Достапни линкови

Вести

Ескобар - Бугарија уверува дека нема да има нови услови за Скопје на патот кон ЕУ

Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во посета на Скопје, 25 август, 2023
Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во посета на Скопје, 25 август, 2023

Заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД) задолжен за Западен Балкан Габриел Ескобар, вели дека бугарските колеги го увериле оти немаат намера да додадат повеќе услови за Северна Македонија на патот кон Европската унија (ЕУ).

Тој во во телефонско интервју за Гласот на Америка на македонски, вели дека не се гаранции, туку само за уверување од Бугарија, која сакала да го види регионот да се движи напред на европскиот пат.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, неодамна за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, рече дека е прилично сигурен оти „Бугарија постојано ќе формулира нови барања.

„Имав разговори со моите бугарски колеги и тие ме уверија дека немаат намера да додадат повеќе услови. Тие би сакале да видат напредок на патоказот што веќе е таму. И сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да осигураме дека тие услови се исполнети. Но, тоа треба да биде, да остане засновано на факти и вкоренето во постоечките обврски, за да осигураме дека Северна Македонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес“, одговори Ескобар.

На прашањето дали тоа значи нема да има ново вето ако другите услови се исполнат?
„Јас тоа така го протолкував“, одговори Ескобар.

Северна Македонија треба да усвои устави измени со кои во македонскиот Устав треба да се внесат и Бугарите. Процесот за уставни измени започна во август во македонското Собрание, но застана истиот ден. За да се усвојат измените потребно е за нив да гласаат две третини од 120-те пратеници во во Собранието, но засега го нема потребното мнозинство.

Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.

Блокадата беше надмината лани во јули со прифаќањето на „францускиот предлог“, со што се отворија пристапните преговори со ЕУ.

Но, за да почне отворањето на поглавјата, Бугарија бара внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Без уставните измени, Северна Македонија не може да ги почне преговорите за влез во Европската унија.

Ескобар вели дека нема информации за можни преговори и пазарење за уставните измени меѓу владата и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски, како што изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за германскиот весник ФАЦ.

види ги сите денешни вести

Израел започна истрага откако негови војници фрлaле тела на загинати Палестинци

Фото архива: израелска војска на улиците на Тубас на Западниот Брег, 11 септември 2024 година.
Фото архива: израелска војска на улиците на Тубас на Западниот Брег, 11 септември 2024 година.

Израелската војска започна истрага откако нејзините војници беа снимени како ги фрлаат телата на тројца загинати Палестинци од покрив за време на рација на Западниот Брег.

Како што јавува Би-Би-Си, ситуацијата е снимена во Кабатија кај Џенин, а на едно од видеата се гледа како израелски воен булдожер ги крева и ги отстранува телата.

„Ова е сериозен инцидент кој не е во согласност со нашите вредности и очекувања на нашите војници“, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ) на 20 септември.

Локалните палестински власти соопштија дека израелските сили убиле најмалку седум лица во Кабатија на 19 септември.

ИДФ соопшти дека извршила контратерористичка акција во Кабатија при што во размена на оган загинале четворица милитанти, како и дека тројца биле убиени по напад со дрон врз автомобил.

Новинар од Кабатија за Би-Би-Си изјави дека во четвртокот наутро, израелските војници опколиле зграда во тој град и снајперисти пукале во четворица мажи кои побегнале на покривот.

Тој додаде дека откако борбите во градот стивнале, видел дека израелските војници се качуваат на покривот и ги спуштаат телата, кои потоа биле натоварени во булдожер.

Израелската армија објави дека еден од убиените во антитерористичката операција во Кабатија е Шади Закарне, кој според неа е одговорен за нападите во северната област на Западниот Брег.

Според меѓународното право, војниците се обврзани да гарантираат дека телата на борците се третираат со почит.

Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за „злосторство што ја разоткри бруталноста на израелската армија“.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби ја опиша снимката како длабоко вознемирувачка.

„Ако се докаже дека е автентично, јасно би претставувало одвратно и ужасно однесување на професионалните војници“, рече Кирби.

Според палестинското Министерство за здравство, повеќе од 41.000 Палестинци се убиени во Појасот Газа од нападот врз Израел на 7 октомври од страна на Хамас, кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација.

Руски војници обвинети за вмешаност во убиство на Американец во Украина

Американскиот државјанин Расел Бонер Бентли, поранешен припадник на проруската сепаратистичка воена единица во Доњецк, Украина.
Американскиот државјанин Расел Бонер Бентли, поранешен припадник на проруската сепаратистичка воена единица во Доњецк, Украина.

Расел Бентли, човек од Тексас, кој како „Каубој од Донбас“ се прослави затоа што им се придружил на силите поддржани од Русија во источна Украина, бил мачен пред да биде убиен во украинскиот град Доњецк окупиран од Русија, соопштија руските власти.

Тие исто така рекоа дека неговите наводни грабнувачи се обиделе да ја прикријат смртта детонирајќи автомобил во кој се наоѓало неговото тело.

Во соопштението објавено на 20 септември, Истражниот комитет наведе дека четворица членови на руските вооружени сили, Виталиј Вансјацки, Владислав Агалцев, Владимир Бажин и Андреј Јорданов, биле обвинети во врска со смртта на Бентли во април.

Бентли (64) беше вклучен и во рускаиот упад на ниско ниво во Украина, која датира од 2014 година.

Нарекувајќи се себеси каубој од Донбас, Бентли стана популарна личност на руските пропагандни мрежи поради неговата критика кон американската влада.

Бентли исчезна во Доњецк во април.

Маргарита Симонјан, водечката руска про-Кремљ новинарка и главен уредник на телевизијата РТ контролирана од државата, напиша на Х во тоа време дека Бентли умре за „нашиот народ“ во Доњецк.

Командантот на баталјонот „Восток“ на сепаратистите поддржани од Русија, Александар Ходаковски, тогаш на Телеграм рече дека „оние кои го убиле Расел Бентли“ ќе се соочат со „казна“. Но, пораката беше отстранета од Телеграм набрзо откако беше објавена.

Сопругата на Бентли, Људмила, тогаш тврдеше дека руски војници од тенковски баталјон го киднапирале.

Според Истражниот комитет, Вансјацки, Агалцев и Јорданов го мачеле Бентли на 8 април, а тој умрел набргу потоа.

Вансјацки и Агалцев се осомничени дека разнеле автомобил со телото на Бентли во него и му наредиле на Бажин да се ослободи од она што останало од неговите останки.

Четворицата мажи се обвинети за злоупотреба на службената должност, тортура што довела до смрт, сквернавење на тело и заговор за криење на телото.

Истражниот комитет не прецизираше зошто четворицата мажи го мачеле Бентли до смрт, но многу негови пријатели во Доњецк сугерираат дека Тексашанецот можеби бил помешан за шпион.

Бентли се борел за баталјонот Восток помеѓу 2014 и 2017 година и добил руско државјанство во 2021 година.

Двајца мртви од руско гранатирање во регионот Харкив

Жител гледа во неговата куќа тешко оштетена за време на руски воздушен напад во Харкив, Украина, 21 септември 2024 година.
Жител гледа во неговата куќа тешко оштетена за време на руски воздушен напад во Харкив, Украина, 21 септември 2024 година.

Во руското гранатирање во украинската област Харкив на 20 септември загинаа две лица, а пет беа повредени, додека ракетен напад во Днипро предизвика најмалку една повреда, соопштија украинските власти.

Руските сили употребија минофрлачи за гранатирање села во регионот на Харкив, при што ги одзедоа животите на 43-годишен маж и 53-годишна жена, изјави гувернерот на Харкив, Олех Синјехубов.

Повредени се уште две жени. Претходниот напад врз други села остави две жени и еден маж повредени, рече тој.

Во Днипро едно лице е повредено, а зграда е делумно уништена.

Нападот во Днипро се случи вечерта на 20 септември, откако воздухопловните сили предупредија на закана од удар со балистичко оружје, изјави шефот на регионалната воена управа.

Сиљановска Давкова на 79. Генерално Собрание на ОН во Њујорк

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја предводи македонската државна делегација на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, Соединетите Американски Држави.

Сиљановска Давкова во четврток е предвидено да се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“.

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е Сиљановска Давкова да оствари средба и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Таа ќе се обрати и на Самитот на иднината, што ќе се одржи во седиштето на ОН, на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“ со учество на шефови на држави и влади.

Сиљановска Давкова ќе учествува и на Годишниот состанок на Платформата на жени – лидери на Генералното Собрание на Обединетите Нации, на тема „Еднакво учество на жените во процесот на донесување одлуки: обезбедување на мир, социо-економски можности, одржлив развој и човечко достоинство за сегашните и идните генерации“.

На покана на претседателот на САД, Џо Бајден, таа ќе присуствува на состанок на тема „Глобална коалиција за справување со заканата од синтетички дроги“.

За време на учеството на Генералното собрание на ОН, претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари повеќе билатерални средби.

Посетата на САД, претседателката Сиљановска Давкова ја започнува денеска во македонската православна црква „Свети Никола“ во Тотова, Њу Џерси, каде ќе присуствува на литургија по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица).

Попладне таа заедно со делегацијата во Фрихолд исто така во Њу Џерси ќе ја посети џамијата во рамки на граѓанската заедница „Дебар“.

Во состав на македонската државна делегација се министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Сончево време, попладне услови за локален дожд

Сончево време.
Сончево време.

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови во западните делови ќе има услови за локален дожд.

Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.

Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 26 степени.

Од УХМР информираат дека утре ретежно во западните делови од земјата ќе има појава на краткотраен дожд.

Потоа времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен благ пораст.

Во средината на неделата се очекува преодно наоблачување проследено со локални врнежи од дожд и услови за грмежи.

Невреме во Тетово: Поплавени улици, се поставува заштита во домовите

Архивска фотографија: Невреме во Тетово, јуни 2024 година.
Архивска фотографија: Невреме во Тетово, јуни 2024 година.

Невреме со силни врнежи од дожд, град и грмотевици попладнево ја зафати Општина Тетово и околината, при што има поплавување на дел од улиците, посебно кај касарната на влезот на Тетово и на неколку куќи во Мала Речица-Општина Тетово, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Во улицата спроти касарната поплавени се гаражи, дворови а сопствениците поставуваат соодветни бариери за заштита од водата да не навлезе во домовите. Поради поплавените улици отежнато се одвива и сообраќајот во овој дел од градот“, велат од ЦУК.

ТППЕ-Тетово, ЈКП-Тетово и одговорни лица во Општина Тетово веќе интервенираат со соодветна механизација- багери, но исто така дел од екипите на ТППЕ-Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти.

Командирот на тетовската противпожарна единица Авни Амети изјави дека вечерва интервенирале со испумпување на вода од 13 куќи во Мала Речица каде биле поплавени дворови, подруми и приземните катови од објекти.

„Кај касарната имаше задржување на вода на улиците, но со оглед на направен т.н бај-пас успеано е водата да не навлезе во дворовите“, вели Амети, пренесе МИА.

Регионалниот Центар за управување со кризи од Тетово информираше и дека поради поплавените улици отежнато се одвива и сообраќајот кај касарната во градот.

Покрај пожарникарите, според РЦУК Тетово, интервенираат и од ЈКП-Тетово и Општина Тетово со соодветна механизација.

Десетици жени го обвинија египетскиот милијардер Ал Фајед за сексуална злоупотреба

Мохамед Ал Фајед пред фудбалски натпревар во англиската Премиер лига, Лондон, 15 ноември 2008 година.
Мохамед Ал Фајед пред фудбалски натпревар во англиската Премиер лига, Лондон, 15 ноември 2008 година.

Адвокати во Британија кои застапуваат десетици наводни жртви на Мохамед Ал Фајед, поранешен шеф на познатата стоковна куќа Хародс во Лондон, на 20 септември објавија дека нивните клиенти тврдат дека тој силувал и сексуално напаѓал млади жени.

Според нив, тоа се случувало во поголемиот дел од 25-годишното работење на Ал Фаед, од 1985 година наваму, кога бил на чело на светски познатата стоковна куќа во Лондон.

Тие зборуваа на телевизиска прес-конференција во Лондон по документарниот филм на Би-Би-Си „Ал-Фајед: Предатор во Хародс“.

