Достапни линкови

Руско влијание во регионот има, но нема капацитет за дестабилизација


Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски на 21 ноември го пречека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во официјална посета на Северна Македонија.
Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски на 21 ноември го пречека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во официјална посета на Северна Македонија.

НАТО внимателно следи што прави Русија во Западен Балкан, вели генералниот секретар Столтенберг, но додава дека не гледа воена закана од Русија за која било членка на НАТО или за регионот. Тој во Скопје се сретна со државниот врв, а се обрати и пред пратениците во Парламентот. Им порача да работат за членство во ЕУ како што работеа за НАТО.

Нема закана за безбедноста и стабилноста на Северна Македонија и регионот од страна на Русија, се согласија премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција во Скопје.

Столтенберг не гледа воена закана од Русија за која било членка на НАТО или за регионот. Тој од Скопје ѝ порача на Русија да се воздржи од агресивни дејства против соседите и да ја прекинат воената агресија против Украина.

„Остануваме претпазливи, одблиску набљудуваме што прави Русија и ќе останеме обединети. Ние имаме воено присуство во овој регион, со КФОР, со генералштабот во Сараево и со канцелариите во Белград, и подготвени сме брзо да се засилиме и да направиме сè што треба за да го одбраниме секој сојузник од каква било закана, но сепак не гледаме нешто што би дошло како закана против кој било НАТО сојузник“, рече Столтенберг.

Македонскиот премиер Ковачевски вели дека земјава, заедно со НАТО, се бори против руското влијание во регионот, а институциите си ја вршат својата работа.

„Влијание на трети земји, вклучително и руско влијание, постои во регионот, и тие секогаш се во можност да пронајдат свои истомисленици во поединци, во одредени политички партии и во одредени организации, но сепак тие не се ниту на приближно ниво од тоа што го поседуваат нашите институции, што го поседуваат земјите-членки на НАТО и што го поседуваат нашите безбедносни служби за да бидат во можност да направат какво било дестабилизирање на нашата држава“, рече Ковачевски на 21 ноември.

НАТО одблиску набљудува што прави Русија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:06 0:00

Ова беа одговорите на Столтенберг и Ковачевски за изјавата на украинскиот претседател Влодимир Зеленски дека има информации оти Русија има план за дестабилизација на Балканот.

Безбедноста на Западен Балкан е од суштинско значење на НАТО и тука има причини за загриженост, рече Столтенберг, посочувајќи ги Босна и Херцеговина и Косово.

„Авторитарни држави сакаат да ги поткопаат нашата слобода и начинот на живот, вклучително и тука на Западен Балкан. Шират дезинформации, сеат поделби и ја поткопуваат демократијата. Нашиот одговор мора да биде да се работи уште поблиску заедно во НАТО, преку нашето воено присуство и нашата соработка со сојузниците и партнерите, затоа што ние сме навистина голема сила за стабилност во регионот“, рече Столтенберг.

Со посетата на Северна Македонија, шефот на Алијансата ја завршува турнејата низ Западен Балкан, во рамки на која ги посети и Босна и Херцеговина, Косово и Србија. Столтенберг вели дека тоа се партнерски земји, а Северна Македонија е земја членка. Тоа што тука ќе се одржи регионалниот самит на лидери на НАТО, е признание за улогата што ја има Северна Македонија за Алијансата, вели шефот на НАТО.

НАТО може да се потпре на Северна Македонија и обратно

Тој порача дека НАТО може да се потпре на Северна Македонија, а Северна Македонија на НАТО, нотирајќи го придонесот што земјата го дава во мировните мисии, одвојувањето на пари за одбрана и осудата за руската војна против Украина.

Премиерот Ковачевски вели дека членството во НАТО донело придобивки, а за тоа говорат бројките за странски инвестиции, бројот на невработени, на растот на платата.

„Европскиот пат е вистинскиот пат, исто како интеграцијата во НАТО што беше вистинскиот пат пред три години. Една стратешка цел со НАТО за нас е исполнета. Се надеваме дека НАТО ќе ни помогне да ја исполниме втората - членство во ЕУ“, рече премиерот.

Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски на 21 ноември го пречека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во официјална посета на Северна Македонија.
Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски на 21 ноември го пречека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во официјална посета на Северна Македонија.

Столтенберг до пратениците - Работите на членство во ЕУ како што работевте за членството во НАТО

Столтенберг се обрати и пред пратениците во Собранието. Пред говорот генералниот секретар на НАТО се сретна и со собранискиот спикер Талат Џафери.

Столтенберг рече дека многу често сојузниците коишто биле дел од источниот блок, прво влегле во НАТО, а потоа во ЕУ. Членство во ЕУ дополнително ќе ја зајакне вашата демократија, владеењето на правото, социјалната правда и ќе ја зголеми можноста за младите, рече тој.

„Сите политички партии имаат одговорност да работат заедно и да ја движат државата напред. Ве охрабрувам постојано да работите на членство во ЕУ како што работевте за членството во НАТО. Да го комплетирате вашето патешествие кон срцето на европското семејство на нации. Членството во НАТО ќе го трасира вашето членство во ЕУ, онака како што беше со многу држави пред вас“, рече Столтенберг.

За да ги продолжи преговорите со ЕУ по кластери Северна Македонија треба да ја исмени Преамбулата на Уставот со внесување на бугарско малцинство, услов на кој се согласија двете соседни земји. Но засега во македонското Собрание нема доволно двотретинско мнозинство затоа што најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се противи на измените на уставот според, како што велат „бугарски диктат“.

Првиот ден од посетата на земјата Столтенберг го заокружи со средба со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

На 22 ноември, пак, Скопје ќе биде домаќин на неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски ќе ги пречекаат премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ и премиерот на Словенија, Роберт Голоб.

Поради високите гости од НАТО и од регионот, пак, е блокиран сообраќајот во центарот на Скопје. Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека на 21 и 22 ноември (вторник и среда) во Скопје ќе има посебен режим на сообраќај.

Северна Македонија речиси четири години е дел од Алијансата. Земјата стана триесетта земја членка на НАТО на 27 март 2020 година. Но определбата за евро-атлантско интегрирање датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.


Пораки од регионот

Столтенберг при посетата на регионот испрати пораки за деескалација на случувањата меѓу Косово и Србија. Тој најави зголеменото присуство на НАТО во Западен Балкан и предупреди за руско влијание врз регионот.

Посетата на Столтенберг на регионот доаѓа во време на предупредувањата од Украина дека Русија има намера да поттикне конфликт меѓу државите од Западен Балкан.

Европската унија, исто така, ја сподели оваа загриженост со Украина, додека од американскиот Стејт департмент за Радио Слободна Европа изјавија дека „малигното влијание на Русија во регионот на Западен Балкан го попречува патот на земјите кон евроатлантската интеграција“.

Ова е прва посета на шефот на НАТО на Северна Македонија, откако земјата е членка на Алијансата. Столтенберг последен пат беше во посета на Северна Македонија во јуни 2019-та, пред земјата да стане полноправна членка на Алијансата. Една година претходно, тој двапати беше во посета на Северна Македонија, еднаш во јануари додека уште траеја преговорите за името со Грција, а потоа и во септември, по потпишувањето на Преспанскиот договор, кога го поздрави договорот и ги повика граѓаните да го кажат своето мислење на референдумот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG