Студенти денеска излегоа на улица. Стоп за уништување на студентскиот стандард е мотото под протестираат пред законодавниот дом, каде неодамна беа предложени законски измени со кои се планираше кратење на бесплатниот студентски оброк за студентите кои земаат стипендии, за апсолвентите и за оние чии семејства имаат плата повисока од минималната.
Ваквиот предлог на дел од пратениците предизвика бурни реакции кај студентите. „На гладно и на ладно не се учи“, „Студентски оброк или политички облог“, „Се тресеме од студ, не од страв“, беа дел од пораките кои им ги упатија на пратениците.
Пред Собранието ставија чинии со по едно парче леб и една зденка, заедно со голем транспарент со кој побараа да ги заменат своите оброци со оние на пратениците.
Покрај враќање на мерката за исплата на студентски оброк, студентите алармираа дека не треба да се штеди на нив, побараа подобрување на условите во студентските домови и нивни исклучување од мерките за штедење енергенси кои ги имаат сите јавни и државни уставни.
Студентот на Правниот факултет при УГД Штип, Јован Јанев, којшто е дел од Младинското движење на студентите „Студентски отпор“ кое преку социјалните мрежи повика на протест, за РСЕ вели дека движењето настанало спонатно по ваквите предлози, но и поради наталожените проблеми и огромното незадоволство помеѓу студентите.
„Сите сме лидери на ова движење, бидејќи настана поради незадоволство од одредени одлуки на владејачкото мнозинство и МОН. Јас сум само претставник. Сметам дека студентската волја и емоција и сила се заеднички лидер на целото ова движење“, вели Јанев за РСЕ.
Освен против уништувањето на студентскиот стандард, студентите велат дека ќе побараат сите студенти во земјава да бидат изземени од мерките за штедење на Владата, како и повлекување на законските измени со кои се предвидува поскапување на оброкот во студентските мензи од 120 на 150 денари. Бараат и подобрување на условите во студентските домови.
„Очекуваме добра бројка. Тоа значи дека е очигледно незадоволството кај студентите. Секој студент, како и секој граѓанин има право политички да се определи како сака, но ова движење настана многу спонтано поради незадоволството и мислам дека ќе помине без политичко вмешување“, вели Јанев.
Обединетост или паралелна борба на студентите?
Истовремено со протестот пред Собранието, внатре во собранието влегоа претставници на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), како и оние од другите универзитети за да разговараат со министерот за образование Јетон Шаќири и со пратениците.
како што урово изјави Лидерот на студентите на УСС УКИМ, Славчо Темелковски за РСЕ, Универзитетско студентско собрание на УКИМ не стои позади организацијата на денешниот протест и дека тие се обидуваат прво преку соработка со институциите да ги решат проблемите.
„Очекуваме нашите барања да бидат прифатени. Ние како УСС сакаме да ги исцрпиме сите институционални патишта. Доколку на тој начин не наидеме на одобрување и прифаќање на нашите барања и ние ќе пристапиме кон други механизми за да ги бараме нашите права“, вели Темелковски.
„УСС како највисоко тело може да биде само организатор или коорганизатор на такво нешто. Нема да биде поддршка, туку може да биде само организатор. Во таа ситуација ние би очекувале поддршка од нивна страна кон нас“, додава тој.
На средбата со пратениците вели ќе побараат стипендистите и апсолвентите и натаму да добиваат субвенциониран оброк, а на долг рок ќе бараат и секој редовен студент да го добие ова право, без притоа да се гледа кој студент колку ЕКТС кредити има, додава тој.
Темелковски додава и дека очекува од студентите за иста цел да се борат на ист начин, а не паралелно, бидејќи како што нагласува од почетокот на овој мандат на УСС на УКИМ, се издвојува намерата да се обединат сите страни кои имаат иста цел и со сите да се соработува.
„Барањата се рационални и логични, па очекуваме да бидат прифатени. Сметаме дека студентите многу почисто ја гледаат сликата за разлика од оние коишто во прв план го дадоа новиот текст на предлог законот“, вели Темелковски.
Отпорот кај студентите се појави по предлог на пратениците од владејачкото мнозинство со кој преку измени во законот се ускратува правото за бесплатен студентски оброк на одередени категории на студенти.
Пратеничката од редовите на ЛДП, Моника Зајкова, која што беше една од пратениците кои го предлагаа овој закон вчера на својот Фејсбук профил најави дека предлогот се повлекува.
„Не е точно дека некој сака да го укине студентскиот оброк, се бара трајно и системско решение за тој да функционира како што беше првично замислен, а по моделот кој се применува во Република Словенија“, рече пратеничката и потпретседателка на ЛДП, Моника Зајкова.
Премиерот Димитар Ковачевски пак, кој неодамна на самитот за трансформација на образованието пред Обединетите Нации во Њујорк држеше говор во кој токму субвенционираниот студентски оброк го истакна како една од владините мерки насочени кон студентите, вчера изјави дека и самиот тој упатил забелешки за законските измени до министерот за образование.
„Дури и јас имам две забелешки, како ограничувачки фактори кои беа ставени, а сметам дека не треба да бидат и му ги кажав во текот на вчерашниот ден на министерот за образование и наука“, изјави вчера Ковачевски.