забележува тенденција од ВМРО-ДММНЕ да ја засени ВЛЕН и да ја прикаже како минорен партнер во Владата. Дополнително уште од почеток Владата нема воспоставено основни принципи, не функционира како еден тим и како таква мислам дека ваквите проблеми ќе останат во функционирањето на Владата“, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

Тој додава дека едностраното носење на одлуки на одредени министри укажува дека внатре во коалицијата се води некаква битка, а истата битка е забележливо дека се води и во коалицијата ВЛЕН која е сочинета од четири партии.

„Најголемиот проблем го гледам во тоа дека оваа Влада функционира како три Влади засебни внатре во коалицијата. ЗНАМ имаат двајца министри кои јавно делуваат како посебна Влада, да не речам како опозиција со критики за ВЛЕН од знамиња до балансер, што мислам дека не е својствено за една коалицијата, за сите тие критики да се изнесуваат во јавност. Тие критики е нормално да се случуваат на владините седници но не и надвор. Исто и ВЛЕН со Академијата, зошто им требаше да промовираат и да предизвикаат толку бурни реакции “, објаснува Незири.

Покрај партиите минатиот викенд имаше реакции и од македонски интелектуалци против идејата за албанска Академија на науки и уметности. Академиците Таки Фити и Владо Камбовски реагираа дека е небулозно во една држава да постојат две национални Академии на наука и уметности. Според нив научните и уметничките институции треба да се базираат на заеднички научни и културни вредности, а не на етнички или политички припадности, што би можело да доведе до поделби и конфликти во научната заедница.

Претходно, искри летаа и околу употребата на албанското знаме во владините кабинети кај министрите од коалицијата Влен. Лидерот на ЗНАМ, Димитриевски тогаш се закани дека ќе ја напушти Владата ако не се почитува законот на употреба на знамињата.

Владата предводена од премиетот Христијан Мицкоски беше формирана на 23 јуни со 77 пратенички гласа во парламентот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG