Достапни линкови

Градилишта низ Скопје - профитот пред животот


Објект во изградба во Скопје
Објект во изградба во Скопје

На градилиштата низ Скопје гинат и работници и граѓани, бидејќи објектите често се необезбедени според пропишаните стандарди. Здруженијата за заштита при работа обвинуваат дека градежните фирми многу импровизираат и повеќе се грижат за профитот, отколку за животот и здравјето на работниците.

Градежниот работник кој доживеа трагична судбина на градилиштето кај Старата железничка станица минатиот месец, беше меѓу последните смртни случаи кои покажаа дека условите за работа во градилиштата низ Скопје се опасни. Но освен за работниците, градилиштата се ризик и за граѓаните. Пред само неколку дена во срцето на главниот град се случи застрашувачка сцена кога багер од градилиште удри во 66-годишна која го загуби животот.

Опасноста при изградбата на градежните објекти демне низ секој агол во главниот град Скопје. Ако фрлите само површен поглед, се гледа како работници работат на голема височина на згради без заштитни скелиња или мрежи.

Ваквите локации, освен за работниците, се ризик и за граѓаните кои минуваат во близина на градилиштата. Од зградата на „Технометал Вардар“ во центарот на Скопје летаат бетонски парчиња надвор од заштитната ограда додека работниците кршат бетон.

Неправилностите на градилиштата се бројни и на тоа континуирано реагираме до институциите, но одговорите кои ги добиваме се дека треба да си ја гледаме работата, вели Милан Петковски од Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР.) Според него, работниците се небезбедни бидејќи компаниите и инвеститорите се грижат брзо да ги завршат градбите и да заработат, а не за работниците.

„Според анализите кои ние ги правиме на годишно ниво, а всушност се базирани на едноставна равенка на Меѓународната трудова организација, 4 проценти од БДП ни оди на компензации кои се директни или индиректни заради несреќите или професионалните заболувања на работното место. Тоа во бројки, ако треба на некој од менаџерите поблиску да му ја доближи темава, би изнесувало околу 400 милиони евра на годишно ниво за компензации. Тука се сите оние болнички трошоци, неодработени работни часови, загинувања на работни места, адвокатски трошоци, оштети на работните места и друго“, вели Петковски за Радио Слободна Европа.

Дејноста градежништво е на второ место според бројот на смртни случаи на работно место, според податоците на МЗЗПР од 2022 година, кога имало шест смртни случаи. Истата година имало 14 несреќи во оваа дејност.

Табела за несреќи и смртни случаи при работа според извештајот на Македонското здружение за заштита при работа за 2022 година
Табела за несреќи и смртни случаи при работа според извештајот на Македонското здружение за заштита при работа за 2022 година

Од МЗЗПР наведуваат дека бројките во нивните извештаи се конзервативни и дека во голема мера не го отсликуваат вистинскиот број на несреќи на работно место во сите дејности, кои во просек годишно изнесуваат околу 1.500, според податоците на институтот за Јавно здравје. Според нивните податоци најмногу несреќи се случуваат во преработувачката индустрија. Вкупно 147 повредни на работно место се случиле лани во сите дејности и 22 смртни случаи.

Кога станува збор за безбедноста на градилиштата, низа закони ја регулираат оваа област и треба да ја гарантираат безбедноста на работниците и на граѓаните: Законот за работни односи, Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за градење, како и други правилници. Државата е потписник и на конвенции и директиви од оваа област и тие треба да ги почитуваат инвеститорите и работодавачите. За безбедносните контроли се задолжени државните инспекторати – трудов, градежен, инспекторатот за безбедност и здравје при работа, како и општинските инспекторати.

Побаравме одговори од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на дали и колку реагираат на неправилности на градежни објекти, но не беа достапни за одговор до објавувањето на текстот.

Законите предвидуваат дека на едно градилиште, независно дали е висока, ниска градба или инфраструктурен проект, инвеститорот на локацијата треба да има лице за координирање на активностите.

Од МЗЗПР објаснуваат дека алатите и механизацијата треба да бидат според европските стандарди, а доколку на градежната локацијата има одредени ризици за работниците кои не можат да се отстранат, тогаш работникот треба да добие лична заштитна опрема пред да одлучи дали ќе прифати или ќе одбие да работи, бидејќи такво право има според Законот за заштита при работа во случај ако процени дека неговата безбедност е загрозена. Локациите на кои се гради треба да бидат јасно одделени од останатиот дел каде не се вршат работи, пристапот да биде регулиран, а скелињата треба да бидат заштитени со мрежа, според МЗЗПР.

„Но, во конкретните ситуации, најчесто македонскиот работник, а гледам дека не се разликуваат многу ни оние кои доаѓаат од страна, всушност се учени дека треба да молчат и да работат за да не ја загубат својата работа и всушност, според едно истражување кое ние го имавме, 85 проценти од македонските работници не си ги знаат своите права, ниту пак оддалеку ја третира темата за безбедност и здравје при работа“, вели Петковски.

Има многу импровизација во работата градежните фирми, кои инсистираат работата брзо да се заврши, а има многу неквалификуван кадар, вели Никола Велковски од Групацијата за градежништво при Стопанската комора. И тој укажува дека голем дел од фирмите се фокусирани само на профит и на брзината за градење, за разлика од заштита на работниците.

„Градежните фирми мора да имаат овластени инженери – раководители на градилиштата. Во најголем дел го имаат на хартија, но го немаат на лице место. Тука исто така треба да се позанимаваат и општинските и републичките градежни инспекции, за контрола на тоа колку се запазени мерките од аспект на лична заштита и од аспект на заштита на објектот. Гледате дека голем дел од објектите ги затвораат улиците кој како ќе стигне и кој како сака. Немаат сообраќајни решенија за сообраќаен режим при формирање на градилиште“, вели Велковски.

Тој објаснува дека работниците на градилиштата треба да имаат лична опрема за заштита и да им се прават лекарски прегледи дали можат или не може да работат на висина.

„Сето тоа е дел од елаборатите за заштита при работа. Елаборатите ги имаат, не верувам дека службите може да прогледаат низ прсти во општините и да не бараат такви елаборати, но потоа во реалното спроведување на мерките предвидени со елаборатите, гледаме колку се спроведуваат на лице место“, вели Велковски.

Податоците на МЗЗПР покажуваат дека македонскиот работник има двојно поголеми шанси да загине на работното место отколку работниците во Европската унија. За изработката на годишните извештаи за несреќи на работно место МЗЗПР користи податоци од Државниот завод за статистика, Институтот за јавно здравје, Државен инспекторат за труд и други институции.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG