Достапни линкови

Вести

SpaceX изгуби контакт со ракетата осум минути по лансирањето

Starship на врвот на ракетата Super Heavy
Starship на врвот на ракетата Super Heavy

SpaceX лансираше голема ракета Starship, но изгуби контакт со неа по осум минути лет.

Горниот дел на ракетата успешно се одвоил од бустерот, кој потоа експлодирал и контактот со главната ракета бил изгубен.

SpaceX, компанијата на Илон Маск, го поздрави ова како успех, бидејќи ракетата леташе понатаму од нејзиниот прв обид за лансирање во април.

Овој пат ракетата стигна до вселената, додека во април експлодираше четири минути по полетувањето.

Инженерите на SpaceX велат дека направиле „повеќе од илјада“ промени во системите на Starship по првиот неуспешен обид.
Маск му честиташе на својот тим по денешното лансирање.

Компанијата го поздрави и „возбудливиот“ втор пробен лет.

„Ѕвездениот брод успешно се подигна благодарение на моќта на 33 мотори Raptor на засилувачот Super Heavy и помина низ фазата на одвојување“.

„Успехот доаѓа од она што го учиме, а денешниот тест ќе ни помогне да ја подобриме издржливоста на Starship додека SpaceX се стреми да го направи животот мултипланетарен“, рече Маск, според Би-Би-Си.

Ракетата била лансирана од Тексас, САД и достигнала височина од 90 километри над земјата кога бил изгубен контактот. Планирано е летот во вселената да трае 90 минути.

види ги сите денешни вести

Уапсен е поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета

Илир Мета, фотографија од 2019 година
Илир Мета, фотографија од 2019 година

Претседателот на Партијата на слободата во Албанија, Илир Мета, е уапсен денеска (21 октомври) по налог на Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (СПАК), јавуваат албанските медиуми.

Мета беше претседател на Албанија од 2017 до 2022 година, а ја извршуваше и функцијата премиер, министер за надворешни работи и други високи функции.

Полицијата и СПАК се уште немаат објавено официјално соопштение за апсењето на Илир Мета.

Тој најави прес-конференција за денеска и беше на пат кон седиштето на неговата партија кога беше уапсен.

Во јуни годинава се појави во СПАК бидејќи упати сериозни обвинувања кон првиот човек на оваа институција, Алтин Думани.

По рочиштето, Мета за медиумите изјави дека бил испрашуван три часа „за бескорисни работи“, кои според него немаат врска со него, туку со туѓи постапки. Тој изјави и дека го прашале за неговото богатство и нагласи дека со ова прашање се занимавала неговата сопруга Моника Криемади, со која е во процес на развод.

Во СПАК претходно беше Моника Криемадхи, која за разлика од Мета не ги нападна обвинителите на СПАК, туку рече дека си ја вршат работата.

По апсењето на Мета, таа на социјалните мрежи објави дека не знае дека е изречена безбедносната мерка „обврска за јавување“ - како што пишуваат медиумите во Албанија, ниту пак „затворски притвор“ доколку ја прекрши наводната обврска.

„Сè уште не сум слушнала за судска одлука со која се определуваат мерки за безбедност на мене или на таткото на моите деца. Штом ќе бидам информирана за овие судски одлуки, ќе одговорам со сите правни и јавни потези. Правосудниот прогон како оружје против политичкиот противник, како и јавното судење против нас, не ја спречува опозицијата во бескомпромисните битки за заштита на јавниот интерес“, напиша Кримади на Фејсбук.

Портпаролот на Партијата за слобода, Теди Блуши, апсењето на Мета го нарече „неодговорен чин“, велејќи дека СПАК со овие постапки се обидува да ја „елиминира опозицијата“.

„Причините за неговото апсење се поврзани со позицијата што ја зазеде во одбрана на националното прашање“, рече Блуши.

Поранешниот премиер Сали Бериша беше на прес-конференција во моментот кога Мета беше уапсен. Тој го опиша апсењето како „политички прогон“.

„Тие не објавија никакви факти за Илир Мета. Прогонот на Мета е само политички. Политичката наредба на [премиерот на Албанија] Еди Рама е спроведена. Ние сме на ред“, рече Бериша, откако новинарите го прашаа за овој развој на настаните.

Препораки од ИЈЗ по појавата на птичји грип

Институт за јавно здравје (ИЈЗ)
Институт за јавно здравје (ИЈЗ)

По појавата на птичјиот грип во Зоолошка градина во Скопје, од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) препорачуваат да се избегнува контакт со болни или мртви животни, контакт со животни во фарми и пазари за животни, влегување во области каде може да се колат животните, контакт со какви било површини што се чини дека се контаминирани со животински измет, колење или јадење болни животни. Од ИЈЗ истакнуваат дека речиси сите случаи на инфекција со вирусот се поврзани со близок контакт со заразени живи или мртви птици.

„Иако можеби имало некои случаи кои не биле откриени, се чини дека вирусот не заразува лесно луѓе и не се шири од човек на човек, врз основа на сегашното знаење и разбирање на оваа болест“, велат од Инситутот.

Периодот на инкубација за инфекција птичјиот грип или инфлуенца A(H5N1) се проценува дека е до седум дена, иако обично е два до пет дена по последната позната изложеност на болна или мртва живина. Сепак, периодот на инкубација може да трае и до 14 дена. Инфекцијата со вирусот може да предизвика низа болести кај луѓето, од благи до тешки, а во некои случаи може да биде дури и смртоносна. Смртноста е до 50 проценти, појаснуваат од ИЈЗ.

Првичните симптоми примарно се респираторни, со покачена температура, треска и кашлица, но може да се јават и нереспираторни симптоми. Симптомите на горниот респираторен тракт - течење на нос и болки во грлото можеби не се вообичаени кај сите пациенти, но, болеста може да напредува до респираторна инсуфициенција, акутен респираторен дистрес синдром (ARDS) и повеќеорганска инсуфициенција.

Од ИЈЗ потенцираат дека заболените треба да се менаџираат правилно за да се спречат тешки болести и смрт.

Доколку некој смета дека можеби има птичји грип, веднаш треба да се побара медицинска помош ако се има симптоми слични на грип како треска, кашлица и тешкотии при дишење, или конјунктивитис или други необјаснети симптоми. Да се информира лекарот на лицето за каква било изложеност на болни или мртви животни.

„Следете ги добрите практики за безбедност на храната како што се избегнување на потрошувачката на сирово млеко, јајца и месо. Одржувајте колективна и лична хигиена, вклучително и редовно миење раце со сапун и вода. Лицата со професионална експозиција треба да ги следат протоколите за работа, како и мерките за превенција поврзани со работното место“, препорачуваат од ИЈЗ.

Откако угина гуска во езерцето во скопската Зоолошка градина потврден е случај на присуство на виосокопатоген сој на вирусот на птичји грип H5N1.

Епидемиолошка анкета е направена кај 15 вработени во Зоолошката градина. На четири лица им се издадени решенија за здравствен надзор.

Уште еден вработен треба да се тестира денеска (21 октомври) откако пројавил симптоми на покачена температура и дијареа. Препораките од страна на епидемиолозите и микробиолозите се дека тестирањето треба да се спроведе по пет дена од појава на први симптоми.

„Бел штрајк“ во Србија: 10.000 наставници ставаат само петки

Училница во Србија, илустративна фотографија.
Училница во Србија, илустративна фотографија.

Над 10.000 наставници во основните и средните училишта во Србија спроведуваат „бел штрајк“, односно на сите ученици им ставаат само петки, објави денеска (21 октомври) Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија (НСПРС).

Членовите на овој синдикат го започнаа таканаречениот „бел штрајк“ на 14 октомври.

Како што соопштија претходно, до ваков чекор дошло затоа што Владата и Собранието не ја подобриле безбедноста во училиштата до дадениот рок (13 октомври). Синдикалците бараат содветни измени на законот и прописите за на наставниците да им се гарантира поефикасна правна заштита од напади, како и можност учениците кои се однесуваат крајно недолично веднаш се суспендираат од часот.

Како што објави НСПРС, вработените во училиштата „пројавуваат зголемен интерес да се приклучат на ‘белиот штрајк' до крајот на полугодието, како нов начин на борба за подобри услови за работа“.

Начелниот договор меѓу Синдикатот на вработените во образованието и Владата за воведување построги мерки за напади врз наставници е постигнат по протестот на 16 мај. Просветните работници потоа излегоа на централните улици на Белград поради ескалацијата на насилството во училиштата.

Српскиот премиер, Милош Вучевиќ, во јуни изјави дека до крајот на годината ќе бидат усвоени измените на Кривичниот законик, кои се однесуваат на вработените во образованието.

Дел од просветните работници, собрани во четири репрезентативни синдикати, од почетокот на учебната година двапати протестираа барајќи изедначување на почетната плата на наставниците со просечната плата на национално ниво.

О'Брајан: САД сакаат Србија и Косово да бидат во Европа

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Азија, Џејмс О'Брајан
Американскиот помошник државен секретар за Европа и Азија, Џејмс О'Брајан

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Азија, Џејмс О'Брајан, во понеделник (21 октомври) за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека САД сакаат Србија и Косово да се движат во правец кон Европа.

Тој во интервју за РТС нагласи и дека сака да ги почитува сите договори и нивните одредби постигнати за време на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но дека не знае кога ќе се формира Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО) на Косово.

Тој посочи и дека целта е да се разговара за практични работи - како да се забрза протокот на стоки и да се отворат сите гранични премини.

„Отворањето на преминот е успешно. Сегашниот метеж на границите е резултат на големиот проток на сообраќај, што е добро. Овие гужви треба да се решат со текот на времето со пренасочување на сообраќајот на други премини“, изјави О'Брајан за РТС.

Владата на Косово на 7 октомври ја замени одлуката за забрана за увоз на стоки од Србија со зголемена контрола на преминот Мердаре.

Одлуката за забрана за увоз на стока од Србија ја донесе Владата на Косово во средината на јули 2023 година од „безбедносни“ причини, откако тројца косовски полицајци беа уапсени од српската полиција.

Иако во меѓувреме беа ослободени косовските полицајци, одлуката за забрана за увоз на српска стока остана во сила.

Џејмс О'Брајан изјави и дека има последици за Косово поради дејствија кои не биле координирани со САД.

„Најголемата последица е што земјите од Европа не гласаа за приклучување кон нивните институции (Советот на Европа). Косово заостанува зад другите балкански држави. Сето ова се случува затоа што Приштина презема некоординирани акции“, рече О'Брајан.

Зборувајќи за евроинтеграциите, тој рече дека САД сакаат сите земји од Западен Балкан да се движат кон Европската Унија.

„Србија е најголемата економија и регионот нема да може да напредува ако Србија не биде интегрирана. Старите конфликти можат само да ја задржат Србија на тој пат“, рече О'Брајан.

Претходно, на 20 октомври тој се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и рече дека разговарале за билатералната соработка на полето на безбедноста и одбраната.

Илјадници евакуирани поради обилните дождови во делови од Италија

илустрација
илустрација

Неколку илјади луѓе се принудени да се евакуираат поради обилните дождови во северна Италија.

Во Болоња и околните области, над 2000 жители ја поминаа ноќта во засолништа за итни случаи или со семејството и пријателите. Неколку улици се потопени, а 20-годишен маж загина во својот автомобил во надојдените води.

Регионот Емилија Ромања, со Болоња како главен град, е погоден од невреме што предизвика штета која се проценува на неколку милиони евра.

Делови од јужна Италија, вклучително и Калабрија и Сицилија, исто така доживеаја поплави во центрите на градовите во изминатите неколку дена.

Во многу области, паркираните автомобили се однесени, а видео снимките покажуваат како скутери ги носи водата низ поплавените улици. Метеоролозите најавуваат ублажување на состојбата во наредните денови.

Хезболах истрела десетици ракети кон Израел

илустрација
илустрација

Борците на либанското милитантно исламистичко движење Хезболах денеска (21 октомври) повторно истрелаа серија ракети кон северен Израел, соопшти израелската војска.

Околу 25 проектили полетаа од Либан кон израелска територија, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ). Некои од проектилите биле пресретнати, додека други паднале на земја.

Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговотот политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Првично нема извештаи за штети или жртви.

ИДФ во текот на ноќта бомбардираше повеќе цели во Либан, вклучително и околу главниот град Бејрут.

Актуелниот конфликт меѓу Израел и Хезболах апочна пред една година, откако Хезболах почна да лансира ракети врз Израел како поддршка на сојузничката палестинска милитантна терористичка група Хамас.

Оттогаш, во размената на оган меѓу Хезболах и израелската војска загинаа стотици луѓе, а стотици илјади се раселени, повеќето во Либан.

Коцевски: Неосновани се тврдењата за наводно мешање во предмет

Љупчо Коцевски, јавен обвинител на РСМ
Љупчо Коцевски, јавен обвинител на РСМ

Како Јавен обвинител на Република Северна Македонија ги отфрлам неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје за кои тврдења до овој момент не е презентиран ниту еден доказ, се вели во писмената изјава на јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Тој вели дека контролата во Вишото јавно обвинителство Скопје ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа обвинителство, а според него обвинителите кои чесно и одговорно си ја вршеле работата немале ниту реакции, ниту стравувања, бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон.

„Од позиција на државен Јавен обвинител имав обврска, првпат после повеќе од четири години да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството. Овие пријави се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани и имам обврска да ги проверам“, вели Коцевски и додава:

„Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнување на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи! “, се вели во изјавата на обвинителот Коцевски.

Инаку, претходно вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи тврдеше дека државниот обвинител Љупчо Коцевски наводно му рекол да внимава каква одлука ќе се донесе за предметот со бонусите на СЈО бидејќи партијата ВМРО-ДПМНЕ која поднесе жалба за одлуката на обвинителството раководено од Ислам Абази, не била оштетена странка.

Коцевски додава дека до крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение.

Почина Фетула Ѓулен, ривалот на Ердоган

Фетула Ѓулен во својот дом во САД
Фетула Ѓулен во својот дом во САД

Турскиот верски водач Фетула Ѓулен, за кого Анкара тврди дека го организирал неуспешниот пуч во 2016 година, почина во САД на 83-годишна возраст, објавија во понеделник турските медиуми и веб-страницата поврзана со Ѓулен.

Ѓулен изгради влијателно исламско движење во Турција и пошироко, но последните години ги помина обвинет за организирање на обидот за државен удар против турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, што тој го негираше.

Веб-страницата Херкулес која ги објавува предавањата на Ѓулен, на својот профил Х објави дека Ѓулен починал во неделата вечерта во болница каде што бил на лекување.

Ѓулен некогаш беше сојузник на Ердоган, но двајцата се разделија.

Ердоган го сметаше за одговорен за обидот за државен удар во 2016 година, во кој одметнати војници подигнаа воени авиони и хеликоптери и лансираа тенкови. Во обидот за преземање на власта загинаа близу 250 луѓе.

Ѓулен живееше во самонаметнат егзил во САД од 1999 година.

Според неговите следбеници, движењето на Ѓулен - познато како „Хизмет“ што значи „услуга“ на турски - има за цел да шири умерен бренд на исламот кој промовира образование во западен стил, слободни пазари и меѓуверска комуникација.

По неуспешниот пуч, неговото движење систематски беше задушено во Турција, а неговото влијание се намали на меѓународно ниво.

Познат меѓу неговите поддржувачи како Хоџафенди, или почитуван учител, Ѓулен е роден во село во источната турска провинција Ерзурум во 1941 година. Син на имам, односно исламски проповедник, од детството го учел Куранот. Во 1959 година, Ѓулен беше назначен за имам на џамија во северозападниот град Едрене и почна да се истакнува како проповедник во 1960-тите во западната провинција Измир, каде што основаше студентски домови и одеше во чајџилници за да проповеда.

Овие студентски куќи го означија почетокот на неформалната мрежа која ќе се прошири низ образованието, бизнисот, медиумите и државните институции во наредните децении, давајќи им на своите поддржувачи големо влијание. Ова влијание се прошири надвор од границите на Турција во турските републики од Централна Азија, Балканот, Африка и Западот преку мрежа на училишта, пишува Ројтерс.

Анкара долго време бара негова екстрадиција од САД.

Остин пристигна во посета на Киев

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска (21 октомври) пристигна во украинскиот главен град Киев, пренесуваат странските агенции, истакнувајќи дека тоа е израз на американската поддршка за Украина нешто повеќе од две недели пред претседателските избори во Соединетите Држави на 5 ноември.

Се очекува министерот детално да разговара за американската помош за Киев во одбраната од руските сили кои напредуваат во источна Украина.

Во меѓувреме, Остин објави дека ветениот ракетен одбранбен систем ТААД (THAAD - Terminal High-Altitude Area Defense) на Израел сега е „испорачан на земјата“.

„Подготвени сме многу брзо да го пуштиме во функција и се оди според нашите очекувања“, изјави Остин.

Грузиската претседателка Зурабашвили даде поддрша за членството на земјата во ЕУ

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили
Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили вчера (20 октомври) на собирот на илјадници поддржувачи пред парламентарните избори испрати порака за поддршка за членство во ЕУ.

Таа порача дека собраните на централниот плоштад во Тбилиси ја претставуваат слободна Грузија.

„Овде денеска се општеството и луѓето, Грузијците, кои одат во Европа“, рече Зурабишвили, која ја повика толпата да гласа против партијата Грузиски сон.

Како што јавуваат странските агенции, изборите закажани за 26 октомври може да се сметаат за тест дали Грузија ќе се врати во руската орбита или ќе ја задржи својата прозападна ориентација.

ЕУ минатата година и додели на Грузија кандидатски статус за членство, но односите значително се влошија откако партијата Грузиски сон го усвои законот за „странски агенти“ во мај, што според критичарите е доказ за свртување кон Русија.

Поддржувачите на четирите главни прозападни опозициски групи, кои ќе одат на избори следниот викенд, се собраа вчера на Плоштадот на слободата во грузискиот главен град.

Зурабишвили, која има главно церемонијални овластувања, беше избрана во 2018 година со поддршка на партијата Грузиски сон, но оттогаш стана една од нејзините најжестоки критичари. Таа се обиде да посредува до договори меѓу опозициските групи за да го собори Грузиски сон, за кој критичарите во Грузија велат дека ги нарушува изгледите на земјата за членство во ЕУ.

Анкетите покажуваат дека Грузиски сон сè уште е најпопуларна партија во земјата, иако изгуби одредена поддршка од 2020 година, кога освои речиси 50 отсто од гласовите и тесно парламентарно мнозинство.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG