Многу обвинувања за сомнежи за криминал и корупција деновиве доаѓаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кон државни функционери и кон лидери на партиите кои се дел од власта, но и од владејачката СДСМ кон лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, ама ништо од тоа засега не завршило со пријави до институциите задолжени за расветлување на ваквите случаи, како Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата.
Јавното обвинителство нема даобиено пријави за последните објавени случаи, а можното оформување на предмети по допрен глас засега го разгледуваат, како што објаснуваат, бидејќи тоа оди побавно поради потребните проверки на релевантноста на наводите за корупција и криминал.
ВМРО-ДПМНЕ само минатиот месец објави неколку случаи за сомнежи за корупција на првиот вицепремиер во Владата Артан Груби, како и случај за сомнежи за можна политичка корупција на претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
СДСМ, пак, објави дека лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски поседува милионски имоти во Скопје, Охрид и Црна Гора. Истажувачката репортерска мрежа ИРЛ вчера ообјави сторија за можни злоупотреби во Владата од страна на премиерот Димитар Ковачевски за негово политичко рекламирање.
Од Антикорупциската комисија (ДКСК) за РСЕ велат дека засега отворени се предмети за проверка на имотната состојба на Артан Груби и Арбен Таравари по сопствена иницијатива на институцијата. Пријави не добиле за ниту еден од наведените случаи.
„За Христијан Мицкоски нема отворено предмет, поради законската надлежност на ДКСК да врши проверка на состојба само на избрани и именувани лица. Затоа и во оваа прилика ја истакнувам потребата од што побрзо донесување на Законот за потекло на имот кој треба да важи за сите граѓани. Во конкретниот случај треба да постапат институциите кои за тоа имаат надлежност“, вели претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски СДСМ објави дека поседувал куќа во скопската населба Козле од 1 милион евра, а дека членови на неговото семејство поседуваат броен недвижен имот на повеќе локации во Скопје, Охрид и Црна Гора. Владејачката партија наведува дека се сомнева оти е можно милионски имоти да се стекнуваат со плата на универзитетски професор.
Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ кон Груби
Антикорупциска пред два дена го отвори предметот за Груби и ќе го испитува неговиот имот и имотот на членовите на неговото семејство, откако ВМРО-ДПМНЕ со документи обвини дека неговиот брат за 100 илјади евра купил деловен простор од 127 метри квадратни во строгиот центар на Скопје - имот кој според нив вреди до половина милион евра.
Според опозицијата, Ветон Груби, братот на вицепремиерот, дуќанот на улица Македонија во Скопје го купил по 700 евра за метар квадратен додека пазарната цена била по 2.000 евра за квадрат и посочува на можно „тргување со влијание“.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ објави дека вработен во фирма кај братот на Груби добил акредитација за баждарење на инструменти за точење на нафтени деривати и течен гас и дека во процесот учествувало Бирото за метерологија, а последно дека со потпис на Груби биле отпишани 1500 тони пченица и 500 тони јачмен од државните резерви вредни 650.000 евра и дека е можно да завршиле на црниот пазар.
На прашање за аферите за корупција, Груби на Економскиот форум во Скопје одговори денеска одговори дека Македонија како млада демократија нема капацитет да изгради кредибилни институции како во поразвиените земји, но и дека според него во земјава имало и селективна права.
Груби вели дека против корупцијата е потребно да се направи ветинг на сите политичари, судии и обвинители, да се видат какви биле нивните приходите во 1991 година и да се споредат имотите кои ги поседуваат денес.
„Сите институции да проверат секој еден член на јавниот живот во нашата држава. Тоа го бараме, поднесовме закон за во Собрание, го помина првото читање и се закочи таму, затоа што немаше поддршка од другите политички партии“, вели Груби.
Злоупотреби за политичко рекламирање на премиерот
За премиерот Димитар Ковачевски вчера беше објавена сторија на Истражувачката репортерска мрежа ИРЛ дека тој потрошил 26.000 евра за спонзорирани постови на социјалните мрежи. ИРЛ пишува дека нивните новинари дошле до сознанија за креирање и злоупотреба на масивен механизам од човечки ресурси платени од владата преку плати, хонорари и договори со надворешни консултанти преку кои вршеле и вршат незаконита политичка кампања.
Ковачевски вели дека за комуникацијата на неговиот профил на социјалните мрежи не биле трошени пари од буџетски средства и дека кампањата била направена во рамки на неговиот тим кој е надвор од Владата.
За лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари беше објавено дека купил куќа во Тафталиџе 2 во Скопје за 150.000 евра која според опозицијата чинела до половина милион евра и дека со тоа е можно да бил дел од политичка корупција.
Објавите за куќата на Таравари во Тафталиџе, пратеникот од неговата партија Елми Азири образложи дека Таравари 30 години бил врвен лекар, па затао можел да си дозволи да си купи куќа.
Засега се останува само на меѓусебни обвинувања, без правна завршница.