Најмалку 37 жени од Австралија, Канада, Италија, Малезија, Романија и САД досега излегоа со обвинувања за злоставување против египетскиот милијардер.

Во документарецот, кој се емитуваше во четвртокот, Ал Фајед, кој е роден во Египет, а почина минатата година на 94-годишна возраст, е обвинет за силување на најмалку пет жени во неговите имоти во Лондон и Париз и дека извршил серија други физички напади и во Хародс и надвор од него.

„Ќе разјасниме: Мохамед Ал Фајед беше чудовиште. Но, тој беше чудовиште овозможено од систем, систем што продре во Хародс“, рече водечкиот адвокат Дин Армстронг.

Некои од наводните жртви на Ал Фајед биле тинејџерки во времето на злоставувањето, од кои најмалку една имала 15 години, според документарецот на Би-Би-Си.

Лондонската Метрополитен полиција соопшти дека била запознаена со минатите наводи и дека го испрашала Ал Фаед во 2008 година во врска со сексуалната злоупотреба на 15-годишно девојче, но обвинителите тогаш не отвориле случај.

Семејството на Ал Фајед не ги коментираше овие наводи.

Ал Фаед се пресели во Британија во 1960-тите. На врвот на своето богатство, тој го поседуваше хотелот Риц во Париз и фудбалскиот тим Фулам од југозападен Лондон. Се движеше во високите кругови на Лондон. Тој стана истакнат теоретичар на заговори по несреќата во Париз во 1997 година во која загинаа неговиот син Доди и принцезата Дијана.

Ал Фајед го продаде Хародс во 2010 година на компанија во сопственост на државата Катар.

Во изјава за Би-Би-Си, сопствениците на Хародс рекоа дека се „апсолутно згрозени“ од наводите за злоупотреба, но додадоа дека дури минатата година биле информирани за нив.

На Дунав во Србија е воведена редовна заштита од поплави

Реката Дунав во Србија. (Илустративна фотографија.)
Реката Дунав во Србија. (Илустративна фотографија.)

Во Србија е воведена редовна заштита од поплави на Дунав, од Бездан до Ковиље, соопшти претпријатието „Води на Војводина“ на 20 септември.

Како што е најавено, се спроведуваат редовни мерки за одбрана од поплави во вкупна должина од над 253 километри - на делниците од насипот на Дунав, од државната граница со Унгарија до Ковил, како и на водните структури на хидросистемот Дунав-Тиса-Дунав и насипите во внатрешноста.

Редовната заштита од поплави се врши по мерењето на водостојот на Дунав, од утрото на 20 септември, на станиците Бездан, Апатин, Богојево, Бачка Паланка и Нови Сад.

„Во моментов на сила се одбранбените мерки на териториите на општините Апатин, Оџаци, Бач, Бачка Паланка, Сремски Карловци, како и во градовите Сомбор и Нови Сад. Од превентивни причини повеќето од делниците беа претходно воведени во одбранбениот режим, за надлежните служби да имаат доволно време да се подготват за евентуални интервенции“, се додава во соопштението.

Минатата недела бурен бран ги донесе најлошите поплави во последните две децении во Централна Европа, од Романија до Полска, а најмалку 24 лица загинаа, пренесува Ројтерс.

Нивото на Дунав се зголемува во Унгарија, а реката се излева од коритото во Будимпешта и уште 50 населени места. Во земјата се уште се очекува ударниот бран, а на терен се распоредени над 5.000 спасувачи и исто толку доброволци.

„Води на Војводина“ потсетува и дека, според прогнозите на Хидрометеоролошкиот завод на Србија, водостоите на Дунав во наредните денови ќе се покачат.

Врвот на брановите кај Бездан се очекува на 25 септември, а кај Нови Сад меѓу 27 и 28 септември. Прогнозите се дека нивото на водата на Дунав кај Нови Сад ќе биде под границите на вонредната заштита од поплави“, посочуваат од компанијата. надвор.

Се додава дека стручните служби се дежурни, го следат развојот на состојбите и го посетуваат теренот, следејќи ги евентуалните промени.

Израелската армија соопшти дека висок функционер на Хезболах е убиен во напад врз Бејрут

Луѓе се собираат во близина на оштетена зграда на местото на израелски ракетен напад во јужните предградија на Бејрут, петок, 20 септември 2024 година.
Луѓе се собираат во близина на оштетена зграда на местото на израелски ракетен напад во јужните предградија на Бејрут, петок, 20 септември 2024 година.

Израелската војска објави дека Ибрахим Акил, висок воен функционер на Хезболах, бил убиен во воздушен напад врз населба во Бејрут на 20 септември.

Хезболах, милитантната вооружена група поддржана од Иран, прогласена за терористичка организација од страна на САД, веднаш не ја потврди неговата смрт.

Во израелски напад во јужното предградие на либанската престолнина загинаа најмалку девет лица, а беа ранети речиси 60 други, според либанските здравствени власти, а беа урнати две станбени згради.

Израелската војска, исто така, тврди дека во нејзиниот напад биле убиени и други „врвни оперативци“ на елитните сили на Хезболах Радван, без да даде детали.

Акил служеше во највисокото воено тело на Хезболах, Советот за Џихад, и беше санкциониран од САД за неговата улога во двата терористички напади во 1983 година, во кои загинаа повеќе од 300 луѓе во американската амбасада во Бејрут и во касарната на американскиот марински корпус.

Израелскиот воздушен напад е најсмртоносниот таков напад на Израел врз либанската престолнина од војната меѓу Израел и екстремистите на Хезболах во 2006 година.

Овој напад се случи веднаш откако Хезболах го нападна северен Израел со 140 ракети.

Лидерот на Хезболах, Хасан Насралах на 19 септември вети дека ќе продолжи со секојдневните напади против Израел и покрај овонеделната смртоносна саботажа на комуникациските уреди на неговите членови, што тој го опиша како „сериозен удар“.

Пејџерите на членовите на Хезболах масовно експлодираа оваа недела, при што загинаа најмалку 37 луѓе и беа повредени илјадници во Либан во напад што му се припишува на Израел.

Владата на Србија го поддржа воведувањето на задолжителен воен рок

Српските вооружени сили пред пристигнувањето на кинескиот претседател Си Џинпинг, мај 2024 година (илустративна фотографија).
Српските вооружени сили пред пристигнувањето на кинескиот претседател Си Џинпинг, мај 2024 година (илустративна фотографија).

Владата на Србија на 200 септември соопшти дека почнала со акции за повторно воведување на задолжителен воен рок во земјата.

Во соопштението на Владата се наведува дека е донесен заклучок според кој ќе се формира работна група за „разгледување активности и мерки“ за задолжителен воен рок.

Како што се наведува, со тоа е поддржан предлогот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој присуствуваше и на денешната седница на Владата.

Според сегашните предлози, предвидено е задолжителниот воен рок за мажи во Србија да трае 75 дена.

Воениот рок за жените ќе биде доброволно и ќе се одвива под исти услови, соопшти Владата.

Пред објавувањето на Владата се огласи и претседателот на Србија, кој рече дека министрите го поддржале неговиот предлог за враќање на задолжителниот воен рок.

„Истакнав дека ова е голема работа за Србија, не само за одбраната на земјата, туку и затоа што ќе го зајакне чувството за одговорност и сериозност кај младите, што ќе им биде потребно за сè што ќе наидат во цивилниот живот“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Тој додаде дека „градовите и општините каде што се наоѓаат касарните исто така ќе имаат корист од задолжителната воена служба, бидејќи тие области ќе се издигнат економски и ќе напредуваат и ќе се развиваат уште побрзо“.

Вучиќ рече дека воениот рок ќе трае многу пократко од претходно.

Идејата за воведување задолжителен воен рок беше конкретизирана во јануари 2024 година.

Тогаш Генералштабот на Војската на Србија покрена иницијатива и му предложи на претседателот на Србија повторно да се воведе задолжителниот воен рок.

Задолжителниот воен рок во Србија беше укинат на 1 јануари 2011 година.

Оттогаш, приклучувањето во армијата е само доброволно.

И Хрватска донесе одлука за повторно воведување на воениот рок од следната 2025 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG