Достапни линкови

Вести

Бајден на одбележувањето на „Денот Д“: САД и НАТО нема да се откажат од одбрана на Украина

Претседателите на Франција и САД, Емануел Макрон и Џо Бајден, на одбележувањето на „Денот Д“
Претседателите на Франција и САД, Емануел Макрон и Џо Бајден, на одбележувањето на „Денот Д“

Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот, на 6 јуни, на церемонијата по повод 80-годишнината од истоварувањето на сојузничките трупи во Нормандија, рече дека неговата земја и НАТО нема да се откажат од одбрана на Украина и нема да дозволат Русија да и се заканува на Европа.

Тој рече дека Украина, која е во војна со Русија, била нападната од „тиранин со намера да доминира“ и дека демократијата сега е позагрозена од кога било уште од Втората светска војна.

„Нека нема сомнеж, нема да се поклониме, не можеме да им се предадеме на насилниците, тоа е едноставно незамисливо. Ако го направивме тоа, ќе значи дека ќе заборавиме што се случи овде на овие свети плажи. Слободата ќе биде загрозена, цела Европа ќе биде загрозена“, рече Бајден во Колвил-сур-Меру.

„Денот Д“ беше најголемиот амфибиски напад во историјата, а Бајден го нарече „моќна илустрација за тоа како вистинските сојузи не прават посилни“.

Тој додаде и дека тоа е „лекција за која се Американците никогаш да не ја заборават“.

„Од „Денот Д“ научивме дека слободата чини пари“

Илјадници луѓе, вклучително и многумина во униформи од Втората светска војна, се собраа долж неколку километри на плажата Јута за да ја одбележат 80-годишнината од истоварувањето во Нормандија, Јута беше една од петте плажи за слетување на брегот на Нормандија, каде што слетаа сојузничките трупи на 6 јуни 1944 година.

Ветераните од Втората светска војна, кои сега имаат околу 100 години, се почесни гости на настанот.

Оваа година, церемонијата во Нормандија е можност сојузниците да изразат солидарност со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е еден од државниците кои присуствуваат на прославите.

Франција, која е домаќин на настанот, не ја покани Русија, сојузникот од Втората светска војна, со образложение дека руската „агресивна војна против Украина се интензивира во последните недели“.

Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека овогодинешното одбележување на истоварувањето во Нормандија, во време кога Русија е во војна со Украина, претставува потсетник дека има цена за одбрана на слободата.

„Од Денот Д научивме дека слободата чини пари“, истакна Фредериксен, која присуствуваше на церемонијата за одбележување на 80 години по истоварувањето на сојузниците.

„Осумдесет години подоцна, Европа повторно е во судбоносен момент. Европскиот континент повторно се бори за слобода“, рече таа.

Борбата се води, како што наведе таа, „против агресивен и брутален непријател кој насилно ќе ги диктира границите на земјата и ќе остави трага на смрт и уништување“.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера ја отвори тридневната прослава по повод 80-годишнината од истоварувањето на сојузниците.

Првпат без претставник на Русија на комеморацијата

На прославите присуствуваат многу западни државници, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден. Најавено е дека во Франција ќе бидат и британскиот крал Чарлс Трети, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот претседател Серџо Матарела.

Јубилејот, 80-годишнината од „Денот Д“ се слави во време кога во Украина се води најголемата војна во Европа уште од 1945 година.

Владимир Путин не беше ниту на 75-годишнината, но присуствуваше руски претставник.

Франција, како домаќин, го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски поради „праведната борба“ на неговата земја.

Слетувањето во Нормандија, со кодно име „Операција надлорд“, беше најголемата поморска инвазија во историјата на војувањето.

Сојузничките десантни сили се состоеле од 73.000 американски, повеќе од 60.000 британски и над 20.000 канадски војници, поддржани од француски командоси.

Околу 1,5 милиони американски војници пристигнаа во Англија во пресрет на инвазијата.

156.000 војници со речиси 7.000 бродови од 13 земји учествуваа во операцијата „Мајстор“, која започна со истоварување на пет плажи долги 80 километри. Наспроти беа 50 илјади германски војници. Авионите извршиле 14.000 прелети за да ги прикријат слетувањата. На ова му претходеше слетување на 18.000 падобранци зад непријателските линии.

Бурните води ја отежнаа операцијата и многу единици слетаа далеку од својата дестинација.

Првично, Хитлер веруваше дека инвазијата е измама за да се сврти вниманието на Германија од напад северно од реката Сена. Затоа одбил да испрати блиски дивизии да помогнат. Сепак, германските трупи дадоа силен отпор.

Првиот ден загинаа 4.414 сојузнички војници, а меѓу четири и девет илјади Германци. Во битката за Нормандија, која заврши на крајот на август со ослободување на Париз и поголемиот дел од Франција, загинаа 73.000 сојузнички војници.

20.000 француски цивили исто така загинаа, главно во бомбардирањето на сојузниците. Меѓу многуте погребани во Нормандија има и 22.000 германски војници.

Сојузничките трупи го продолжија ослободувањето на Западна Европа. На крајот со советските трупи, кои први влегоа во Берлин, ја принудија нацистичка Германија да капитулира на 8 мај 1945 година.

види ги сите денешни вести

Дробњак - Нова, вистинска перспектива за проширување во 2030

Илустрација - знамиња на ЕУ
Илустрација - знамиња на ЕУ

2030 година ќе биде година на големо проширување, порача поранешниот главен преговарач на Хрватска со Европската Унија, Владимир Дробњак кој изминатите два дена во Скопје зборуваше и во Собранието и со претставниците на Владата.

Според него, оваа перспектива за членство што се нуди сега е вистинска, можна да се исполни и видлива, а остварувањето на реформската агенда треба да го намали јазот дотогаш меѓу земјите од Западен Балкан и Унијата. Тоа е особено од интерес на Европската Унија во контекст на менувањето на меѓународниот поредок.

Споредувајќи го искуството на Хрватска со македонското искуство и билатералните спорови Дробњак смета дека фокусот сега треба да биде на реформите.

„2030 е веднаш зад аголот, а има огромна работа што треба да се спроведе“, рече Дробњак во македонското Собрание, посочувајќи дека за Црна Гора се очекува да ги заврши преговорите во 2028 година, а за Албанија до 2030 година, а тоа треба да најде одраз во финансиската рамка на ЕУ за 2028-2034 година, во смисла Северна Македонија треба да се погрижи да се најде во неа.

И пратениците во македонското Собрание и Владата на демонстрираа посветеност на европскиот пат на земјата.

Мицкоски: Мора да го урнеме системот на корупција

Премиерот Христијан Мицкоски како најголем предизвик ги посочи корупцијата иреформите во правосудството.

„Да бидеме отворени и искрени – корупцијата кај нас не е само појава, таа е дел од начинот на функционирање на одредени делови од општеството. Таа е систем кој се штити сам себе. Ако сакаме во Европската Унија, ако сакаме раст мора да го урнеме тој систем. Реформите во правосудниот сектор се најитни, без нив сите други реформи се безвредни“, изјави Мицкоски.

За лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче најважно е да се постигне консензус.

„Време е да гледаме низ една друга перспектива. Да влеземе, да работиме и да се бориме што и да е на масата. Каква и да е пречка биде исправена пред нас мораме да се обединиме поради тоа што сме заедно ги обединуваме сите капацитети и нема пречка што не можеме да ја совладаме“, рече Филипче на дебатата во Собранието.

Владимир Дробњак, поранешен преговарач на Хравтска со ЕУ
Владимир Дробњак, поранешен преговарач на Хравтска со ЕУ

Она што Дробњак им го нагласуваше и на власта и на опозицијата во Скопје е дека успехот на Хрватска во преговорите со ЕУ и членството се должи на консензусот меѓу сите политички партии и што тие во никој случај не ги користеле овие преговори за политички поени.

