Достапни линкови

Што се случува на терен додека Бехтел и Енка добиваат пари за автопатите


Почеток на градежните работи на автопатот Гостивар - Букојчани на Коридорот 8 / амбасадорката на САД Анџела Агелер, министерот за транспорт Благој Бочварски, директорот на ЈПДП Ејуп Рустем и вицепремиерот Артан Груби, 12 септември, 2023.
Почеток на градежните работи на автопатот Гостивар - Букојчани на Коридорот 8 / амбасадорката на САД Анџела Агелер, министерот за транспорт Благој Бочварски, директорот на ЈПДП Ејуп Рустем и вицепремиерот Артан Груби, 12 септември, 2023.

За автопатите што ќе ги градат Бехтел и Енка, државата досега платила 189 милиони евра и до крајот на годинава ќе даде уште 56 милиони. За следната година се планирани нови 245 милиони евра. Компанијата Енка информира дека работите за топографско и геотехничко истражување се одвиваат со брзо темпо.

Државата досега издвоила 11,6 милијарди денари или околу 189 милиони евра за автопатите што ќе ги гради конзорциумот Бехтел и Енка. Договорот е склучен пред осум месеци, власта досега организираше три свечености за „прва лопата“ за градба, но засега нема поголеми градежни активности. Од градежната фирма „Енка“ наведуваат дека се прават истражувања, дел од делниците имаат одобрение за урбанистичи план, а за дел процедурата е во тек.

Договорот предвидува изградба на четири делници од Коридорите 8 и 10 Д, со вкупна должнина од 108 километри.

На Коридор 8 треба да се прошири автопатот на делницата Тетово -Гостивар и да се изгради нов автопат на делницата Требеништа – Струга – Ќафасан и на Гостивар-Букојчани. Коридорот 10 Д пак треба со автопат да ги поврзе Битола и Прилеп. На патот Тетово -Гостивар се уште не можат да се видат никакви градежни активности за негово проширување.

Патарина на автопатот Тетово - Гостивар, кој треба да добие по три ленти во правец. На 18 ноември немаше градежни работи на оваа делница.
Патарина на автопатот Тетово - Гостивар, кој треба да добие по три ленти во правец. На 18 ноември немаше градежни работи на оваа делница.

Податоците на Отворени финансии говорат дека Министерството за транспорт и врски на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) досега му исплатило пари во шест наврати на наменската сметка, кои потоа одат на контото на конзорциумот Бехтел и Енка за изградба на автопатите.

На потпишувањето на договорот во март годинава, властите најавија дека од Буџетот за 2023 за коридорите 8 и 10Д ќе се одвојат 244 милиони евра, што значи дека до крај на годинава државата треба да плати уште 56 милиони евра.

Последната трансакција е направена на почетокот на месецот. Најголемата, пак, е од април годинава, еден месец откако Владата го потпиша договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

„Работите за топографско истражување и геотехнички истражни работи се одвиваат со брзо темпо“, информира турската градежна компанија Енка на својата веб страница на 15 ноември.

Работници на Енка на 1 јуни во близина на патарината на Тетово - Гостивар започнаа истражување потребни за градба на патот, дел од Коридорот 8.
Работници на Енка на 1 јуни во близина на патарината на Тетово - Гостивар започнаа истражување потребни за градба на патот, дел од Коридорот 8.

Од „Енка“ велат дека за делниците 1 и 2А е добиено одобрение за урбанистички план, обезбеден е пристап до јавните парцели и започната е изградба на придружни работи.

Во делот 4, процесите на одобрување се во тек, а работата на јавните парцели ќе започне по добивање на одобрувањето. Откако работодавачот ќе ги заврши работите за експропријација на тековните приватни парцели, се очекува да започнат работите на приватните парцели во Деловите 1, 2 и 4.

Проектот вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда, наведува Енка на својата веб страница.

Овие патишта ќе се прават по принципот „клуч на рака“, односно Бехтел и Енка ќе си изготват физибилити студија, ќе проектираат и целосно ќе го изведат проектот.

Владата постојано повторува дека овој начин на изградба ќе ги даде најбрзите и најоптимални резултати.

Три прослави за почеток на градба

Власта за овие патишта досега трипати организираше свечености со кои означуваше почеток на градба. Официјално, почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше означен на свечена церемонија на 4 април, додека „камен темелник“ на Коридорот 10 Д се постави на 12 мај. На 12 септември имаше уште еден старт на изградбата на Коридорите 8 и 10Д, што властите го претставија како „реална активност на терен“.

Вицепремиерот Артна Груби на првиот камен темелник за Коридорот 8.
Вицепремиерот Артна Груби на првиот камен темелник за Коридорот 8.

На првата свеченост вицепремиерот Артан Груби, назначен за координатор на проектот носеше маичка со бројот 8, за втората свеченост со 10Д, а на третата присутните наздравија со брендирани шолји со слика од автопат и картата на Северна Македонија.

Вицепремиерот Артан Груби на означување на почеток на градба на Коридорот 10д
Вицепремиерот Артан Груби на означување на почеток на градба на Коридорот 10д

Претставници на власта, на Бехтел и Енка и американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер го притиснаа црвеното копче за пробивање на трасата над гостиварското село Горна Бањица на автопатот Гостивар – Букојчани на Коридорот 8.

Почеток на градежните работи на автопатот Гостивар - Букојчани на Коридорот 8
Почеток на градежните работи на автопатот Гостивар - Букојчани на Коридорот 8

Колку пари ќе се одвојат во следните години?

За следната година државата планира да одвои 15,1 милијарди денари или околу 245 милиони евра од Буџет за овие коридори, стои во Предлог Буџетот, што влезе во собраниска процедура.
Во 2025 државата ќе одвои 18.4 милијарди денари (околу 299 милиони евра) за изградба на овие автопати, а во 2026 ќе даде 16 милијарди денари (околу 260 милиони евра).
Власта најави дека за изградба на 108 километри пат, во рок од 57 месеци, ќе одвои 1,3 милијарди евра. Сумата од над милијарда евра е само за изградба на патиштата, во овие пари не е пресметана експропријацијата на имотите што ќе ги зафати трасата. За таа цел се предвидени уште 300 милиони евра.

За изградба на автопатите беше заобиколен Законот за јавни набавки, и беше донесен нов закон за договор во „четири очи“. На Уставен суд падна член од законот поврзан со работнички права. Еден обид за избор на надзор на изградбата пропадна, откако победи фирма на која ѝ најдоа „руска врска“. На вториот тендер, пак, победи конзорциум што се доведува во врска со корупциско - дипломатски скандал. За вториот надзор Обвинителство отвори предистрага и најави дека ќе бидат повикани на распит сите инволвирани во просецот на избор на фирмата „ИРД инженеринг“.

Собранието во мај усвои повеќе законски измени со кои ќе им се олесни и забрза работата стратешкиот партнер за изградба на кордорите 8 и 10д, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, меѓу кои и измените на законот за работни односи со кои се овозможи прекувремена работа. Законите се менуваа во скратена собраниска процедура со европски знаменце.

Несоодветната употреба на европското знаменце е нотирана и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата.

„Повикуваме на тоа дека ЕУ знаменцето треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е да се усогласт со ЕУ нормите, а не да се скрати дебатата за важни прашања. Има злоупотреба на знаменцето во случајот на измените на кривичните закони и законите поврзани со патните коридори 8 и 10Д на Бехтел и Енка Договорот“, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на 26 октомври.

Саем за вработување на работници што ќе работат на градба на автопати од Коридори 8 и 10д што ги градат Бехтел и Енка. Директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми и министерто за транспорт Благој Бочварски.
Саем за вработување на работници што ќе работат на градба на автопати од Коридори 8 и 10д што ги градат Бехтел и Енка. Директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми и министерто за транспорт Благој Бочварски.

Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци. На конзорциумот му остануваат уште околу четири години за да ги изгради патиштата. За таа цел се потребни околу 2000 работници, за што се организираа и саеми во неколку градови во државата, но немаше голема заинтересираност.

Последниот оглас за вработување, пак, предизвика реакции во јавноста, оти во делот на потребни вештини е наведено дека кандидатите треба да знаат северно-македонски јазик, наместо македонски јазик.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG