Достапни линкови

Студентски револт: ФИНКИ пред Влада побара сопствена зграда


Студентите на ФИНКИ и деканатот на факултетот заедно со други студенти од УКИМ на протест пред Влада, 21 март, 2024
Студентите на ФИНКИ и деканатот на факултетот заедно со други студенти од УКИМ на протест пред Влада, 21 март, 2024

Новата зграда која ФИНКИ требаше да ја добие во рамките на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ почна да се гради во 2015 година, но веќе пет години градежни активности нема. Изведувачот отиде во стечај, а МОН не распишува нов тендер. Студентите од ФИНКИ принудени да одат на настава на други факултети

Студентите и професорите на најбројниот факултет во земјава, Факултетот за информациски науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), со речиси пет илјади студенти денеска, 22 март, излегоа на протест пред Владата револтирани затоа што немаат услови за нормално одржување на настава. Тие веќе девет години чекаат да се преселат во нова зграда на факултетот.

„Моментално сме над 5.000 студенти и наставата е квалитетна, но мислам дека немаме доволно услови во смисла на училници, предавални и амфитеатри. Учиме во бараки и сметам дека тоа не е доволно така што ни треба нова зграда“, изјави студентка на ФИНКИ на денешниот протест.

Бараките во кои се учи на ФИНКИ не можат да ги задоволат потребите на студентите и професорите и затоа се принудени да ги користат предавалните и на соседните Техничко-технолошкиот факултет, Електромашинскиот и на Педагошкиот факултет.

Студентите се приморани постојано да се селат од кампус во кампус, а сето тоа прави и предавањата да траат и до 21 часот навечер.

Студентите демонстративно пред Влада поставија столчиња и импровизираа предавална на отворено, покажувајќи дека немаат свој простор.

Покрај студенти на ФИНКИ, на протестот поддршка на своите колеги им дадоа и студентите од другите факултети на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ).

„Протестираме бидејќи бараме нов објект за студентите од ФИНКИ. Тие повеќе години немаат свој објект и немаат каде да ги држат своите предавања, а тоа им претставува потешкотија да се снаоѓаат со простории. Покрај нас тука се и наставниот кадар и професорите од ФИНКИ и сите заедно солидарно протестираме пред оваа Влада за да се изнајде решение за овој проблем“, порача Савче Ѓошева, студентски правобранител и студент на Филозофскиот факултет.

Ѓошева истакна и дека доколку Владата не ги сфати сериозно, протестите ќе продолжат и во наредниот период.

Ниту се гради, ниту има нов тендер за зградата на ФИНКИ

Обидите за ФИНКИ да добие нова зграда траат уште од 2015 година, кога во рамките на проектот „Скопје 2014“, започна да се гради нова зграда во склоп на факултетите при УКИМ.

ФИНКИ доби ветување од тогашните власти дека за неколку години ќе добијат нова зграда, но тоа до денеска не се случи.

Иако со изградба се започна пред цели девет години, таа беше стопирана во 2019 година кога изведувачот „Бетон“ од Штип отиде во стечај. Од тогаш па досега, се уште се чека да се распише тендер за нов изведувач, а од надлежните следуваа само ветувања.

Покрај зградата на ФИНКИ, нова зграда треба да добие и Факултетот за физичка култура, но изградбата на двете згради и натаму е во застој.

Објекти во изградба на ФИНКИ и Факултет за физичко образование
Објекти во изградба на ФИНКИ и Факултет за физичко образование

Барање за итно решение или протести

Во кампусот на Техничко-технолошкиот факултет, непосредно до бараките на ФИНКИ, се наоѓаат три објекти од околу 1.000 квадрати кои ги користи Бирото за образование и наука (БРО), каде има околу 50 вработени.

Управата на ФИНКИ во понеделникот, 19 март, соопшти дека побарале Владата во рок од три месеци да го дислоцира Бирото, бидејќи велат тие се во многу поголем број и имаат итна потреба од овие простории во кои би се вселиле.

Од Бирото им одговорија дека немаат да селат затоа што тоа нема да го реши проблемот.

„Се додека нема трајно решение за соодветни простории за Бирото за развој на образованието, според потребите и надлежностите на институцијата, јавно порачуваме, и до ФИНКИ и до Министерството за образование и наука и до Владата, дека нема да дозволиме „привремени“ решенија, кои кај нас, од искуство, остануваат трајни“, стои во реакцијата на БРО.

Управата на ФИНКИ и порача на Владата да донесе решение или ќе протестираат.

Ден потоа, Владата на седница ја разгледа оваа точка, но не беше донесена одлука за селење на вработените на БРО, туку само ќе бараат нов простор за студентите.

„Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ја разгледа Информацијата за обезбедување на простор за потребите на ФИНКИ и ја задолжи Службата за општи и заеднички работи на Владата во соработка со ФИНКИ, во рок од три месеци да разгледа други алтернативни решенија за надминување на проблемот и обезбедување соодветен простор за спроведување и одвивање на настава на Факултетот“, велат од Владата за РСЕ.

Јакимовски: За трајно решение ќе бидат потребни повеќе години

Иако и студентите на ФИНКИ бараат трајно решение на овој проблем, сепак велат дека и моменталното проширување на просторните капацитети ќе им биде од помош.

„Постојано не шетаат по другите факултети и потребен ни е наш простор. Се надеваме дека ние ќе бидеме таа генерација која ќе ги издејствува овие промени“, истакна студент на ФИНКИ на денешниот протест.

Деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски објаснува дека овој проблем не може да биде решен преку ноќ.

„Ние сега бараме тоа да биде моментално решение кое на нас ќе ни даде можност да се снајдеме додека не добиеме трајно решение кое ќе потрае сигурно неколку години. Поентата е ние тука во кампусот да имаме доволно простор, се работи за неколку илјади квадратни метри потенцијален простор којшто ние ќе го адаптираме и ќе ни олесни во спроведувањето на наставата“, вели Јакимовски, алудирајќи на просторот кој сега го користат вработените од Бирото за образование и наука.

Зошто младите се разочарани од политичарите?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:33 0:00

Во вакви услови и деканот е согласен дека студентскиот живот се одвива навистина отежнато. Неодамна добиле и нови простории, но тоа вели не е доволно.

„Имаме еден простор на Машинскиот факултет кој ни го отстапија од минатата година и тој ако го комбинираме некако заедно со тие простории на Бирото мислиме дека малку ќе не растерети за да се случува наставата посоодветно, да нема големи дупки во распоред, да не се шетаат студентите по факултетите, туку да гравитираат во кампусот“, додава Јакимовски.

Во Владата прашавме и што се случува со новата зграда на ФИНКИ на кампусот на УКИМ. Но оттаму ни одговорија дека состојбата и натаму не е променета, односно дека допрва ќе треба да се распише тендер за нов изведувач кој потоа ќе треба да продолжи со работите на терен.

ФИНКИ е факултет со вкупно 4.468 студенти, според последните податоци на Државниот завод за статистика од јули годинава, а секоја година интересот за студии е се поголем, па така за академската 2023/4 година се запишале 1.141 студент.

XS
SM
MD
LG