Достапни линкови

Хаос за лични документи само во Скопје, налепници со „НМК“ уште нема


Редици за издавање на лични документи пред полициската станица „Пролет“ во Кисела Вода
Редици за издавање на лични документи пред полициската станица „Пролет“ во Кисела Вода

Налепниците со ознака „НМК“ како алтернатива за промена на регистарските таблички, се уште не се издаваат, се утврдува цена. Нов пункт без закажување нема да се отвора, продолжуваат турканиците пред „Пролет“, но и за подигање на новите документи. Досега издадени милион пасоши со Северна Македонија.

Редици граѓани од раните утрински часови нервозно чекаат за промена на личните документи на единствениот пункт во главниот град во полициската станица „Пролет“ во Општина Кисела Вода, каде оваа услуга можете да ја добиете и без закажан термин.

Доколку пак сега се јавите да закажете термин за промена на патната исправа, личната карта и возачката дозвола со новото уставно име на државата - „Република Северна Македонија“, првиот слободен термин ќе го добиете дури на лето, па поради ова голем број граѓани од Скопје брзаат да фатат ред на овој пункт, а таму се создаваат огромни гужви.

„Дојдов рано наутро, некаде пред 8 часот, но кога видов колку луѓе има се исплашив, па отидов до полициската станица „БЕКО“ за да ги земам документите што треба да се пополнат за да поднесам за промена на личната карта. Овде сите брзаат, јас сум стара, не гледам добро, не можам толку брзо да пополнам, па знам дека сите ќе викаат по мене. Еве сега се вратив, има уште поголема гужва, но ќе почекам немам друг избор“, раскажува за РСЕ Стојка Митрева, повозрасна граѓанка од Скопје, која беше една од многуте кои ги затекнавме како со часови чекаат пред пунктот.

Редицa пред полициска станица „Пролет“ во Кисела Вода
Редицa пред полициска станица „Пролет“ во Кисела Вода

Редот оди бавно, а доколку за момент се оддалечите, веднаш ќе ви го земат и потоа морате да се вратите назад.

„Ми ѕвонеше телефонот, за кратко се тргнав на страна, веднаш уште десетици луѓе застанаа на моето место. Со народ не можеш да се разбереш. Не можеме да дојдеме на ред ниту да земеме листови за пополнување, а камоли пак да се сликаме“, вели друг граѓанин со кој разговаравме.

Во Скопје друг ваков пункт нема, а овде во полициската станица „Пролет“ се работи и за викенди и за празници, со цел сите граѓани да бидат опслужени, но гужвите не се намалуваат.

Редици во полициска станица „Пролет“ во Кисела Вода
Редици во полициска станица „Пролет“ во Кисела Вода

Сите лични документи со новото уставно име на државата, обврска што потекнува од Преспанскиот договор од 2017 година, најпрво требаше да бидат променети до 12 февруари 2024 година, но бидејќи целиот процес одеше бавно, потоа од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека промената ќе може да се изврши и по изминувањето на овој првично утврден рок.

МВР: Досега се променети над милион пасоши и речиси милион лични карти

Покрај големите гужви кои настанаа поради промената на документите, од МВР велат интензивно се наработи за сите оние кои имаат претходно закажан термин да бидат услужени и да ги примаат нивните барања за лични документи.

На нашето прашање за тоа колку лични документи досега се променети, од МВР одговорија дека со новото уставно име, заклучно со 25 декември, променети се 1.151.628 патни исправи, 993.966 лични карти, како и 525.225 возачки дозволи.

Најголем дел од граѓаните кои допрва треба да ги променат личните документи се токму од Скопје, додека 80 отсто од граѓаните во внатрешноста веќе завршиле со оваа обврска, изјави министерот Оливер Спасовски, кон средината на минатиот месец, кој изрази надеж дека во наредните два месеци ќе се заврши овој процес.

Токму поради тоа што во Скопје најголем број граѓани се уште не ја извршиле промената, како и фактот дека тешко се доаѓа до редовен термин, упативме прашање до МВР дали се размислува за отворање на нов пункт без закажување. Но оттаму велат дека со полн капацитет се работи на единствениот достапен пункт без термини.

Не постои ни опција граѓани од Скопје да можат во соседните градови да ги променат личните документи за овде да не чекаат со часови.

„Во сите градови прием на барањата се врши ден за ден, а во Скопје без закажување на термин граѓаните можат да се фотографираат за нови лични документи само во пунктот во Пролет. Поднесување на барање за лични документи согласно законските решенија, се врши по место на живеење. Доколку лицето е со регулирано живеалиште во Скопје не може да се слика во друг град“, велат од МВР.

Оттаму истакнуваат и дека повозрасните граѓани кои поради болест не можат со часови да чекаат на пунктовите или не можат да дојдат до редовен термин, како и за немоќните и лицата со попреченост, постојат мобилни екипи на МВР кои постојано им помагаат.

„За сите овие категории на граѓани, МВР има мобилна екипа која оди во нивниот дом да изврши фотографирање, по претходно доставена лекарска документација“, велат од МВР.

Голготата продолжува и при подигање на личните документи

Доколку сте од Скопје и со часови сте чекале ред за да поднесете барање за промена на личните документи, подгответе се за ново измачување, бидејќи во зградата на Македонската радио телевизија (МРТ), каде треба да ги подигнете личните документи, ќе се соочите со ново повеќечасовно чекање.

Сефер од Скопје, беше еден од многумината кои ги затекнавме на скалите во зградата на МРТ, кога стрелките на часовникот покажуваа 30 минути по пладне, а тој чекал од 11 часот.

Редици во полициска станица „Пролет“ во Кисела Вода
Редици во полициска станица „Пролет“ во Кисела Вода

„Влезе една група и се задржа доста време. Кога излегоа ни кажаа дека на повеќето документите им биле изгубени, па им требало време да им ги најдат“, вели Сефер, кој немаше надеж дека набргу ќе успее да дојде на ред.

„Ако редот оди вака бавно, ќе чекам уште 2-3 саати. Ќе чекаме, мора да ни ги дадат, идат избори, тогаш на сите ќе ни ги дадат документите“, додава Сефер.

Редици за подигање на лични документи во зградата на МРТВ
Редици за подигање на лични документи во зградата на МРТВ

Налепниците со ознака „НМК“ се уште не се издаваат

Покрај промената на личните документи која е на товар на граѓаните, за да не се прави дополнителен трошок и за промена на регистарските таблички, услуга која чини 1.250 денари, МВР во мај годинава соопшти дека наместо нови регистарски таблички ќе се издаваат налепници со ознака „НМК“, а ќе се продаваат по симболична цена.

Меѓутоа, до денеска тие се уште не се издаваат, велат од АМСМ. Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека деновиве треба да се утврди точната цена за овие налепници, па дури потоа да се пуштат во оптек, но не одговорија прецизно кога тоа ќе се случи.

„Се уште се договара околу цената и затоа се уште не е започнато издавањето на овие налепници. Деновиве треба да се донесе правилник и кога тој правилник ќе биде донесен, веднаш ќе започнат и да се делат овие налепници со ознаката „НМК“, велат од МВР, од каде додаваат дека тоа ќе биде по симболична цена како што и беше најавено, а истите ќе можат да се подигнат на станиците за технички преглед.

Рокот за промена на таблиците исто така беше 12 февруари, но иако налепниците ќе може да се подигнат и по тој рок, сепак доколку граѓаните тоа не го направат до 12 февруари, ќе значи дека веќе од 13-ти февруари нема да може да ја напуштат државата со старите таблици со ознака „МК“.

Инаку, за потсетување, промената на сите документи за едно четиричлено семејство со двајца возрасни и две малолетни деца чини околу 180 евра. Согласно покачените цени, пасошите чинат 600 денари повеќе за возрасните граѓани над 27 години, што значи дека за еден пасош ќе треба да се плати 2.300 денари. Освен пасош, со покачени цени, треба да се платат и по 310 денари за лична карта, 520 денари за една возачка дозвола и 250 денари за сообраќајна дозвола.

Цените на пасошите за деца до 4 години се исти - 1600 денари, а за децата од 4 до 18 години, цената е 1700 денари.

 Летните гужви за менување на лични документи ќе траат до зима
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:23 0:00

И покрај тоа што се предвидуваа казни за оние кои до 12 февруари следната година нема да успеат да ја променат личната карта, пасошот или возачката дозвола, сепак министерот за внатрешни работиОливер Спасовски во повеќе наврати рече дека тоа нема да се случи, односно потенцираше дека целта е да се остварат граѓанските обврски и дека од тоа нема да има последици по никого.

XS
SM
MD
LG