Од локалниот пат кај скопското село Средно Коњари се гледаат багери кои извлекуваат песок во близина на брегот на реката Пчиња. Само неколку часа претходно жителите на ова село протестираа загрижени дека концесионерот со ископите континуирано прави големи штети врз животната средина.
Протестите повремено се случуваат неколку години. Месните заедници на неколкуте села лоцирани на брегот на Пчиња, бараат државата да ја запре работата на концесионерите, загрижени дека ископите на песок и чакал се ризик за земјоделското земјиште и водата за пиење.
Азим Ќерими , секретар во Месната заедница Средно Коњари, ни раскажа дека само пред неколку дена Државниот инспекторат за животна средина му забранил на концесионерот да прави ископ на песок, но дека ископот продолжува.
„Концесионерот продолжува да копа, си ги полни камионите и скришно навечер го изнесува песокот“, вели Ќерими.
Уништување на Пчиња во Горно Коњаре
Ископ на песок и чакал до неодамна се правеше и во селото Горно Коњари, на само неколку минути од соседното Средно Коњари. Месните заедници на неколкуте села лоцирани на брегот на Пчиња праќаат петиции со потписи од жителите до неколку институции кои се дел од издавањето дозволи и концесии, како Министерството за животна средина и Министерството за економија.
Долно, Средно и Горно Коњари, Винце, Вакав, Студена Бара, Пчиња, Катланово и Сушица со петициите барат веднаш да престане ископот и да се спречат поголеми штети врз животната средна, но велат дека државата и институциите немаат слух за нивните проблеми.
Иако во Горно Коњари во моментов ископот е запрен, на самиот влез на селото видливи се големите ридови со песок изваден од коритото на Пчиња.
„Се случува еколошка катастрофа регионално, особено во овој дел каде што се наоѓаме ние во Горно Коњари. Наназад 10-15 години се врши експлоатација на песок за наводно уредување на течението на Река Пчиња. Штетата е невиден екоцид врз населението и реката“, вели претседателот на Месната заедница Горно Коњари, Раде Спасевски.
Ова е само една локација во околината на Скопје каде се експлоатираат суровини од реки, но видливи се и поголемите ископи од рудниците во подножјата на планините, каде помасовно се експлоатираат минерални суровини.
Рудниците уште поголем проблем
Штетите остануваат врз животната средина и врз населението, а тоа главно се случува поради некоординација на институциите од областа на животната средина, како Министерството за животна средина, Министерството за економија и Државниот инспекторат за техничка инспекција, како што вели Симона Трајковска - програмски координатор за природа во граѓанската организација „Еко-свест“.
„Се остава еден простор каде што се создаваат само штети, а концесионерите не ги надоместуваат“, додава таа.
Минувајќи покрај рудникот за ископ на камен „Бањани“ на Скопска Црна Гора, се гледа како голем дел од ридот е одгризан.
Иако овој рудник е стар со години, активистите за заштита на животанта средина велат дека државата издава стотици концесии за ископи на секаков вид суровини, некои во помали размнери за ископ на песок, чакал или каменоломи, некои во поголеми како рудници.
Проблем за нив е што многу од концесионерите работат без да ги почитуваат законите за заштита на животната средина и со тоа нанесуваат штети врз природата и биодиверзитетот.
Со слична констатација неодамна излегоа и државните ревизори, дека државата нема контрола при ископот на минералните суровини.
Во ревизорскиот извештај од 2021 година се вели дека не се почитува обврската за рекултивација на земјиштето и дека е присутна појава на деградација, додека ниту еден концесионер нема доставено финансиска гаранција за елиминирање на штетните ефекти по животната средина.
Прашањето за отворање на рудници во изминативе години предизвика силен револт, особено кај локалното население во источна Македонија поради плановите на државата во тој дел од земјата да отвори десетици рудници. Еден од најактуелните случаи беше намерата за отворање на рудник за бакар и злато во Иловица, каде жителите во изминатите седум години организираа бројни протести, загрижени дека отворање на рудник ќе значи уништување на животната средина.
И додека овој проект „се закочи“ во владина фиока откако министерот за економија Крешник Бектеши ја повлече одлуката за спојување на две концесии, државата сега најавува можно отворање на нов рудник за јаглен. Владината компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) планира рудник во Пелагонија на површина од 7,8 километри квадратни, што е по големина скоро колку постојниот коп во Суводол, битолско, бидејќи се намалени резервите на јаглен во рудниците Суводол и Брод-Гнеотино на истата локација.
ЕУ планира масовно да увезува руди од трети земји?
Но, загриженоста на еколошките граѓански организации сега е уште поголема. Во услови на непочитување на регулативите за заштита на животната средина при работата на вакви проекти во земјава, тие велат дека државата подготвува нова Стратегија за минерални суровини која ќе овозможи масовно издавање на концесии за рудници.
Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини на Република Северна Македонија 2025-2045, меѓу другото, предвидува отворање на нови и ре-отворања на веќе затворени рудници и сето тоа во корист на земјите од ЕУ, каде се планира експортирање на минералните суровини од земјава, алармираат активистите од граѓанската организација „Еко-свест“.
„Во стратегијата се наведува дека таа се носи со цел да се усогласи со Актот за критични минерални суровини којшто моментално се носи во Европската унија и кој наложува ископување на критични минерали од трети земји. Тоа ја остава Македонија во една незавидна положба, на некој начин ја прави рударска колонија на ЕУ, затоа што ЕУ во голем дел сите свои политики и ресурси ги заснова на тоа што експлоатира во трети посиромашни земји“, вели Симона Трајковска од „Еко-свест“.
Активистите од „Еко-свест“ учествуваат во работните групи за изработка на Стратегијата во организиција на Министерството за економија, кое го изработува документот.
„Еко-свест“ - Нема мерки за следење на работата на рударската индустрија
Од граѓанската организација велат дека Стратегијата во оваа фаза не предвидува механизми за проценка на работењето на рударската индустрија, ниту мерки за следење на нејзината работа, но и дека во неа не се целосно дефинирани целите за заштита на животната средна.
Ова се само дел од нивните забелешки, но проблем за нив е, како што велат, дека во процесот на изработката на Стратегијата не било вклучено Министерството за животна средина и просторно планирање како надлежно за заштита на природата.
Министерството за економија, пак, го тврди спротивното. Во одговорот којшто оттаму го добивме се вели дека имаат потпишано меморандум и договор за изработка на Стратегијата со МАНУ и дека досега организирале три работилници во кои биле вклучени сите засегнати страни, вклучително Министерството за животна средина и невладините организации.
„МАНУ ја има изготвено првата нацрт верзија на Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини на Република Северна Македонија, 2025-2045 која е доставена до сите засегнати страни и кои можат да достават коментари. По изготвување на финална нацрт верзија ќе се организираат и разни дебати се до нејзиното донесување“, велат од Министерството за економија.
Предлог-Актот за критични минерални суровини на ЕУ
Не се почитуваат регулативите за животната средина при ископи на суровини од помали размери, а се планираат масовно отворање на големи проекти како рудниците и токму затоа е загриженоста кај активистите од „Еко-свест“ за предложената верзија на Стратегија за минерални суровини, која како што наведуваат, како главна можност за развој на индустријата го зема Предлог- Актот за критични минерални суровини на Европската комисија од 2023 година.
Предлог-Актот за критични минерални суровини на Европската комисија од 2023 година се уште не е усвоен и е предмет на дебата во ЕУ.
Овој Предлог-Акт е фокусиран на задоволување на потребите на ЕУ за исполнување на нивните климатски и социоекономски цели, а како што потенцираат од „Еко-свест“, занемарени се националните цели и потреби.
Од „Еко-свест“ велат дека самиот Акт ги охрабрува земјите членки да ги зголемуваат своите резерви од критични материјали без јасно определени цели, а дека на третите земји им се оневозможува пристап до суровините што ќе бидат експлоатирани на нивна територија и дека ќе станат целосно зависни од развиените земји за обезбедување материјали и технологии за енергетска трансфорамција.
„Една од најконтроверзните одредби од Актот е можноста за определување на стратешки рударски проекти коишто ќе може да се сметаат дека се од исклучителен јавен интерес што ги надминува другите јавни интереси, особено заштита на природата и на медиумите во животната средина“, велат од „Еко-свест.“
Ова, според „Еко-свест“, ќе значи дека со добра аргументација за оправданоста на некој рударски проект, тој ќе може да се изведе и во заштитени подрачја или да се занемарат неговите влијанија врз квалитетот на водите, почвите и воздухот.
ЕУ идентификува 34 критични стратешки суровини, што се очекува да растат експоненцијално во однос на понудата, за кои има сложени барања во производствто и за кои постои поголем ризик за создавање на проблеми во снабдувањето, се вели во официјалните документи за Предлог-Актот за критични минерални суровини објавени на интернет страницата на Советот на ЕУ.
Меѓу критичните материјали кои се наведени се бакар, титаниум, литиум, германиум, никел, алуминиум, но и јаглен за коксирање. Зголемената потреба за овие материјали е за производство на електрични автомобили, турбини за ветерници, полупроводници, смарт телефони, авиони...
Во предлог документите објавени од Европската Комисија, меѓу другото се вели дека, со цел ЕУ да воспостави рамка за обезбедување на сигурно и одржливо снабдување со критични минерални суровини, но и да се диверзифицира снабдувањето на Унијата со стратешки суровини, Комисијата со поддршка на Одборот треба да идентификува стратешки проекти во трети земји кои имаат намера да станат активни во екстракција, преработка или рециклирање на стратешки сурови материјали. За да се осигура дека таквите стратешки проекти се ефективно имплементирани, тие треба да имаат корист од подобрен пристап до финансии, се вели во документот на ЕУ доставен во Европскиот Парламент во март годинава.