Достапни линкови

Вести

Конгресот усвои мерка за привремено финансирање на владата на САД

илустрација
илустрација

Конгресот на Соединетите Држави донесе краткорочна финансиска мерка за да се избегне делумното затворање на американската федерална Влада, што ќе се случеше утре.

Американските медиуми пренесуваат дека усвојувањето на мерката овозможи една група федерални агенции да функционираат до 8 март, а други до 22 март.

Усвојувањето на одлуката го поддржаа 77 членови на Сенатот, а 13 беа против. Претходно одлуката ја изгласа и Претставничкиот дом каде „за“ гласаа 207 демократи и 113 републиканци.

Со ова, се донесе времена мерка со која за седум дена се продолжи рокот што истекува денеска на полноќ.

Следниот чекор потребен за законот да стапи на сила е потписот на претседателот Џо Бајден. Тој ноќешното гласање го нарече „добра вест за американскиот народ“, но додаде „сакам да бидам јасен: ова е краткорочно, а не долгорочно решение“.

Се очекува Претставничкиот дом и Сенатот следната недела да разгледаат пакет од шест закони за потрошувачката и да му ги достават на претседателот пред 8 март. Рокот за договор за финансирање на другите владини агенции е поместен за 22 март.

види ги сите денешни вести

Русија и САД го продолжуваат дијалогот, Москва тврди дека не го напаѓа украинскиот енергетски систем

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија е задоволна од конструктивниот и ефективен дијалог со САД и дека контактите со американската страна се „интензивни и продуктивни“.

Песков потврди дека е во сила наредбата на рускиот претседател Владимир Путин за мораториум на нападите врз украинскиот енергетски систем.

По постигнувањето договор со американскиот претседател Доналд Трамп на 18 март, конфликтните страни да се воздржат од напад на енергетски објекти, Путин и дал „соодветна наредба на руската војска“.

„Иако Украина не одговори целосно на тој повик, Русија продолжи да го спроведува мораториумот, додека украинските сили продолжија да ги напаѓаат објектите во Русија“, рече Песков.

Тој ја истакна и важноста на Арктикот за Русија, наведувајќи дека Северниот морски пат е функционален и дека веќе се користат минералните суровини во регионот. Песков нагласи дека меѓународната соработка на Арктикот е итна потреба, но додаде дека Русија ќе продолжи да ги користи ресурсите на тој регион во свои интереси.

Портпаролот на Кремљ ја коментираше и 25-годишнината од првиот избор на Владимир Путин за претседател на Русија, истакнувајќи дека Русија за тоа време изминала долг пат, „од опстанок, економски и политички колапс, до развој и зголемен просперитет“.

Тој додаде дека Русија сега станала стабилна земја, со развиен економски сектор и посилен територијален интегритет.

Додик на конференција за антисемитизам во Израел и покрај налогот за апсење во БиХ

Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска
Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска

Милорад Додик, претседателот на Република Српска, е во Израел, каде што ќе учествува на конференција за антисемитизам во Ерусалим денеска и утре. Во меѓувреме за негово апсење е распишана потерница во Босна и Херцеговина.

Додик вчера пристигна во Израел со владин авион на РС од Белград.

Ден претходно, под сè уште неразјаснети околности, тој ја премина границата меѓу Босна и Србија, и отиде во Батајница, во близина на Белград, да ја одбележи годишнината од бомбардирањето на НАТО.

Граничната полиција на БиХ соопшти дека води истрага за преминувањето на државната граница од страна на Додик.

Претседателот, премиерот и претседателот на Собранието на Република Српска, Милорад Додик, Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ се осомничени за напад на уставниот поредок, а по нив е распишана централна потерница, како што беше потврдено за Радио Слободна Европа на 17 март. Практично сите полициски агенции во државата имаат меѓу своите надлежности спречување на кривични дела, откривање на нивните сторители, истрага на кривични дела и соработка со надлежните обвинителства.

Додик беше наведен како еден од говорниците на конференцијата во Ерусалим организирана од израелското Министерство за дијаспора.

Покрај Додик, говорници на конференцијата се и француските десничари, аргентинскиот претседател Хавиер Миел, израелскиот премиер и претседател Бенјамин Нетанјаху и Исак Херцог и други.

Германскиот комесар за еврејски прашања Феликс Клајн го откажа учеството на конференцијата, потврдија претходно за РСЕ.

„Кога г-дин Феликс Клајн ја прифати поканата пред неколку месеци, тој не беше свесен кој ќе присуствува на конференцијата“, соопшти Кабинетот на комесарот.

Ели Таубер, основач на здружението „Хагада“, историчар и член на Еврејската заедница во Босна и Херцеговина (БиХ), смета дека Додик не треба да учествува на таква конференција.

Тој за РСЕ вели дека тие што го поканиле сигурно знаеле кој е и што прави.

„Ако намерно или случајно направиле превид, нема да навлегувам во тоа, тогаш вината е целосно нивна“, вели тој.

Тој, исто така, смета дека целта на Додик е да ги претстави работите во БиХ како што сака, вклучително и позициите на највисоките функционери од РС кои тврдат дека во БиХ, поточно во Федерацијата БиХ, постои политика која ја поддржува Хамас.

Пет пациенти се враќаат од лекување во странство, кај четворица критични состојбата непроменета

Прес конференција на министерот за здравство Арбен Таравари, 26 март 2025 година
Прес конференција на министерот за здравство Арбен Таравари, 26 март 2025 година

Бројот на пациенти кои се лекуваат во странство во моментов е 113, а се очекува во текот на денот да се вратат уште пет пациенти кои беа повредени во пожарот во дискотеката во Кочани, информира денеска (26 март) на прес-конференција министерот за здравство Арбен Травари.

„За оние кои се лекуваа надвор од државата имаме добри вести. Денеска веќе не се бројка 115 туку 113 што се лекуваат. Вчера еден пациент е вратен од Србија и една пациентка е вратена од Бугарија. Денеска се враќаат пет пациенти, четворица од Шпанија и еден од Грција, со тоа до крајот на денот 108 пациенти ќе бидат на лекување во странство“, рече Таравари на прес-конференцијата.

Тој додаде дека најавени се уште четири пациенти за враќање, но за тоа утре дополнително ќе информираат.

Пациентите кои денеска се враќаат ќе бидат минимум под 24-часовен надзор според протоколот. Доколку конзилиумот од доктори одлучи дека треба да се пуштаат дома, ќе бидат пуштени на домашно лекување или ќе останат на лекување на некоја од клиниките.

Во здравствените центри во државата тој кажа дека во моментов се лекуваат 23 пациенти повредени во пожарот во Кочани, а повеќе од 20 се пуштени на домашно лекување.

Таравари рече дека пациентите кои се сместени во домашните болници во наредните денови ќе информираат кога ќе бидат пуштени дома. Очекува дека повеќе од половината од нив следните 5-6 дена да бидат испишани, а оние што се оперирани ќе треба подолг период да бидат задржани во болницата.

Најголем дел од пациентите кои се враќаат денеска се со изгореници. Министерот потврди дека кај четворицата пациенти во критична состојба кои се на лекување во странство, состојбата засега и натаму е многу тешка, но стабилна.

Пациентите кои ќе притигнуваат од странство, засега ќе бидат прифаќани низ клиниките.

„Во меѓувреме веќе имаме понуди од одредени држави на тие кои се потешки пациенти и на кои им треба рехабилитација подолго време, евентуално да престојуваат подолго време надвор од државата. Но и тука планираме да направиме во внатрешноста некој центар за пациентите на кои ќе им треба подолга рехабилитација. Во моментот се уште немаме одредено центар, но размислуваме за 2-3 можни опции. Ќе ве известиме штом донесеме одлука како кризен штаб“, рече министерот за здравство Таравари.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени. Починатите, кои се на возраст од 16 до 48 години беа погребани во Кочани, Штип, Струмица и Скопје.

Ѓуриќ: Србија е безбедна земја за странците

Министерот за надворешни работи на Србија, во технички мандат Марко Ѓуриќ
Министерот за надворешни работи на Србија, во технички мандат Марко Ѓуриќ

Министерот за надворешни работи на Србија, во технички мандат Марко Ѓуриќ денеска (26 март) изјави дека Србија е безбедна земја, а Белград е безбеден град за странците без разлика на идеолошки, верски или други ставови, јавува МИА.

Според него, сликите на немири и насилство на улиците и во институциите испраќаат вознемирувачка порака до светот и се опасни за имиџот на државата.

Ѓуриќ за белградски медиуми изјави дека Србија е во извесен вид политичка заложничка ситуација, во која дел од општеството се обидува да ја наметне својата политичка волја на остатокот од општеството, користејќи вонинституционални методи и преминувајќи ја границата на она што е вообичаена демократска практика.

Коментирајќи ги наводите дека се повеќе странски земји ги предупредуваат своите граѓани да избегнуваат патување во Србија, тој рече дека тоа е една од директните последици од сето она што се случува во изминатите четири месеци и резултат на обидите за преземање на институциите на недемократски и вонинституционален начин.

Претреси во домот, возилото и два угостителски објекти на сопственикот на дискотеката „Пулс“

Дискотеката „Пулс“ во Кочани
Дискотеката „Пулс“ во Кочани

Претреси во домот, возилото и два угостителски објекти на сопственикот на дискотеката „Пулс“, како и во Државен пазарен инспекторат - Канцеларија Кочани, се извршени вчера(25 март) во рамки на истрагата за трагичниот пожар во Кочани.

Како што информира МВР, при претресите одземени се лаптоп компјутери, повеќе мобилни уреди, документација и други предмети.

„На 25.03.2025 од страна на полициски службеници извршени се претреси во домот на Д.Ј., неговото возило „инсигниа“ и два угостителски објекти, како и во Државен пазарен инспекторат - Канцеларија Кочани. Во домот на Д.Ј. пронајдени и одземени се лап топ компјутери, повеќе мобилни уреди, документација и други предмети. Одредени предмети се одземени и од возилото и од угостителските објекти, а пронајдена и одземена е и финансиска документација“, информираат од МВР.

Во ДПИ- Канцеларија Кочани пронајден и одземен е еден компјутер, еден лаптоп компјутер и еден таблет, како и целокупната документација поврзана со правни субјекти во сопственост на Д.Ј.

Во рамки на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ биле извршени повеќе претреси за обезбедување докази и распити на лица, на повеќе локации во Скопје и Кочани.

Јавното обвинителство вчера соопшти дека истражните тимови при претреси на пет локации во Кочани и во Скопје одзеле дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Обвинителството најави дека ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица.

Тимот од јавни обвинители работи на активности кои вклучуваат распит на повеќе од 300 сведоци, како и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области.

Молк за жртвите, аплауз за лекарите и свирежи за Владата
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Вкупниот број на осомничени за пожарот во Кочани досега е 34 лица. Со истрагата се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.

Во пожарот на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени.

Пред самитот за Украина, Зеленски на разговори со Макрон во Париз

Францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски (архивска фотографија)
Францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски (архивска фотографија)

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва (26 март) пред самитот на земји кои се подготвени да помогнат во гарантирањето на евентуалниот мировен договор меѓу Украина и Русија.

Франција и Велика Британија ја предводат иницијативата за формирање на таканаречена „коалиција на подготвените“, која би била составена од земји подготвени да обезбедат безбедносни гаранции во случај на прекин на огнот меѓу Русија и Украина.

Концептот треба да биде финализиран на утрешниот самит во Париз.

Според информациите до кои дојде ДПА, западните сојузници на Украина размислуваат за мониторинг на можна демилитаризирана зона на границата меѓу Русија и Украина.

Тоа би се правело првенствено од воздух и со помош на технички средства како сателити и дронови. Поморските единици би можеле да бидат распоредени и за следење на слободата на пловидба во Црното Море.

Според плановите, преку Обединетите нации може да се мобилизираат мировни сили во конвенционална смисла, составени исклучиво од војници од непартиски трети земји.

Европските сили потоа би можеле да бидат стационирани на западната граница на Украина и да понудат програми за обука за нивните украински партнери. Главниот гарант за безбедност ќе биде нуклеарната суперсила на САД.

Пратеници го повикаа Трамп да ја повлече наредбата за намалување на финансирањето на РСЕ и други медиуми

илустрација
илустрација

Десетици американски пратеници на 25 март го повикаа претседателот на САД, Доналд Трамп да ја повлече својата извршна наредба за намалување на американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ), тврдејќи дека потегот ќе има штетно влијание врз нејзините радиодифузери, вклучително и на Радио Слободна Европа(РСЕ) и ќе им биде корисна само на американските противници како Русија, Кина, Иран и Северна Кореја.

Во писмото до Трамп потпишано од повеќе од 40 членови на Конгресот се наведува дека затворањето на УСАГМ, исто така, ќе му наштети на кредибилитетот на САД и глобалниот углед ширум светот.

„Подиректно, ова ќе остави милиони луѓе во затворени и рестриктивни средини, од Хавана и Каракас до Минск и Техеран, со помала можност за пристап до информации за светот околу нив“, се наведува во писмото.

„Силно ве повикуваме да ја разгледате оваа Извршна наредба и да обезбедите продолжување на работата на УСАГМ и нејзините мрежи за емитување“, се додава во писмото.

Пратеникот Бил Китинг рангиран член на Поткомитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом за Европа, рече дека РСЕ/РЛ, Гласот на Америка, Радио Слободна Азија и другите медиуми што ги надгледува УСАГМ „служат како витални алатки за мека моќ“ кои им овозможуваат на луѓето во затворените општества пристап до информации и кредибилитет.

„Нивната работа е толку моќна што режимите во Иран, Русија и Кина ја осудија како закана за националната безбедност“, рече Китинг во соопштението за печатот, нарекувајќи ја извршната наредба на Трамп од 14 март „непромислена“ и рече дека „ги охрабрува американските противници на кои им се закануваат веродостојни медиуми“.

Во писмото се наведува дека мрежите на УСАГМ и корисниците на грантови заедно играат историска и клучна улога во обезбедувањето искрени, сеопфатни вести за земјите кои немаат слободна или отворена медиумска средина.

„Затворањето на РСЕ ќе им овозможи на владите во Русија, Белорусија, Иран и Централна Азија да ги шират своите пораки за режимска пропаганда без страв од одговорноста што ја носи известувањето на РСЕ“, се вели во писмото.

Писмото беше испратено истиот ден кога американски судија издаде наредба во корист на РСЕ во тужба против УСАГМ, барајќи да ја поништи одлуката за прекин на финансирањето на РСЕ, одобрена од Конгресот.

Образложувајќи ја својата одлука судијата Ројс Ламберт напиша дека агенцијата најверојатно постапила „произволно и каприциозно“ при прекинувањето на грантот за РСЕ и дека дејствијата ќе предизвикаат „ненадоместлива штета“ на радиодифузерот доколку се спроведат. Ламберт рече дека е потребна привремена забрана за да се запре затворањето на РСЕ.

Волц ја презеде одговорноста за скандалот со безбедносната грешка

 Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Мајк Волц
 Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Мајк Волц

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Мајк Волц, кој стои зад спектакуларната безбедносна грешка поврзана со американските напади во Јемен, синоќа (25 март) изјави дека ја презема одговорноста откако новинар се нашол во групата што тој ја создал на мрежата Сигнал.

„Ја преземам целосната одговорност. Јас ја создадов таа група“, изјави Мајк Волц на Фокс њуз, во првото интервју откако беше откриено дека новинарот по грешка бил ставен во групен разговор со високи функционери каде што се споделувале информации за нападот врз Хутите во Јемен.

Волц сугерираше дека можеби имал снимен телефонски број на новинарот за кој мислел дека му припаѓа на некој друг.

„Ги имаме најдобрите технички тимови кои се обидуваат да дознаат како тоа можело да се случи. Не го познавам тој тип, го познавам само по неговата репутација и тоа е страшно, но не му пишувам“, нагласи тој.

Канцеларијата за односи со јавноста на Белата куќа преку соопштение го осуди „координираниот обид да се одвлече вниманието од успешните“ неодамнешни американски напади врз Хутите во Јемен.

Претходно Белата куќа потврди дека главниот уредник на списанието Атлантик по грешка бил вклучен во високо доверлив групен разговор со група високи американски функционери посветени на нападите врз јеменските Хути.

Ова несомнено се смета за еден од најсериозните безбедносни неуспеси во поновата американска воена историја.

Новинарот Џефри Голдберг во понеделникот во подолга статија откри дека однапред, преку апликацијата за пораки Сигнал, добил детален план за нападот на американската војска на 15 март против оваа група бунтовници во Јемен.

Голдберг објаснува дека во тој групен разговор учествувале вкупно 18 луѓе, меѓу кои, според него, шефот на дипломатијата Марко Рубио, потпретседателот Џеј Ди Венс, шефот на ЦИА Џон Ретклиф и секретарот за одбрана Пит Хегсет.

Белата куќа вчера соопшти дека нема протечени доверливи информации кога планот за напад на Хутите во Јемен по грешка бил споделен со американски новинар. Во вчерашниот телефонски разговор со Ен-Би-Си претседателот Доналд Трамп рече дека вклучувањето на новинарите во доверлива група за дискусија е „грешка“ која на крајот „не била сериозна“, додавајќи дека Мајк Волц ја „научил лекцијата“ од оваа грешка.

Американскиот суд и нареди на Агенцијата за глобални медуми да ги запре чекорите за затворање на РСЕ

Седиштето на РСЕ во Прага, Чешка
Седиштето на РСЕ во Прага, Чешка

Американскиот суд во вторникот (25 март) го одобри барањето на Радио Слободна Европа за привремена забрана (TRO) во тужбата која ја поднесе против Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ) поради прекинот на финансирањето на РСЕ наменето од американскиот Конгрес.

Окружниот суд во Вашингтон во својата одлука наведе дека агенцијата најверојатно постапила „произволно и каприциозно“ при прекинувањето на грантот за РСЕ и дека таквите дејствија ќе предизвикаат „ненадоместлива штета“ на медиумот доколку се спроведат.

Окружниот судија Ројс Ламберт напиша во пресудата на 10 страници дека ТРО е потребна за да се запре затворањето бидејќи РСЕ покажа дека веројатно ќе го добие случајот на судењето, дека дозволувањето на дејствијата на УСАГМ да продолжат додека судот не ја слушне судбината на финансирањето на РСЕ ќе предизвика „ненадоместлива штета“ на медиумот.

„Раководството на УСАГМ не може, со оправдување од една реченица што практично не нуди објаснување, да ја принуди РСЕ да се затвори - дури и ако претседателот ѝ рекол да го стори тоа“, објасни Ламберт.

Следниот чекор ќе биде одлука за барањето на РСЕ за прелиминарна наредба со која се бара од УСАГМ да ги обезбеди приближно 77-те милиони долари што Конгресот ги додели за активностите на РСЕ за остатокот од фискалната 2025 година, која завршува на 30 септември. Се очекува судот да донесе одлука за ова во наредните недели.

Заканата за финансирањето на РСЕ предизвика бран глобална поддршка од организациите за заштита на медиумите, аналитичарите и застапниците на демократијата, како и публиката на 27 јазици и 23 земји каде што дејствува РСЕ.

Се чини дека Ламберт го призна ова во својата одлука, пишувајќи дека Владата конкретно ја поддржува РСЕ од 1950 година како средство за обезбедување „сигурни, локално релевантни вести за публиката изложена на комунистичка пропаганда“.

„Ја цениме промислената и неконтроверзна одлука на судијата Ламберт да го спречи УСАГМ да ја игнорира волјата на Конгресот. Очекуваме понатамошен напредок во нашиот случај дека е неуставно да се задржат средствата што Конгресот ги додели на РСЕ до крајот на фискалната година“, рече претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус по одлуката.

„Оваа пресуда дополнително испраќа силна порака до нашите новинари ширум светот: нивната мисија, како што е дизајнирана од Конгресот, е вредна и драгоцена и треба да продолжи. 75 години РСЕ е тесно усогласена со американските национални безбедносни интереси борејќи се против цензурата и пропагандата во многу од најрепресивните општества во светот“, додаде тој.

УСАГМ тврдеше дека го прекинала грантот за РСЕ на 15 март, неколку часа откако извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп повика на кратења на седум агенции - вклучително и УСАГМ - до „максимална мерка во согласност со важечкиот закон“.

Потегот за укинување на грантот за РСЕ беше објавен во писмо потпишано од Кери Лејк, која ја наведе нејзината титула „Виш советник на в.д. директор на(УСАГМ) со овластување делегирани од в.д. директорот“.

Во писмото се наведува дека „со доделените средства повеќе не се постигнуваат приоритетите на агенцијата“.

Не беа дадени дополнителни објаснувања, а судијата Ламберт рече дека УСАГМ не дала дополнително образложение за потегот за намалување на финансирањето за време на сослушувањето на рочиштетот во понеделникот.

„Објаснувањето понудено од УСАГМ тешко може да се окарактеризира како објаснување: се сведуваше на еден ред во писмото за прекинување, во кое се наведува дека доделените средства повеќе не ги постигнуваат приоритетите на агенцијата“, напиша Ламберт во пресудата.

За време на сослушувањето во понеделникот, УСАГМ изјави дека презела „итни административни чекори“ за да иницира исплата на 7,46 милиони американски долари средства што РСЕ ги бараше за деновите во март додека работеше пред објавувањето на писмото.

Абигејл Стаут, адвокатка од Министерството за правда што ја застапува УСАГМ, исто така, на сослушувањето тврдеше дека договорот за грант помеѓу УСАГМ и РСЕ, како што е наведено во Законот за меѓународна радиодифузија и дава право на агенцијата да го раскине договорот доколку РСЕ не ги почитува одредбите наведени во него.

Ламберт рече дека барањето на Агенцијата за глобални медиуми, РСЕ да ги користи тие средства за да ги исплати своите финансиски обврски наместо за операции е „функционален еквивалент на тоа воопшто да не ги добие“.

„РСЕ ќе биде принудена да ги раскине договорите за закуп, да ги раскине договорите за вработување - со што ќе се уништи кредибилитетот што го изгради со децении и да ги прекине сите други операции“, напиша судијата Ламберт.

УСАГМ (USAGM) е независна американска владина агенција која го надгледува емитувањето на вести и информации на повеќе од 60 јазици на над 400 милиони луѓе секоја недела.

Вкупното буџетско барање за USAGM за фискалната 2025 година беше 950 милиони американски долари за финансирање на сите негови операции и капитални инвестиции.

Тие вклучуваат медиуми како што се РСЕ/РЛ, Гласот на Америка, Радио Слободна Азија, Радио Марти за Куба, Блискиот Исток радиодифузна мрежа (MBN) и Фондот за отворена технологија.

Буџетското барање за 2025 година само за РСЕ беше околу 153 милиони американски долари, покажуваат документите на Агенцијата за глобални медиуми.

Русија и Украина одделно постигнаа договор со САД за прекин на воените дејствија во Црното Море

Припадник на украинската крајбрежна стража на патролен брод додека товарен брод плови низ Црното Море, февруари 2024 година.
Припадник на украинската крајбрежна стража на патролен брод додека товарен брод плови низ Црното Море, февруари 2024 година.

Украина и Русија одделно постигнаа договор во разговорите со САД во Саудиска Арабија за прекин на воените дејствија во Црното Море, како и за развој на мерки за забрана на напади врз енергетски објекти во двете земји.

Белата куќа во одделни изјави рече дека тоа ќе и помогне на Москва да го врати пристапот до глобалните пазари за руските земјоделски производи и извозот на вештачки ѓубрива, кои беа прекинати откако Кремљ започна целосна инвазија на Украина пред повеќе од три години.

Иако во изјавите не се споменува прекин на нападите врз други цивилни инфраструктурни цели, тие се чини дека се чекор кон поширок договор за прекин на огнот за ставање крај на најголемиот и најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна.

Сепак, како знак за тоа колку тешки беа преговорите во изминатите неколку дена и колку е веројатно дека ќе продолжат да бидат, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Кремљ ќе бара „јасни гаранции“ од Вашингтон дека Украина ќе го почитува договорот.

Во меѓувреме, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров на мрежата Х изјави дека Киев ќе го смета секое движење на бродови на руската морнарица надвор од источниот дел на Црното Море како кршење на договорите постигнати во Ријад.

„САД ќе продолжат да ги олеснуваат преговорите меѓу двете страни за да се постигне мирно решение, во согласност со договорите постигнати во Ријад“, објави Белата куќа.

Денешните (25 март) преговори уследија еден ден откако американските и руските претставници одржаа 12-часовни преговори во Саудиска Арабија, како дел од напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина.

Кремљ изјави дека обновувањето на пристапот за руските земјоделски производи и ѓубрива, заедно со намалувањето на трошоците за осигурување за поморскиот транспорт, како и проширениот пристап до пристаништата и платните системи, ќе биде можно само откако ќе бидат укинати некои санкции и ограничувања за Русија.

Трамп претходно изјави дека територијалните линии и потенцијалната американска сопственост на нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина се дел од преговорите.

Минатата недела Трамп ја изнесе идејата САД да ја преземат контролата врз оваа електрана, која Русија ја зазеде на почетокот на војната.

Во исто време, и Русија и Украина продолжија да вршат напади.

Во рускиот ноќен ракетен напад врз украинскиот град Суми беа ранети повеќе од 90 луѓе, меѓу кои 23 деца.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот како последен пример на „загуба, болка и уништување, нешто што Украина никогаш не го сакаше“.

Зеленски рече дека Русија е „единствениот ентитет што ја продолжува оваа војна и го мачи нашиот народ и целиот свет“.

„За да се принуди Русија да постигне мир, потребни се силни мерки и решителни акции. Подготвени сме да поддржиме секоја силна иницијатива што ја прави дипломатијата поефикасна“, рече Зеленски.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха напиша на мрежата Х дека нападот во понеделникот врз Суми покажа дека изјавите на Москва за мир се „празни“.

„Москва зборува за мир додека извршува брутални напади врз густо населените станбени области во големите украински градови“, напиша Сибиха.

За украинскиот напад извести и руската страна. Официјален претставник на окупираниот украински регион Луганск изјави дека шест лица загинале во гранатирање на Краина, меѓу кои и новинар на рускиот весник „Известија“.

Весникот наклонет кон Кремљ го идентификуваше новинарот како Александар Федорчак, велејќи дека тој бил убиен „во регионот Харкив“.

Рускиот канал Звезда, кој е спонзориран од Министерството за одбрана, објави дека неговиот снимател и возачот загинале додека снимале репортажа со Федорчак.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG