Достапни линкови

Потрага по хеликоптерот во кој се превезувал претседателот на Иран


Првичните извештаи се дека хеликоптерот во кој бил иранскиот претседател Раиси имал тешко слетување, соопшти иранската телевизија
Првичните извештаи се дека хеликоптерот во кој бил иранскиот претседател Раиси имал тешко слетување, соопшти иранската телевизија

Спасувачките тимови трагаат по хеликоптерот во кој се иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан, за кој иранската официјална новинска агенција ИРНА соопшти дека има проблеми со слетувањето во магла во северозападниот дел на Иран, објави веб-страницата на Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски.

Претходно, на 19 мај, иранската влада објави дека хеликоптерот со Раиси е еден од трите хеликоптери во конвојот што летал во близина на границата со Азербејџан.

Државната телевизија и иранското Министерство за внатрешни работи соопштија дека спасувачите се обидуваат да стигнат до местото, но не дадоа детали.

Министерот за внатрешни работи Ахмад Вахиди изјави дека спасувачките тимови имаат потешкотии да стигнат до местото поради тешките временски услови.

„Очекуваме дополнителни детали“, рече Вахиди. Тој додаде дека брзата помош е на пат кон местото каде слетал хеликоптерот со Раиси.

Како што јави Асошиејтед прес (АП), Раиси отпатувал во иранската провинција Источен Азербејџан. Државната телевизија објави дека инцидентот се случил во близина на Џолфа, град на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од иранскиот главен град Техеран.

Карта на регионот каде што на 19 мај беше објавено дека хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси имал проблеми со слетувањето
Карта на регионот каде што на 19 мај беше објавено дека хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси имал проблеми со слетувањето

Со Раиси патуваа иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан, гувернерот на иранската провинција Источен Азербејџан и други официјални претставници, објави државната новинска агенција ИРНА.

АП објави дека официјален претставник на локалната власт го употребил зборот „судир“ за да го опише инцидентот, но за иранските весници признал дека допрва треба самиот да стигне на местото на настанот.

Ниту ИРНА, ниту државната телевизија не дадоа никакви информации за состојбата на Раиси.

Спасувачите се обидувале да стигнат до местото, јавува Асошиејтед Прес повикувајќи се на извештаи на државната телевизија, но биле спречени од лошите временски услови.

Раиси беше во Азербејџан рано во неделата за да ја отвори браната заедно со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев. Тоа е трета брана изградена од две нации на реката Арас.

Посетата беше организирана, јавува Асошиетед Прес и покрај заладувањето на односите меѓу Иран и Азербејџан по вооружениот напад врз амбасадата на Азербејџан во Техеран во 2023 година. Односите меѓу двете земји дополнително се оптоварени со дипломатските односи на Азербејџан со Израел.

Иран има значителен број хеликоптери, но меѓународните санкции ја отежнуваат набавката на делови за нив, пренесува Асошиетед Прес. Воената воздушна флота на Иран главно датира од периодот пред Исламската револуција во 1979 година.

Шеесет и тригодишниот Раиси претходно беше на чело на судството во земјата. Тој се смета за штитеник на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, а некои аналитичари сугерираат дека тој би можел да го замени 85-годишниот лидер по неговата смрт или оставка.

Раиси победи на претседателските избори во Иран во 2021 година, на кои беше забележан најмал одзив во историјата на Исламската Република. Раиси е под санкции од Соединетите Држави (САД) делумно поради неговата вмешаност во масовната егзекуција на илјадници политички затвореници во 1988 година на крајот на крвавата иранско-ирачка војна.

Под Раиси, Иран моментално збогатува ураниум и ги попречува меѓународните инспекции. Иран ја вооружи Русија во нејзината војна против Украина и изврши напад со беспилотни летала и ракети врз Израел во време на неговата војна против Хамас во Појасот Газа.

Иран го поддржува Хамас, кој САД и Европската Унија го прогласија за терористичка организација. Таа, исто така, обезбедува поддршка со оружје за прокси групи на Блискиот Исток, како што се Хутите во Јемен и Хезболах во Либан.

XS
SM
MD
LG