Достапни линкови

Пукање на Филозофскиот факултет во Прага: 14 загинати и 25 повредени


Полиција го обезбедува секој пристап до Универзитетот Карлов во центарот на Прага, каде се случи пукањето, 21.12.2023
Полиција го обезбедува секој пристап до Универзитетот Карлов во центарот на Прага, каде се случи пукањето, 21.12.2023

Бохуслав Свобода, градоначалникот на Прага, соопшти дека е „потполно шокиран со она што се случило на Филозофскиот факултет во Прага“

Вооружен напаѓач уби 14 луѓе и рани десетици други на филозофскиот факултет на Карловиот Универзитет во центарот на Прага, изјавија за новинарите чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракусан и началникот на полицијата Мартин Вондрашек на 21 декември, опишувајќи го настанот како „длабока“ трагедија која „ќе има многу последици“.

„Чешка никогаш не доживеала таков чин“, рече Ракусан, додавајќи дека нема индикации дека пукањето имало каква било поврзаност со меѓународниот тероризам.

Полицијата првично соопшти дека загинале повеќе од 15 луѓе, но Вондрашек подоцна појасни дека има 14 жртви, додека 25 лица се ранети, од кои 10 тешко. Не беше јасно дали најновото ажурирање на бројот на загинати го вклучува и напаѓачот.

Вондрашек рече дека напаѓачот најверојатно се самоубил, но истакна дека полицијата употребила огнено оружје против него, па истрагата е во тек за да се открие што точно ја предизвикало смртта на пукачот.

Прелиминарните истраги велат дека напаѓачот бил 24-годишен студент на Универзитетот.

Вондрашек рече дека полицијата верува дека напаѓачот го убил својот татко во неговиот роден град Хостун западно од Прага порано истиот ден, и дека тој исто така планирал да се самоубие. Шефот на полицијата го опиша осомничениот како одличен ученик, но не даде други информации.

„Пред малку бев на местото на страотното злосторство, видов огромен арсенал оружје и муниција во зградата на факултетот“, изјави началникот на полицијата.

„Да не беше брзата интервенција на полицијата, ќе имаше многукратно повеќе жртви“, додаде тој.

Тој истакна и дека полицијата истражува дали овој напаѓач, легален сопственик на пиштол, е истиот напаѓач кој на 15 декември во парк во Прага уби 32-годишен маж и неговата ќерка која имала само два месеци.

Чешките медиуми објавија дека напаѓачот пред пукањето на Универзитетот објавил пораки на Телеграм, во кои се повикува на пукање во училиште во рускиот град Брајанск на 7 декември, во кое 14-годишно девојче од Русија отворило оган со пушка врз нејзините соученици, убивајќи 13-годишно девојче и ранило неколку други пред да го сврти пиштолот кон себе и да се самоубие.

Извештаите велат дека полицијата сега ги разгледува неговите објави на социјалните мрежи, вклучително и уште една во која тој вели дека го мрази светот и сака да остави што е можно повеќе болка во него.

„Сите само ме мразеа, ме мразат и ќе ме мразат. Не ми е гајле бидејќи тоа е обострано“, напишал тој во објавата на Телеграм, пренесуваат чешките медиуми.

По денешното пукање, полицијата апелираше граѓаните да не се задржуваат во непосредна близина на местото на настанот и да не излегуваат од своите домови.

Полицијата била повикана околу 15 часот, а медиумите пренесуваат дека во тоа време во Универзитетот се одржувал божиќен концерт.

„Не движете се никаде, ако сте во канцелариите, заклучете ги и ставете мебел пред вратите, исклучете ги светлата“, стои во пораката упатена од страна на Филозофскиот факултет при Карловиот Универзитет, во која Ројтерс имале увид.

Полицајци на еден од балконите на Универзитетот карлов во центарот на Прага, 21.12.2023
Полицајци на еден од балконите на Универзитетот карлов во центарот на Прага, 21.12.2023

Јан Липавски, чешкиот министер за надворешни работи, рече дека е „потресен од страшниот настан на Филозофскиот факултет на Карловиот Универзитет“.

„Сочувство до семејствата на жртвите. Моите мисли се со повредените, нивните семејства, учениците и сите кои се погодени од овој ужасен чин“, додаде тој.

Бохуслав Свобода, градоначалникот на Прага, соопшти дека е „потполно шокиран со она што се случило на Филозофскиот факултет во Прага“.

Претседателката на Европската комисија изрази сочувство до чешкиот народ.

„Шокирана сум од ова бесмислено насилство и пукање кое денеска во Прага однесе неколку животи“, напиша Урсула Фон Дер Лајен.

Злосторствата со огнено оружје се релативно ретки во Чешка.

Во декември 2019 година, 42-годишен вооружен маж уби шест лица во чекална во болница во источниот чешки град Острава, пред да побегне и да се застрела.

Во 2015 година, маж уби осум луѓе, а потоа се самоуби во ресторан во градот Ухерски Брод.

XS
SM
MD
LG