Вести
Мерки за претпазливост за четворица осомничени за нападот во М-НАВ
![Кривичен суд Скопје (Илустративна фотографија)](https://gdb.rferl.org/1211ab51-0fde-47cb-bc0f-914ad7690d28_w250_r1_s.jpg)
Судија на претходна постапка при Основниот Кривичен суд Скопје синоќа им изрече мерки за претплазливост на четирите лица осоменичени за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а во врска со нападот во зградата на М-НАВ. Меѓу овие лица е и Бекир Незири, поранешен министер за економија од редовите на ДУИ, како и актуелен советник на директорот на М-НАВ.
Во соопштението на Кривичен, се наведува дека судија на претходна постапка при судот ја донел оваа одлука, откако тие синоќа беа спроведени во Кривичен постапувајќи по предлог на Јавен обвинител.
„Судот донесе решенија со кои на сите четири лица им се опредлуваат мерки за претпазливост. Согласно член 146 ст.1 од ЗКП на осомничените им се определува: Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетниот како и меѓусебна комуникација“, се вели во соопштението на Кривичен. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред кривичниот совет на овој суд.
Основното јавно обвинителство Скопје вчера попладне пак соопшти дека донело наредба за спроведување истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“, според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. За четири лица јавниот обвинител бараше мерка притвор, додека за четири други лица се уште се трага.
Министерството за внатрешно работи пак, претходно, соопшти дека во четвртокот во 15:15 часот во полициската станица Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир.
Според пријавата, лице вработено во институцијата, со иницијали Б.Н. (Беким Незири), заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата).
МВР подоцна вечерта информираше и дека со четири инволвирани лица во нападот врз вработени во М-НАВ се вршат службени разговори, како и дека во координација со Основното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Од ресорното Министерство известија и дека се преземаат мерки за пронаоѓање на останатите лица, како и дека во следниот период МВР постојано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ.
види ги сите денешни вести
Шолц: ЕУ и САД не смеат да се поделат во мировните преговори за Украина
![Францускиот претседател Емануел Макрон се поздравува со германскиот канцелар Олаф Шолц](https://gdb.rferl.org/755ebac5-304f-4097-b6e7-1d3ac1c5f0d6_w250_r1_s.jpg)
Германскиот канцелар Олаф Шолц повика на единство меѓу Европа и САД за одговорноста за безбедноста на Украина.
„Не смее да има поделба во однос на безбедноста и одговорноста меѓу Европа и САД“, изјави Шолц за новинарите по европскиот самит во Париз.
Тој го изјави ова откако САД се обидоа да започнат преговори со Русија без консултација со Европската унија, пренесува Ројтерс.
„НАТО се заснова на тоа секогаш да дејствуваме заедно и да споделуваме ризици, а со тоа да ја осигураме нашата безбедност. Ова не смее да се доведува во прашање“, нагласи Шолц.
Лидерите на неколку европски земји се собраа во Елисејската палата во Париз на итен Самит свикан од францускиот претседател Емануел Макрон за да се договорат за заеднички став за Украина пред администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да преземе дополнителни чекори.
Состанокот доаѓа во време кога администрацијата на Трамп остро ја критикува Европската унија и планира директно да преговара со Русија за ставање крај на војната во Украина.
На средбата присуствуваа и лидерите на Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателот на Европската комисија и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
„Целта е да се утврди што можат Европејците да направат за себе, со оглед на забрзувањето на настаните во Украина по иницијативите на претседателот Трамп“, рече советникот на Макрон.
Тој истакна дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.
Трамп неодамна телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, при што беше спомената можноста за преговори за Украина, што предизвика загриженост кај европските лидери.
Во исто време, на Минхенската безбедносна конференција, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ја критикуваше ЕУ, обвинувајќи ја за непочитување на слободата на говорот.
Тој потврди дека САД размислуваат за преговори за Украина без учество на Европејците.
Украинскиот претседател Зеленски ги повика сојузниците да останат цврсти и да спречат договор што ќе биде направен зад грбот на Украина и Европа.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека Европа, вака или онака, ќе биде дел од преговорите за Украина.
Тој, исто така, ја опиша идејата за враќање на Русија во Г7 како незамислива, реагирајќи на изјавата на Доналд Трамп за таа цел.
Министерството за здравство со превентивни мерки против ширење на грипот
![Зграда на Министерството за здравство](https://gdb.rferl.org/14a46e3e-f669-4cc2-a31b-23e65899d38d_w250_r1_s.jpg)
Се забрануваат посети на хоспитализирани пациенти за да се спречи ширење на грипот во болнички услови и строго да се почитува куќниот ред во здравствените установи, особено во однос на користењето лична заштита - носење заштитни маски, дезинфекција на раце и одржување физичка дистанца, каде е возможно.
Ова се превентивните мерки за спречување на ширење на грипот по препорака на Комисијата за заразни болести, а Министерството за здравство ги задолжува јавните здравствени установи да ги почитуиваат.
„Мерките се од исклучителна важност за здравјето на пациентите и здравствените работници, согласно актуелните епидемиолошки податоци кои укажуваат на пик на сезонскиот грип. Комисијата за заразни болести продолжува да ја следи епидемиолошката состојба во државата“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Како што е објавено на веб-страницата на Институтот за јавно здравје - Скопје, од трети до деветти февруари 2025 година во земјава се пријавени 2.880 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 5,1 отсто помалку во споредба со претходната недела.
Од пријавените, 1.552 лица се на возраст од 15-64 години, 685 кај деца на возраст од пет до 14 години, 371 кај деца на возраст од 0-4 години и 272 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.
Во Скопје се пријавени 692 заболени, во Струмица – 333, во Битола – 304, во Свети Николе – 158, во Охрид – 141, во Велес – 140, во Радовиш – 122, а во Кавадарци и во Куманово по 109 заболени.
Владата на седница ќе го разгледува предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски
![Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител](https://gdb.rferl.org/01000000-0a00-0242-5140-08dc2e1c9dba_w250_r1_s.png)
Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски утре ќе биде разгледан на седница на Влада, по што ќе се достави до Советот на јавни обвинители.
„Ќе се разгледа мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски, тоа ќе се достави до Советот на јавни обвинители. Како влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем. Довербата на граѓаните е сериозно нарушена и затоа сме силно посветени конечно да владее правото и да имаме правна држава“, информираат од прес-службата на Владата.
Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11 февруари годинава подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Република Северна Македонија.
„Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство, се вели во соопштението од министерството.
Како што велат од министерството, државниот јавен обвинител Коцевски постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година. Владата сака предвреме да биде прекинат мандатот на Коцевски, а причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.
Видео надзор не само на булеварите, туку и на игралиштата, бара Герасимовски
![Оштетено игралиште - илустрација](https://gdb.rferl.org/01000000-c0a8-0242-1208-08dbdf675dd6_w250_r1_s.jpeg)
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека на вчерашната заедничка обиколка со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски се отворила темата за поставување камери во општините за да се намали уништувањето на спортските и детските игралишта.
„Со министерот разговаравме да се разгледа можноста преку Безбеден град, покрај поставување камери на булеварите, да се постават камери на детски и спортски игралишта. За ова, дополнително ќе се разговара да се види дали има можност тоа да го преземе министерството или ние да си преземеме одредени финансиски трошоци како општини и самоиницијативно да ги поставиме тие камери на одредени локации“, рече Герасимовски во изјава за ТВ Сител.
Претходно, иницијативата на Општина Центар за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа за малолетни сторители на вандализам со цел подигнување на свеста кај младите за чување на јавното добро, беше едногласно прифатена од ЗЕЛС, асоцијација во која членуваат сите општини во државата и градот Скопје.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците.
Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку заедничка општокорисна работа.
Европските лидери пристигнаа во Париз на самитот за Украина
![Францускиот претседател Емануел Макрон се поздравува со германскиот канцелар Олаф Шолц](https://gdb.rferl.org/755ebac5-304f-4097-b6e7-1d3ac1c5f0d6_w250_r1_s.jpg)
Клучните европски лидери денеска пристигнаа во Елисејската палата во Париз на вонреден самит свикан од францускиот претседател Емануел Макрон, чија цел е да се постигне договор за координиран одговор на промената во политиката во однос на војната во Украина од страна на новиот американски претседател Доналд Трамп, пренесуваат светските агенции.
Британскиот премиер Кир Стармер и германскиот канцелар Олаф Шолц беа меѓу првите шефови на држави кои ги пречека Макрон.
На самитот ќе се разговара за војната во Украина и европската безбедност поради загриженоста на европските лидери дека Трамп би можел да ги изолира своите долгогодишни сојузници.
Специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, рече дека Европа нема да биде директно вклучена во преговорите за Украина, иако сепак ќе има „придонес“.
Претходно, францускиот претседател Емануел Макрон разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп пред почетокот на европската кризна средба за Украина во понеделник во Париз.
Елисејската палата го потврди 22-минутниот телефонски повик, но првично не даде информации за содржината. Европските лидери се состанаа во понеделникот попладне за да побараат заедничка линија за Украина наспроти позадината на евентуалното додавање на американските планови на Франција за војната во Русија.
На состанокот учествуваат и Германија, Велика Британија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска. Се очекува да учествуваат и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Администрацијата на Трамп започнува со отпуштање на персоналот за контрола на летање неколку недели по несреќата
![Спасувачки екипи долж реката Потомак во близина на националниот аеродром Реган по воздушната несреќа во близина на Вашингтон, 29 јануари 2025 година.](https://gdb.rferl.org/ca335412-c9ac-4916-85dd-07cca46dc239_w250_r1_s.jpg)
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп почна да отпушта неколку стотици вработени во Федералната управа за авијација (ФАА), само неколку недели по фаталната несреќа на 29 јануари на националниот аеродром Роналд Реган во Вашингтон.
Работниците на пробна работа беа известени преку е-пошта дека се отпуштени, изјави Дејвид Сперо, претседател на синдикатот на професионални специјалисти за безбедност на воздухопловството, пренесува Асошиетед прес.
Вработените погодени од оваа одлука се персонал ангажиран во одржување на радарски системи и навигациски помагала за ФАА, изјави контролорот на летање за Асоцијацијата на новинари.
Сперо рече дека пораките почнале да доаѓаат по 7 часот наутро во петокот.
Повеќе работници би можеле да бидат известени во текот на долгиот викенд или да им бидат забранети од зградите на ФАА во вторник, додаде тој.
Отпуштањата ја погодија Федералната управа за авијација во време кога таа се соочува со недостиг на контролори на летање.
Федералните власти со години предупредуваат за преоптоварен и недоволно персонален систем за контрола на летање, особено по серијата блиски средби меѓу авионите на американските аеродроми.
Меѓу причините за недостигот на кадар се неконкурентните услови за плати, долгото работно време, интензивната обука и задолжителното пензионирање.
Авион на „Американ ерлајнс“ со 64 патници и членови на екипажот летал од Канзас кон Вашингтон кога се судрил со воен хеликоптер „Блек Хок“, во кој се превезувале три лица.
Неколку дена пред несреќата, претседателот Доналд Трамп ги отпушти сите членови на Советодавниот одбор за безбедност на воздухопловството.
Овој комитет е одговорен за испитување на безбедносните прашања поврзани со авиокомпаниите и аеродромите.
Семејствата на израелските заложници во Газа одбележуваат 500 дена заробеништво
![Семејството на израелскиот заложник Охад Бен Ами, заробен во Појасот Газа од нападот на палестинските милитанти на 7 октомври 2023 година, додека го гледаат неговото ослободување заедно со уште двајца заложници од Хамас на ТВ на 8 февруари 2025 година во Тел Авив.](https://gdb.rferl.org/91761e3e-6cbb-4a75-955e-4d016d837b91_w250_r1_s.jpg)
Држејќи ги сликите на нивните најблиски, семејствата на израелските заложници држени во Газа во понеделникот одбележаа 500 дена заробеништво, повикувајќи ги властите да обезбедат нивно ослободување, пишува агенцијата Франс прес.
Десетици демонстранти беа видени како маршираат до резиденцијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим, извикувајќи слогани и носејќи транспаренти на кои пишува „Дома сега“, пред да се сретнат со пратениците во парламентот.
„Моите очи горат од солзите што ги пролеав во изминатите 500 дена“, рече Еинав Цангаукер, чиј син Матан е меѓу оние кои сè уште се држат во заробеништво по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа.
Обраќајќи им се на пратениците, таа ги замоли „да направат се што е можно за да ги доведат живи мојот син Матан и другите заложници дома“.
Во декември, Хамас објави видео од нејзиниот син, кој беше киднапиран заедно со неговиот партнер од нивниот дом во кибуцот Нир Оз за време на смртоносниот напад на Хамас.
Израел и Хамас ја спроведуваат првата фаза од договорот за прекин на огнот постигнат по повеќемесечно посредување на Катар, Египет и Соединетите држави.
Прекинот на огнот, кој стапи на сила на 19 јануари, во голема мера ги запре борбите во Газа и доведе до ослободување на 19 израелски заложници во замена за повеќе од 1.100 Палестинци во израелски притвор.
Севкупно, 33 израелски заложници, вклучително и осуммина кои се мртви, ќе бидат ослободени за време на тековната прва фаза од договорот во замена за 1.900 палестински затвореници.
Пратеникот Јоси Таиеб, за време на посебна парламентарна седница во понеделникот, рече: „Државата Израел мора да ги извлече од овој пекол. Тоа е наша морална должност. Нашите браќа и сестри се во заробеништво, во пеколот, веќе 500 дена. Ние мислиме на нив секој момент“.
Подоцна во понеделник, собирите по повод 500-тиот ден од заробеништвото на заложниците треба да се одржат во Ерусалим и Тел Авив.
Роднините на некои заложници се собраа во парламентот, држејќи слики од оние што сè уште се држат во Газа - 70 од 251 лице киднапирани за време на нападот во 2023 година.
Додека се читаше секое име, групата скандираше „сега“, пред да ја пее националната химна.
Израелската предизборна група Форум за заложници и исчезнати семејства ги охрабри луѓето да држат пост од 500 минути во понеделник во знак на солидарност со заложниците.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), кој ја олесни размената на заложници и затвореници, во понеделник повика сите да бидат ослободени во објава на Х.
„МКЦК останува посветена на поддршката на договорот за прекин на огнот за враќање на повеќе заложници кај нивните најблиски“, се вели во извештајот.
Шолц повика на европско единство за поддршка на Украина пред состанокот во Париз
![Олаф Шолц - германски канцелар](https://gdb.rferl.org/babcdc76-7762-48c2-8c51-27f0a40866fa_w250_r1_s.jpg)
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја повика Европа да се обедини за поддршка на Киев, неколку часа пред пристигнувањето во Париз на клучниот состанок на европските лидери, на кој ќе биде разгледан заедничкиот став за мировните преговори за Украина, јави агенцијата ДПА.
На предизборниот митинг во градот Касел во покраината Хесен, централна Германија, Шолц рече дека е важно да се направи се што е можно за да се гарантира дека Европа ќе остане силна и обединета.
„Имаме потреба од тоа поради Украина, имаме потреба од тоа за нашата сопствена безбедност“, рече Шолц, чија германска Социјалдемократска партија (СПД) заостанува во анкетите во Германија пред претстојните сојузни избори на 23 февруари.
