Достапни линкови

Државниот ревизор вклучен во истрагата за Онкологија


Ацевски: Онкологија и битолска болница со слични неправилности
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:11 0:00

Ацевски: Онкологија и битолска болница со слични неправилности

Главниот државен ревизор Максим Ацевски во интервју за РСЕ открива дека последнава година 22 извештаи завршиле во обвинителството. Убедува дека соработката им е подобрена во споредба со претходните години и дека активно учествуваат во истрагите. Последен е случајот со Општата болница во Битола.

Во последнава една година објавивте два извештаи кои се поврзано со здравствени институции, а тоа е за Клиниката за онкологија и Општа болница – Битола. Во извештајот за Онкологија нотиравте многу детали кои подоцна излегоа на виделина и преку медиумските написи. Дали во април кога го објавивте овој извештај некој Ве контактираше за она што го откривте, дали со обвинителството имавте некаква комуникација или можеби Вие им го доставивте? Имаше ли некаков фидбек?

Она што е идентично за двете клиники е дека и двете располагаат со соодветен апарат кој се нарекува акцелератор и е наменет за лекување на онколошките пациенти. Но, за жал поради не создадени услови дадена е поголема сума на средства меѓутоа до денот на извршување на ревизијата апаратите не се ставени во функција. Тоа е една од тажните состојби каде што државата издвојува средства за набавка на медицинска опрема, меѓутоа поради отсуство на квалификуван персонал не се даваат потребните услуги. Другата состојба е за давањето на терапија при која има недоследности во начинот на издавањето и начинот на набавка. Ако ја погледнете содржината на конечниот ревизорски извештај или резимето, утврдено е дека има проблем во начинот на кој се водело издавањето на терапијата, лицата кои се ставаат на терапија, набавката на терапија и евиденцијата. Според пресметките, терапијата која е набавена е во износ од 6 милиони евра и се гледа дека е евидентирана на крај на годината. Негативно во работата на клиниката е што има голем број обврски кои се преземени надвор од предвидениот буџет за нејзино работење.

За Општата болница во Битола пак сме констатирале неправилности во делот за исполнување на законскиот минимум за работни часови за редовно работно време наспроти поголемата исплата за дежурства и во исто време ангажирање на ист медицински персонал во други медицински установи. Каде што споредено со она што значи извештај за број на часови за извршена работа во други медицински установи и фактурирани часови, имаме разлика која упатува на отсуство на систем на контроли за таквото евидентирање.

За Клиниката за онкологија кога во април го објавивте извештајот веднаш се заинтересира обвинителството или откако се актуелизираше преку медиумите, а јавноста беше запрепастена?

Мислам дека не е битен моментот на постапувањето на Јавното обвинителство, туку целта е да излезе точната информација и да се утврди фактичката состојба и ако има незаконски постапувања кои треба да ги потврди јавното обвинителство да се преземе се што треба со цел јавноста да ја знае вистината и да биде пресудено во интерес на правдата и во интерес на заштита на јавните средства, за тоа што тоа се пари на даночните обврзници.

За овој случај, но дали и за сличните извештаи кои ги има Државниот завод за ревизија се бара да бидат докази во истражните постапки. Дали обвинителството побарало помош од вас за прибирање на докази?

Не само во овие два извештаи туку и за другите за кои Јавното обвинителство оценува дека има основ за постапување ги бара сите докази кои ние сме ги прибрале во текот на ревизијата. Почитувајќи ги методолошките акти на Државниот завод за ревизија и меѓународните стандарди ревизорот има обврска за сите утврдени состојби да обезбеди соодветни докази. Тие докази се чуваат во електронска форма и всушност се она со што располагаме предаваме на обвинителството кое понатаму ги обработува за сопствени цели.

Во последниот извештај за работата на Државниот завод за ревизија се вели дека има 22 ревизорски извештаи испратени до Јавното обвинителство. Ако гледаме и годините наназад сте испраќале многу извештаи, но дали има епилог?

Се разбира дека им дел од извештаите кои завршиле со судска пресуда, но неблагодарно е да кажувам кои се тие и како завршиле. Точно како што кажавте 22 извештаи се оставени во обвинителството и дека за сите за кои ревизорот смета и има сомнеж дека има елементи за постапување на обвинителството ги доставува таму. Тоа понатаму одлучува дали ќе ги распредели во редовните обвинителства или во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Имаме прекрасна соработка со обвинителството бидејќи во последните неколку години комуникацијата не е како што била во претходниот период туку е многу подобрена.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG