Достапни линкови

Треба ли да „изгориме“ за да им се купи опрема на пожарникарите?


Противпожарната служба во Тетово
Противпожарната служба во Тетово

Пожарот во поранешниот тутунски комбинат, сегашна фабрика за производство на минерални материи што избувна минатата недела во Тетово повторно ги исфрли на површина проблемите со старата и дотраена опрема и недостигот од пожарникари во противпоражните служби.

Дваесет и четири пожарникари завршија во болница поради гушење, додека го гаснеа масовниот пожар кој избувна во поранешната фабрика „Македонија Табак“ во Тетово минатата недела.

Во гаснењето беа вклучени сите пожарникари од тетовската бригада, но на помош дојдоа и пожарникари од други градови.

Во фабриката каде гореа и опасни материјали пожарникарите со стара и дотраена опрема и недоволен број на возила сепак успеаја да спречат голема катастрофа која можеше да заврши со експлозии и тешки последици врз околината и безбедноста на граѓаните.

Kомандирот на тетовската бригада, Ука Алити вели дека долготрајните проблеми и неинвестирањето со години наназад во противпожарните служби го става во ризик делувањето на службите во ваков тип на пожари, изложувајќи го на допополнителен ризик и нивниот, но и животот и безбедноста на граѓаните.

„Опремата ни е дотраена. Целосно на нула е. Нашите противпожарни возила треба да бидат понови и да бидат подготвени, бидејќи нашите граѓани го заслужуваат тоа. Заслужуваат безбедност, но треба да имаме возила, опрема, да бидеме ние заштитени, верувајте дека сега сме на нула и со опрема“, вели командирот Алити.

Противпожарната служба во Тетово
Противпожарната служба во Тетово


Проблемот со опременоста на противпожарните служби се провлекува децении наназад.

Во тетовската противпожарна единица има 75 пожарникари, кои се со просечна возраст над 40 години.

Алити објаснува дека според стандардите, на 1 500 жители треба да има еден пожарникар. Притоа само Тетово брои околу 100.000 жители, а тетовската противпожарна служба истовремено ги гасне пожарите и во 5 други околни општини.

„Многу е тешко. Поседуваме стара механика, стара опрема, стари возила, а истовремено мора да ги опслужуваме и другите општини. Возилата се стари над 30 години. Моментално има 11 возила на располагање. По овој пожар три возила се во тешки дефекти“, вели Алити.

Според проценките, на тетовската единица потребни и се најмалку 20 пожарникари, потребни се и уште две нови возила, две автоцистерни, автомеханичко возило, возила за технички интервенции, пумпи, како и нова лична заштитна опрема за пожарникарите, бидејќи постојната е стара повеќе од 20 години.

Општината бара помош од Владата

Пожарот „ги разбуди“ локалните власти.

Кризниот штаб на општината Тетово уште минатата недела донесе одлука да се зголеми бројот на вработени во противпожарната единица бидејќи се недоволни за покривање на Тетово и 5-те околни општини, како и да се набави опрема и механизација.

Но, во општинската каса нема доволно пари, па затоа локалната власт бара помош од Владата.

„Општина Тетово, со оглед на состојбата во која се наоѓа поради блокираните сметки и наследениот долг, нема доволно финансиски средства и затоа бараме помош од Владата. Успеавме да им ги зголемиме платите на пожарникарите, што беше вистинска одлука за нивната пожртвуваност во работата“, ни одговорија од општината.

Од таму за РСЕ велат дека досега немаат добиено повратен одговор од Владата, но признаваат дека неопходно е да се подобрат капацитетите.

„Без разлика во чија надлежност се овие служби, поради нивната специфична работа, неопходно е да бидат квалитетно опремени со доволен број на вработени“, велат од општината.

Но, не е само тетовската, со истите проблеми се соочуваат и другите против пожарни единици во земјава.

Сашко Руменовски од противпожарната служба во Берово вели дека има некое подобрување во споредба со претходните години. Набавена е опрема и возило за шумски пожари, но сепак состојбите се далеку од сјајни.

Најголем проблем за пожарникарите во Берово е што немаат телекомуникациска опрема, која е важна за комуникација меѓу пожарникарите додека се на терен. Па така сега комуницираат со мобилни телефони, кои често пати во шумските предели каде се јавуваат пожари немаат сигнал.

„Не е исто да комуницирате преку радио врска и преку мобилен телефон. Со радио врска може да комуницирате и послободно да ја вршите работата при гаснењето на пожарите, а со мобилен телефон мора да го држите в рака, одзема време, некаде нема сигнал, да речеме, при шумските пожари нема сигнал и тоа ја отежнува работата. Тоа ни е еден од прироритетите, се надевам во скоро време ќе ја добиеме оваа опрема“, вели Руменовски.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) изработил детален план за ресурсите кои им се потребни на сите против пожарни единици во земјава.

Директорот Стојанче Ангелов на прес конференција минатата недела рече дека информацијата го поминала управувачкиот комитет предводен од министерот за внатрешни работи, а треба да се најде и на седница на Владата.


„Се разбира дека капацитетите на против пожарните единици во градовите во урабните средини исто така не се доволно пополнети, како што е примерот и со Тетово. Состојбата е аларамантна би рекол во Скопје, но ваквата состојба се провлекува со децении наназад. Дотогаш градоначалниците се тие кои се надлежни и истите треба да бидат поагилни во грижата за противпожарните единици“, изјави директорот на ЦУК, Ангелов.

Дали и кога ќе се најде информацијта на владина седница засеа не се знае.

Според Ангелов треба да се размисли за централизирање на противпожарните служби, бидејќи сега како што вели децентрализираното делување некои против пожарни единици ги става во многу лоша ситуација, особено во општините кои немаат доволно средства.

Дали и што може и ќе преземе Владата во делот на инвестиции во опрема, возила и зајакнување на капацитетите на противпожарните служби во земјава не добивме одговор од Владата на ова прашање.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов предупреди дека проблем ќе биде ако летово дојде до поголеми шумски пожари.

Во меѓувреме командирот на противпожарната служба во Тетово порачува дека надлежните не треба да чекаат нов пожар за се разбудат и да почнат да ги менуваат состојбите во службата чија примарна цел е заштита на животот и имотот на граѓаните.

„Државата требаше порано да се заинтересира за вакви ситуации. Ова нема да биде последен пожар, ние сме подготвени и за други пожари, ние сме професионалци, но државата не треба да не остави само под локалната самоуправа. Знаеме што капацитети има за снабдување со лична опрема или специјална опрема за вакви пожари“, порачува пожарникарот Алити.

Сезоните на пожари доаѓаат, а дел од пожарникарите предупредуваат дека ваквите состојби во службите ќе излезат на површина и на терен кога ќе треба да се гаснат пожарите.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG