Достапни линкови

Наумовски – Нејасната европска перспектива ќе ги засили критиките кон Преспанскиот договор


Наумовски – Проширување на ЕУ за конечна стабилизација на Западниот Балкан
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:19 0:00

Наумовски – Проширување на ЕУ за конечна стабилизација на Западниот Балкан

Доколку европска перспектива на Македонија остане нејасна, ќе се зајакнат сите оние гласови коишто велат дека сите жртви и отстапки коишто Македонија ги направи со Преспанскиот договор биле залудни и ќе се зајакнат тезите дека Преспанскиот договор можеби треба да претрпи одредена адаптација, вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Ако патот кон Европската Унија го претставиме како едно патување од Скопје до Брисел, Република Македонија во 2009 стигнала до Будимпешта, а во 2010 до Виена. Ова е ваша изјава дадена како вицепремиер за евроинтеграции во 2010 година. Како македонскиот пат 12 години подоцна заглави во Софија?

Доколку ги анализираме сите процеси во изминатите десетина години, може лесно да се заклучи дека и поддршката за Европската унија, што ја имавме меѓу граѓаните, а и суштината на реформите и нивниот успех беше поголема пред неколку години, отколку што е во последните две-три години. Анкетите и истражувањата на јавното мислење што се правеа во тој период покажуваат исклучително висока поддршка меѓу граѓаните, нешто што не е случај сега и дополнително оценките што ги добивавме од самата Европска комисија и од останатите европски институции во соодветните извештаи, демонстрираа видлив напредок во повеќе области. За разлика од тој период, ние во изминатите две или три години имаме еден период на стагнација не само на нашиот формален пат кон полноправното членство, туку и период во стагнација на реформите, што е констатирано не само во извештаите на Европската унија, туку и во извештаите на останатите меѓународни организации. Тука јас го гледам најголемиот предизвик за актуелната власт, тоа е како да ги врати реформите на сопствената агенда и да ја врати онаа висока поддршка што постоеше за членство во ЕУ меѓу нашето население пред десетина години.

Само реформите ли се или има и политички причини?

Тие два процеси, според мене, одат паралелно. Имено, доколку во минатото пречката за нашата европска интеграција беше ветото од страна на Грција, што негативно влијаеше подоцна и на самите реформи, овој пат сме соочени со бугарското вето кое влијае неповолно на севкупната атмосфера. Доколку сте соочени со вето, многу е тешко да ја одржите мотивацијата и кај власта и кај администрацијата, и кај сите останати општествени фактори за европеизација на сите општествени процеси, затоа што онаа добро позната политика на условување од страна на Европската унија не функционира. Она што требаше да значи реформи за напредок е претворена во една ситуација на статус-кво, односно колку и да направиме реформи, колку и да имаме успеси во реформите, ние не правиме чекор напред кон полноправното членство и тука мислам дека со евентуално откочување на процесите и отстранување на бугарското вето ќе се даде и еден дополнителен стимул на самите реформи.

Колкави се шансите за повлекување на бугарското вето за почеток на преговорите со Европската унија?

Гледаме дека во изминатите неколку недели имаме засилена активност од француското претседателство после претседателските избори во Франција, личен ангажман на претседателот Макрон, ангажман од страна на високи претставници во американската администрација, директна комуникација со претседателот Радев, со премиерите на двете држави, како и еден засилен ангажман на останатите европски партнери, тука е и посетата на германскиот канцелар Шолц и на Скопје и на Софија, со што верувам дека ќе се направи обид да се исцрпат сите можности да се направи пробив. Она што преостанува до крајот на француското претседателство е одржувањето на таканаречениот самит со земјите од Западен Балкан на 23 јуни. Времето е навистина кратко, но доколку сите оние разговори меѓу министерствата за надворешни работи дадат добра основа за подигнување на решението повисоко на политичко ниво, на ниво на премиерите и претседателот Радев од бугарска страна, можеме да очекуваме дека сепак постои една мала шанса за отстранување на ветото до 23 јуни.

Можно ли е руската инвазија врз Украина и геополитичките превирања што ги предизвика во Европа да го забрзаат македонскиот европски пат?

Точно е дека оваа руска инвазија ја освести ЕУ дека, иако сме длабоко навлезени во 21 век, ние сè уште се соочуваме со нарушување на основите на меѓународното право на европскиот континент и ја зајакна потребата за дополнителна солидарност меѓу државите во Европа. Ние и како најнова членка на НАТО сме дел од таа солидарност помеѓу државите членки на НАТО, од коишто најголем дел се членки и на ЕУ, и во таа насока може да се очекува дека ќе порасне свесноста за потребата за стабилизација на регионот на Западниот Балкан, затоа што проширувањето одамна веќе не се третира само како една политика на ЕУ којашто е независна од другите, туку е тесно поврзана и со европската безбедносна политика, односно процесот на проширување е во насока на конечна стабилизација на Западниот Балкан и со тоа отстранување на сите можни безбедносни ризици коишто негативно ќе влијаат и на останатиот дел на Европа. Во таа насока се и напорите на САД, чиишто цели на Западниот Балкан се стабилизација на Балканот и негова целосна интеграција во ЕУ со што ќе се постигнат и оние идеали за обединување на Европа, на ЕУ, нејзина стабилизација и отстранување на сите можни негативни влијанија од страна на други држави.

Како губењето на европската перспектива ќе влијае на спроведувањето, па и на одбраната на Преспанскиот договор, со оглед на тоа што беше промовиран како документ кој ќе ги помогне македонските евроинтеграции?

Целата приказна со Преспанскиот договор се потпираше на членството во ЕУ и во НАТО. Доколку делот со НАТО е веќе завршен, онаа приказна за европска Македонија сега е доведена во прашање, и не случајно ние слушаме и од високи грчки претставници дека тие се сега најголемите поддржувачи на проширувањето и на членството на Македонија во ЕУ. Тие најдобро знаат дека доколку не е јасно потврдена европската перспектива на Македонија, ќе се доведе во прашање и структурата на Преспанскиот договор, односно ќе се зајакнат сите оние гласови коишто велат дека сите жртви и отстапки коишто Македонија ги направи во тој Преспански договор во суштина не донесоа она што беше ветувано, односно напредок во преговорите за полноправно членство и евентуално полноправно членство. Тука јас вината ја гледам и кај нашата Влада, во изминатите години, којашто, според мене, непотребно ги креваше сите оние очекувања дека веднаш штом се заврши Преспанскиот договор, Македонија ќе ги започне преговорите. Дури и се лицитираше со некакви кратки периоди со завршување на преговорите и полноправно членство. Сега, неколку години подоцна ние гледаме дека сите тие очекувања биле нереални, што дополнително го зајакнува чувството на фрустрација кај македонските граѓани, разочараноста од севкупниот процес и доколку не е јасна оваа европска перспектива, сметам дека ќе се зајакнат сите оние тези дека Преспанскиот договор можеби треба да претрпи одредена адаптација.

Целото интервју со поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG