Достапни линкови

Тејлор Свифт во вртлог меѓу политиката и теориите на заговор пред изборите во САД


Американската поп ѕвезда Тејлор Свифт прави селфи со обожавателка на меѓународниот аеродром во Торонто, септември 2022 година.
Американската поп ѕвезда Тејлор Свифт прави селфи со обожавателка на меѓународниот аеродром во Торонто, септември 2022 година.

Има многу причини да се верува дека популарноста на американската мегаѕвезда Тејлор Свифт може да стане политичка сила. Околу 18 отсто од гласачите во Соединетите Држави, односно секој трет од 10 анкетирани млади гласачи, рекле дека повеќе би сакале да гласаат за кандидат поддржан од Свифт.

Тејлор Свифт порано во својата кариера избегнуваше да зборува за демократите и републиканците, но со текот на времето тоа се промени. На изборите во 2020 година, таа го поддржа актуелниот претседател Џо Бајден и му рече на тогашниот претседател Доналд Трамп: „Ќе те надгласаме“.

Како што се приближуваат претседателските избори во 2024 година, така и политичката реторика се засилува, а сојузниците на поранешниот претседател Трамп тврдат дека демократите и поп-ѕвездата прават заговор за зајакнување на Џо Бајден, пишуваат светските медиуми.

Мета на десничарите

Конзервативните медиуми во Соединетите држави и политичките сојузници на поранешниот претседател Доналд Трамп започнаа реторичка офанзива поттикната од теориите на заговор за Тејлор Свифт (34), со што и се спротивставуваат на поп-ѕвездата поради стравувањата дека таа може да влијае на изборите во 2024 година во корист на сегашниот претседател Џо Бајден.

Десничарските напади врз Свифт нагло ескалираа во последниве денови, со што Свифт, која се смета за еден од најуспешните американски културни симболи, стана мета на политичките војни во земјата, пишува „Фајненшл тајмс“.

Предизвикувачот за нападите на движењето на Трамп „Направи ја Америка повторно голема“ беше патувањето на суперѕвездата на фудбалски натпревар во Балтимор каде нејзиниот партнер Тревис Келче играше за Канзас Сити Чифс, кој освои место во Супербол оваа сезона.

Меѓу обвинувањата на сојузниците на Трамп против Свифт, имаше тврдења дека таа е дел од заговор, во кој е вмешана и Националната фудбалска лига (НФЛ), за задржување на Бајден во Белата куќа.

Иако музиката и настапите на американската суперѕвезда не се сметаат за особено политички, таа претходно ги поддржуваше демократите додека ги бранеше правата на жените и се спротивставуваше на расизмот.

Исто така, таа ги покани своите фанови (главно младото население и жените) да гласаат на изборите. Таа во 2018 година го поддржа кандидатот на демократите во трката за Сенатот на државата Тенеси, а потоа во 2020 година и Бајден на претседателските избори. Во биографскиот документарец за Мис Американа од 2020 година, таа рече дека е „тажна“ што не проговорила против Трамп во 2016 година.

Трамп не ја коментираше Свифт, но неговите помошници побрзаа да се потсмеваат и на поп-ѕвездата и на претседателот Бајден.

Погрешна стратегија на републиканците

Десничарскиот фокус на Тејлор Свифт некои аналитичари го гледаат како погрешна политичка стратегија, пишува Њујорк Тајмс.

„Републиканците не го освоија јавното гласање 20 години, па сега пробуваме нова стратегија за да ја нападнеме една од најомилените поп ѕвезди на планетата и НФЛ“, напиша Алиса Фара Грифин, поранешна функционерка на администрацијата на Трамп на платформата X.

Десничарските активисти се вклучија во неосновани шпекулации за тоа како романтичната врска на Свифт со играчот на Канзас Сити Чифс, Тревис Келце, кој претставува американски пар на рагби ѕвезда и поп икона е конструкција на демократите или НФЛ за да ги измамат Американците и да гледаат повеќе натпревари во лигата или да гласаат за Бајден на ноемвриските избори.

Верзијата на таа теорија беше емитувана на Фокс њуз во средината на јануари, кога водителот Џеси Вотерс ја изнесе идејата дека Свифт е агент на американската влада вклучен во психолошка војна. Тој посочи дека неверојатниот успех на нејзината концертна турнеја Ерас бил потпомогнат од Министерството за одбрана.

„Дали некогаш сте се запрашале зошто или како таа вака „експлодираше“?, ги праша Вотерс ги праша гледачите на Фокс њуз, велејќи дека доколку ги има, јавно ќе ги сподели доказите за таквите тврдења.

Оружје во психолошка војна

„Волстрит журнал“ се прашува колку Доналд Трамп е политички ранлив ако неговите помошници велат дека може да ги загуби изборите од Тејлор Свифт.

Теориите на заговор во кои е вмешана Свифт велат дека нејзината врска со играчот Келче е лажна и „психолошко оружје“, покрај нив тука се и ЦИА (Централната разузнавачка агенција) и милијардерот и филантроп Џорџ Сорос.

Теоријата е дека Суперболот на 11 февруари ќе биде поставен така што тимот на Тревис Келче ќе победи на драматичен начин и дека Тејлор Свифт и Келче ќе се свршат и на тој начин ќе бидат на врвот на влијанието да му помогнат на Бајден во претседателска трка.

„Ова е или лудост или шоу“, напиша „Волстрит журнал“, наведувајќи дека сепак попрво станува збор за претстава, посочувајќи дека многумина од оние кои шират лажни тврдења добро знаат дека тоа е глума, но дека славата, озлогласеноста о парите се нешто што може да се добие со теории на заговор, колку полудо, толку подобро.

Моќта на обожавателите на Тејлор Свифт

Не е ново во политичката кампања да се бара и да се обезбеди поддршка од главните политички играчи како што се синдикатите, додека исто така е добро познато дека поддршката на иконата на популарната култура може да помогне да се привлечат помлади гласачи.

Не е ништо ново за политичарите да им се обраќаат на познатите за поддршка на кампањата, напиша „Вашингтон пост“, посочувајќи како поддршката на Тејлор Свифт може да собере милиони гласачи на национално ниво.

За време на локалните избори во 2023 година, Свифт сподели порака на Инстаграм во која ги охрабрува нејзините фанови да се регистрираат за да гласаат.

„Бев многу среќна што неодамна видов толку многу од вас на моите шоуа во Соединетите држави. Слушнав дека го кревате гласот и знам колку сте моќни“, напиша Свифт. „Погрижете се да сте подготвени да го искористите вашиот глас на нашите избори оваа година!

Еден час по нејзиниот повик на социјалните мрежи за регистрација на гласачите, сообраќајот на vote.org се зголеми за повеќе од 1.200 отсто, рече тогаш извршната директорка Андреа Хејли, што придонесе за рекорден број посети на веб-страницата за регистрација на гласачите тој ден. Имено, според организацијата, тој ден биле регистрирани 35.252 нови гласачи, што е најголема бројка од 2020 година.

Во теоретска смисла, политиколозите се поделени околу тоа колку моќни се поддржувањата на познатите личности, изјави за Вашингтон пост Гвин Томас, професорка по родови студии на Универзитетот во Бафало.

Меѓутоа, таа нагласи: „Се чини дека Тејлор Свифт е исклучок, бидејќи особено поради блиската врска што ја има со нејзините обожаватели“, познати како Свифти.

Во соопштението од средата, 31 јануари, групата „Гласачи на утре“, фокусирана на генерацијата Зет, издаде предупредување до конзервативците кои ги напаѓаат обожавателите на поп-ѕвездите, исполнето со стихови на Тејлор Свифт.

„Генерацијата Зет знаеше дека Трамп е проблем кога влезе во Белата куќа и водеше војна против нашите права за абортус, правата на глас и безбедноста“, велат од групата. „Со расправањето со Тејлор, вие избирате борба со младите гласачи. А последното нешто што ви треба е уште полоша репутација кај нас во ноември“.

XS
SM
MD
LG