Францускиот претседател Емануел Макрон го организира состанокот, чија цел е да го претстави европскиот план за акција по неколкудневните хаотични изјави од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
На состанокот, исто така, ќе треба да се одлучи како да се одговори на барањето на САД да се разјасни дали лидерите се подготвени да ангажираат војници за мир во случај на прекин на огнот во Украина.
Елисејската палата соопшти дека состанокот е неформален и ќе се одржи попладнево, а на него ќе присуствуваат лидерите на Германија, Велика Британија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Ја тепал и принудувал сопругата на проституција - шест лица под истрага за трговија со луѓе
![Илустрација](https://gdb.rferl.org/67E34EE9-2B9E-4BFB-B11C-356C3141B84A_w250_r1_s.jpg)
Уапсени се две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело трговија со луѓе, додека уште четири лица се под истрага за овој случај, и за нив е определена мерка притвор, која за двајца ќе почне да се применува откако ќе бидат пронајдени, информира обвинителството.
Акцијата е спроведена вчера од истражители од Истражниот центар во обвинителството и Националната единица за борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе при МВР под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Како што информира денеска Републичкото јавно обвинителство, предметот бил оформен во ОЈО Тетово во ноември минатата година, кога на првоосомничениот му била изречена мерка притвор поради семејно насилство, а по преземените дејствија е утврдено дека станува збор за кривично дело трговија со луѓе.
По ова тој е препратен на надлежност во Основното јавно обвинителство. Врз основа на сознанијата и обезбедените докази донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против шестмина осомничени за кривично дело трговија со луѓе.
„Првоосомничениот во текот на деветгодишна брачна заедница со жртвата, ја злоупотребил својата положба и со својата сопруга постапувал на особено понижувачки и суров начин, воспоставувајќи целосна контрола врз неа. Тој, со употреба на сила и сериозна закана, извршувал физичко и психичко насилство над неа, континуирано нанесувајќи ѝ телесни повреди и заканувајќи се по нејзиниот живот и животите на членовите на нејзиното семејство, по што започнал да ја принудува на сексуална експлоатација по пат на проституција заради стекнување на парична корист и наркотична дрога. Претставувајќи ја како своја пријателка, во периодот од септември 2023 година до 20 ноември 2024 година, во повеќе наврати ја принудил својата сопруга да дава сексуални услуги во угостителски објекти во Тетово и Гостивар, во нивниот семеен дом, како и во семејните куќи на корисниците на сексуалните услуги“, информираат од Обвинителството.
Тој стапувал во контакт со останатите осомничени – корисници на услугите, го договарал местото, како и надокнадата која била во пари или соодветна грамажа на наркотична дрога – кокаин. Додека жртвата била со корисниците, првоосомничениот имал целосна контрола, следејќи ја понекогаш и преку видео повик, а потоа откако ќе му ги дадела парите или дрогата, ја претепувал, ја горел со цигари и ѝ нанесувал тешки повреди од кои со денови се опоравувала.
За кривичното дело што му се става на товар на првообвинетиот, согласно Кривичниот законик запретена е казна затвор во траење од најмалку четири години, додека за корисниците на сексусалните услуги е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.
Зеленски: Украина нема да ги признае американско-руските преговори во Саудиска Арабија
![Претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан (десно во средината) со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Абу Даби на 17 февруари.](https://gdb.rferl.org/52f7023e-90a7-4d73-9e06-694f2b0b37d4_w250_r1_s.jpg)
Украина нема да учествува на претстојните разговори меѓу американските и руските претставници во Саудиска Арабија, изјави претседателот Володимир Зеленски за новинарите во Абу Даби, каде што престојува како дел од турнејата на Блискиот Исток, која ги вклучува и Саудиска Арабија и Турција.
Зеленски рече дека Украина не била информирана за американско-руските разговори во Саудиска Арабија и верува дека какви било преговори за Украина без Украина нема да дадат резултати.
„Не можеме да признаеме никакви договори за нас без нас“, им рече Зеленски на новинарите во главниот град на Обединетите Арапски Емирати.
„И ние нема да признаеме такви договори“, додаде тој.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков ќе отпатуваат во Саудиска Арабија на разговори со нивните американски колеги, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Средбата во саудиската престолнина Ријад закажана за 18 февруари ќе се фокусира на обновувањето на односите меѓу Москва и Вашингтон, изјави Песков за новинарите.
Соединетите Држави ќе ги претставуваат државниот секретар Марко Рубио, кој веќе е во Ријад, советникот за национална безбедност Мајк Валц и специјалниот пратеник Стив Виткоф, потврди Стејт департментот.
Говорејќи на прес-конференцијата во Москва со неговиот српски колега пред американско-руските разговори во Саудиска Арабија на 18 февруари, Лавров рече дека Европа веќе имала неколку можности да се вклучи во решавањето на украинското прашање и дека не знае како европските држави би можеле да придонесат доколку бидат поканети на преговарачка маса со оглед на тоа што европските политичари сакаат војната да продолжи.
Иако меѓу европските политичари има различни мислења за Украина, повеќето се согласуваат дека сакаат „праведен и траен мир“ што ќе се постигне со Украина на маса.
Американскиот претседател Доналд Трамп инсистираше на тоа дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „ќе биде вклучен“ во какви било мировни разговори за ставање крај на руската војна, истовремено велејќи дека може да се сретне со лидерот на Кремљ, Владимир Путин „многу наскоро“.
Трамп, во одделни изјави за новинарите на 16 февруари, не ги елаборираше деталите.
„Нема одредено време, но тоа би можело да биде многу наскоро“, им рече Трамп на новинарите на прашањето за потенцијален состанок со Путин, најверојатно во Саудиска Арабија.
„Мислам дека тој сака да ја заврши (војната) и тие сакаат брзо да ја завршат. И двајцата“, рече тој.
Подоцна, на тркачката патека во Флорида - каде Трамп го гледаше Дејтон 500 - тој им рече на новинарите дека Зеленски „ќе биде вклучен“ во мировните преговори поради некои стравувања дека Вашингтон ќе склучи договор со Русија што може да ги заобиколи Киев и Европа.
Блумберг, повикувајќи се на неименувани официјални лица, на 16 февруари објави дека Трамп сака да обезбеди примирје до Велигден, кој паѓа на 20 април оваа година, и за западната и за православната црква.
Коментарите дојдоа додека клучните американски лидери се подготвуваа за разговори со Русија во Саудиска Арабија во наредните денови, предводени од државниот секретар Марко Рубио.
Ќе учествуваат и преговарачот за Блискиот Исток Стив Виткоф и советникот за национална безбедност Мајк Валц, соопшти Белата куќа.
Во изјава за Си-Би-Ес, Рубио, кој пристигна во Израел на 15 февруари по посетата на Минхенската безбедносна конференција, рече дека наредните денови ќе одредат дали Путин е сериозен за мирот во Украина.
До почетокот на 17 февруари, прашањето кој ќе биде вклучен во разговорите во Саудиска Арабија или кога тие би можеле да се одржат остана нејасно.
Кит Келог, специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, предизвика контроверзии кога рече дека Европа можеби нема да биде „на маса“ доколку САД посредуваат во преговорите за ставање крај на руската војна против Украина.
Ова ги зголеми стравувањата во ЕУ и во Киев дека тие би можеле да бидат исклучени од одлуките во врска со потенцијалниот договор.
Сепак, Келог рече дека Европа нема да биде исклучена од процесот на донесување одлуки - дури и ако не е „на маса“ - и дека Украина ќе има свое место во преговорите, иако Киев рече дека не била поканета на разговорите во Саудиска Арабија.
Зеленски пристигна на Блискиот Исток на 16 февруари, но Киев рече дека неговата посета на Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Турција има за цел зајакнување на економските врски и дека нема планови за средби со американски или руски претставници.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете