Достапни линкови

Вести

Грчко МНР: Северна Македонија продолжува да го прекршува Преспанскиот договор

Знамињата на Грција и Северна Македонија
Знамињата на Грција и Северна Македонија

Раководството на Северна Македонија продолжува да го прекршува Договорот од Преспа. Дополнително, се враќа на дејствија од минатото кои алудираат на иредентистичко расположение и целосно непознавање на историјата, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција.

Како што јави МИА, во соопштението на грчкото МНР се наведува дека „за прекршувањето на Договорот од Преспа од страна на раководството на Северна Македонија“, пишува дека министерот за надворешни работи на Грција „пред неговите колеги во рамките на Советот за надворешни работи веќе детално ги покрена соодветните прекршувања и ќе продолжи да го прави тоа“.

„Дополнително, прашањето се покренува на меѓународно ниво од страна на грчката Влада. Раководството на Северна Македонија секојдневно, сè повеќе се оддалечува од добрососедските односи што го претставуваат јадрото на европското законодавство и меѓународното право“, пишува во соопштението.

Претходно државната телевизија ЕРТ објави дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на состанокот на Советот на Европската Унија ги информирал своите колеги за, како што вели во изјава за медиумите, фактот што и претседателката и премиерот на Северна Македонија директно го прекршуваат Договорот од Преспа со некористењето на уставното име внатре во државата.

Реакциите од грчка страна следуваат по инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што, како што рече, употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските одредби.

види ги сите денешни вести

Доживотен затвор за обвинетиот за убиството кај Мавровка

Пресудата беше изречена денеска (13 март) во Основниот кривичен суд Скопје.
Пресудата беше изречена денеска (13 март) во Основниот кривичен суд Скопје.

Доживотен затвор доби обвинетиот Елвин Куртовиќ за убиството на едно лице кај трговскиот центар Мавровка на 20 август минатата година.

Пресудата, која е првостепена, беше изречена денеска (13 март) во Основниот кривичен суд Скопје откако Куртовиќ претходно призна вина.

Жртва на ова убиство беше скопјанецот Васил Ефтимов, а случајот беше во фокусот на јавноста бидејќи обвинетиот од претходно имал кривично досие, а истиот ден по убиството пукаше и кон четворица полицајци.

Судијката Моника Бахчовановска, пред изрекување на пресудата, во судница читаше и психијатриско вештачење за обвинетиот, во кое се наведува дека тој е психички здрава личност со нормална интелигенција.

„Вештачењето покажува дека од увидот во казнената евиденција од 16 години е осудуван за кражби, насилство, сообраќајки, фалсификување …, а, имал и пресуди во странство. Од почетокот на адолесценцијата имал проблеми и асоцијалност, изразено непочитување на социјални норми и невозможно одржување на трајни релации, ниска толеранција и склоност кон насилство. Кога го сторил кривичното дело бил во секој момент пресметлив и со уредно психичко здравје“, рече судијката Бахчовановска.

Покрај за убиството, со обвинението Куртовиќ се гонеше и за убиство во обид и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.

Според Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, убиството на Ефтимов на 20 август 2024, обвинетиот го извршил од користољубие, со истрел од пиштол. Исто така, се заканил и на сопругата на жртвата и од неа ја одзел торбата која таа ја носела на рамо и гајба која била во возилото, а во којашто имало различен рачен алат.

Како што наведува и обвинителството, подоцна во текот на истиот ден кога полициски службеници го пресретнале обвинетиот заедно со уште едно лице во автомобил, тој излегол од совозачката врата и кон четворицата полицајци испукал 3 проектили во обид да ги лиши од живот.

Кос: Патувањето на Албанија кон ЕУ е сигурно и вистинито

Еврокомесарката за проширување и соседска политика, Марта Кос
Еврокомесарката за проширување и соседска политика, Марта Кос

Еврокомесарката за проширување и соседска политика, Марта Кос, која денеска (13 март) престојува во Албанија, порача дека патувањето на земјата кон ЕУ, е сигурно и вистинито и оти Албанија заслужува да биде дел од ЕУ, зашто е „шампион за регионалната соработка“.

„Геополитиката денес ни покажува дека се е можно и вашиот пат кон ЕУ е безбеден и вистинит. Процесот за членство треба да биде проект на сите албански граѓани. Според мене, важно е пристапниот процес да биде проект на целото албанско општество. Не само владата, туку секој град и село треба да се вклучи, за граѓаните да разберат зошто Албанија ќе стане членка на ЕУ,“ рече таа.

Кос се задржа и на парламентарните избори што ќе се одржат на 11 мај, оценувајќи притоа дека изборниот процес е меѓу најважните процеси во демократијата и оти е убедена дека изборите ќе бидат слободни и демократски.

„Парламентарните избори се еден од најважните процеси во една демократија. Ова е изборот на граѓаните да си ја исполнат должноста да гласаат, се надевам дека ќе гласаат и ќе има голема излезност. Сигурна сум дека ќе бидат слободни и фер и го поздравувам фактот што дијаспората ќе има можност да гласа на овие избори. Да проговорат со своите гласови за тие важни работи, за принципите и основите на демократијата“, порача таа.

Албанскиот премиер Рама пак, изјави дека за да се стигне до крајната дестинација ЕУ, мора да се завршат сите домашни задачи.

„Членството во ЕУ не е возење со автобус или авион, туку создавање услови и стандарди, овде, за да се биде член на тамошното семејство. Албанија 2030 во ЕУ ја гледаме како реализација на програмата што ја имаме. Преговорите се базираат на резултати. За да ги спречите да ве попречуваат колку што сакаат, дури и неправедно, да дадат уште една работа, треба да си ја завршите домашната задача. Ова е ЕУ“, нагласи Рама.

Тој исто така рече дека и Албанија и другите земји од регионот немаат друга алтернатива освен интеграцијата во европското семејство.

Непознати лица го блокираа влезот на телевизија Н1 во Белград

илустрација
илустрација

Група од околу стотина непознати лица се собрала пред влезот во дворот на редакцијата на телевизијата Н1 во Белград.

Насобраните носат транспаренти на кои пишува „Каде е вашиот шеф и извикуваат „Нема да се откажеме од Србија“ и не дозволуваат никој да влезе или да излезе од дворот.

Телевизијата Н1 објави дека не се знае зошто се собрале.

Полицијата со штитови пристигнала дваесетина минути откако се собрала групата луѓе.

Репортерот на Н1 се обиде да открие кои се луѓето кои се собрани пред капијата на телевизијата.

Тие не сакаа да одговорат, а еден од насобраните рече дека ќе кажат кои се тие ако им дозволат да влезат во студио и да дадат изјава.

Како што јави телевизијата Н1, откако група непознати мажи дошле пред нивната зграда, дел од вработените во канцелариите на соседната бизнис зграда излегле надвор или од прозорците им довикувале „одете си на Косово“.

Програмскиот директор на Н1 Игор Божиќ изјави дека не знае кои се луѓето кои ја блокирале зградата, но дека дошле организирано.

Божиќ рече дека во Н1 не знаеле дека е најавен таков собир, но смета дека полицијата знаела, бидејќи полицајците биле таму пред нивното пристигнување.

Тој изјави дека по блокадата на РТС, „главните лидери“ повикувале кога ќе има блокада пред Н1.

„Ова е очигледно одговорот на режимот на тоа. Очигледно е дека ова е одвраќање од настаните околу студентските протести и режимот се обидува да покаже дека прорежимските медиуми не се единствениот проблем, туку дека за неговите поддржувачи проблем се и независните медиуми“, смета Божиќ.

На 10-ти и 11-ти март во 22 часот, студентите ја блокираа зградата на Радио телевизија на Србија (РТС) во центарот на Белград, барајќи објективно известување за протестите.

Студентите го блокираа Јавниот медиумски сервис среде повеќемесечните протести со кои се бара одговорност за смртта на 15 лица во уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.

Студентите во блокада најавија голем митинг во Белград на 15 март. Тие од декември ги блокираат државните универзитети и водат мирни протести низ земјата.

Кремљ отфрла каков било привремен прекин на огнот, американските преговарачи во Москва

Американскиот претседател Доналд Трамп и специјалниот пратеник Стив Виткоф
Американскиот претседател Доналд Трамп и специјалниот пратеник Стив Виткоф

Високиот помошник на претседателот Владимир Путин отфрли каков било привремен прекин на огнот со Украина, непосредно пред пристигнувањето на американска делегација на разговори во Москва, за да го натера Кремљ или да се согласи на 30-дневниот предлог за прекин на огнот или ќе се соочи со санкции.

Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, во интервју емитувано на државната телевизија на 13 март рече дека предложениот прекин на огнот на американскиот претседател Доналд Трамп, на кој Киев се согласи, само ќе и даде на Украина време да се опорави од притисокот што Русија го врши врз нејзините војници.

„Го кажав нашиот став дека ова не е ништо друго освен привремен одмор за украинската војска, ништо повеќе“, рече Ушаков, кој е повеќе од половина век во дипломатијата и се смета за главен советник за надворешна политика на Кремљ.

Тој додаде дека ја кажал позицијата на Москва во телефонскиот разговор со американскиот советник за национална безбедност Мајк Валц, еден ден претходно.

„Ми се чини дека никому не му требаат никакви чекори кои само имитираат мирни дејствија во оваа ситуација“, рече тој, истакнувајќи дека Русија сака долгорочно решение што ќе ги земе предвид нејзините интереси и грижи.

За време на состанокот во Белата куќа на 12 март со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Трамп изрази уверување за обезбедување на прекин на огнот за Украина и рече дека американските преговарачи „во моментов патуваат во Русија“.

На 13 март, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека американскиот тим, наводно, предводен од специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, патува кон Москва.

Трамп претходно им изјави на новинарите дека Русија „нема излез освен прекин на огнот“.

„Доколку е потребно, ќе го санкционираме, но се надевам дека нема да ни треба“, рече Трамп.

Ставањето крај на повеќе од тригодишната целосна инвазија на Русија на Украина засега е главен приоритет на Трамп, откако ја презеде функцијата по втор пат пред помалку од два месеци. Тој брзо ги испрати своите највисоки функционери во Москва и Киев за да ја подготват основата за мировни преговори.

Неговите последни коментари за војната доаѓаат откако Киев се согласи со планот за привремен прекин на огнот по деветчасовните разговори со претставници на администрацијата на Трамп во Џеда, Саудиска Арабија.

Рации на белгиската полиција поврзани со истрагата за корупција во Европскиот парламент

илустрација
илустрација

Белгиската полиција извршила рации на неколку адреси во земјата како дел од истрагата за наводен корупциски скандал во Европскиот парламент, соопштија денеска (13 март) федералното обвинителство.

Неколку лица се приведени на распит поради нивна „наводна вмешаност во активна корупција во Европскиот парламент, како и за фалсификување и употреба на фалсификати“, соопшти обвинителството.

„Околу 100 полицајци учествуваа во операцијата во која беа извршени 21 претрес низ Белгија и Португалија“, се додава во соопштението.

Белгискиот весник Le Soir и истражувачката веб-страница Следете ги парите (Follow the Money) (FTM) соопштија дека истрагата е поврзана со кинескиот технолошки гигант Хуавеи (Huawei) и неговите активности во Брисел од 2021 година.

Компанијата Хуавеи не одговори на барањето на АФП за коментар.

Рациите доаѓаат по повеќе од две години по скандалот „Катаргејт“, во кој голем број пратеници на ЕУ беа обвинети дека биле платени за да ги промовираат интересите на Катар и Мароко, нешто што и двете земји категорично го негираа.

Обвинителството не соопшти детали за инволвирани лица или компании. Но, како што се наведува наводната корупција од страна на „криминална организација“ „се практикувала редовно и многу дискретно од 2021 година до денес“ и имала „различни форми“.

Тие вклучуваат „награда за преземање политички позиции или прекумерни подароци како што се храна и патни трошоци или редовни покани за фудбалски натпревари“ како дел од обидот за промовирање на „чисто приватни комерцијални интереси“ во политичките одлуки.

Наводните мита биле сокриени како трошоци за конференција и биле исплаќани на различни посредници, соопшти канцеларијата, додавајќи дека испитува дали во аферата е вклучено перење пари.

Во срцето на наводната корупција е поранешен парламентарен асистент, кој во тоа време бил вработен како директор за односи со јавноста во Хуавеи, објавија белгиските медиуми.

Ле Соар рече дека полицијата привела „неколку лобисти“ и тие требало да се појават пред судијата на сослушување. Ниту еден од оние кои беа приведени на сослушување во четвртокот наутро не беа пратеници на ЕУ, изјави полициски извор за АФП.

Портпаролот на Европскиот парламент за АФП изјави дека „ги зема предвид информациите и ако биде побарано, тој целосно ќе соработува со правосудните органи“.

Захарова: Mировни сили во Украина значат „директен вооружен конфликт“

Марија Захарова, портпаролка на руското МНР
Марија Захарова, портпаролка на руското МНР

Официјална Москва соопшти дека земјите што распоредуваат мировници во Украина ќе се вклучат во „директен вооружен конфликт“ со Москва и дека таа ќе одговори на тоа со „сите расположливи средства“.

Украина побара од своите европски сојузници да распоредат воени „контингенти“ на нејзина територија откако ќе заврши тригодишниот конфликт, за да се заштити од идни напади од Русија.

Франција и Обединетото Кралство сугерираа дека би можеле да распоредат мировни сили, но Москва се откажа од оваа идеја како дел од прекинот на огнот или како долгорочна безбедносна гаранција за Украина.

„За нас е апсолутно неприфатливо армиските единици на други држави да бидат стационирани во Украина под какво било знаме“, рече на брифинг портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.

„Без разлика дали станува збор за странски контингент и воена база, сето тоа би значело вклучување на овие земји во директен вооружен конфликт со нашата земја“, додаде Захарова.

Нејзините коментари следуваат откако американските преговарачи отпатуваа во Русија за да го претстават својот план за 30-дневно примирје во Украина, откако претходно оваа недела ја добија поддршката за овој план од Киев.

Киргистан и Таџикистан постигнаа договор за завршување на граничниот спор

Таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон со претседателот на Киргистан Садир Јапаров, Бишкек, 12 март 2025 година
Таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон со претседателот на Киргистан Садир Јапаров, Бишкек, 12 март 2025 година

Претседателите на Киргистан и Таџикистан, Садир Јапаров и Емомали Рахмон денеска (13 март) потпишаа договор за демаркација, со кој се бара да се стави крај на долготрајниот пограничен конфликт во кој имаше десетици мртви од двете страни во последните години.

Договорот, кој беше потпишан во главниот град на Киргистан, Бишкек, предвидува повторно отворање на патниот, железничкиот и воздушниот сообраќај, кои се суспендирани од септември 2022 година.

Киргистан и Таџикистан повеќе пати се судрија околу границата во близина на киргистанскиот град Баткен во 2021 и 2022 година, што кулминираше со шестдневен конфликт во септември 2022 година.

Споровите за 970-километарската граница меѓу двете земји датираат уште од советско време, кога Москва првпат ги исцрта границите во етнички мешаните делови на Централна Азија.

Обвинителството поднесе жалба за куќниот притвор на Јахоски

Зградата на Основното јавно Обвинителство, Скопје
Зградата на Основното јавно Обвинителство, Скопје

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го обжали домашниот притвор на Асмир Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко петрол“, кој му беше одреден по последната полициска акција за аферата со мазут.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го разгледа Решението со кое не се прифати предлогот на обвинителството за определување на мерка притвор и на осомничен му беше определена мерка куќен притвор и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа. Незадоволно од ваквата одлука Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во законски утврдениот рок до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје поднесе жалба поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка и побара Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото Решение“, информираа денеска (13 март)од Обвинителството.

Во полициска акција пред два дена беа приведени 11 луѓе, еден е во бегство, а еден веќе во притвор. Тие се осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење на пари.

Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува сите осомничени, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет што се штетни за животната средина.

Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра.

Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.

За две години, државните институции набавиле нови возила за 8,5 милиони евра

илустрација
илустрација

За две години државните институции набавиле нови патнички возила за 8,5 милиони евра. Од нив дел се купени, а дел земени на лизинг, покажуваат покажуваат резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за набавките на патнички возила на државните институции во 2023 и 2024 година и отворената база на податоци на договорите за јавните набавки на возилата.

Меѓу сите купени возила се и 45-те владини автомобили, секое по 50 илјади евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели.

Истражувањето открива дека најскапо набавено возило од 55 илјади евра е на општината Шуто Оризари, додека општина Прилеп набавила, па го раскинала договорот за возило од 63 илјади евра.

„Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31 760 евра. Омилен бренд на функционерите им е Шкода, од каде е набавено секое трето возило. Најмногу возила, 82, набавиле Електрани на Северна Македонија. На дури 70 % од тендерите за набавка на возилата имало само по една понуда, а најголема вкупна вредност на склучени договори имаат фирмите Порше лизинг и Аутомотив груп, секоја по околу 2,8 милиони евра за две години“, покажуваат резултатите од истражувањето.

Во објавеното истражување од Центарот за граѓански комуникации се наведува дека во 2023 и 2024 година, државните институции набавиле 269 нови патнички возила и за нив потрошиле 8.543.658 евра.

Дел од институциите ги купиле возилата, а друг дел ги набавиле на лизинг, најчесто оперативен, што значи дека по истекот на периодот на лизингот треба да ги вратат, иако за возилата плаќаат како да ги купиле.

Нови возила набавиле 44 институции, а склучени се вкупно 72 договори за јавни набавки. Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31 760 евра.

„Најскапи возила, од по 55 илјади евра, набавиле: општина Шуто Оризари, Државна видеолотарија, општина Битола и Комуналец Кавадарци. Убедлив рекордер ќе беше општина Прилеп која во декември 2024 година склучила договор за набавка на лизинг на возило од 63 илјади евра. Но, како што тврдат од општината, договорот е раскинат во февруари оваа година и возилото не е земено. Сепак, на Електронскиот систем за јавни набавки не е објавено раскинувањето на овој договор“, се наведува меѓу другото во истражвуањето на ЦГК.

Руската војска соборила 77 украински дронови, Украинците уништиле 74 руски

дрон, илустрација
дрон, илустрација

Руската војска синоќа (12 март) собори 77 украински беспилотни летала над неколку региони, соопшти руското Министерство за одбрана. Силите пресретнале и уништиле 77 дронови, од кои повеќето биле над регионот Брјанск, на границата со Украина и регионот Калуга.

Беспилотните летала беа соборени два дена по најголемиот украински напад од овој тип од почетокот на конфликтот.

Украинската противвоздушна одбрана, пак, собори 74 беспилотни летала кои ги нападнаа руските сили, додека 38 руски беспилотни летала за мамка исчезнаа од радарот без да предизвикаат штета, објави украинското воздухопловство на Телеграм.

Ексклузивно: Снимки од дрон за размерите на загинатите во војната во Украина
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 0:03:20 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Русија извршила голем воздушен напад, кој започнал синоќа во 19 часот по локално време, користејќи балистичка ракета Искандер-М, лансирана од областа Курск и 117 нападни дронови Шахед и голем број беспилотни летала-мамки испратени од западните и јужните региони на земјата.

Украина го потврди уривањето на 74 беспилотни летала, вклучувајќи го и Шахед, над регионите Харкив, Полтава, Чернихив, Суми, Киев, Хмелницки, Винице, Депропетровск, Запорожје, Одеса и Миколаев.

Руските напади предизвикале штета во повеќето од погодените региони.

Нападите се случуваат два дена откако Украина го прифати американскиот предлог за 30 дневен прекин на огнот, а Русија сè уште не одговори дали ќе го прифати.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG