Достапни линкови

Повеќе мали не прават голем проект


Премиерот Ковачевски на отворање на нова детска градинка во општина Карпош 3 [31.08.2023]
Премиерот Ковачевски на отворање на нова детска градинка во општина Карпош 3 [31.08.2023]

Премиерот секојдневно споделува фотографии, видеа, изјави за тоа каде бил и што направил. Но во секојдневните активности на премиерот не може да се забележат пуштање во употреба на некој капитален проект како хидроцентрала, автопат, голема фабрика, железничка пруга. По негови стапки се труди да оди и лидерот на опозицијата, Мицкоски.

Премиерот Димитар Ковачевски на дечињата од најстарата градинка во државата „Орце Николов“ во скопската општина Карпош, им предаде „клуч“ за нов објект.

Тие добија макета од клуч во големина на едно предшколско дете, а тие му возвратија со макета од автомобил и цртеж. Потоа премиерот, под будното око на камерите, седна со децата околу малата маса и им читаше сликовница.

Слично беше и пред една недела, кога отвараше градинка во Пробиштип, мал град во источниот дел од земјата.

Премиерски маркетинг
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

Во август, според објавите на премиерот на социјалните мрежи, тој освен што отвораше градинки, проверуваше до каде е изградбата на мостот „Љубљанска“ кој се гради на реката Вардар во Скопје, беше во посета и на компании кои користат државна помош за да го подобрат своето работење, потсетуваше дека се удрени темелите за изградбата на коридорите 8 и 10 Д. Но ако се оди според план, автопатите нема да бидат готови до 2027.

„Како ниту една друга Влада вложуваме во секој дел од државата, бидејќи влогот во патната инфраструктура е влог во иднината на сите наши граѓани!“, порачува премиерот.

Премиерот Ковачевски на увид на градежните работи на Љубљански мост во Карпош 4
Премиерот Ковачевски на увид на градежните работи на Љубљански мост во Карпош 4
Но според пресметките на Радио Слободна Европа, направени на почетокот на годината, од 1300 километри патишта со кои се фали владата дека ги направила, за време на владеењето на премиерот Ковачевски, нови се само 13 километри патишта, а на останатите километри патишта е извршена реконструкција.

Премиерот во август на трибини им ја приближуваше Европската унија на граѓаните, се среќаваше со државници, беше во работна посета на соседството, пушташе во употреба социјални станови, а на почетокот на август заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама, на граничниот премин Ќафасан-Ќафтане, го пуштија во употреба „One-stop-shop“, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување.

Премиерот за секој настан на социјалните мрежи споделува фотографии, професионално измонтирани видеа, аудио клипови за тоа каде бил, со кого се сретнал, што посетил.

Во својата промоција не заостанува ниту лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Тој редовно прави увид на проектите што ги направиле градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Иако се опозиција на централно ниво, тие на локалните избори во 2021 ВМРО-ДПМНЕ ја освоија локалната власт во најмногу општини.

Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски се поздравува со градежни работници во Гевгелија
Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски се поздравува со градежни работници во Гевгелија
Носителите на јавни функции, но и тие кои се во опозиција и претендидаат да ја освојат власта, ги преплавуваат веб страниците и налозите на социјалните мрежи со содржини кои повеќе се од делот на маркетингот, одошто од областа на односи со јавноста, вели комуникологот Сеад Џигал.

„Тоа го изместува фокусот од најважните јавни работи врз некои формални и протоколарни активности кои се од помал јавен интерес. Тие даваат привид на транспарентност и често се користат за дефокусирање од можеби некои поважни работи и активности, кои или не се одвиваат или се одвиваат зад сцена“, вели тој за Радио Слободна Европа.

Но во секојдневните активности на премиерот, кои редовно ги споделува на социјалните мрежи, не само во август, туку и во целиот негов мандат, не може да се забележат пуштање во употреба на некој капитален проект како хидроцентрала, автопат, голема фабрика, железничка пруга.

Во земјава има неколку „вечни“ проекти, како пругата кон Бугарија, автопатот од Кичево за Охрид, проектот за хидроцентралата Чебрен и Галиште, кои се уште чекаат некои подобри времиња за да им се пресече лента и да се пуштат во употреба. На оваа група им се приклучи и најавата за пат од Тетово до Призрен во соседно Косово, пред Шар Планина.

„Тоа се проекти кои никогаш нема да бидат завршени, бидејќи нема ни вистинска политичка волја, а нема ниту капацитет. Не е лесно да се направат толку километри пруга или патишта, само имотно правните работи да си завршите има да се блокираат цели одделенија заради незавршени домашни работи“, вели Александар Цветкоски од Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка (АГТИС.

Тој додава дека општата оценка на јавноста е дека оваа влада многу слабо ги заврши домашните задачи и тоа не може да се покрие со некои мали проектчиња.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG