Преспанскиот договор е пресвртна точка за Северна Македонија, и овозможи земјата да стане членка на НАТО и да ги започнеме преговорите со ЕУ. Билатерално, ги нормализираше односите со Грција и постави основи за нивен развој во сите области од заемен интерес особено имајќи предвид дека Грција ни е сосед, исклучително значаен трговски партнер и инвеститор, но и држава која од кочничар се трансформираше во поддржувач на нашиот европски пат.
Ова е генералната оценка на македонскиот претседател Стево Пендаровски за спроведеното по пет години од потпишувањето на Договорот во Преспа со кое се стави крај на речиси тридеценискиот спор со Грција. Пендаровски за Радио Слободна Европа вели дека не е целосно задоволен од спроведеното и дека треба да се вложи дополнителен напор од двете страни за подобрување на односите.
Но, по пет години од потпишувањето на Договорот во Преспа и Нивици од тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас се наметнува прашањето што до сега и целосно спровеле од договореното македонската и грчката држава.
Речиси половина македонски граѓани без нови документи
Учениците беа првите кои добија документи со новото име Република Северна Македонија уште во 2019 година, иако рокот за оваа обврска се уште не истечен. Ова се случи веднаш по стапувањето во сила на Преспанскиот договор со кој државата го смени дотогашното име Република Македонија кое се користеше за внатрешна употреба и привремената референца за надворешна употреба Поранешна Југословенска Република Македонија.
По нив, беа заменети таблите покрај спомениците и се отстрануваше симболот од Кутлеш од јавниот простор, односно од уличните шахти. Се менуваа имињата на таблите на институциите на централно и локално ниво, но и на улици и автопати, па автопатот „Александар Македонски“ се преименува во „Пријателство“.
Но, пет години подоцна помалку од половина од населението остана покусо за нови лични документи со новото уставно име. Причината лежеше во доцнењето од две години на Владата да спроведе менување на документите.
Иако Владата сама си зададе кратки рокови како на пример, 4 месеци по стапувањето на Преспанскиот договор во сила да започне со издавање на нови регистарски таблички со ознака „НМК“ и да започне со издавање на пасоши со новото име кон крајот на 2019 година.
Пет години подоцна, овие рокови се пробиени и зададените обврски не се до крај исполнети. Промената на името на државата во личните документи на македонските државјани и на сообраќајните патокази во двете земји, не беа единствените работи на кои со Преспанскиот договор се обврзаа македонско – грчките комисии и институции да ги спроведат.
Трите меморандуми за соработка пет години чекаат „амин“ од грчкото Собрание
Во фиока во грчкиот парламент веќе пет години се чуваат три меморандуми кои произлегуваат од Преспанскиот договор, а се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање на координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите.
Македонскиот претседател Пендаровски смета дека ажурноста на институциите од двете страни не е, како што вели, целосно задоволувачка, но додава дека, тоа засега не е пречка во развојот на односите меѓу граѓаните и бизнисите. Секако ова треба да се промени, вели тој.
„Останува да се вложи поголем напор од двете држави во развивањето на односите. Од Грција очекуваме да ги ратификува потпишаните меморандуми, но и да се склучат нови договори за соработка во различни области. Дополнително, Грција треба да ги спроведе своите обврски, а особено промената на сообраќајните знаци“, се вели во одговорот од Кабинетот на претседателот Пендаровски за Радио Слободна Европа.
Во грчкиот парламент мнозинството пратеници доаѓаат од партијата Нова Демократија на премиерот Кирјакос Мицотакис, партија која за време на донесувањето на Преспанскиот договор како опозиција жестоко се спротивставуваа на избраното решение на спорот со името. Неговите сопартијци веќе пет години избегнуваат да дебатираат во Собранието за овие меморандуми.
Пратеничката од опозициската Сириза Рената Дуру смета дека застојот во македонско – грчките односи со недонесување на трите меморандуми ја отвора вратата за надворешни влијанија врз Северна Македонија.
„Резултатот од сето ова, во комбинација со 4 години да не се свикува Советот за соработка на високо ниво, како што е предвидено со Договорот од Преспа, и непотпишувањето нови билатерални договори, остава простор за непочитување на Договорот и поткопување на одбранбената, дипломатската и економската соработка со С. Македонија, со што се зголемува просторот за зајакнување на улогата на трети сили на нашите северни граници“, посочува Дуру во коментарот објавен на партискиот сајт на сега опозициската Сириза.
Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетридис во интервју за грчката телевизија „АНТ1“ изјави дека Атина ќе инсистира на, како што вели, верно почитување на обврските кои произлегуват од Договорот од Преспа, а тоа е македонските институции да ги приспособат јавните документи, особено патните исправи, како и табличките на возилата.
„Што се однесува до меморандумите, разбирате дека нивната ратификација од грчкиот парламент всушност зависи од целосното почитување на одредбите од Договорот од Преспа. Ние ќе останеме во овој Договор строго следејќи го неговото целосно почитување“, изјави тој.
Според дипломатски извори на РСЕ, не се очекува овие три меморандуми да бидат разгледувани во грчкото собрание се до изборите во Европскиот парламент во мај годинава.
Покрај меморандумите, грчките власти до сега не ги сменија патните табли кои водат кон Северна Македонија. На некои од нив се уште може да се забележи референцата БЈРМ или само Скопје без ознаката МК или МКД. Грција според членот 14 од Договорот треба да се придржува кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, знаците и кодовите.
Дипломатски извори за Радио Слободна Европа, пак велат, дека објаснувањето кое доаѓа од грчките институции до нив е дека не можат да им наложат на општинските власти во чија надлежност се дел од патиштата да ги направат промените на сообраќајните патокази.
Неисполнети децениските ветувања за нови гранични премини
Во име на добрососедски односи и развој на туризмот во јули 2019 година во македонското Собрание беа ратификувани две спогодби за отворање на нови гранични премини. Станува збор за договорени два гранични премина, преспанскиот премин Маркова Нога – Лемос и вториот кавадаречки Мајден – Промахои. По веќе поминати пет години од договореното, нови гранични премини не се отворени.
Од македонското министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека проектот за преспанскиот премин кај Маркова Нога бил во завршна фаза, со тоа што македонските институции ги завршиле само техничките процедури.
„На 01.12.2023 година е добиена дозвола за градба на објектот Маркова Нога, и се очекува во првата половина од 2024 година да започнат градежните активности“, велат од МВР.
Во ратификуваната спогодба објавена во Службени Весник е наведено дека со отворање на овој граничен премин ќе се исполни желбата за јакнење на регионалната соработка со цел создавање на услови за развој на преспанскиот регион. Со отворање на овој премин патувањето од Претор на македонската страна до Герман на грчката страна се крати од 250 километри на само 20 километри.
И жителите на кавадаречките поткожувски села се уште чекаат нов граничниот премин со кој Вардарскиот регион ќе се отвори кон Грција. Во близина на веќе раселеното село Мајден, во општина Кавадарци требаше да никне нов граничен премин кон Грција со што ќе се овозможи директно поврзување преку Промахои. Станува збор за погранично место во тиквешкиот дел на Мариово, јужно од Кавадарци.
Од Општина Кавадарци минатата година соопштија дека имаат изработена физибилити студија за подобрување, ревитализација на патниот и граничен премин во Ворас/Кајмакчалан на Кожув. Но, од МВР велат дека откако е потпишана Спогодбата меѓу двете држави, постапката запрела тука.
„Се очекува во текот на ова година да имаме повеќе средби со цел иницирање на активности за завршување правно-технички процедури“, се вели во одговорот за РСЕ од МВР.
А средби на оваа тема имало, барем така се вели во владините соопштенија. Во последното соопштение објавено на 5 мај 2022 година е наведено само дека вториот заеднички состанок на македонско- грчката експертска комисија поминал во конструктивна атмосфера.
Тивката работа на македонско – грчката историска комисија
По Преспанскиот договор беше формирана и македонско-грчката комисија составена од експерти за историски, археолошки и образовни прашања. Но таа не соопштува никакви детали од својата работа во јавноста.
Последен пат за неа зборуваше претседателот Пендаровски во 2021 година, кога посочи дека Комисијата до тогаш постигнала одреден напредок, а препораките треба да се спроведат и од двете страни. Но, каков напредок и во кои делови се постигнати резултати за тоа македонската јавност не дозна.
Таа комисија во Договорот од Преспа е именувана како заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања. Претседателот на македонскиот тим,Виктор Габер сега за Радио Слободна Европа вели дека нема да коментира јавно за резултатите од работата на комисијата, особено по, како што вели, искуството со македонско- бугарската историска комисија.
Претседателот Пендаровски вели дека мешовитите комисии се активни, а наскоро се очекува и нова средба на комисијата за историски прашања.
„Секако, посакувам брзо да имаме конкретни спроведени резултати од нивната работа. Во секој случај, и двете комисии треба да работат исклучиво врз основа на највисоките професионални стандарди и да бидат заштитувани од политички притисоци“, вели Пендаровски.
Работата на историско -образовната мешовита комисија е дефинирана и во самиот Договор од Преспа. Имено, во членот 8 став 5 се наведува дека комитетот ќе разгледа и доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства кои се користат во секоја од Страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа.
„За оваа цел, Комитет ќе дефинира конкретни временски рамки за да се обезбеди дека во секоја од Страните ниту еден учебник или помошен наставен материјал што се користи во годината по потпишувањето на оваа спогодба не содржи какви било иредентистички/ревизионистички упатувања. Комитетот, исто така, ќе ги проучи и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали“, се наведува во Договорот од Преспа.
По пандемијата со ковид 19, во јавноста не се споделуваат информации дали воопшто комисијата се состанала.
Една од договерените комисии беше и комисијата составена од експерти за трговски марки со Грција, за тоа кој има право да ги користи географските ознаки, брендовите и комерцијалните имиња кои во себе го содржат терминот Македонија или придавката македонски.
Рокот во кој оваа комисија требаше да делува беше три години и веќе е истечен. Претседателот на македонскиот тим Ѓорги Филипов вели дека оваа Комисија успешно си ги завршила своите задачи, согласно договорот. Тој додава дека анкетата што ја спровеле во Стопанските комори во двете земји покажала задоволителни резултати.