Достапни линкови

Студентите ја добија битката, но отпорот продолжува


Илустрација - Дел од пораките за време на вчерашниот студентски протест пред Собранието
Илустрација - Дел од пораките за време на вчерашниот студентски протест пред Собранието

Официјалните претставници на студентите кои вчера се сретнаа во политичарите во Собранието, изјавија дека се задоволни од договореното, но и дека борбата за подобро не е завршена. Од движењето „Студентски отпор“, пак, не се задоволни од исходот, па повикуваат на студентски марш овој четврток

Додека неколку десетици студенти протестираа пред Собранието, нивни претставници седнаа да разговараат со политичарите за студентскиот стандард и субвенционираниот студентски оброк.

„Во оваа ситуација, победници се само студентите. Битката е добиена, но не и војната, односно борбата за подобар студентски стандард и подобар квалитет во образованието е само почната, не е завршена“, рече Славчо Темелковски претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, по крајот на вчерашната средба меѓу официјалните претставници на студентите со министерот за образование, премиерот и дел од пратениците, во македонскиот парламент.

По дискусијата, претставникот на студентите на УКИМ истакна дека се договориле студентскиот оброк да се исплаќа како и досега, а до 15-ти март низ работни групи во кои ќе бидат вклучени и студентските претставници ќе се бара системско решение. До 15 декември се очекува ретроградна исплата на парите за оброк кои им се должат на студентите за првите два месеца од новата академска година.

И премиерот Ковачевски изрази задоволство во однос на постигнатиот договор.

„Се потврди дека студентите секогаш имаат право да го кажат својот глас, да ги кажат своите ставови, а на нас кои сме во владата и на пратениците е тие ставови да ги сослушаат. Да разговараат со студентите и да се дојде до решение кое ќе биде на задоволство на сите“, изјави премиерот.

Министерот за образование и наука Јетон Шакири, пак, дополни дека заедно со Министерството за економија ќе ја разгледуваат можноста доколку е потребно одредени домови да се исклучат од мерките за штедење енергенси кои важат за сите институции. Се ветија и подобри услови во студентските домови и санирање на проблемите, првично онаму каде е најитно.

Со предложените законски измени студентски оброк требаше да им биде скратен на сите студенти кои земаат стипендии, на апсолвентите и на оние чии семејства имаат плата повисока од минималната.

Претходната академска година, со законот кој беше донесен за да им помогне на студентите поздраво да се хранат, тие добиваа по 120 денари дневно, односно околу 2400 денари месечно на трансакциска сметка, во периодот додека трае академската година.

Оброците кои студентите им ги „сервираа“ на пратениците пред Собранието, за време на протестот на 14.11
Оброците кои студентите им ги „сервираа“ на пратениците пред Собранието, за време на протестот на 14.11

Додека траеше средбата во Собранието, надвор се одржа протест организиран од младинско движење на студентите „Студентски отпор“ кои преку социјалните мрежи ги повикаа младите да дојдат пред законодавниот дом.

Присутните студенти им порачаа на пратениците дека би сакале да го сменат својот оброк со нивниот сервирајќи им чинии со парче леб и една зденка на тротоарот пред Парламентот. Со транспаренти им порачаа и дека на гладно и на ладно не се учи, како и дека се тресат од студ, а не од страв.


Отпорот продолжува

Организаторите на протестот, на Фејсбук се огласија дека не се задоволни од крајниот исход и од одлуките кои се донеле за време на средбата во Собранието.

„Со оглед на тоа што единственото барање кое се прифати е повлекувањето на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк, најавуваме дека нема да отстапиме сѐ додека итно не се реализираат и останатите наши барања“, велат од „Студентски отпор“.

Тие бараат да се зголеми износот за студентски оброк од 120 на 150 денари, да се израмни сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите, да се издвојат средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, да се има долгорочен план за формирање на „студентски градови" и да се стопира најавената приватизација на студентските домови. Уште еднаш ја потенцираа и важноста од изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја.

Затоа, на социјалните мрежи ги повикаа младите на студентски марш, в четврток на Меѓународниот ден на студентите.

„Отпорот продолжува!“, порачуваат од студентското движење.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG