Достапни линкови

Релациите со соседите само на маргините на самитот на НАТО


Премиерот Христијан Мицкоски на самитот на НАТО во Вашингтон, 10 јули 2024
Премиерот Христијан Мицкоски на самитот на НАТО во Вашингтон, 10 јули 2024

Учеството на самитот на НАТО во Вашингтон на Христијан Мицкоски е прво претставување како премиер на меѓународна сцена. Односите со соседите не беа тема на самитот, но премиерите на Северна Македонија, Бугарија, и Грција јавно си разменија пораки. За НАТО, Западен Балкан е еден од регионите од стратешко значење и останува силно посветен на неговата безбедност и стабилност

НАТО ќе продолжи да го унапредува политички дијалог и практичната соработка со Западен Балкан со цел да ги поддржи реформите, регионалниот мир и безбедност. Ова е една од од точките во Декларацијата што Алијансата ја усвои доцна синоќа, по вториот ден од Самитот на кој се сретнаа шефовите на држави или влади на членките на НАТО, а на која учествуваше и македонскатс делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски.

За НАТО, Западен Балкан е еден од регионите од стратешко значење и Алијансата останува силно посветена на неговата безбедност и стабилност.

„Демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи се од витално значење за регионалната соработка и евроатлантската интеграција и ние гледаме континуиран напредок во овој поглед“, пишува во Декларацијата.

Самит на НАТО во Вашингтон
Самит на НАТО во Вашингтон

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во изјава пред Самитот го употреби името Македонија наместо уставното име Северна Македонија, што предизвика реакции во грчките медиуми. Но, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис беше единствениот од сите учесници на Самитот кој го спомена ова во контекст на Преспанскиот договор.

На Самитот на НАТО главни теми се обезбедување сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на членките на Алијансата, зајакнување на одбранбената индустрија и инвестициите и зацврстување на глобалните партнерства.

Премиерите согласни - да се релаксираат односите

На маргините на самитот сепак се споменува и се разменуваа пораки за односите на Северна Македонија со Грција и со Бугарија.

Премиерот Мицкоски објави дека кусо разговарал со премиерот на Бугарија, Димитар Главчев, на маргините на официјалната фотесесија на лидерите на Влади и шефови на држави присутни на Самитот.

„Беше констатирано дека треба да се релаксираат односите, при што посочив дека треба да се гледа на иднината и да се користат можностите за соработка. Темите од минатото и отворањето на нови пречки нема да ги зближат двата народи и дека треба да се направат напори и чекори кои ќе влеат доверба меѓу државите како во периодот пред ветото и отпочнувањето на политиката на опструкции“, објави Мицкоски на својот профил на Фејсбук покрај фотографијата со Главчев.

За релаксирање на односите зборуваше и Главчев, кој вчера во изјавата пред Самитот кажа дека станало збор за потребата од нормализација на меѓусебните односи и за нивно враќање на нивото од 2017 година кога беше потпишан Договорот за добрососедство.
„Двајцата бевме на тоа мислење, па ќе видиме што ќе се случи. Нема ништо подобро од убави и добри односи меѓу соседи. Може дури и да се каже дека ние сме и повеќе од соседи со Република Северна Македонија“, изјави Главчев.

Според него, кога соработката ќе биде на задоволително ниво треба да почне да се развива и поврзувањето во сите аспекти, како во транспортот, економијата... Но потсети и на обврските.

„Но, треба да се исполнат и обврските кои што се преземени. Тука не говорам само за Северна Македонија, туку и за сите земји од Западниот Балкан. Гледате дека не ги делиме. Нашата позиција е и европската позиција дека сите држави кандидати за членство во ЕУ треба да ги исполнат барањата што им се поставени“, рече Главчев.

Опозициската СДСМ претходно обвини дека Мицкоски ја крие средбата со бугарскиот премиер.

Мицкоски за достоинството, Мицотакис за Преспанскиот договор

Иако грчките медиуми најавуваа можна средба меѓу Мицкоски и Мицотакис, таква средба досега не е потврдена, но уште не се исклучува.

Мицкоски пред да замине за Вашингтон во однос на евентуална средба со грчкиот колега, изрази надеж дека доколку се случи тоа, „ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи“.

„Како македонска влада сакаме да бидеме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и на македонските граѓани“, изјави вчера Мицкоски од Вашингтон.

Во однос на ставот на американскиот претседател кој ја подвлекол важноста на Западен Балкан за безбедноста на Алијансата, како што пренесе АНА-МПА, Мицотакис посебно се осврна на Договорот од Преспа, за кој рекол дека овозможи проширување на Алијансата со пристапување на Северна Македонија.

„Целосното спроведување на Договорот од Преспа, истакна премиерот, е од суштинско значење за Алијансата, за Западен Балкан и за меѓународната заедница. Прекршувањето или селективното спроведување на Договорот од Преспа, продолжи тој, ќе го поткопа кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања на Западен Балкан и ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот“, го пренесува грчката новинска агенција АНА-МПА обраќањето на Мицотакис.

Две пораки на Мицкоски

Мицкоски во Вашингтон присуствуваше на вечерата во Белата куќа што ја организираше претседателот на САД, Џо Бајден. Претходно, како што информираа од неговиот кабинет тој се сретнал со премиерот на Албанија, Еди Рама, со премиерката на Италија, Џорџа Мелони, со шпанскиот премиер Педро Санчез, како и со американски сенатори и конгресмени.

Лидерите на балканските земји на самитот на НАТО во Вашингтон
Лидерите на балканските земји на самитот на НАТО во Вашингтон

Но, првата средба на македонскиот премиер во Вашингтон на маргините на Самитот беше со Ричард Гренел, контроверзниот американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и специјален пратеник за Балканот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

За „плодната и пријателска вечера" со Гренел, како што ја опиша самиот Мицкоски на фејсбук, немаше владино соопштение, ниту повеќе детали.

Средба на премиерот Мицкоски со Ричард Гренел, американски дипломат, 8 јули 2024
Средба на премиерот Мицкоски со Ричард Гренел, американски дипломат, 8 јули 2024

Учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон Мицкоски го заврши со видео-порака до јавноста.

„Долго време регионот и Македонија како држава беа заложници на минатото. Потребно е да се фокусираме на иднината. Да ја направиме Македонија повторно горда, но и да го направиме Балканот повторно горд. Да бидеме добри соседи, да се разбираме и да соработуваме. Тоа е она кое што го очекуваат граѓаните и тоа е она на кое јас како претседател на Владата ќе бидам фокусиран во годините што следат“, вели Мицкоски во видео обраќањето.

Северна Македонија - Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија, на Самит на НАТО во Вашингтон, 10 јули 2024 година
Северна Македонија - Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија, на Самит на НАТО во Вашингтон, 10 јули 2024 година

Втората порака е дека „помина времето на свиткани кичми, на корумпирани политичари кои доаѓаат од Македонија и политичари кои што се подготвени од името да ја заштитат својата корупција и криминал и да направат буквално се“.

„Да потпишат се, да го прифатат секое понижување што ќе им биде понудено на маса само да го заштитат својот криминал. Тоа време е веќе историја и минато. Мораме да зборуваме како вистински партнери, да зборуваме како соседи, бидејќи партнерството и добрососедството е двонасочна улица и ние сакаме тоа да го негуваме и само така да го гледаме“, вели Мицкоски во видео пораката.

Прва посета во странство

Самитот на НАТО во Вашингтон на Мицкоски му е прва посета во странство, откако беше избрана новата влада на 23 јуни што тој ја предводи.

Во состав на македонската делегација се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија, за одбрана и за внатрешни работи – Тимчо Муцунски, Владо Мисајловски и Панче Тошковски. Во Вашингтон е и претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој во пресрет на отворањето на Самитот учествуваше на Парламентарниот самит на НАТО.

Денеска е трет и последен ден на Самитот во Вашингтон, на кој се одбележуваат 75 години од формирањето на Алијансата во 1949 година. Лидерите на Алијансата ќе имаат состанок со нивните колеги од партнерските земји од азиско-пацифичкиот регион - Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја, како и со високи претставници на Европската Унија.

Самитот ќе заврши со заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на шефовите на држави или влади, на кое се очекува реафирмација на поддршката на Алијансата за Киев колку што ќе биде потребно.

XS
SM
MD
LG