„Сепак, реформите не се само прашање на закони, тие се прашање на лидерство. Потребна е храброст за да се прифати транспарентноста, интегритетот и отчетноста“, рече министерот за европски прашања, Орхан Муртезани,

ЕУ не дава гаранции

Она што треба да го прави Северна Македонија е да ги заврши задачите од реформската агенда која има краен рок 2027 година, а со тоа би завршила и 60 отсто од преговорите со ЕУ.

Но блокадата од Бугарија останува и пристапните преговори Северна Македонија ќе усвои измени на Уставот со внесување на бугарското малцинство во Преамбулата. Брисел не дава никакви гаранции дека и во тој случај нема да има нови блокади од Бугарија.

„Никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија дека ако сега го смени Уставот, нема повеќе да има пречки на европскиот пат“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска агенција минатата недела.

Поранешниот хрватски преговарач Дробњак затоа посебно внимание посвети на принципот на условување на преговорите оценувајќи дека се додека една земја не стане членка на ЕУ не е на иста маса со земјите во неа. Тој спомена дека и Хрватска имаше повеќе услови за да влезе во Унијата разделувајќи ги во три групи- решавање на статусот на поморската граница со Италија, барањата од Меѓународниот суд во Хаг за Анте Готовина и решавање на цел пакет погранични прашања со Словенија.

„Со влезот во ЕУ проблемите кои изгледаа огромни претходно станаа само рутински“, заклучи Дробњак.

Тоа што Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра од предфинасирањето во рамките Планот за раст, во Брисел се толкува како позитивен сигнал за напредок.

За Северна Македонија се предвидени вкупно 750 милиони евра, доколку Владата успешно се придржува кон домашните реформи кои самата ги ветила пред европските институции.

Според последното истражување на јавното мислење на Институтот за демократија Социетас Цивилис, се бележи пад на оптимизмот за подготвеноста на Европската Унија да ги прими земјите од Западен Балкан како членки до 2030 година.

Граѓаните остануваат поделени во ставовите за следните чекори во евроинтегративниот процес. Само 20% од граѓаните сметаат дека уставни измени треба да се неопходниот следен чекор, а 21% од граѓаните сметаат дека со процесот треба да се запре. Ако во 2023 година половината испитаници во исѕтражувањето на институтот за демократија, верувале дека тоа ќе се случи, во декември 2024 година нивниот број се намалил на 30 проценти.


Косовските власти повторно ги затвораат српските институции

Јавно општинско претпријатие во Штрпце
Јавно општинско претпријатие во Штрпце

Косовските власти ги затворија канцелариите на Пензиското инвалидско осигурување, Националната служба за вработување и Републичкиот фонд за здравствено осигурување во Лепосавиќ на северот на Косово, како и Јавното претпријатие за комунални услуги во Штрпце, општина со српско мнозинство на југот од Косово.

Сите овие институции работат во рамките на српскиот систем, кој Косово го смета за нелегален и паралелен.

Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани за Радио Слободна Европа објасни дека тие им помогнале на општинските власти во Лепосавиќ да ги вратат нивните простории и дека за време на операцијата биле откриени „нелегални активности“.

„Се консултиравме со обвинителот на Националната служба за вработување и беше отворен случај за фалсификување документи. Ќе интервјуираме еден човек во врска со тој случај. Што се однесува до Фондот за здравствено осигурување, колку што знам, општината им даде една недела да ги напуштат своите простории“, изјави Елшани.

Претходно, вршителката на должноста министер за економија на Косово, Артане Ризваноли, објави дека Јавното комунално претпријатие во Штрпце е затворено.

„За ниту една паралелна институција на Србија нема место во Република Косово. Никаков паралелизам на нашите институции и поддирективи на Белград нема да постојат на територијата на нашата земја“, напиша Ризваноли во објава на својот Фејсбук профил.

Српска листа: Косовските власти се обидуваат да му го отежнат животот на српскиот народ

Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, која има поддршка од Белград, објави дека со затворањето на српските институции во Лепосавиќ и Штрпце, косовските власти се обидуваат „да му го отежнат животот на српскиот народ во Косово преку притисок, провокации и институционално насилство“.

Тие изјавија дека акцијата на затворање на српските институции „претставува директно кршење на сите договори, вклучително и на Бриселскиот договор“.

„Упадот во згради нема да ја спречи државата Србија да биде со сите вработени и корисници на услугите што споменатите институции им ги обезбедуваа на сите граѓани, без оглед на националноста“, се наведува во соопштението на Српска листа.

Српскиот претседател Александар Вучиќ кон средината на септември минатата година изјави дека нема да ги укине институциите за Косово и најави отворање на „модерни канцеларии“ на српската страна од граничните премини.

Тој вети дека сите работници во затворените институции ќе продолжат да примаат плати и дека ќе им обезбеди секаков вид поддршка.

Институциите во српскиот систем по 1999 година функционираа и во областите каде што живеат Срби. Косово ги смета за нелегални, но сепак беа толерирани.

Сепак, Владата на Косово, предводена од Албин Курти, почна да ги затвора на почетокот на 2024 година. Досега беа затворени Привремените општински тела, Центрите за социјална работа, Поштата на Србија, Поштенската банка, Јавните претпријатија.

„И се заблагодарувам на косовската полиција за нивната поддршка и во исто време ги молам и полицијата и Обвинителството итно да ги истражат штетите и придобивките предизвикани од нелегалната активност на овие паралелни институцин на Србија“, додаде Ризваноли.

Од друга страна, Канцеларијата за Косово во Владата на Србија објави дека косовските власти „нелегално ги затвораат малкуте преостанати српски институции во Република Косово“.

„Сето ова се случува пред очите на Меѓународната заедница, која молчешкум го набљудува теророт врз Србите и понатамошниот прогон на нашиот народ“, се вели во соопштението, во кое се наведува дека се очекува реакцијата на Меѓународната заедница, особено на Европската Унија, со чие посредство се води дијалогот меѓу Приштина и Белград за нормализација на односите.

Затворањето на институциите што работат во српскиот систем наидува на негодување од страна на српската заедница, но и на критики од Меѓународната заедница, со образложение дека „едностраните и некоординираните дејствија“ можат да ги зголемат тензиите на терен.

Исто така, на почетокот на оваа година, ЕУ објави дека статусот на структурите поддржани од Србија треба да се реши преку дијалог.

Пет пациенти се враќаат дома, на лекување во странство остануваат 38

Дискотеката „Пулс“ во Кочани, 16 март 2025 година
Дискотеката „Пулс“ во Кочани, 16 март 2025 година

Пет пациенти од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска (23 април) ќе се вратат од лекување од Клиничкиот центар во Србија. Потоа во согласност со протоколот тројца ќе бидат под опсервација на Клиниката за пулмологија, а по еден пациент на Клиниката за пластична хирургија и во Хируршката клиника „Св.Наум Охридски“.

Како што информира Министерството за здравство, во текот на вчерашниот ден еден пациент се врати од лекување од Хрватска и се наоѓа под опсервација на Клиниката за пластична хирургија.

Во странските медицински центри остануваат на лекување 38 пациенти.

„Во земјава во моментот се лекуваат седум пациенти, од кои во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“ се хоспитализирани вкупно 4 пациенти, на Клиниката за пластична хирургија еден пациент, а во приватната болница Систина двајца пациенти“, се наведува во соопштението од ресорното министерство.

Од Министерството за здравство велат дека континуирано ја следат состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март.

Во трагедијата животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.

Меџити за Таравари: Не може и да соработува со ДУИ и да биде дел од Владата

Изет Меџити и Арбен Таравари (архивска фотографија)
Изет Меџити и Арбен Таравари (архивска фотографија)

Министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити очекува министерот за здравство Арбен Таравари и лидер на Алијансата за Албанците, исто како што ја напушти коалицијата „Влен“ за претстојните локални избори, така да ја напушти и Владата.

„Вреди нема никакви дилеми, како што ветивме донесовме промена, плурализам и демократија во албанскиот кампус. Ние стоиме цврсто на тој пат, тука е проблемот со господинот Таравари. Ние одлучивме дека Вреди ќе биде едно и дека соработка со Демократската унија за интеграција (ДУИ) не е можна. Соработка со ДУИ и дел од Владата мислам дека не штима, изјави Меџити, по Форумот за енергетика и технологија помеѓу Чешка и Северна Македонија.

На новинарско прашање дали Тараври бил дел од вчерашната владина седница, Меџити рече дека не бил присутен, но дека бил вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците.

За тоа дали се точни информациите дека околу 1 мај ќе се случи средба Мицкоски-Таравари, Меџити вели дека тоа се технички работи и дека е јасен ставот на Коалицијата Вреди.

„Тоа се формални технички работи, јас кажав за нашите политички ставови. Политичкиот став е дека не може и со ВЛЕН и со ДУИ, мислам нема логика и со ДУИ и дел со Владата“, рече Меџити.

Меџити не сакаше да коментира што доколку Таравари остане во Владата.

„Премиерот има легитимно право да соработува со ДУИ, но доколку биде така, тоа треба јавно да го објави и да не се срами“, изјави Меџити.

Спојувањето на партиите што сега се дел од коалицијата „Влен“, со исклучок на Алијансата за Албанците, е во тек. Меџити извести дека претседателството ќе има 23 члена и дека неговото име е меѓу оние што се споменуваат како кандидати за лидери.

Голема полициска акција поради сомнение за кривични дела во здравството

Универзитетска клиника „Мајка Тереза“, Скопје
Универзитетска клиника „Мајка Тереза“, Скопје

Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, МВР спроведува координирана акција на повеќе локации низ државата.

„Станува збор за основано сомнение за сторени повеќе кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Повеќе информации се најавени во текот на денот.

Неофицијално, претреси се прават во здравствени ординации, адвокатска канцеларија, службени канцеларии каде работат докторите, на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, Клиничката болница Тетово и ЈЗУ Општа болница Велес.

Како што јавуваат медиумите се работи за мрежа составена од преку 50 лица меѓу кои доктори, член на комисија во ПИОМ, адвокат, вешто лице, управител на консултантско биро.

Македонските граѓани лани создале 800.000 тони отпад, секој по 438 килограми

Во 2024 година во Северна Македонија е собран 637.471 тон комунален отпад, што е за 2,5% повеќе од 2023 година. Зголемувањето, според Државниот завод за статистика, се должи на зголемениот број населени места вклучени во системот за колективно собирање отпад. Од вкупното количество собран комунален отпад, 535.606 тони или 84% се од домаќинствата, а 16% од правни и физички лица. Најголемо количество собран отпад е измешаниот комунален отпад – 546.866 тони. Вкупното количество создаден комунален отпад во 2024 година е 790.866 тони. Годишно создаден комунален отпад по жител во 2024 годинае 438 килограми, што е за 12.9% помалку од 2023 година. Најголемото количество, 99.8%, се фрла на депонија.

Руски дрон погодил автобус во Украина, девет мртви, десетици повредени

Последици од нападот на руски дрон во Харкив, 23 април 2025 година
Последици од нападот на руски дрон во Харкив, 23 април 2025 година

Во напад на руски дрон врз автобус со работници во украинскиот град Марханец во регионот Дњепропетровск, најмалку девет лица загинале, а десетици биле повредени, објавија локалните власти.

„Бројот на жртви постојано се зголемува. Агресорот удрил автобус со работници со камикази дрон“, изјави рано наутро на 23 април Сергеј Лисак, гувернер на регионот Дњепропетровск.

Бранот руски напади, исто така, ја таргетираше цивилната инфраструктура во други украински региони.

Најмалку пет лица се повредени во украинските градови Полтава и Одеса.

„Станбени згради, деловни објекти, магацини и гаражи беа оштетени“, соопшти украинската служба за вонредни ситуации.

„Големи пожари избувнаа и во вториот по големина украински град, Харкив“, изјави градоначалникот Ихор Терехов.

Службата за итни случаи објави дека нападот бил насочен кон „исклучиво цивилната инфраструктура на градот“.

На 22 април пак, се случи голема експлозија и пожар во складиште за муниција во воена база во областа Киржач во Владимирската област, североисточно од Москва.

Четири лица биле повредени кога експлодирала муницијата, што довело до наредба за евакуација. Муницијата била запалена, а гранатите експлодирале во складиштето.

Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека пожарот бил предизвикан од кршење на безбедносните протоколи и дека резултирал со детонација на муниција складирана во магацинот.

Во округот Киржач, кој се наоѓа околу 130 километри североисточно од руската престолнина, е прогласена вонредна состојба.

Складиштето за муниција е едно од најголемите во руските вооружени сили. Се наоѓа на повеќе од 500 километри од границата со Украина. Нема извештаи за напади со беспилотни летала во Владимирскиот регион пред експлозијата.

База, канал на Телеграм близок до безбедносните служби, соопшти дека имало 10 до 11 експлозии и дека пожарникари од соседните региони биле повикани за да го локализираат пожарот.

Се наведува дека е формирана посебна комисија за да ги испита причините за пожарот.

Експлозија и пожар во магацин за муниција во руска воена база

Огнена топка еруптира во областа Киржач во Владимирската област, 22 април 2025 година
Огнена топка еруптира во областа Киржач во Владимирската област, 22 април 2025 година

Силна експлозија и пожар се случиле на 22 април во магацин за муниција во воена база во областа Киржач во Владимирската област, североисточно од Москва, изјави во среда (23 април) регионалниот гувернер Александар Авдејев.

„Четири лица беа повредени кога експлодираше муницијата, што доведе до наредба за евакуација“, рече Авдејев, додавајќи дека муницијата била запалена, а гранатите експлодирале во складиштето.

Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека пожарот е предизвикан од кршење на безбедносните протоколи и дека резултирал со детонација на муниција складирана во магацинот.

„Како резултат на пожар на територијата на воена единица во Владимирската област, детонираше муницијата складирана во магацинот. Според прелиминарните информации причина за пожарот е прекршување на безбедносните стандарди при работа со експлозивни материјали“, соопшти Министерството за одбрана.

Во округот Киржач, кој се наоѓа околу 130 километри североисточно од руската престолнина, е прогласена вонредна состојба.

„Евакуирана е базата заедно со околу 450 луѓе од најмалку седум блиски населби“, рече гувернерот.

Складиштето за муниција е едно од најголемите во руските вооружени сили. Се наоѓа на повеќе од 500 километри од границата со Украина. Немаше извештаи за напади со беспилотни летала во Владимирскиот регион пред експлозијата.

Непотврдено видео објавено претходно на каналите на Телеграм покажува огромна огнена топка, гласна експлозија и облаци од густ чад што се издигаат кон небото.

База, канал на Телеграм близок до безбедносните служби, соопшти дека имало 10 до 11 експлозии и дека пожарникари од соседните региони биле повикани за да го локализираат пожарот.

Се наведува дека е формирана посебна комисија за да ги испита причините за пожарот.

Обвинителството го услови пуштањето од притвор на Јахоски со дополнителни 72 милиони денари

Зградата на Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција
Зградата на Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави мислење во однос на Предлогот за укинување на мерка притвор со предлог гаранција, поднесен од Асмир Јахоски, осомничен за сторено кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Во мислењето се истакнува дека „предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, може да биде основан, само ако осомничениот, во исто време, на посебна сметка на судот, дополнително да депонира и износ од 72 000 000 денари“.

„ Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага обвинителството, износот од 72 000 000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување од него“, се наведува во мислењето од ОЈО ГОКК.

Исто така, јавниот обвинител побарал од судот на осомничениот да му бидат определени и мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, обврска повремено да се јавува на определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање.

Од Обвинителството истакнуваат дека обвинителот ги имал предвид и списите во предметот, како и фактот дека обвинителството во меѓувреме обезбедило поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што како што наведуваат, значително е намален ризикот дека тој би можел да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци.

„Согласно даденото мислење, само со определување на сите погоре наведени мерки обвинителството ќе смета дека се исполнети условите за укинување на претходно изречената мерка притвор“, велат од Обвинителството.

Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, за кои веќе беше одредена мерка притвор.

Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува сите осомничени, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет штетни за животната средина.

Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра.

Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.

Културата нема да молчи и да се плаши, порачаа културните работници

Протест на синдикатот на културните работници, Скопје 22 04 2025
Протест на синдикатот на културните работници, Скопје 22 04 2025

Неисплатените плати и непочитувањето на колективниот договор беа главните причини поради кои културните работници денеска (22 април) одржаа протестен Совет пред Министерството за култура. Тие побараа почитување на колективните договори и законите, достоинствени услови за работа, транспарентност и професионално управување со културните институции, ослободени од партиска контрола.

Бараат и стратегија за развој на културата и закон за култура во чие подготвување ќе учествуваат токму тие, како и соодветни унапредувања на вработените и валоризација на нивните звања.

Протест на синдикатот на културните работници, Скопје 22 04 2025
Протест на синдикатот на културните работници, Скопје 22 04 2025

„Денеска стоиме овде не затоа што сакаме, тука затоа што мораме. Мораме затоа што веќе предолго трае ова лудило што секоја година во март и април повторно не доведува овде, на работ на трпението и достоинството. Групата од само 5 супер херои кои себеси гордо се нарекуваат министерството и оваа година никако не пропуштија да не разочараат. Храбро се бореа да ја зачуваат традицијата на протести во март и април на културните работници“, рече Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура.

Таа додаде дека над 3000 вработени останале со празни трпези за Велигден и потсети дека овој проблем се провлекува со години.

Иронијата, порачаа културните работници, е што ова се случува во „министерството кое постои токму поради културните работници“.

„Сега кога конечно постои колективен договор за култура кој предвидел усогласување на платите кај сите вработени согласно растот на животниот стандард и кога постојат јавни правила на игра, одеднаш имаме проблем. Тоа не е само административна измама, тоа е правно и морално предавство. Ова е удар врз достоинството на секој вработен во културата“, порача Атанасовска.

Министерот за култура Зоран Љутков, пак деновиве на фејсбук, им се извини на вработените за настанатиот проблем, уверувајќи ги дека „таквите ситуации никогаш повеќе нема да се повторат“.

Неговите колеги порачаа дека културата нема да молчи и дека ако државата не сака да ги слушне преку институциите, ќе ги слушне од улица.

Од Министерството за култура и туризам претходно соопштија дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена после празниците, а доцнењето било заради усогласување на платите.

„Причините за доцнењето се заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финанасии“, информираа од Министерството за култура и туризам.

Од опозициската СДСМ побараа оставка од министерот за култура Љутков поради, како што наведоа, хаосот што го направил во културата.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак реагираа дека СДСМ не треба да глумат дека се загрижени за културата, бидејќи според нив токму оваа партија ја претворила културата во партиско богатство и платформа за криминал.

Според Општиот колективен и Колективниот договор во областа култура, вработените треба да ја примат платата до 10-ти односно до 15-ти во месецот.

Покрај вработените во културата, без плата останаа и голем дел од вработените во јавниот и во приватниот сектор.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG