Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот републикански ривал, Доналд Трамп, се „судрија“ околу надворешната политика и војната на Русија против Украина во телевизиската дебата меѓу двајцата најстари кандидати за претседател на Соединетите Држави.
Откако излегоа на сцена на 27 јуни без ракување и без публика во салата, актуелниот претседател и неговиот претходник изнесоа сосема различни ставови за инвазијата на Русија врз нејзиниот сосед во февруари 2022 година.
Трамп, кој во минатото ја нарече тактиката на рускиот претседател Владимир Путин во инвазијата на Украина во 2022 година „генијална“ и „многу паметна“, го нападна Бајден велејќи дека доколку САД имаа „вистински претседател“, Путин немаше да ја нападне Украина.
„Тој знаеше дека не треба да игра игри со мене“, рече Трамп мислејќи на Путин.
Осумдесет и едногодишниот Бајден му возврати нарекувајќи го Путин „воен злосторник“ и предупредувајќи дека ако на Русија и се дозволи да успее во својата војна, Путин нема да застане во Киев.
„Тој уби илјадници и илјадници луѓе“, му рече Бајден на Трамп.
Од почетокот на војната, администрацијата на Бајден цврсто ги поддржува Украина и нејзиниот претседател, Володимир Зеленски.
Соединетите Држави беа најголемиот единствен придонесувач на воена и финансиска помош за Киев за време на конфликтот, иако неодамна одобрениот пакет помош од вкупно 61 милијарда долари беше одложен за околу шест месеци, бидејќи републиканските пратеници го прекинаа процесот барајќи длабоки промени во граничната политика во замена за нивната поддршка.
Пакетот помош на крајот беше одобрен, иако не беше постигнат договор за границата.
Во дебатата во која доминираа прашањата на внатрешната политика како што се економијата, имиграцијата и абортусот, Бајден кажа дека иако Вашингтон е цврст поддржувач на Украина, тој ги собра лидерите од повеќе од 50 земји низ светот во коалиција за да и помогне на Украина да ги одбие руските трупи.
„Ова (Трамп) е човек кој сака да се повлече од НАТО“, рече Бајден, кој на моменти изгледаше нефокусиран во своите одговори.
Претходно овој месец, Путин понуди итен прекин на огнот со Украина, поставувајќи услови кои Киев веќе неколку пати ги отфрли.
На прашањето за понудата на Путин, 78-годишниот Трамп рече дека условите што неодамна ги постави рускиот лидер за ставање крај на војната „не се прифатливи“.
Но, Трамп, кој искажа низа невистини за време на 90-минутната дебата, го нарече Зеленски и „најголемиот продавач досега“ мислејќи на барањата за воена помош на украинскиот лидер.
„Видете, ова е војна што никогаш не требаше да започне ако имавме лидер“, рече Трамп, повторно тврдејќи дека ќе може да ја „реши“ доколку биде реизбран во ноември.
Тој не даде детали како ќе постигне таков резултат.
Прашањето за мигрантите
Зборувајќи за мигрантите, Бајден ја критикуваше администрацијата на Трамп за раздвојување на семејствата што се случија за време на неговата администрација.
„Сега имате ситуација кога 40 отсто од луѓето илегално ја минуваат границата. Тоа е подобро отколку кога тој ја напушти функцијата“, додаде тој.
Трамп рече дека политиката на Бајден за имиграција и „отворени граници“ придонеле за порастот на криминалот.
„Мораме да протераме многу од овие луѓе и мораме да го направиме тоа брзо, бидејќи тие ќе ја уништат нашата земја“, рече Трамп.
Упадот во Капитол
Бајден рече дека Трамп ги „охрабрил“ бунтовниците да упаднат во Капитол на Вашингтон на 6 јануари 2021 година. Тој вели дека поранешниот претседател не направил ништо „три часа“, додека тогашниот потпретседател Мајк Пенс го „молел“ да направи нешто, да повика на прекин и да се откаже.
„Наместо тоа, тој рече дека овие луѓе се големи патриоти на Америка“, рече Бајден, додавајќи дека бунтовниците треба да бидат во затвор и да одговараат.
Трамп ги бранеше своите постапки за време на немирите на 6 јануари во зградата на Капитол, кога неговите поддржувачи упаднаа во зградата во обид да спречат мирно предавање на власта по неговиот изборен пораз.
Правните проблеми на Трамп
Бајден ја спомена и неодамнешната судска одлука со која Трамп беше кривично осуден по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни книги.
„Има само едно лице кое е осудено за кривично дело и сега го гледам“, рече тој.
Бајден додаде дека Трамп има „морал на улична мачка“ во врска со неговата наводна врска со Сторми Даниелс, поранешна порно актерка, што Трамп го негира.
Трамп се обиде да го разјасни своето ветување дека „ќе тргне по своите политички противници“ доколку стане претседател, велејќи дека неговата одмазда ќе ја направи Америка повторно успешна нација.
Трамп, исто така, ја спомена неодамнешната кривична пресуда против синот на Бајден, Хантер и предложи претседателот Бајден, исто така, да биде осуден за кривично дело „штом ќе ја напушти функцијата“ поради неговото „ужасно“ однесување како претседател.
„Овој човек е криминалец“, рече Трамп за Бајден.
„Не направив ништо лошо“, му одговори Бајден.
Загриженост околу возраста
Повремено неуспешните настапи на Бајден во дебатата ја истакнаа загриженоста за неговата возраст и дилемата за тоа дали на 81 година, тој е премногу стар за да отслужи уште еден четиригодишен мандат, што поттикна прашања кај некои демократи дали треба да се повлече како кандидат на нивната партија.
Во еден момент, Бајден изгледаше како да го помеша Трамп со Путин, во друг момент, во делот за имиграцијата и безбедноста на границите, тој даде зачудувачки одговор, што го поттикна Трамп да возврати:
„Навистина не знам што рече на крајот од таа реченица. Мислам дека не знае што кажа."
Бајден стануваше „се посилен како што течеше дебатата, мислам дека паниката го направи своето“, рече Дејвид Акселрод, советник на поранешниот претседател Барак Обама, за Си-Ен-Ен.
„Ќе има дискусии за тоа дали тој треба да продолжи“.
Трамп, исто така, го критикуваше Бајден за неуспехот да го ослободи новинарот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович, кој повеќе од една година е во руски притвор поради обвиненијата за шпионажа што тој, неговиот работодавец и американската влада ги отфрлија како политички мотивирани.
Поранешниот претседател рече дека Бајден требало да го извлече „одамна надвор“ Гершкович, чие судење започна на 26 јуни и се одржува зад затворени врати, и дека Путин „веројатно бара милијарди и милијарди долари“ за ослободување на новинарот.
Трамп не го елаборираше или не го потврди своето тврдење, но се чинеше дека се однесува на договорот од 2023 година со кој беа ослободени петмина приведени Американци во Иран во замена за трансфер на замрзнати ирански средства во вредност од милијарди долари од банки во Јужна Кореја до Катар.
Вашингтон неколку пати рече дека средствата се чуваат на посебни сметки со ограничен пристап што дозволува Иран да ги користи само за хуманитарни добра, како што се лекови и храна.
Бајден рече дека за време на неговиот мандат американски војници не биле убиени никаде во светот, додека Трамп изјави дека повлекувањето на војниците од Авганистан е „најсрамниот ден во историјата на животот на нашата земја“.
Иако самиот Трамп се согласи на повлекување на меѓународните трупи со талибанското раководство една година пред да ја напушти функцијата, тој не го финализираше планот и Бајден требаше да ја надгледува операцијата неколку години подоцна.
Бајден рече дека кога Трамп ја напуштил функцијата по поразот на изборите во ноември 2020 година, „работите беа во хаос“.
Абортус
Зборувајќи за абортусот, Бајден рече дека укинувањето на одлуката „Ро против Вејд“ од 1973 година со која се гарантира правото на жената на абортус е „страшна работа“.
„Големо мнозинство уставни експерти и научници го поддржаа „Ро против Вејд“ кога одлуката беше донесена“, рече Бајден.
Тој рече дека абортусот е одлука на жената во разговор со нејзиниот лекар и вети дека ќе го врати „Ро против Вејд“ доколку тој биде реизбран.
„Ниту еден политичар не треба да ја донесе таа одлука“, рече Бајден.
Трамп рече дека нема да ги блокира лековите за абортус, истакнувајќи дека Врховниот суд на САД го потврди само правото на лекови. Тој повтори дека сите сакаат државите да одлучат дали абортусот треба да биде легален.
„Секој научник го сакаше тоа назад во државите. Сега државите го прават тоа“.
Економија
Бајден рече дека Трамп го оставил со колапс на економијата, со зголемена невработеност.
„Моравме да ги подобриме работите“, рече тој, додавајќи дека работите биле „ужасни“ под раководство на Трамп и дека тој „воопшто не направил многу“.
Трамп одговори дека САД имале „најголема економија“ кога тој бил на функција.
„Ние бевме погодени од Ковид-19, а кога се случи, ги потрошивме потребните пари за да избегнеме да завршиме во Големата депресија. Сè беше добро“, рече Трамп.
Бајден рече дека за време на неговиот мандат американски војници не биле убиени никаде во светот, додека Трамп изјави дека повлекувањето на војниците од Авганистан е „најсрамниот ден во историјата на животот на нашата земја“.