Без „Северна“ во личните документи само кај некои соседи
Голготата со личните документи продолжува. Што важи, што не важи, за внатрешна употреба, за надворешна употреба, има обрасци, нема обрасци, пасоши, лични карти, возачки, сообраќајни дозволи, налепници, се плаќа, не се плаќа ... хаос. Граѓаните мора секој ден да следат во медиумите за дознаат како стојат работите, оти речиси секој ден нешто се менува.
Па, како стојат работите моментално, иако до утре може да биде различно.
- - Со пасош со Република Македонија веќе не може никаде.
- - Со стара важечка лична карта, само во некои од соседните држави. За дома ќе важи.
- - Возачките и сообраќајните дозволи ќе важат до крајот на годинава, но без „Северна“ во нив, не може во Грција, како и без налепниците НМК на регистарските таблички. Налепници се прдаваат и на „диво“.
- - Замената на возачките и сообраќајните, како и патните листови за оние што се надвор од државата, од деновиве треба да бидат бесплатни. Оние што плаќаа досега, никому ништо.
Кога ќе заврши голготата никој со сигурност не може да каже. Кој е виновен за хаосот? Ќе сноси ли некој одговорност? Кој ќе им ја надомести штетата на илјадниците граѓани на кои, без своја вина државата им го ограничи основното право, правото на слободното движење? Веројатно – никој. Или пак, ако се случат масовни тужби од граѓаните кои извисија и претрпеа штети, на што, според многумина правници, имаат право, штетата ќе ја плати државата од буџетот, односно, пак сами ќе си платиме.
И да имате лични документи, со автобус не може ни до Делчево
Јавен меѓуградски превоз во државата, особено во источниот дел, речиси и да нема.
Во моментов, на пример, жител на Делчево, ако не е возач или нема сопствен автомобил, а треба да стигне до Скопје мора да одвои околу шест илјади денари за такси во двата правци, доколку нема други патници за да го сподели трошокот. Од Македонска Каменица до соседната општина Кочани која е на 30-тина километри оддалеченост, пак, превоз со такси чини 700-800 денари. Такси, сопствено возило, одење со некој познаник или барање превоз по групи, кои во меѓувреме никнаа по социјалните мрежи, се опциите што граѓаните од овој крај ги имаат со години. Потребите кои ги имаат за патување се најчесто за лекарски прегледи, но и вадење документи, посета на блиски роднини…
Иако повеќе години некои градови се отсечени со немањето автобуси, пратениците кон промени на регулативата посегнаа пред крајот на мандатот односно неколку недели пред избори.
Во собраниска процедура од минатата недела влезе измена на член од Законот за превоз во патниот сообраќај, односно на дефиницијата за меѓуопштински линиски превоз на патници. Досегашната регулатива, како што објаснуваат и 16-те пратеници предлагачи на измените, предвидуваше дека е обврзувачки почетната и крајната станица да биде општина во која има категоризирана автобуска станица. Со измените, ваквиот услов ќе се избрише, па превозници ќе може да аплицираат и да добијат дозвола за меѓуопштински линии без притоа во градот да има категоризирана автобуска станица.
Делчево и Македонска Каменица се само дел од општините каде нема категоризирана автобуска станица. Како што е наведено во образложението на предлог-законот тука се и Виница, Берово, Демир Капија, Крушево, Пробиштип, Кратово, Пехчево, Македонски Брод, Ресен, Ростуше, Дојран, Центар Жупа и др.
Се може во државата, па и автобуски превоз без автобуски станици, ако воопшто остане некој да се вози, освен постарите.
Каква е состојбата со железничкиот превоз, видете ТУКА
Државна лотарија ем нуди игри на среќа ем помош за спас од зависност од коцкање
Кога не можат да извадат лични документи, не можат да патуваат, им паѓа животниот стандард, сиромаштијата, голем дел од граѓаните се надеваат на брза добивка преку игри на среќа, коцкарници, кладилници...
Лекот го нуди Државната лотарија. „Не играјте игри на среќа и забавни игри за да заборавите или да побегнете од емоционална или физичка болка. Едуцирајте се и запознајте се со знаците на проблематичното играње игри на среќа и забавни игри“, пишува на сајтот на приредувачот на игри на среќа Државна лотарија, каде во посебен дел – „Одговорно приредување игри на среќа и забавни игри“, се наведени совети и препораки за тоа како да препознаете дека играњето прераснало во завист.
Во оваа рубрика, до која може да се дојде по подолги пребарувања на сајтот на Лотарија, играчите можат да си направат и „самоевалуација“, односно преку едноставни одговори на 20 прашања со „да“ и „не“ сами да заклучат дали играат претерано.
Доколку поголемиот дел од одговорите на прашањата се со „да“, тогаш Лотарија ги советува играчите да побараат помош, односно нуди бесплатни анонимни терапии со психолози и психијатри, кај кои можат да се закажат бесплатни терапии на јавно објавениот телефонски број.
„Секој ден од понеделник до четврток функционира ова советувалиште, каде се работи анонимно и луѓето доаѓаат, имаме посетеност. Советувалиштето функционира со физичко присуство на пациентите, но има и СОС Линија која е достапна 24 часа“, вели психијатарот Оливера Суботин Поповска која го води советувалиштето во Скопје кое функционира во изминатите четири до пет години.
Со новиот закон за приредувачите на игри на среќа во Северна Македонија кој неодамна помина во Собранието, но не го потпиша претседателот Пендаровски, се најавуваше и намалување на бројот на обложувалници, казина и апарат-клубови.
Токму поради тоа, пазарот веќе започна помасовно да се сели во онлајн просторот и кај нас, а токму неодамна и Лотарија ја воведе можноста за онлајн играње. Според експертите, онлајн коцкањето може да претставува поопасна варијанта бидејќи може да се игра без воопшто некој да го напушти домот.
Ќе бидат ли игри на среќа и изборите? - Кандидатите непознати, избирачкиот список дискутабилен
Ажурирање на Избирачкиот список, консензус за измени на Изборниот законик се дел од прашањата кои претстојат пред институциите и партиите во пресрет на претседателските и парламентарните избори, кои веќе се закажани. Промовирањето на кандидатите, пак, треба да заврши во март.
Во Избирачкиот список во моментов се запишани точно 1 801 760 граѓани кои имаат право на глас на претстојните претседателски и парламентарни избори. Но, тој треба да биде ажуриран и таа бројка може да биде променета.
„Во јавноста веќе неколку години наназад несоодветно се споредуваат податоците во Избирачкиот список со податоците од пописот на население. За составување на овие две бази на податоци се користи сосема различна методологија, и тие се неповрзани меѓу себе“, велат од ДИК за Радио Слободна Европа.
Изборниот законик е друг проблем кој треба да се надмине во пресрет на изборите. Тој треба да претрпи измени согласно препораките од ОБСЕ/ОДИХР, но за тоа се уште нема консензус меѓу политичките партии, а како што е познато во јавноста, главна пречка е партискиот договор околу тоа дали за кампањата ќе се трошат пари од државниот буџет или партиите сами ќе ја плаќаат.
Консензус во Собранието е потребен и за пополнување на испразнетото место во ДИК, за што е потребно двотретинско мнозинство.
Партиите не ги „фермаат“ жените
Жени има во македонската политика, по неколку и во владите, но никако да стигнат ниту до лидерска позиција во поголемите политички партии, а далечно изгледа дека жена ќе седне во премиерската фотеља. Дали има простор жена да влезе во елитниот, доминантно машки клуб на политиката во Поткастот „Зошто“ разговараме со поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.
Екипажот на запленетата „јахта на Путин“ се конфронтира со новинарите на РСЕ
Репортерите на РСЕ беа следени со дрон и испрашувани од полицијата откако се приближија до суперјахта вредна 700 милиони долари за која се верува дека е во сопственост на рускиот претседател Владимир Путин. Луксузната јахта „Шехерезада“ долга 140 метри беше запленета од Италија во мај 2022 година како дел од санкциите на ЕУ поради руската инвазија на Украина. Но, постои опасност да исплови и да исчезне, како што се случи со други запленети луксузни јахти на Руси под санкции.