Пеколните температури кои достигнуваат и до 40-тиот степен, изминатата недела ги донесоа и првите помали пожари во земјава - гореа запалени стрништа и нискостеблеста шума во Скопје, Куманово и Штип.
Противпожарните бригади во два од овие три градови, Скопје и Куманово, работат со помалку од законски предвидениот минимален број на пожарникари. Генерално, најмногу пожарникари му недостигаат на Скопје како најголем град во државата, додека во кумановската бригада има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот.
Според директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, решавањето на проблемот со вработување во скопската противпожарна бригада е заглавен во Министерството за финансии.
„Бројот на пожарникари е многу мал. На градот Скопје му требаат очајно 50 пожарникари. Во Скопје има 185 пожарникари во 4 смени, некои се болни, некои возрасни над 60 години. Бројот е алармантен. Имаат поднесено барање до Министерството за финансии за вработување, со што јавно апелирам до институцијата за издавање на согласност за вработување на пожарникари. Нивната бројка е неопходна“, вели Ангелов.
Неодамнешното истражување на Центарот за граѓански комуникации, објавено во јуни 2023 година, покажува дека на ниво на држава недостигаат 340 пожарникари. И тоа во услови кога последниот попис на населението покажа значително помалку жители во земјава, со што се намали и законски потребниот број пожарникари по жител.
Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава. Покрај Скопје, следни според бројот на пожарникари што им недостигаат се, исто така, најголемите центри и тоа: Куманово – каде има 33 пожарникари помалку, Битола, со 21 пожарникар помалку, додека на Тетово му недостигаат 17 пожарникари.
Но, има и општини кои имаат и повеќе од законски пропишаното. Општина Ресен располага со дури 6 пожарникари над законски определениот број, додека општините Гостивар, Струга, Кичево и Делчево - имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот.
Од стари - постари: возен парк од 20 век
Во Валандово се наоѓа најстарото противпожарно возило во државата. Станува збор за камионот ТАМ кој датира од 1966 година, со старост од 57 години. Најстари возила, со просечна старост од 35 до 39 години имаат четири противпожарни единици. Неславното прво место го зазема противпожарна единица во Старо Нагоричане која има две возила, просечно стари 39 години. Потоа следува Кратово со стари возила во просек од 38 години. По 36 години просечна старост имаа возилата на валандовската противпожарна едница, а возилата на Крива Паланка се просечно стари 35 години.
34-те противпожарни единици во Северна Македонија имаат вкупно 284 возила, од најразличен вид - оние што гаснат пожар, цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата. Нивната старост во просек е 27 години, покажуваат сублимираните податоци на Центарот за граѓански комуникации.
Половината од вкупно 284-те противпожарни возила се постари од 30 години, додека само 15 % од возилата се стари до 10 години.
Од марките возила, најзастапени се камионите ФАП од кои има дури 50 возила, просечно стари 39 години. Следни се возилата Лада Нива од кои има 28, просечно стари 23 години. На трето место се 26 возила од марката ТАМ, просечно стари 41 година. Потоа се 20 возила од марката ДАФ, просечно стари 14 години и 19-те мерцедеси просечно стари 40 години.
Од 2020 година наваму, регистарот покажува дека купени се или добиени се како донација дури 29 нови возила.
Купувањето на противпожарни возила иако се неопходни, сепак се потребни и многу пари, вели директорот на ЦУК, Ангелов.
„Ние како ЦУК, немаме ресурси и не набавуваме ресурси. Иако ресурсите се неопходни. Како политичар, излезот го гледам во фондовите на Европските унија, нам ни треба приближување кон ЕУ, бидејќи фондовите ќе ни помогнат во областа за притов пожарната заштита. Се работи за огромни суми, бидејќи бројот на средства потребни за успешно вршење на активностите на пожарникарите е сериозен“, смета Ангелов.
Ланските пожари во Северна Македонија, генерално, се гаснеа со помош на други земји, меѓу кои Австрија, Словенија, Романија, Србија, Бугарија, чии пожарникари и лично допатуваа да учествуваат во справувањето со огнената стихија. Доопремувањето на македонските противпожарните бригади, кои кубурат и со кадар и со противпожарни возила кои се стари и до 60 години, се покриваше со донации од истите држави.
Во пожарите што ја зафатија државата во последните три години изгореа десетици илјади хектари шума. Во 2020-та година, штетата е проценета на 21 милион евра, во 2021 година – 38 милиони евра, додека за 2022 година, нешто помалку од два милиони евра. Во период од три години, штетите од пожарите достигнаа 61 милион евра.