Достапни линкови

Децата со попреченост сѐ почесто мета на говор на омраза, неедуцираноста е проблемот


Илустрација
Илустрација

И народниот правобранител за заштита на правата на децата за РСЕ вели дека е зголемен бројот на пријави со говор на омраза кон деца со попреченост, додека родителите пак бараат одговорност и санкции за оние кои шират вакви пораки кон хендикипираните лица

Лицата со попреченост речиси редовно се соочуваат со најразличен вид дискриминација од најмала возраст, родителите постојано се нивен заштитник, но како што вели Зоран Мијалков од Штип, чии деца беа мета на вербален напад, време е да се стави крај на оваа голгота.

Мијалков е родител на две деца со аутизам, неговиот случај пак стана познат во јавноста, откако тој го пријави во полиција Ранко Србакоски од Вевчани за изречен говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук токму кон неговите дечиња.

Детската амбасада Меѓаши исто така го пријави случајот до МВР, а Мијалков вели оти се надева дека овој случај ќе послужи како пример за во иднина да не се случуваат вакви напади кон лица со попреченост, посебно кон најмалите.

„Јас поднесов пријава во полиција, се надевам дека институциите ќе си ја завршат работата, но јас лично повеќе се надевам дека ова ќе послужи како пример во иднина, тој да се извини и веќе да не се случуваат овие работи. Мојата цел не е преку инстутуциите некој да биде казнет, туку да се разбуди свеста кај граѓаните дека лицата со попреченост се дел од нас и не треба да бидат навредувани, доволно е тежок нашиот живот со овие деца за да имаме и дополнителни стресови“, раскажува Мијалков за РСЕ.

Зоран објаснува и дека случајот во кој Вевчанецот Србакоски преку Фејсбук упати расистички и ксенофобични пораки кон него и неговите деца, а во кои со навреди тој пишуваше и дека децата на Мијалков со атипичен развој се терет на државата, всушност вели е само последниот во низа вакви случаи.

„Ми се има случено моето дете да се гушне во човек и тој човек да го удри. Луѓето не разбираат дека тоа дете неможе да се контролира, едноставно се гушка во сите и ги сака сите, но не секој тоа го разбира. Исто така, имаше и ситуација во маркет кога поради премногу гужва едно од моите деца се возбуди и започна да испушта крици, кога се обидов да им објаснам на луѓето дека тоа го прави поради неговата попреченост, тие ми рекоа дека ако моето дете има посебни потреби, тогаш тоа треба да остане дома“, вели Мијалков.

Дискриминација на ученик со хендикеп во Битола

Покрај случајот со децата на Зоран Мијалков, пред неколку дена во јавноста одекна и веста дека државниот просветен инспекторат ќе проверува анонимно поднесена пријава за дискриминација во средно техничко училиште во Битола, според која, на ученик со џуџест раст, кој успеал да се запише во прва година, му биле вратени документите со образложение дека нема да може да ја врши таа професија.

Од училиштето преку соопштение велат дека не се работи за каква било дискиминација, туку дека мајката на детето била повикана на разговор и љубезно ѝ бил соопштен начинот на практична настава и феријална пракса, по што таа лично ги подигнала документите.

По ова, Советот на град Битола го разреши училишниот одбор во средното училиште „Ѓорѓи Наумов“ и назначи нов, а дополнително ќе се чекаат и резултатите од најавените проверки на државниот просветен инспекторат.

Потребна е институционална завршница и санкции

Анче Туфекџиева од Струмица е претседателка на здружението „Вера“ за помош и поддршка на деца и млади со даунов синдром, а таа исто така е и мајка на деца попреченост, за РСЕ вели дека дискриминацијата кон овие деца е голема и тоа уште од најмала возраст.

„Во овие 16 години прво почувствував дискриминација на своето дете кога сакавме за првпат да ја запишеме во градинка и тогаш за голема среќа и Општина Струмица застана на наша страна и покажа дека тоа дете е подготвено и треба да влезе во инклузивно образование. Секогаш кога ќе помислам дека свеста на луѓето се менува, се појавува на своја кожа или на некој од родителите соборци да нафрли односно некој да каже погрдни зборови и тоа нас сите не погодува“, вели Туфекџиева, додавајќи и дека навредливите зборови кон оваа група на деца стануваат сѐ поредовна пракса.

Она што го очекуваат родителите на овие деца, како во случајот со Зоран Мијалков, според Туфекџиева, всушност е брза реакција од надлежните и санкции за сторителите.

„Најпрво мислам дека секоја општина треба да ни ја даде поддршката на нас како семејства, затоа и бараме таму помош и сега како што е последниот случај и целата јавноста знае, и мислам дека засекогаш треба да престанат овие навреди и ние како родители да добиеме заштита од Министерството за правда, да се изречи барем некоја казна. Досега мислам дека во Македонија немаме добиено некоја ваква разрешница, односно да се изречи казна на некој којшто ги навредува нашите деца, но се надевам тоа ќе се случи и Зоран и неговите деца ќе бидат заштитени од Министерството за правда“, нагласува Туфекџиева.

Истражување: Над половина од граѓаните не ги толерираат лицата со попреченост

Истражување на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) објавено минатата година покажува дека дури 52 отсто од македонските граѓани не би сакале да живеат во близина на хендикепирани лица.

Истражувањето покажа ниска толеранција на македонските граѓани кон маргинализираните групи, па така покрај тоа што над 50 отсто од Македонците не сакаат да имаат лице со попреченост за сосед, речиси ист процент од нив не сакаат да имаат ниту сосед кој е припадник на ромската етничка заедница, мигрант или пак припадник на субкултурните групи.

Инфографика - Какви соседи (не) би сакале?
Инфографика - Какви соседи (не) би сакале?

Повеќето родители се плашат да реагираат

Оние кои се похрабри обично излегуваат и јавно зборуваат за ваков тип на дискриминација на деца, но најчесто родителите немаат храброст да се спротивстават на овие работи затоа што чувствуваат дека немаат поддршка од никого, вели дефектологот Лина Стојчевски за РСЕ, посочувајќи примери за дискриминации и навреди кон деца со попреченост, кои вели најчесто родителите ги споделуваат.

„Родителите споделуваат приказни за дискриминации кои се случуваат во градинка, игралиште или кога ќе отидат на гости, но искрено најмногу споделуваат настани од градинки, каде на пример имало случаи кога воспитувачките на најразличен начин бараат од родителите децата со попреченост да не доаѓаат во градинка, па им се јавуваат на родителите да дојдат да го земат детето порано бидејќи тоа им пречело на другите деца или други такви работи. Јас сепак работам со такви дечиња и знам дека е потребно да им се посвети малку повеќе внимание и ако не им посветите внимание, тогаш тие можат да имаат лошо однесување кое сепак може да се контролира, затоа постојат и стручни лица“, објаснува Стојчевски.

Главниот проблем поради кој како што вели Стојчевски се соочуваме со вакви појави, всушност е неедуцираноста на луѓето во однос на децата со попреченост.

„Лицата со аутистичен спектар сакаат да бидат први, на пример во маркет секогаш ќе бараат да им се наплати прво на нив, тие не знаат да чекаат ред, особено ако се помали, но постои проблем и овде, бидејќи луѓето не им дозволуваат тие да дојдат на ред. Сето ова се случува пак поради неедуцираноста на народот, па така на пример многумина сметаат дека ако нивното дете се дружи со дете со попреченост и тоа ќе се зарази, што секако е апсолутно невозможно, но многу луѓе функционираат така“, објаснува Стојчевски.

Чекор по чекор до блескави медали
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:35 0:00

Нема претставка за случајот со Зоран Мијалков до народниот правобранител

Народниот правобранител за заштита на детските права во земјава, Васка Бајрамоска Мустафа, вели дека нема добиено пријава од штипјанецот Мијалков за говор на омраза кон неговите дечиња со аутизам, но таа за РСЕ вели дека постои начин и оваа институција во иднина евентуално да интервенира и овде.

„Во конкретниот случај родителот не се обрати до нашата инситуција за да побара заштита од говорот на омраза кон неговите деца и начинот на којшто на социјалните мрежи физичко лице се произнесе кон него и неговите деца. Нашите надлежности се доколку органите кон кои е поднесена пријавата за говор на омраза, како што е во конркетниот случај, не преземаат конкретни мерки, па тогаш ние можеме дас се вклучиме со цел заштита на правата на децата и согласно конценцијата за правата на детето“, истакна Бајрамоска.

Таа објаснува дека случаите со говор на омраза кон деца со попреченост се зачестени, а потсетува и на слични пријави кои ги добиле во минатото.

„Инаку не е првпат, напротив, зачестени се случаите со говор на омраза кон лица со попреченост и сето ова што се случува освен јавната осуда којашто и ние како институција ја даваме за непримерен нечовечки однос кон децата со попшпреченост, несомнено е дека треба да се преземат навремени мерки од надлежните институции се со цел да се спречат во иднина ваквите дела. Во минатото имавме и случаи кога родители пријавуваа кај нас дека нивните деца се навредувани и омаловажувани од возрасни и постапувавме согласно нашите надлежности“, вели Бајрамоска.

„Државата вреди онолку колку што се грижи за најбеспомошните“
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:46 0:00

Меѓаши: Три пријави годинава за прекршување на детските права

Од првата детска амбасада во земјава, Меѓаши, кои и први го пријавија во МВР говорот на омраза кон децата на Зоран Мијалков од Штип, за РСЕ велат дека тие испратиле и претставка до Народниот правобранител, па во иднина и оваа институција ќе го следи случајот.

Од Меѓаши откриваат дека и во минатото се соочувале со слични видови на говор на омраза кон деца со попреченост, а апелираат до сите кои ќе бидат сведоци на вакво нешто истото да го пријават на нивниот телефон за деца и млади - „Алобушавко“.

„До овој момент за 2023 година, на АлоБушавко – телефонот за деца и млади има добиено неколку (3) дојави во кои се опфатени деца со атипичен развој. Според Годишниот извештај на АлоБушавко за 2022, на 15 деца со атипичен развој од вкупно 450 деца опфатени во извештајот, им било прекршено некое право од Конвенцијата за правата на децата. Во сите случаи, Детската амбасада Меѓаши согласно своите ингеренции давајќи насоки и поддршка кон дојавувачите, се обрати до надлежните институции повикувајќи на почитување на правата на децата и соодветно разрешување на случаите согласно законските рамки“, велат од Меѓаши.

Дискриминацијата на деца со попреченост не е ништо ново во земјава

Покрај случајот со децата на штипјанецот Мијалков и дискриминацијата во техничкото средно училиште во Битола, уште еден случај кој ја потресе јавноста беше и оној од минатата година со 11-годишната Ембла Адеми, ученичка со Даунов синдром која остана сама во училницата во училиштето „Башкими“ во Гостивар поради бојкот од страна на родителите од нејзините соученици.

Родителите во петиција напишаа дека одлуката да не ги пуштаат своите деца на настава ја днеле поради пречки во наставата од страна на ученичката Ембла Адеми и нејзното наводно „агресивно“ однесување.

Дури откако јавно се проговори за овој проблем, Ембла се врати во училиштето во редовна настава, иако било пријавувано повеќепати до надлежните во текот на првото полугодие дека Ембла не треба да биде изолирана и да учи сама со образовен асистент, ниту да биде преместувана од паралелка во паралелка.

Приказната со Ембла пак во тоа време ги врати и сеќавањата и траумите и на други родители кои за РСЕ тогаш зборуваа за најразлични видови на дискриминација и говор на омраза со кои се среќавале.

Досега никогаш јавно не е објавена пресуда против некого во земјава за говор на омраза кон лица со попеченост, а и од детската амбасада Меѓаши потврдуваат дека не се запознати со ваков случај кој добил завршница и казни за сторителите.

XS
SM
MD
LG