Достапни линкови

Вести

СДСМ го разгледа извештајот за изборниот пораз, па го одложи конгресот

Ковачевски ја образложил одлуката за повлекување од лидерската позиција.
Ковачевски ја образложил одлуката за повлекување од лидерската позиција.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на денешниот партиски конгрес ја образложил одлуката за повлекување од лидерската позиција, а генералниот секретар Миле Зечевиќ го презентирал извештајот за парламентарните и претседателските избори и резултат. Се отворила и дискусија, но сепак, соопштија од партијата, конгресот се одложил на барање на општинските организации.

„Поради обемниот материјал на Извештајот кој опфаќа политички, оперативен и аналитички дел, општинските организации на СДСМ побараа време за да го анализираат, да се произнесат и да дадат свој придонес, на ниво на општински изборни штабови и на ниво на општински организации во конечната верзија на Извештајот за парламентарните и претседателските избори 2024 година“, велат од СДСМ.

Засега нема точен датум кога ќе биде свикано продолжение на конгресот. Зависи од тоа кога ќе се произнесат општинските организации.

По поразот на СДСМ на изборите на 8 мај, Ковачевски на седница на Извршниот одбор на партијата на 22 мај официјално потврди дека се повлекува од претседателската функција и иницираше свикување на овој отчетен конгрес.

Пред почетокот на денешниот конгрес Ковачевски изјави оти очекува од него СДСМ да излезе посилен, пообидинет и да влезе во процесот на финализирање на изборот на нов претседател и на новото раководство.

„Она што имав да го кажам, го кажав и на 8 мај и на денот кога официјално се повлеков од функцијата претседател на СДСМ. Очекувам отворена дебата и да се разговара конструктивно и отворено за сите прашања кои што влијаеа на изборниот резултат на овие избори,но и на изборите во 2021 година, бидејќи тогаш не беше одржан отчетен Конгрес. Делегатите ќе имаат за што за што да разговараат“, рече тој.

За наследник на Ковачевски има четворица кандидати: актуелните пратеници и поранешни министри за одбрана и здравство – Славјанка Петровска и Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски.

Партискиот статут предвидува дека претседателот го бираат членовите со гласање на непосредни избори. Тие за закажани за 30 јуни.

види ги сите денешни вести

По посетата на заменикот на Лавров на Белград, ЕУ и САД бараат Србија да се дистанцира од Русија

Покрај со Вучиќ, Грушко се сретна и со министерот министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ и вицепремиерот Александар Вулин.
Покрај со Вучиќ, Грушко се сретна и со министерот министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ и вицепремиерот Александар Вулин.

Откако Белград го угости рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко, Европската унија (ЕУ) повторно ја повика Србија да воведе санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Грушко на 2 јули се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а за време на престојот во Белград имаше средби и со други високи српски претставници.

„Европската унија беше кристално јасна со нашите партнери: односите со Русија не можат да бидат нормални со непредизвикана и неоправдана руска агресивна војна против Украина“, рече портпаролот на ЕУ во изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во одговорот се додава дека Советот на ЕУ ја признава хуманитарната и друга помош на Србија за Украина, но и очекува Србија, како земја-кандидат за членство во ЕУ, да се усогласи со европската надворешна и безбедносна политика.

Од американскиот Стејт департмент (Стејт департментот) во одговорот на прашањето на РСЕ посочија дека САД „не веруваат дека некоја земја треба да и даде на Русија платформа за промовирање на нејзината воена агресија против Украина“.

„Земјите од Западен Балкан, како и цела Европа, имаат длабок удел во исходот на руската војна против Украина, која ги загрозува темелите на воспоставениот меѓународен поредок и безбедност. Затоа е од клучно значење да продолжиме да стоиме заедно во соочувањето со агресијата на Русија“, изјавија во Стејт департментот.

САД ја пофалија и поддршката што Србија и ја пружи досега на Украина.

По денешната средба меѓу Вучиќ и заменикот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, двајцата ги оценија односите меѓу Србија и Русија како „многу добри“.

Грушко претходниот ден во Белград се сретна и со министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, со кого разговарал за актуелни безбедносни прашања и ја изразил потребата од континуирана координација на надлежните безбедносни институции, соопшти МВР.

Исто така, заменик-министерот за надворешни работи на Русија во првиот ден од посетата на Србија се сретна со вицепремиерот на Србија и поранешен шеф на разузнавачката агенција Александар Вулин, кој се наоѓа на листата на санкции на Соединетите Држави поради неговата односи со Москва.

САД ќе обезбедат нова помош од 2,3 милијарди долари за Украина

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин (десно) го пречекува украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров во Пентагон во Вашингтон, 2 јули 2024 г.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин (десно) го пречекува украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров во Пентагон во Вашингтон, 2 јули 2024 г.

САД наскоро ќе објават нова безбедносна помош за Украина вредна повеќе од 2,3 милијарди долари, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на 2 јули за време на состанокот со неговиот украински колега во Пентагон.

Украинските власти со месеци ги повикуваат своите сојузници да испорачаат повеќе системи за противвоздушна одбрана поради честите ракетни и напади со беспилотни летала од руските сили.

Остин рече дека најновиот пакет за Украина ќе вклучува опрема за вооружување како што се противтенковско оружје и пресретнувачи за воздушна одбрана, како и дека ќе овозможи забрзана набавка на пресретнувачите за воздушна одбрана од НАСАМС и Патриот.

Во последните руските напади, како што соопштија официјални претставници на украинските власти, околу источниот украински регион Донецк загинале најмалку четири лица, а повеќе од дваесетина други се ранети. Во јужниот град Херсон, пак, повеќе од десет лица се убиени.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана тврди дека уништило пет украински борбени авиони во напад со балистички проектили врз воздухопловна база во централна Украина. Поранешен украински воен функционер го потврди нападот врз воздухопловната база „Мирхород“, но рече дека руските тврдења се претерани.

Во објава на Телеграма, Вадим Филашкин, шеф на украинската воена администрација за Донецк, рече дека четири лица биле убиени во три различни села на 1 јули. Во нападите се ранети и 27 лица, рече тој.

Во Херсон, јужен град што украинските сили го вратија под контрола кон крајот на 2022 година, најмалку пет лица биле ранети во руско гранатирање, изјави шефот на локалната воена администрација, Олександар Прокудин.

По повлекувањето на источниот, спротивниот брег на реката Днепар кон крајот на 2022 година, руските сили продолжија да го бомбардираат Херсон и околните области, тероризирајќи го населението и оставајќи го градот во неизвесност.

Откако претходно оваа година заврши украинската контраофанзива, Русија води своја, полокализирана офанзива на неколку места долж фронтот долг 1.200 километри, вклучително и на локации во близина на градовите Часив Јар и Покровск.

На почетокот на мај, руските сили започнаа нови акции северно од градот Харков. Меѓутоа, оваа операција се забави во последниве недели бидејќи украинските трупи се прераспределија и го потиснаа напредокот.

Сепак, воздушната супериорност на Русија им дозволи на нејзините авиони да користат тешка муниција како крстосувачки бомби за уништување на украинските позиции.

На 2 јули руското Министерство за одбрана објави дека еден ден претходно истрелало ракети „Искандер-М“ врз воздухопловната база „Мирхород“, на околу 150 километри од руската граница.

„Како резултат на рускиот воен напад, уништени се пет оперативни повеќенаменски авиони Су-27, а оштетени се два кои беа на поправка“, се наведува во соопштението на Министерството објавено на Телеграм.

Тврдењето дека авионите биле оштетени не можеше веднаш да се потврди, иако и руските и украинските воени блогери опширно известуваа за нападот.

Украинската војска не излезе со соопштение за тврдењето. Јуриј Ихнат, кој беше портпарол на воздухопловните сили до март, потврди дека воздушната база е погодена, но ја минимизира штетата.

„Имаше напад. Има загуби, но не како што тврди непријателот“, пишува Ихнат во објава на Фејсбук.

Во меѓувреме, главниот командант на украинските воздухопловни сили тврди дека на 1 јули воени авиони погодиле складиште за руска муниција на окупираниот полуостров Крим.

Во последните месеци Украина ги засили воздушните и поморските напади врз објектите и опремата на Крим и околните води.

Беспилотните летала оштетија или потопија повеќе од дваесетина воени бродови на Црноморската флота, а Украина користеше крстосувачки ракети и „камикази“ испорачувани од Западот за да ги погоди објектите за поправка на морнарицата, па дури и седиштето на руската Црноморска флота.

„Хари Потер“ на белоруски јазик на „пауза“ поради санкциите

Изданието од 2020 година на книгата „Хари Потер и одајата на тајните“ на белоруски јазик.
Изданието од 2020 година на книгата „Хари Потер и одајата на тајните“ на белоруски јазик.

Независна белоруска издавачка куќа во егзил соопшти дека британскиот носител на авторските права на книгите за „Хари Потер“ одбил да работи со неа, а како причина за тоа биле наведени санкциите на Западот кон белоруската влада.

Андреј Јанушеквич, кој регистрираше филијала на издавачката куќа „Јанушкевич“ во Полска на почетокот на 2023 година, откако побегна од Белорусија, на 2 јули за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека тој и неговите колеги ги исцрпиле сите можни средства за да ја убедат компанијата „Блер партнершип“ да ја укине забраната за објавување четири книги од серијалот за „Хари Потер“ на белоруски јазик.

„Не можевме да најдеме заеднички јазик со носителите на правата. Тие не сакаат да бидат поврзани со ништо белоруско додека Република Белорусија е под санкции“, рече Јанушкевич.

Помеѓу 2019 и 2021 година, издавачката куќа „Јанушкевич“ во Белорусија објави три книги за Хари Потер од британскиот автор Џ.К. Роулинг на белоруски јазик – „Хари Потер и каменот на мудроста“, „Хари Потер и одајата на тајните“ и „Хари Потер и затвореникот од Азкабан“.

Промоцијата на „Хари Потер и одајата на тајните“ на белоруски беше закажана за 26 септември 2020 година, само неколку недели по претседателските избори кои беа проследени со невидени повеќемесечни протести против официјалниот резултат според кој победи авторитарниот лидер Александар Лукашенко, кој е на власт од 1994 година.

На 15 септември 2020 година, белоруската царинска служба побара официјално писмо од издавачот во кое се потврдува дека „книгата не повикува на соборување на постоечката влада“ во Белорусија, што предизвика реакција од демонстрантите, кои на Интернет поставуваа слики како ликовите од Хари Потер го предизвикуваат Лукашенко.

„Хари Потер и одајата на тајните“ на крајот стигнаа до книжарниците, но во 2022 година белоруските власти ја запленија опремата на издавачката куќа „Јанушкевич“ и ги замрзнаа нејзините банкарски сметки, обвинувајќи ја за финансиски малверзации.

Книжарница на издавачката куќа беше вандализирана и затворена во мај 2022 година.

Самиот Андреј Јанушкевич беше осуден на 28 дена затвор, а неговата колешка Наста Карнаскаја отслужи 23 дена затвор по неодредени обвиненија.

Откако ги отслужија казните, побегнаа од Белорусија.

Во јануари 2023 година, Јанушкевич регистрираше филијала на својата издавачка куќа во Полска и набргу отвори и книжарница во Варшава. Тој планираше да ги објави четири преостанати книги од серијалот за Хари Потер, но британскиот носител на авторските права „Блер партнершип“, на 1 јули го информирал за прекин на нивната соработка, а причината за тоа се западните санкции наметнати на Белорусија поради нејзината поддршка на инвазијата на Москва на Украина.

Според Јанушкевич, „Блер партнершип“ одбил да ја преиспита својата одлука и покрај фактот што неговата издавачка куќа сега е регистрирана во Полска.

Контактирани од РСЕ, претставници на“ Блер партнершип“ преку е-пошта одговорија дека „им е потребно време“ да подготват коментар за нивната одлука да го прекинат објавувањето на книгите за Хари Потер на белоруски јазик преку компанијата на Јанушкевич.

„За жал, британските партнери нè гледаат во ’криво огледало‘ и носат одлуки кои не се во наша корист“, рече Јанушкевич и изрази надеж дека авторот на серијалот, Џ.К. Роулинг, може да влијае на „Блер партнершип“ да ја преиспита својата одлука.

Европската комисија го објави шестиот инвестициски пакет за Западен Балкан

Илустрација
Илустрација

Европската комисија (ЕК) го објави шестиот инвестициски пакет во рамките на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кој се очекува да мобилизира инвестиции од 1,2 милијарди евра.

Според соопштението од оваа институција, пакетот ќе поддржи осум нови водечки инвестиции во водоснабдувањето и канализацијата, третман на отпадните води и железничкиот транспорт, како и иновации и зелена трансформација кај малите и средни претпријатија.

Инвестициите ќе се реализираат во тесна соработка со партнери од Западен Балкан и меѓународни финансиски институции.

Инвестицискиот пакет од 1,2 милијарди евра вклучува 300 милиони евра грантови од ЕУ преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), дополнителни билатерални придонеси од земјите-членки на ЕУ и Норвешка, заеми од меѓународни финансиски институции и придонеси од економиите на земјите од Западен Балкан.

Во соопштението се наведува дека новите водечки инвестиции спаѓаат во трите приоритети на Економско-инвестицискиот план:

  • Реконструкција и санација на водоводната и санитарната инфраструктура во Црна Гора и Босна и Херцеговина.
  • Напредок на железничката инфраструктура на Коридорот 10, со брза врска меѓу Белград и Велика Плана, што овозможува побрз проток на патници и товар во регионот.
  • Поддршка на бизнис секторот: подигање нов објект за иновации и зелена трансформација на компаниите во регионот.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен истакна дека инвестицискиот план за Западен Балкан вреден 30 милијарди евра е исполнет со нов пакет од 1,2 милијарди евра.

„Квалитетната инфраструктура ги зајакнува регионалните врски и не зближува, што е наша крајна цел. Нашите партнери од Западен Балкан ја градат својата европска иднина. Овие инвестиции, заедно со неопходните реформи и пристапот до нашиот единствен пазар, ќе ги подготват економиите на нашите партнери да се приклучат на нашата Унија“, порача фон дер Лајен.

ЕК го усвои Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан во 2020 година. Станува збор за пакет кој треба да го опфати периодот меѓу 2021-2027 година. Овој пакет има за цел да го поттикне долгорочното закрепнување, да ја забрза зелената и дигиталната транзиција и да ја поттикне регионалната соработка и конвергенција со ЕУ.

Планот мобилизира до 3 милијарди евра инвестиции, вклучително и 9 милијарди евра грантови од ЕУ преку претпристапните инструменти (ИПА III), во период од седум години. Од оваа сума, 5 милијарди евра се планирани преку Економскиот инвестициски план за регионот.

Досега, ЕУ одобри програми за мобилизирање до 17,5 милијарди евра инвестиции во рамките на Економскиот и инвестицискиот план, вклучително и 5,4 милијарди евра во форма на грантови од ЕУ.

Пријавени штети од невремето во Скопје, повредена е и една жена

За повеќе локации во Скопје има пријави за паднати дрвја
За повеќе локации во Скопје има пријави за паднати дрвја

Како последица на невремето кое попладнето на 2 јули зафати делови од Скопје во Центарот за управување со кризи (ЦУК) добиени се пријави за паднати десетина дрвја, оштетени најмалку три возила, откачени кабли од бандери, штети на кровови.

Повредена е и една жена откако врз неа паднало дрво во центарот на градот.

Станува збор за жена на околу педесетина година која, според информациите од Итната медицинска помош, не е во животна опасност.

„Наша екипа со помош на пожарникари ја извлекле. Таа немала надворешни видливи повреди. Се пожалила на болки во кичма и по телото, по што е однесена на опсервација на клиника. Треба да се направат снимки за да се види дали има некаква фрактура“, изјави докторот Драган Панов од Итната медицинска помош во Скопје.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) претходно најавија дека попладнево се очекува пороен дожд, грмежи, град и силен ветер од над 70 километри на час.

Во претпладневните часови, силно невреме го зафати и регионот. Беа предизвикани штети во Србија и Босна и Херцеговина, како и во Црна Гора каде загинаа две лица.

Владата именуваше пет нови директори и реши да ја врати оградата околу зградата

Новата Влада досега одржа две седници
Новата Влада досега одржа две седници

Пет државни институции добија нови директори, а дворот од владината зградата повторно ќе биде заграден со метална ограда.

Ова се дел од информациите што ги соопштија од прес-службата во Владата откако на 2 јули беше одржана втората седница на новиот владин тим предводен од премиерот Христијан Мицкоски.

Како што соопштија оттаму, за в.д. директор на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) е назначен Гоце Димовски. Станува збор за доктор на науки кој докторирал во областа на странските директни инвестиции, а има работно искуството во повеќе институции и компании, како што се ОБСЕ-ОДИХР, Министерството за транспорт и врски, Националниот парк „Маврово“, ЈСП Скопје итн.

Претходно во текот на денот, досегашниот директор Јован Деспотовски од СДСМ соопшти дека поднесува оставка.

Александар Пандов, пак, е нов в.д. директор на Управата за извршување на санкции. Пандов е дипломиран историчар, а беше и пратеник во Собранието од 1998 до 2002 година.

Во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), пак, ќе седне Сашо Клековски. Тој завршил медицински факултет во Скопје, а неговото работно искуство е како менаџер, аналитичар, консултант во јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор. Според биографијата што ја објавија од Владата, во јавниот сектор работел на подготовка на повеќе национални стратегии, а во приватниот подготвувал неколку стратешки анализи.

Нов в.д. директор добива и Агенцијата за храна и ветеринарство. На оваа позиција Владата го назначи Оливер Миланов кој досега бил раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло во оваа Агенција.

Петтата директорска позиција е во „Национални шуми“, за каде Владата препорача Управниот одбор да го избере Здравко Трајанов, кој е редовен професор на Шумарскиот факултет во Скопје. Трајанов беше и пратеник во минатиот собраниски состав во мандат од 2020 до 2024 година.

Кога е во прашање дворот околу владината зграда, донесена е одлука да се врати претходната оградата.

„Со оглед на тоа што досега објектот на Владата е опкружен со нефункционална и нерепрезентативна ограда во сопственост на МВР, Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) да започне постапка за враќање на оградата на Владата која веќе еднаш беше поставена. Истовремено директорот на СОЗР Ивица Томовски информираше дека оградата била несоодветно чувана под надворешни влијанија во објектот на касарната Илинден, за што ќе направат и дополнителна проценка“, соопштија од Владата.

Оградата околу владината зграда беше поставена во времето на поранешниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

По промената на власта во 2017 година и доаѓањето на Зоран Заев од СДСМ за нов премиер, таа беше отстранета.

Во своите изјави, експремиерот Заев велеше дека симболиката на ваквиот чекор е слобода и демократија односно „слободен пристап на граѓаните до Владата“.

Економските директори во здравствените установи заминуваат во историјата

Клинички центар „Мајка Тереза“, Скопје (фотоархива)
Клинички центар „Мајка Тереза“, Скопје (фотоархива)

Се укинуваат економските директори на јавните здравствени установи, соопшти Владата на Северна Македонија по седницата одржана на 2 јули.

За таа цел ќе се направат измени во Законот за здравствена заштита кои поминаа на денешната владина седница, а ќе треба да бидат изгласани и во Собранието.

„Ќе се укине постоењето на две управувачки позиции – организациски и медицински директор кои досега беа присутни во здравствените домови со над 1.000 вработени, универзитетските клинички центри, универзитетските клиники, клиничките болници и институтите. На овој начин ќе се одбегне дуализмот и прецизно ќе се лоцира одговорноста во менаџирањето на институциите“, велат од Владата.

По изгласувањето во Собранието и стапувањето на сила на измените, со овие установи ќе раководи само еден директор, кој ќе биде одговорен за организацијата и работењето на установата, како и за законитоста на работењето.

Од Владата велат дека со промената се надеваат оти „ќе се подобрат условите и квалитетот на здравствените услуги за граѓаните, овозможувајќи поголема транспарентност и отчетност во работата на здравствените установи“.

Новиот министер за здравство Арбен Таравари на 28 јуни соопшти дека ваквите предлог-измени во Законот за здравствена заштита се готови и се испратени до Владата.

Покрај укинувањето на економските директори, новата власт најави дека во рок од една година ќе направи и реорганизација на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје односно дека клиниките во овој комплекс ќе се спојат во една болница.

Украинските власти ќе ги гонат за убиство двајцата осомничени за смртта на казахстанскиот активист

Казахстанскиот антивладин активист Ајдос Садиков.
Казахстанскиот антивладин активист Ајдос Садиков.

Неколку часа откако новинарот Ајдос Садиков, кој беше гласен критичар на казахстанската влада, почина во болница, главното украинско обвинителство на 2 јули соопшти дека планира да го смени обвинението против двајца Казахстанци од „обид за убиство“ во „убиство“.

Садиков почина денеска откако беше застрелан на 18 јуни во Киев.

„Во моментов, агенциите за спроведување на законот работат на промена на претходното обвинение за обид за убиство во обвинение за убиство со умисла и групна завера за извршување на убиство“, се вели во соопштението на обвинителството.

Претходно во текот на денот, сопругата на Садиков, Наталија Садикова, на Фејсбук напиша дека нејзиниот сопруг, кој беше хоспитализиран на интензивна нега по пукањето пред две недели, починал од компликации.

Садиков, кој доби голем број следбеници на социјалните мрежи меѓу незадоволните Казахстанци, се пресели во Киев во 2014 година со своето семејство, откако казахстанските власти започнаа истрага за клевета против неговата сопруга, новинарка на независниот весник „Республика“.

Тој беше застрелан на 18 јуни додека седел во својот автомобил, пред неговата станбена зграда. Наталија која во тој момент била во автомобилот останала неповредена.

„Ајдос 13 дена се бореше за живот на одделот за интензивна нега, но чудото не се случи“, напиша таа.

„Неговата смрт е на совеста на Токаев“, рече таа, мислејќи на актуелниот претседател на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев.

Еден ден по пукањето, украинската полиција како напаѓачи идентификуваше двајца Казахстанци, Меирам Каратаев и Алтај Жаканбаев, велејќи дека тие влегле во Украина од Полска и побегнале во Молдавија веднаш по инцидентот.

Казахстанските власти на 22 јуни соопштија дека го уапсиле Жаканбаев откако тој самиот се предал и дека работат на пронаоѓање на Каратаев.

На 25 јуни, украинските обвинители соопштија дека бараат екстрадиција на двајцата мажи од Казахстан и издале потерница до меѓународната полициска агенција Интерпол.

На 27 јуни, претседателот на Горниот дом на казахстанскиот парламент, Маулен Ашимбаев, ја повтори претходната изјава на портпаролот на Токаев, Берик Уали, велејќи дека Казахстан е подготвен да соработува со украинските власти.

Сепак, Ашимбаев рече дека неговата земја нема да го екстрадира Жаканбаев во Украина, велејќи дека според казахстанскиот закон, граѓаните на таа земја не можат да бидат екстрадирани во други држави.

Казахстан со години е критикуван за репресијата на независните медиуми и владините критичари.

На 2 јули, независниот казахстански политички аналитичар, Димаш Алжанов, рече дека претходната вечер му се заканувале двајца непознати мажи во ходникот на неговиот станбна зграда во Алмати.

Според Алжанов, едно од лицата го прашало дали тој е Димаш и направил заканувачки гестови кон него, по што двете лица го напуштиле местото.

Алжанов, кој е познат по неговите аналитички коментари за работата на казахстанската влада, ситуацијата во Централна Азија, Русија и тековната инвазија на Москва врз Украина, рече дека инцидентот го пријавил во полиција.

Организациите за заштита на човековите права изминатиот ги критикуваа властите во Казахстан дека прогонуваат дисиденти.

Казахстан беше управуван од авторитарниот претседател Нурсултан Назарбаев од неговото осамостојување од Советскиот Сојуз во 1991 година, па сè до 2019 кога на функцијата дојде актуелниот претседател Касим-Жомарт Токаев.

Во изминатите три децении, неколку опозиционери беа убиени, а многумина беа затворени или принудени да ја напуштат земјата.

Токаев, кој ги прошири своите овластувања откако Назарбаев и неговото семејство ја напуштија политичката сцена по смртоносните и невидени антивладини протести во јануари 2022 година, вети политички реформи и повеќе слободи за граѓаните.

Сепак, многумина во Казахстан сметаат дека реформите што ги најави Токаев се козметички, бидејќи сузбивањето на неистомислениците продолжи дури и откако претседателот ја објави својата програма „Нов Казахстан“.

Двајца загинати во невремето во Црна Гора

Претставници на службата за заштита и спасување го посетија пристаништето во Бар по силното невреме што ја зафати Црна Гора, 2 јули.
Претставници на службата за заштита и спасување го посетија пристаништето во Бар по силното невреме што ја зафати Црна Гора, 2 јули.

Работник на градилиште во Чањ кај Бар загина кога кран се урна за време на силното невреме во Црна Гора, додека уште едно лице почина од удар на гром на полуостровот Луштица во Которскиот залив.

Како што информираат за Радио Слободна Европа (РСЕ) од црногорската полиција, работникот загинал на 2 јули околу 11 часот и се наоѓал во кранот што се урнал.

„А, едно лице загина од удар на гром на голф терен во Луштица Беј“, соопшти полицијата.

Црна Гора утрото на 2 јули ја зафати големо невреме кое предизвика обилни врнежи од дожд, силен ветер и грмежи.

Ветерот во Бар откорна делови од дрвја, оштети автомобили, како и неколку пловни објекти во пристаништето. Освен тоа, невремето собори три кранови во пристаништето Бар и урна претоварни мостови.


Полициската управа упати апел до возачите да не возат доколку не е апсолутно неопходно поради невремето.

Поради силното невреме во повеќе општини имало и проблем со електричната мрежа.

Во Подгорица и околината голем број улици беа под вода, урнати се дрвја и електрични столбови.

Комуналните служби излегоа на терен за да ја санираат штетата.

Метеоролошката служба соопшти дека брзината на ветерот изнесувала и до 200 километри на час.

Невремето предизвика штети во соседните земји, Србија и Босна и Херцеговина.

Невреме се очекува и во Северна Македонија. Од Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавија дека денеска попладне и во текот на ноќта на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.

Русија тврди дека уништила пет украински борбени авиони

Борбени авиони Ф-16 (фотоархива)
Борбени авиони Ф-16 (фотоархива)

Руското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека уништило пет украински борбени авиони од типот СУ-27 и оштетило уште два други на аеродромот „Мирхород“ во областа Полтава во Украина.

Уништувањето руските сили, како што соопштија, се направило со ракетите „Искандер-М“.

Министерството објави и видео од нападот, на кое се гледа како чад и оган се издигаат од аеродромот.

„Како резултат на рускиот напад, уништени се пет активни повеќенаменски борбени авиони СУ-27, а два се оштетени“, пишува во Министерството, пренесува Ројтерс.

Русија ги напаѓа украинските аеродроми токму во моментот кога Киев се подготвува да ги прими првите американски авиони Ф-16, кои Москва вели дека ќе ги уништи.

Портпаролот на украинските воздухопловни сили рече дека нападите предизвикуваат „одредени тешкотии“, но нема ниту да ја загрозат испораката на Ф-16 ниту нивната употреба во борбите со руските сили.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на неговата земја и требаат повеќе системи за противвоздушна одбрана од нејзините сојузници.

„Има начини да се надмине секојдневниот руски терор од кој страдаат украинските градови. За тоа е потребно да се уништат руските терористи, како и да се зголеми бројот на модерни системи за противвоздушна одбрана во Украина“, рече Зеленски.

Русија ги засили воздушните напади оваа година во обид да ги исцрпи ресурсите на Украина. Нападите често се насочени кон енергетските објекти и друга витална инфраструктура.

Украинските власти тврдат дека половина од националниот електроенергетски систем е оштетен од руските напади.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG