Достапни линкови

Вести

Северна Македонија го одби барањето на Украина за донација на воена опрема

Славјанка Петровска, министерка за одбрана на РСМ
Славјанка Петровска, министерка за одбрана на РСМ

Пред еден месец пристигнало барање од Украина за нова воена помош од Северна Македонија, но тоа е одбиено.

“Овојпат не сме во можност да одговориме позитивно на новото барање на Украина за донација на воена опрема од Северна Македонија“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на годишниот брифинг со новинарите.

Таа додаде дека опремата која ја побарала Украина и е потребна и се користи во Северна Македонија.

Министерката сепак додаде дека има подготвеност за нова обука на украински војници на македонска територија.

„Засега Република Северна Македонија, армијата и министерството остануваат отворени, доколку во иднина се појави потреба од дополнителна обука на дополнителен број нивни припадници. Но, во овој момент немаме најава, односно немаме конкретно побарување за колкав број припадници на украинската војска и каков вид обука ќе бидат извршени“, рече Петровска.

Претходно два пати имаше позитивни одговори на барањата од Украина. Тогаш, министерката за одбрана кажа дека земјава и донирала авиони и тенкови на Украина за да се одбрани од руската инвазија.

Според податоците на македонското Министерство за одбрана, целото донирано вооружување за одбрана на Украина од руската агресија чини меѓу 24 и 30 милиони евра.

Северна Македонија ѝ донираше на Украина 12 хеликоптери Ми-24. Овие хеликоптери со години не беа во функција.

Исто така, земјава на Украина ѝ донираше тенкови од советско производство Т-72 и воени авиони Су-25.

По руската инвазија врз Украина, која почна на 24 февруари 2022 година, Западот и помага на Украина да се одбрани и испраќа разни видови оружје, како и други видови на помош. Источните членки на НАТО, во најголема мера Полска и Чешка, испратија голем број тенкови од советско производство, со кои украинските војници се запознаени.

Испратени се и десетици хеликоптери, но европските држави во голема мера се скептични во однос на испраќањето воени авиони во Украина. Дел од нив бараат тоа да биде координирана акција со НАТО, а други велат дека авионите им требаат за одржувањето на сопствената безбедност.

види ги сите денешни вести

Претседателката на Молдавија договори дебата со ривалот пред вториот круг од гласањето

Претседателката на Молдавија Маја Санду и прорускиот претседателски кандидат Александр Стојаногло.
Претседателката на Молдавија Маја Санду и прорускиот претседателски кандидат Александр Стојаногло.

Актуелната молдавска претседателка Маја Санду и кандидатот поддржан од Русија Александр Стојаногло се договорија да одржат јавна изборна дебата на 27 октомври пред вториот круг од претседателските избори на 3 ноември, објавија нивните предизборни тимови.

Проевропската политичарка Санду победи во првиот круг одржан на 20 октомври со 42,49 отсто од гласовите, додека социјалистот Стојаногло освои 25,9 отсто, покажаа конечните резултати, по кампањата која беше одбележана со обвинувања за купување гласови, како и со активности за манипулации и дезинформации оркестрирани од Русија.

На третото место во првиот круг заврши бизнисменот Ренато Усати, поранешен градоначалник на вториот по големина град во Молдавија, Балтија, со 13,79 отсто од гласовите.

Истовремено со првиот круг од претседателските избори се одржа и референдум за интеграција на Молдавија во Европската унија. Тој помина со тесна разлика – 50,38 отсто гласаа „за“ и покрај тоа што противниците првично беа во водство.

Иако референдумот нема правно влијание врз преговорите на Молдавија со Брисел, многу тесната маргина на одобрување на интеграцијата во ЕУ беше изненадување за многу набљудувачи кои очекуваа порешително гласање во корист на патот на поранешната советска република кон ЕУ.

Многу набљудувачи ги сметаа двојното гласање во Молдавија како клучно во одлучувањето за насоката во која ќе се движи земјата – ќе има поблиски врски со Европа или ќе остане во сенка на Русија.

Некои експерти го гледаа резултатот како неуспех за Санду, која се залагаше за силна проевропска ориентација со цел да ги зголеми своите шанси за втор четиригодишен мандат.

Телевизиската дебата, која ќе се одржи во Палатата на Републиката во главниот град Кишињев, ќе и даде шанса на Санду која е школувана во САД, да ја зајакне својата прозападна порака до молдавските гласачи за време на соочувањето со Стојаногло, поранешен државен обвинител кој се соочува со обвиненија за корупција.

Веројатно дебата ќе биде и место каде таа ќе ја елаборира нејзината изјава во изборната ноќ дека гласањето било под „невиден“ напад на „криминални групи“, кои се обиделе да купат дури 300.000 гласови со десетици милиони евра.

Русија, која беше обвинета од западните партнери на Молдавија за тешко мешање во изборниот процес пред изборите, ги отфрли обвинувањата, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ја повика Санду да приложи докази за да ги оправда нејзините наводи за купување гласови.

Министерството за животна средина ќе префрли 400.000 евра за чистење на линданот од ОХИС

Чистење на линданот од ОХИС (фотоархива)
Чистење на линданот од ОХИС (фотоархива)

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе префрли 24.453.000 денари (околу 400.000 евра) за чистење на линданот и контаминираната почва од кругот на поранешната фабрика ОХИС.

Одлуката била донесена на вчерашната седница на Владата, а парите ќе се префрлат на наменската сметка на Мултипартнерскиот фонд за животна средина.

„Со ова, нашата држава ги исполнува обврските за обезбедување средства на годишно ниво, согласно одлуката на Владата од 2013, на која се обврза дека со постепено одвојување средства ќе го поддржи елиминирањето на контаминираниот материјал од кругот на ОХИС“, наведуваат од Министерството за животна средина.

Меѓутоа, како што пишуваше Радио Слободна Европа, за да се исчисти само малата депонија од ОХИС недостигаат уште седум милиони евра, за што надлежните очекуваат дека ќе успеат да соберат и пари од донатори.

„За таа цел ќе треба да се мобилизираат средства и од сопствени, но и од нови извори на финансирање. Се очекува дека согласно договорот кој го потпиша УНОПС со Владата на РСМ, тој ќе обезбеди дополнителни средства од други извори на финансирање, бидејќи една од нивните задачи е и мобилизирање на средства“, рекоа од Министерството за животна средина за РСЕ.

Според последните податоци од Министерството, досега се исчистени речиси 2.000 тони линдан и безмалку 600 тони контаминирана почва само од малата депонија.

Во кругот на поранешниот хемиски гигант ОХИС има и голема депонија за која првичните претпоставки беа дека има 50 илјади тони линдан. Ваков отпад има и на месноста Пеленица во скопско Драчево, каде, исто така, се фрлал линдан, а за каде истражувањата покажаа дека тлеат 40 илјади тони контаминирана почва.

Но, како и кога тие ќе се исчистат ќе се знае откако прво ќе се исчисти малата депонија.

Поранешниот албански претседател Илир Мета се појави пред Специјалниот суд

Илир Мета во придружба на полицијата во Тирана, 21 октомври 2024 г.
Илир Мета во придружба на полицијата во Тирана, 21 октомври 2024 г.

Поранешниот албански претседател Илир Мета се појави во Специјалниот антикорупциски суд (СПАК) денеска утрото (23 октомври), два дена откако беше приведен под обвинение за корупција.

На рочиштето тој ќе биде запознаен со мерката притвор која му е определена за обезбедување на неговото присуство, а неговиот адвокат ќе ги изнесе своите аргументи против ваквата одлука.

Специјалното обвинителство соопшти дека поранешниот претседател Мета и неговата сопруга Моника Криемади „во меѓусебна соработка, но и со други јавни функционери, биле вмешани во корупција, перење пари и прикривање на богатството“.

И за Креимади, со која Мета е во процес на развод, ќе се одржи рочиште на кое обвинителите и одбраната ќе ги соочат аргументите за и против мерките што беа определени за неа.

Во судот денеска утрото пристигна и Пиро Ксиџо, поранешниот прв човек на Агенцијата за електронски и поштенски комуникации (АКЕП), заедно со уште едно лице кое е опфатено со истрагата.

СПАК нагласи дека Мета и неговата сопруга Моника Криемади „меѓу себе, но и со други јавни функционери, учествувале во извршување на повеќе кривични дела“.

Во 2019 против Мета беше покрената истрага поврзана со аферата за приватизацијата на албанската Електродистрибуција и со наплата на преостанатите долгови.

Три години подоцна, беше отворен уште еден случај, оформен по жалба за непријавени плаќања од партијата на Мета во вредност од илјадници евра кои биле потрошени за лобирање во САД.

Двата случаи, во 2024 година беа споени во еден.

Истрагата е во тек и обвинителството работи на собирање докази и разоткривање вмешаност на други лица во овие активности.

СПАК на 21 октомври се заблагодари на соработката од органите на прогонот на САД, Австрија, Италија, Сан Марино, Кипар и државната полиција.

За случајот се огласија и од американскиот Стејт департмент порачувајќи дека ги поддржуваат напорите на СПАК во борбата против корупцијата во Албанија.

„Свесни сме за апсењето. Ве упатуваме до албанските власти за дополнителни детали за случајот. САД го поддржуваат напредокот на Албанија кон владеењето на правото, вклучително и напорите на СПАК да гони корупцијата на високо ниво и организираниот криминал во согласност со законот“, изјави од Стејт департментот на барањето за коментар за апсењето на Мета од Гласот на Америка.

Илир Мета беше претседател на Албанија од 2017 до 2022 година. Покрај функцијата претседател, Мета беше и премиер, претседател на Собранието, министер за надворешни работи и министер за економија.

Изборниот штаб на Трамп ги обвини британските лабуристи за „мешање“ во изборите

Доналд Трамп.
Доналд Трамп.

Кампањата на Доналд Трамп ја обвини Лабуристичката партија на британскиот премиер Кир Стармер за „еклатантно странско мешање“ во претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД).

Ова следува откако волонтери од редовите на лабуристите отпатуваа во САД за да помогнат во кампањата за Камала Харис.

Од штабот на Трамп во реакцијата се повикуваат на медиумските извештаи и сега веќе избришаната објава на Линкдин од Софија Пател, шефица за оперативните активности во Лабуристичката партијата. Во објавата таа напиша дека „речиси 100“ сегашни и поранешни вработени во Лабуристичката партија ќе патуваат во САД во следните недели за да помогнат за победа на Харис на претстојните избори.

„Оние кои бараат странско мешање во нашите избори не треба да гледаат подалеку од објавата на Линкдин. Мешањето се гледа јавно“, се вели во реакцијата од штабот на Трамп.

Левичарската Лабуристичка партија, која ги гледа американските демократи како своја сестринска партија, во Велика Британија дојде на власт во јули. Премиерот Стармер оттогаш се обиде да изгради врски со Трамп, состанувајќи се со него во неговата кула „Трамп“ за време на посетата на Њујорк во септември.

Сега, пред новинарите тој изјави дека не очекува реакцијата од изборниот штаб на републиканците да ги заостри односите со Трамп доколку тој победи на изборите на 5 ноември. Стармер додаде и оти волонтери од Лабуристичката партија патуваат во САД речиси за сите изборни циклуси.

„Тоа го прават во слободно време, го прават тоа како волонтери“, рече британскиот премиер.

Сиљановска Давкова помилува десет осуденици

Одлуката за помилување на претседателката е објавена во Службен весник на 22 октомври.
Одлуката за помилување на претседателката е објавена во Службен весник на 22 октомври.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова помилуваше десет осуденици од кои на тројца извршувањето на затворската казна им се заменува со условна додека на останатите седуммина со одлуката им се скратува времетраењето на казната.

Нејзината одлука е објавена во Службен весник на 22 октомври, каде не се наведени информациите за кривичните дела.

Меѓу помилуваните има и лица кои беа осудени во познати случаи во јавноста. Еден од нив е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кому претседателката му скрати една година од затворската казна од која му остануваат за извршување уште околу три години.

Талески беше осуден на седум години затвор во предметот „Транспортер“ покренат од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) кое го гонеше за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола.

Делумно помилување со три месеци помала казна доби и Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“.

Меѓу делумно ослободените се и лицата: Мухарем Али од Скопје, Тодор Попов од село Миравци, Томислав Симонов од Скопје, Перо Кузмановски од Градско и Живко Делиџаков. Тие добија намалување на затворските казни по два односни три месеци.

Извршувањето на затворската казна, според одлуката за помилување, пак, се заменува со условна осуда на: Акиф Равмановски од село Арачиново, Никола Трпчески од Охрид и Шенол Маслани од Арачиново.

Дел од медиумите јавија дека едно од помилуваните лица е член на наркокартелот „Барон“, а опозицискиот СДСМ реагираше дека помилувањето на вакво лице е најшокантно од целата листа.

„Со овие скандалозни одлуки Давкова застана во заштита на криминалците и нарко клановите. Ова е погазување на правото и правната држава. Ова е силен удар врз безбедноста на граѓаните и врз работата на полицијата и надлежните институции“, изјави портпаролката на СДСМ Боданка Кузеска.

Одлуките за помилување на осуденици, претседателот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.

Сиљановска Давкова, која функцијата ја презеде во мај, нови членови на оваа Комисија именуваше на крајот на јули годинава.

Главниот обвинител на Украина поднесе оставка поради истрага за корупција

Главниот обвинител на Украина, Андриј Костин, (фотоархива).
Главниот обвинител на Украина, Андриј Костин, (фотоархива).

Главниот обвинител на Украина, Андриј Костин, поднесе оставка поради истрагата која покажа дека десетици владини функционери ја избегнуваат воената служба барајќи да добијат бенефиции за инвалидитет.

Мобилизацијата е многу чувствително прашање во Украина каде број војници е намален по повеќе од две и пол години борба против руската инвазија.

Костин ја објави својата оставка на 22 октомври преку платформата Телеграм по состанокот на Советот за национална безбедност на Украина на кој присуствуваше и претседателот Володимир Зеленски, кој рече дека обвинителот „треба да преземе политичка одговорност“ за ситуацијата.

„Верувам дека ставот на претседателот Зеленски е апсолутно точен … Мислам дека е коректно да поднесам оставка од функцијата главен обвинител“, рече Костин на Телеграм.

Претходно овој месец, истражителите открија и дека голем број јавни обвинители во западниот регион Хмелницки лажно добиле документи за попреченост поради што добиле посебни бенефиции.

Истрагата за ова прашање е во тек и во други делови на Украина.

Томас Вајц е новиот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија

Томас Вајц е австриски еколошки земјоделец, шумар и политичар од Партијата на зелените. Белград, 25 август 2021 година.
Томас Вајц е австриски еколошки земјоделец, шумар и политичар од Партијата на зелените. Белград, 25 август 2021 година.

Австрискиот европратеник Томас Вајц е именуван за нов известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија. Вајц, кој доаѓа од Европските зелени, бил и копретседавач на Европската зелена партија.

Во февруари 2017 година, Вајц беше номиниран за член на одборот на Европската зелена партија и беше избран во март 2017 на конгресот на Глобалните зелени и Европските зелени во 2017 година во Ливерпул, како единствен австриски член на одборот на Европската зелена партија.

На оваа позиција тој е одговорен, меѓудругото, за соработка со Зелените партии во Чешка, Словенија, Полска, Унгарија и Албанија и го поддржува развојот на зелени партии во Северна Македонија, Хрватска, Црна Гора и Србија. Во јуни 2022 година тој беше реизбран на 35-от Совет на Европската зелена партија за копретседавач на ЕГП заедно со француската сенаторка Мелани Вогел од француската Европска екологија – Зелени.

На неговиот профил на социјалната мрежа „Х“, меѓу другото, пишува дека се залага за проширување на ЕУ, со фокус на Западен Балкан.

Повеќето политички групи во Европскиот парламент номинираа свои членови за позициите известувачи за земјите од Западен Балкан.

Тонино Пицула од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) ќе биде известувач за Србија, додека Андреас Шајдер од истата партија ќе биде известувач за Албанија. Словенечкиот европратеник Марјан Шарец од Renew Europe ќе биде известувач за Црна Гора.

Европската народна партија (ЕПП) ги доби позициите за известувачи за Косово и Босна и Херцеговина.

Урсула фон дер Лајен в четврток во посета на Северна Македонија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на официјалната посета на Северна Македонија - Скопје, 30.10.2023
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на официјалната посета на Северна Македонија - Скопје, 30.10.2023

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, утре ќе започне четиридневна посета на Западен Балкан, каде ќе се сретне со лидерите на Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора. Ова ќе биде повод да се разговара за напредокот на нашите партнери од Западен Балкан на патот кон ЕУ, како и за Планот за раст на ЕУ од 6 милијарди евра.

Во четврток, по посетата на Тирана, претседателката ќе допатува во Скопје, каде ќе се сретне со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Силјановска-Давкова.

Претседателката Фон дер Лајен и премиерот Мицкоски ќе одржат прес-конференција во владиниот медиумски центар. За време на прес-конференцијата претседателката и премиерот ќе имаат свои обраќања и ќе одговараат на новинарски прашања во формат 2+2.

Подоцна во текот на денот, претседателката Фон дер Лајен ќе го продолжи патувањето во Босна и Херцеговина.

Овогодинешната посета на Западен Балкан доаѓа во време кога проширувањето е на врвот на агендата на ЕУ, што беше потврдено од претседателката Фон дер Лајен во неколку наврати, вклучително и неодамна на Самитот на Берлинскиот процес и на Бледскиот стратешки форум.

Од СВР Скопје информираат дека во четврток поради официјална посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во главниот град ќе има мерки за посебен режим на сообраќајот на поширокото централно подрачје на град Скопје.

Полска го затвора рускиот конзулат во Познањ

Руска амбасада во Варшава, 5 февруари 2021 година
Руска амбасада во Варшава, 5 февруари 2021 година

Полска ќе го затвори рускиот конзулат во градот Познан поради сомнителни обиди за руска саботажа, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.

Москва најави дека ќе одговори на оваа одлука, пренесе руската новинска агенција РИА.

Одлуката за затворање на рускиот конзулат во Полска дојде по судењето во кое 51-годишен украински државјанин беше обвинет дека планирал да запали фабрика за бои во западниот град Вроцлав.

Сикорски рече дека „судот утврдил дека постојат силни докази за обид за саботажа и дека зад таа саботажа стои странска разузнавачка служба“.

Тој рече дека има информации кои сугерираат дека Руската Федерација е одговорна за обидите за саботажа, и во Полска и во сојузничките земји.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова го нарече овој потег „уште еден непријателски чекор“ и вети „болна“ реакција.

Западните власти веруваат дека оперативците платени од Русија се одговорни за низа злосторства низ Европа, вклучувајќи провални кражби и подметнати пожари на фабрики и клучна инфраструктура.

Од друга страна, Русија континуирано негира каква било вмешаност.

Русија го повика германскиот амбасадор да разговара за базата на НАТО на Балтичкото Море

Руско знаме (илустрација)
Руско знаме (илустрација)

Руските власти го повика на средба германскиот амбасадор во Москва во знак на протест поради отворањето на нова база на НАТО во Балтичкото Море, чија цел е да ги координира силите на земјите-членки на зоната во близина на Русија.

„Амбасадорот на Германија во Москва е повикан во руското Министерство за надворешни работи и му е упатен силен протест“, се вели во соопштението на руската дипломатија.

„Вашингтон, Брисел и Берлин мора да знаат дека проширувањето на воената инфраструктура на НАТО на територијата на поранешна Источна Германија ќе има најнегативни последици и нема да остане без одговор“, се додава во соопштението.

Според Москва, ваквиот пристап на германските власти „е продолжение на тивката ревизија на резултатите од Втората светска војна и милитаризацијата на земјата“.

Руските власти изјавија дека се прекршени одредбите од Московскиот договор од 1990 година, со кој се воспоставува меѓународниот статус на Германија по нејзиното повторно обединување и се забранува стационирање и распоредување на странски сили на територијата на поранешна ГДР.

„Побаравме итни и детални објаснувања од Берлин за отворањето на овој штаб на НАТО“, соопшти руското Министерство.

Германија ги отфрли руските тврдења дека новоотворениот команден центар на морнарицата го прекршува договорот од 1990 година.

Кога руската страна го повика германскиот амбасадор во врска со овој центар, „тој многу јасно негираше дека договорот е прекршен“, изјави портпаролот на германското Министерство за надворешни работи.

Според германската војска, базата, која се наоѓа во градот Росток на Балтичкото Море, ќе има за цел да ги „координира поморските активности“ и да обезбеди на Алијансата „актуелна слика за поморската ситуација“ во областа.

Исто така, има за цел да ги брани интересите на земјите-членки на Алијансата од „агресивните дејствија, особено поради близината на Русија“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG