Достапни линкови

Вести

Собраниска седница за избор на нова влада

Собраниска седница (архивска фотографија)
Собраниска седница (архивска фотографија)

Собранието на Северна Македонија денеска на 22 јуни во 11 часот ќе ја започне седницата за избор на новата влада, предложена од Христијан Мицкоски, мандатар и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски го поднесе предлогот за состав на владата и програмата на 18 јуни. Собраниската расправа за избор на новата влада треба да заврши до недела на полноќ, со оглед на тоа дека Деловникот на законодавниот дом предвидува седницата да трае најмногу два дена.

Мандаторот Мицкоски денеска ќе ја образложи програмата и предлогот за состав на Владата, по што во Собранието се води единствен претрес.

Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата со јавно гласање. Владата ќе биде избрана доколку за неа гласале мнозинството од вкупниот број пратеници.

Потоа, претседателот на Собранието треба да ја извести претседателката Гордана Сиљановска - Давкова за изборот на Владата.

Парламентарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата Влада во законодавниот дом брои 78 пратеници - 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 пратеници од коалицијата Вреди и шест од Движењето ЗНАМ.

Влада скроена од 24 члена

Идната влада, вклучувајќи го и Христијан Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови.

Во неа ќе има пет вицепремиери и само три жени министерки.

Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Панче Тошковски, кој досега беше технички министер за внатрешни работи ќе продолжи да го води ова министерство.

Александар Николоски е е партиското решение во ресорот транспорт, а ќе биде и вицепремиер. Владо Мисајловски, кој претходно беше министер за транспорт и државен секретар во МНР, сега ќе го предводи Министерството за одбрана.

Тимчо Муцунски, од градоначалник во Аеродром ќе се пресели во Министерството за надворешни работи, кое со реорганизацијата ги доби и ингеренциите за надворешна трговија.

Четвртата потпретседателка на партијата, Гордана Димитриеска Кочоска, пак, ќе биде министерка за финансии. Таа веќе беше дополнителна заменик-министерка во овој ресор во претходната техничка влада предводена од Оливер Спасовски.

Другите две жени во владата на Мицкоски ќе бидат Весна Јаневска во Министерството за образование и наука и Сања Божиновска во новоформираното Министерство енергетика, рударство и минерални суровини.

Со новото Министерство за спорт ќе раководи поранешниот ракоментен голман Борко Ристовски. Прв човек на Министерството за култура ќе биде актерот Зоран Љутков кој е актуелен претседател на Советот на Општина Велес.

Вицепремиерски места ќе имаат Љупчо Димовски, претседателот на Сoцијалистичката партија кој ќе биде и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, претседателот на Демократката партија на Србите ќе биде вицепремиер задолжен за односи со заедниците.

Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

За министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е предложен Изет Меџити од коалицијата Вреди.

За министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е предложен Арбен Фетаи, за министер за здравство Арбен Таравари, а Орхан Муртезани е предложен за министер за европски прашања. За министер за социјална политика, демографија и млади е предложен Фатмир Лимани, а за министер за економија Бесар Дурмиши.

Од Движењето ЗНАМ, Игор Филков ќе биде министер за правда додека Горан Минчев за министер за јавна администрација.

Со изгласувањето на новиот владин состав во Собранието, прекинува мандатот на техничката влада.

Христијан Мицкоски ќе биде 13-тиот премиер на Северна Македонија.

види ги сите денешни вести

Унгарскиот премиер Орбан во посета на Киев

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и украинскиот претседател Володомир Зеленски
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и украинскиот претседател Володомир Зеленски

Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во Киев, што е негова прва посета на Украина по целосната инвазија на Русија во 2022 година.

Фајненшл тајмс и Гардијан, цитирајќи неименувани официјални лица, велат дека се очекува Орбан да има средба со претседателот на Украина Володимир Зеленски на 2 јули.

Ниту украинските, ниту унгарските власти веднаш не ги потврдија новинарските извештаи.

Патувањето следува еден ден откако Унгарија го презеде ротирачкото претседателство со Советот на Европската Унија.

Орбан важи за критичар на западната воена помош за Киев и е еден од ретките западни лидери кои се сретнале со рускиот претседател Владимир Путин по инвазијата.

Силно невреме во Словенија, Хрватска и Србија

илустрација
илустрација

Словенија, Хрватска и Србија синоќа (1 јули) биле зафатени со силно невреме, со дожд, грмежи и град, кое предизвика материјални штети.

Словенија ја зафати силно невреме со обилни врнежи, налети на ветер и град, а најмногу штети има во Долењска, каде густиот град уништи посеви, а силните налети на ветер оштетија и носеа покриви на куќи.

Поради невремето, Агенцијата за животна средина (Арсо) издаде портокалово предупредување за целата земја, јави Словенечката телевизија.

Обилните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето, а силните ветрови урнаа дрвја, столбови за струја и покриви на станбени, деловни и други згради.

Силно невреме синоќа ја зафати и Хрватска, претежно Славонија и Загреб, а силниот ветер, дожд пропратен со грмежи и град создаде огромни проблеми во Сисак, Винковци, Славонски Брод и Жупања.

Во Загреб, поради оштетување на електричната мрежа и паднати дрвја, трамваите не сообраќаат, а делови од градот останаа без струја. Кон крајот на вечерта врнеше силен дожд, поради што делови од градот беа поплавени.

Невреме со силен дожд пропратен со грмежи синоќа ја зафати и Србија. Во главниот град врнеше силен дожд пропратен со грмежи. РХМЗ претходно предупреди дека силна конвективна облачност од подрачјето на Срем се движи кон Белград на запад и дека се очекуваат интензивни врнежи со грмежи во околината на Белград.

Почина казахстанскиот антивладин активист кој беше застрелан во Киев

Ајдос Садиков
Ајдос Садиков

Почина казахстанскиот политички активист Ајдос Садиков кој минатиот месец беше застрелан пред неговиот дом во Киев. Наталија Садикова во објава на Фејсбук напиша дека нејзиниот сопруг им подлегнал на компликациите од прострелните рани рано утрото на 2 јули.

Отворениот критичар на владата на Казахстан, Садиков беше хоспитализиран на интензивна нега откако беше застрелан пред неговиот дом во главниот град на Украина на 18-ти јуни.

Украинската полиција соопшти дека двајца мажи кои пукале избегале во Молдавија набргу по инцидентот.

Садиков, чии антивладини објави нашироко ги следат Казахстанците на социјалните мрежи, доби азил во Украина во 2014 година.

Бајден: Никој не е над законот, дури ни претседателот на САД

Џо Бајден, претседател на Соединетите Држави
Џо Бајден, претседател на Соединетите Држави

Американскиот претседател Џо Бајден, по одлуката на американскиот Врховен суд со кој на Доналд Трамп и на другите претседатели им даде широк имунитет од кривично гонење, рече дека пресудата го поткопува владеењето на правото.

Судската одлука прави речиси сигурно дека Трамп нема да се соочи со судење во Вашингтон пред ноемвриските избори, на кои тој е републикански претседателски кандидат, за неговите постапки за време на насилните немири на 6 јануари 2021 година, наведува Гласот на Америка.

„Никој не е над законот, дури ни претседателот на САД“, рече Бајден во Белата куќа.

За време на кусото обраќање, Бајден не ја спомна минатонеделната дебата или неговиот настап и не одговараше на прашања. „Знам дека ќе ги почитувам ограничувањата на претседателската моќ како што поставував и за време на изминатите три и пол години, но секој претседател, вклучително и Доналд Трамп, сега ќе може слободно да го игнорира законот“, рече Бајден.

Американскиот Врховен суд вчера донесе историска пресуда за случајот на Доналд Трамп, кој побара тој суд да одлучи дали како поранешен претседател има имунитет од кривично гонење.

Со 6 конзервативни гласа „за“ и 3 либерални гласа „против“, највисокиот суд во Америка одлучи дека поранешните претседатели имаат апсолутен имунитет од кривично гонење за дела сторени додека биле на функција, додека немаат имунитет за дела извршени надвор од функцијата. Врховниот суд на САД не одлучи сам како конкретно да го примени тоа во случајот на Трамп, а главниот судија Џон Робертс рече дека за тоа треба да одлучат пониските судови.

Преговарачите на Косово и Србија на 2 јули во Брисел

Брисел: Специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак со Бесник Бислими и Петар Петковиќ
Брисел: Специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак со Бесник Бислими и Петар Петковиќ

Главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ ќе се сретнат на 2 јули во Брисел во рамки на дијалогот за нормализација на односите.

Портпаролот на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Петер Стано, изјави дека приоритет на средбата ќе биде „итен почеток на имплементација на Договорот за патот кон нормализирање на односите“.

Косово и Србија постигнаа договор во 2023 година, но тој не беше спроведен на терен.

Средбата на главните преговарачи минатата недела ја најавија премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по одвоени разговори со високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.

Курти и Вучиќ не седнаа на иста маса поради, како што беше речено, условите што ги постави премиерот на Косово, а кои претседателот на Србија не ги прифати да го спроведе договорот со Косово и екстрадицијата на Милан Радоичиќ , осомничен за вооружен напад во Бањска.

На 1 јули, Стано им рече на новинарите дека целта на дијалогот меѓу Косово и Србија е „нормализација на односите“.


„Оваа задача беше дадена од ЕУ како мандат за посредници во дијалогот. Значи, мандатот е да им помогне на двете страни да ги нормализираат односите. Признавањето [на Косово од Србија] не е дел од мандатот. Се разбира, логичното последица на нормализацијата би било признавање, но ова е нешто многу подолу на патот на процесот“, рече Стано.

Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Петар Петковиќ, пред средбата изјави дека портпаролот на ЕУ е „апсолутно во право“ дека целта на процесот на нормализација не е признавањето на Косово.

Тој на социјалната мрежа Х напиша дека „силите“ сакаат „Србија да го признае насилното отцепување на нејзината територија“ и дека „нема да го гледаат тој филм. Дипломатски извори во Брисел велат дека Европската унија се обидува да ги придобие страните да се договорат за последователен план за имплементација.

За средбата на главните преговарачи на 1 јули зборуваше и претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњувца.

На новинарско прашање за целта на овие разговори, по условите што ги постави Курти, тој рече дека „секоја инстанца мора да остане на својот став“ во однос на тие услови.

Според него, тие услови се разумни и „мора да се разјаснат за да успее дијалогот“.

Коњувца рече дека од ЕУ се очекуваат највисоки стандарди на политика и етика во политиката.

Руски новинар осуден во отсуство за кршење на „законот за странски агенти“

Главниот уредник на весникот „Псковскаја губернија“ Денис Камаљагин
Главниот уредник на весникот „Псковскаја губернија“ Денис Камаљагин

Градскиот суд во Псков го прогласи главниот уредник на весникот „Псковскаја губернија“ („Гувернерат на Псков“) Денис Камаљагин за виновен за административен прекршок поради непочитување на таканаречениот закон за „странски агенти“.

Во пресудата се наведува дека Камаљагин, кој е вклучен во регистарот на странски агенти, не доставил извештаи за своите активности до Министерството за правда во предвидениот рок, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.

Судот одлучи лично да го казни со 30.000 рубљи (околу 320 евра), а весникот што тој го води со 300.000 рубљи (околу 3.200 евра).

Претходно против Камаљагин, како и против поранешниот координатор на Псков „Глас“ Владимир Жилински беа покренати кривични дела за наводно избегнување на должноста „странски агент“.

Ова е веќе втор кривично дело против Камаљагин.

Тој претходно беше обвинет за постојано „дискредитирање“ на руските војници.

Минатата година тој беше казнет со 35.000 рубли според административниот член за „дискредитација“.

Законот за странски агенти во Русија се појави во 2012 година и му овозможи на Министерството за правда да ги признае непрофитните организации како странски агенти доколку добиваат средства од странство и се занимаваат со политички активности.

Критериумите со кои се утврдуваат ваквите активности не се јасно дефинирани со закон, што им овозможува на властите да ги гонат организациите кои работат во областа на образованието, културата, здравството, екологијата и заштитата на човековите права, а не добиваат странски средства „под странско влијание“.

Руското законодавство не прецизира што точно треба да се смета за странско влијание.

Украина се соочува со прекини поради летната побарувачка и руските напади

Украина, криза
Украина, криза

Украинскиот снабдувач со електрична енергија Укренерхо предупреди на прекини на струја и други ограничувања на 1 јули поради руските напади врз енергетската инфраструктура, но и зголемената побарувачка поради високите летни температури.

Предупредувањето дојде откако украинските воздухопловни сили издадоа предупредување за ракетен и воздушен напад за повеќето региони на Украина, вклучително и главниот град Киев, и откако најмалку седум цивили беа повредени во напад на руско беспилотно летало во текот на ноќта во реонот на Днепар.

Во регионот на Киев, три лица, меѓу кои и едно дете, наводно биле повредени во ракетен напад во кој беа оштетени три приватни куќи и неколку возила, објавија властите доцна на 30 јуни.
Истакнувајќи дека на 1 јули се предвидуваат температури над 30 степени Целзиусови за поголемиот дел од земјата, компанијата ги повика Украинците да ја следат потрошувачката и да избегнуваат истовремено користење на уреди кои трошат многу електрична енергија.


Укренерхо додаде дека Украина со електрична енергија се снабдува од Полска, Словачка, Романија, Унгарија и Молдавија.

„Но, поради обемот на штетата од руските напади, овие мерки не се доволни за одржување на рамнотежата во енергетскиот систем“, изјавија тие на Телеграм.
Русија со месеци ја гаѓаше електричната мрежа на Украина, што доведе до чести прекини на струја.

Во март, премиерот Денис Шмихал рече дека 80 отсто од термички генерираниот капацитет за производство на енергија во земјата е уништен.

Во исто време, Министерството за енергетика соопшти дека термоелектраните под контрола на Центроенерхо и Укрхидроенерхо се тешко оштетени.

Минатиот месец претседателот Володимир Зеленски побара од Европската унија да го зголеми извозот на електрична енергија во Украина, како и да испрати потребна опрема и други ресурси за поправки.

Среде политички ќорсокак, во Бугарија предлог за нов владин кабинет

Претседателот Румен Радев и предложениот шеф на кабинет Росен Жељазков, Софија
Претседателот Румен Радев и предложениот шеф на кабинет Росен Жељазков, Софија

Не долго откако бугарскиот претседател Румен Радев побара од централнодесничарската коалиција ГЕРБ-СДС да формира нова влада на 1 јули, партијата го поднесе својот предлог за малцински кабинет на чело со поранешниот претседател на парламентот Росен Жељазков.

Предложениот кабинет, во кој доминираат поранешни министри од ГЕРБ и претставници на актуелната привремена влада, ќе биде доставен на разгледување до парламентот, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

За прифаќање на предлогот е потребно просто мнозинство.

„Ова е влада која може да ја сподели одговорноста и влада во која ГЕРБ и СДС се целосно одговорни“, рече лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов.

ГЕРБ на изборите на 9 јуни освои 68 места во законодавниот дом од 240 места.

Партијата Движење за права и слободи, која има 46 пратенички мандати, најави дека ќе гласа за предложената влада.

Борисов побара поддршка и од релативно новата коалиција „Континуирани промени-Демократска Бугарија“, која има 39 места и беше партнер на ГЕРБ во коалициската влада која пропадна во март дека предложената влада би можела да биде краткотрајна и дека ќе биде фокусирана за итните прашања, особено за носењето на буџетот.

„Во моментов не зборуваме за програма за управување за четири години“, рече Желјазков.

„Зборуваме за конкретни политики кои можат да го смират политичкиот разговор. Најважно е стабилизацијата на јавните финансии и стабилноста во нашата европска перспектива“, додаде тој.

Привремената влада предводена од премиерот Димитар Главчев положи заклетва во парламентот на 9 април, откако беше именувана од претседателот Румен Радев, кој најави и предвремени општи избори за 9 јуни.

Јунските избори беа шести национални избори во последните три години.

МВР го лоцираше човекот кој го извади македонското знаме од Кораб и постави албанско

Илустрација
Илустрација

Министерството за внатрешни работи работи на случајот со отстранувањето на македонското знаме од врвот Кораб и поставувањето на знаме на Република Албанија. Од таму информираат дека веќе е утврден идентитетот на лицето кое го објави видеото на социјалните мрежи.

„Во врска со видеото објавено на социјалните мрежи каде од страна на едно лице на Кораб е симнато македонското знаме и е поставено знаме на Република Албанија, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по преземени мерки од страна на Одделот за компјутерски криминал утврдено е дека се работи за лице кое не е државјанин на Северна Македонија“, се вели в осоопштението од МВР.

Оттаму додаваат дека се преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена.

Претходно, на Фејсбук профилот на албанскиот државјанин, Изет Шулку, сопственик на ресторан, беше објавено дека го отстранил македонското знаме од врвот Голем Кораб и поставил албанско знаме.

Во објавеното видео на неговиот Фејсбук профил, тој вели дека „македонското знаме не припаѓа на албанските територии, туку само албанското знаме“ и на крај силно извикува Албанија

Заменикот на Лавров во Белград, разговара за безбедносни прашања

СРБИЈА- Министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ со заменик министерот за надворешни работи на Руската Федерација Александар Груско
СРБИЈА- Министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ со заменик министерот за надворешни работи на Руската Федерација Александар Груско

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија Александар Грушко на 1 јули ја изрази својата поддршка за Србија во зачувувањето на стабилноста и безбедноста и ја истакна важноста на иницијативите за борба против тероризмот, организираниот и сите други видови криминал.

Грушко на средба со потпретседателот на Владата на Србија и министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, разговарале за актуелни безбедносни прашања и ја изразиле потребата од континуирана координација на надлежните безбедносни институции, соопшти МВР на Србија.

Дачиќ посочи дека безбедноста на сите граѓани на Србија, како и на сите дипломатско-конзуларни претставништва во земјата е приоритет на работата на МУП и дека Србија ќе ја обезбеди нивната безбедност.

Тој ја истакна посветеноста на Србија во борбата против тероризмот и важноста на меѓународната соработка во оваа област, соопшти МУП.

Српските власти нападот врз припадник на Жандармеријата на 29 јуни го прогласија за терористички напад, а во цела Србија беа подигнати безбедносни мерки и за продолжување на билатералната соработка меѓу двете земји, министерот Дачиќ и заменик министерот за надворешни работи на Русија со посебен акцент на натамошното интензивирање на соработката во областа на внатрешните работи, особено вонредните ситуации.

На средбата беше оценето дека односите меѓу двете земји на полето на внатрешните работи се интензивни и дека се одвиваат на повеќе различни нивоа, преку размена на информации и криминална соработка меѓу полициите на двете земји во борбата против организираниот и сите други видови криминал.

Како што соопшти МУП, соговорниците констатирале дека дијалогот и соработката се клучни за решавање на сите предизвици со кои се соочува глобалната заедница.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG